The Matrix Resurrections е дефинитивно најлошиот филм што сум го гледал во последниве години. Најсериозно. Не можам ни да се сетам на друго што било волку досадно, напорно, неинвентивно, аматерски напишано и склопено. Помислив да речам Alien: Covenant, ама тоа го тегнев цела недела наместо да дозволам да ми го гмечи мозокот два саати непрекинато, па впечатокот во споредба со новиов The Matrix ми е некако помлак. Подобро да зјапав во скринсејвер.
Не ни имав некакви очекувања за The Matrix Resurrections. Ги имав снижено колку што е човечки возможно, а пак глупиот филм успеа да биде полош од што мислев дека е. Види, тешко е да му се приближиш на оригиналниот The Matrix, не па да го надминеш. Иако оваа перцепција е крајно субјективна, веројатно не би ги отпишал претходните две продолженија како апсолутно лоши. Колку и да се непотребно истегнати од двата газови на Вачовски, пак можам да заклучам дека создаваат некоја целина. За мене неприфатлива и по толку години, ама пак не е целосно бесмислена и креативно опустошена.
Трилогијата сепак има некоја стилска конзистентност, јасно дефиниран тон, возбудлива акција, па и по некоја прониклива провокативна идеја што веројатно би можела митолошки да го надгради првиот филм ако дозволиш. The Matrix Resurrections е нешто сосема друго. Нема ни да навлегувам колку е непотребно вакво продолжение. Со години веќе ја верглам таа тема за бескрајните рибути, римејци, приквели, миквели и недостатокот на оригинални идеи во филмскиот мејнстрим. Самиот филм се обидува свесно да се обрати со буквално истиот муабет, демек сега треба ние како публика да се насмееме да и простиме затоа што некој нема креативен капацитет да смисли нешто похрабро и подобро.
Баш тој безобразно нагласен мета-наратив е тоа што ме одби и не ми дозволи да се закачам за филмот. Ако "признаеш" дека си неоригинален како и останатите и тоа ти е главниот штос, можеби е паметно да сокриеш некое изненадување што ќе ја стресе публиката која веќе е убедена дека го гледа истото од пред дваесет години. Но, не. The Matrix Resurrections нема трикови во мантилот, има само веќе видени концепти со кои гордо се расфрла и комуницира. Тажно е кога целото сценарио е така напишано, да ти го каже истото што си го мислиш додека го гледаш. Тоа не е задоволително филмско искуство, ниту пак е ефективно со намерите.
Најбизарно е што низ целиот филм упорно одат кратки инсерти од претходните во форма на флешбеци. Иако намерата им е поинаква, единствено што направија беше да ме потсетат колку всушност првиот The Matrix филм е супериорен во однос на овие мачни два и кусур саати што едвај ги издржав без да се фрлам сосе телевизорот од тераса. Има ли некои плави пилули што може да направат да се разбудам утре и да не се сеќавам на ова што го гледав?
Не знам ни од кај да почнам, озбилно. Прво, главната идеја е нефункционална. Нео е пак некако назад во Матриксот без јасни сеќавања за претходните три филмови. Постојат во самиот филм како видео игри кои ги дизајнирал. Браво, еј. Ајде сега цел саат да урламе како историјата ја памти оригиналната трилогија и колку е тешко да ја надополниш со ново продолжение. Но, Warner Bros бараат од Нео нова игра по секоја цена, односно нов филм. Намиг. Публиката паѓа во несвест од оваа информација. Веројатно таа реакција ја очекувале, не знам.
Не е само досадната приказна проблемот со The Matrix Resurrections. Во ниту еден момент не почуствував дека гледам The Matrix филм, затоа што не можеш упорно да настојуваш дека си The Matrix филм, а да си толку стилистички и идејно дистанциран од намерата. Дури и самите актери изгледаат како да се дојдени на сет без волја и ентузијазам. Да снимиме ова од девет до пет и да одиме да пиеме негде се. Кијану Ривс е како претрчан од пауза додека снимал некој Џон Вик филм, a Кери Ен Мос очигледно прифатила дека Холивуд има кренато раце од нејзе овие дваесетина години и не се ни замарала да дознае на кој филм е ангажирана во моментот.
Лоренс Фишбурн и Хуго Вивинг се заменети со нови актери. Фишбурн знам дека не го ни викнале, ама Хуго Вивинг веројатно се изнасмеал на сценариото и ја избркал Лана Вачовски од канцеларија. Новиот агент Смит е смешка невидена. Оригиналниот Смит беше како Терминатор кец, еј. Те прогонува во сон, кога гледаш низ прозор, кога одиш на работа или кога плаќаш даноци. Новиов актер е само ненамерно комичен кога се труди да го емулира Хуго Вивинг. Без капацитет да создаде било каква тензија и грч што ќе овозможи да ти е грижа за Нео или било кој друг во ова лајно од филм. Комотно можеше да биде сосема нов лик. Истите впечатоци ги имав и за ликот на Нил Патрик Харис. Оди биди си Барни Стинсон или нешто, брату.
Кога ќе потрошиш толку многу време на сценарио што се потсмева со само себе, ниту една закана за главните ликови не успева да добие на интензитет за да функционира. Ако филмот не се доживува себеси сериозно, тогаш што треба јас да правам? Кое е искуството што треба да го имам? Да ги слушам истите муабети за неинвентивноста на Холивуд што сам ги правам за секој втор нов филм што ќе излезе? Ако сакаш да се бориш против тоа направи нешто свежо. Ние сме публика, наша задача е да мрчиме за тоа. Ти си филм, ти треба да ми овозможиш нешто друго.
The Matrix Resurrections не е ни визуелно привлечен. Нема спектакуларни акциони сцени, целата акција е со евтина кореографија и компонирана како да е отцепена од третокласна телевизиска серија. Без никаков шарм. Имал ли воопшто некаков буџет филмов или е волонтерски сниман со два мобилни телефони? Го нема ни препознатливиот зелен филтер, ајде тоа може и самата приказна некако да го оправда, ама сепак. Немав никаков визуелен стимул освен тоа што ме печеа очи од шкарт ефекти што изгледаат постаро од компјутерски генерираниот Кијану Ривс со седумсто агенти Смит во The Matrix Reloaded.
Не очекував дека The Matrix филм ќе стане таква неуспешна, ненамерна пародија на сам себе. Некогаш ова го редефинираше начинот на кој се прават филмови, а денес е таков незначен остаток што ќе се изгуби во шумот од непотребни, непрофитабилни наслови и упропастени франшизи. Не дека било како му штети на оригиналниот The Matrix, ама жално е што е потрошено време за Resurrections да стане реалност.
Ете, и да речеме дека Лана Вачовски навистина разбрала што е проблемот со креативноста во Холивуд и ете одвоила време да ни соџвака како никој од нас да немал допир со филмови овие десетина години. Меѓутоа, очигледно го пропуштила заедничкото за сите вакви продолженија на култни остварувања - ниту еден од овие филмови не бил бил успешен, неопходен или пречекан со ентузијазам. Затоа што можеби веќе сме ги виделе претходно во многу подобра варијанта, Лана.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment