Дојде на ред и новата Бонд игра и тоа додека е уште потазе. Обично не им се брзам на ваквите големи наслови. Ги чекам на поголем попуст на Стим и за дупло од нивната цена трупам инди игри што никогаш нема ни да ги инсталирам, ама ме има фатено некој инат и никако да попушти.
007 First Light ме провоцираше да ја спукам уште од дента кога излезе на торент. Освен што долго немаше Бонд игра, пројдени се цели пет години од
последниот филм и којзнае уште колку до следниот, па ова е единственото ново нешто за пополнување на празнината.
Расположението за 007 First Light беше позитивно уште кога ја најавија. IO Interactive се познати по Hitman франшизата, па со оглед на тоа долгогодишно искуство изгледаше дека 007 е во компетентни раце. Eon како носители на лиценцата за Бонд, по пропаста на 007 Legends во 2012 воопшто не биле заинтересирани за нова игра, меѓутоа ги предомислил предлогот на IO за различна итерација Бонд. Нешто што наративно би било отцепено од филмовите, со гејмплеј што би ги потенцирал шпионските аспекти, наместо да биде обична пуцачина. Веројатно им рекле дека ќе направат Hitman, ама со Бонд. Дополнително ги загреала и идејата за приказна која воглавно би се занимавала со почетоците на ликот и добивањето на 00 статусот, нешто што Casino Royale само малку го чепна.
Но што се однесува до гејмплејот, 007 First Light не е Hitman со Бонд. Тоа е добра или лоша ствар во зависност од тоа какви ти се очекувањата. Иако имаат повеќе допирни точки, доволно се различни за да можат комотно да се обратат на различна гејмерска клиентела. Пред случајно да истресам некои спојлерски детали, да кажам дека општиот впечаток ми е позитивен. Фанови на 007 франшизата не би требало да се двоумат за играње. Приказната е сосема солидна за да не останеш целосно гладен до филмот на Вилнев. Го ценам моментот што "почетоците" на Бонд се испочитувани и доследни до тоа што веќе е познато за ликот и нема некои непријатни изненадувања или вадење ствари од газ.
007 First Light почнува во Исланд, каде што Џејмс Бонд, млад припадник на британската поморска авијација, останува единствен преживеан по заседа на критична мисија во која е вплеткана и МИ6. Немајќи друг избор, МИ6 мора да се потпре на Бонд, кој по успешната мисија е регрутиран за обновување на 00 програмата која била укината пред години. Самиот вовед е одличен и кратко те запознава со основите на гејмплејот, а приказната се сели во Малта, каде што Бонд почнува обука заедно со уште шест кандидати. Дел од туторијалот е спакуван во монтаж, што е баш паметно решение за да прошалташ низ досадните делови и да помине доволно време во самата приказна за да не испадне дека си станал Џејмс Бонд преку ноќ.
Таман кога предолгите тренинг мисии веќе почнуваат да замараат, заминуваш на озбилна мисија во Словачка, на шаховски турнир во ексклузивен планински хотел. Тука можеби и првпат се осеќа вистинско Бондовско искуство, онакво според сите филмски правила и прописи. Несекојдневните егзотични локации се составен дел од формулата, а 007 First Light не се воздржува да те прошета низ цел свет. Од раскошни ресорти и тропски предели до африкански криминални дупки, сценографијата се шалта со секоја мисија и нема шанси да ти се смачи. Тимот задолжен за визуелниот дел завршил феноменална работа за околината да изгледа богато и отворено и покрај тоа што брзо сфаќаш дека левелите и навигацијата низ нив е прилично лимитирана и предодредена.
Тука веројатно е и најголемата разлика со Hitman игрите. 007 First Light е линеарна акциона игра со повремени стелт елементи. Иако ти дава некоја илузија на избор, многу од левелите те ограничуваат на однапред одреден пристап. Има секако по неколку различни патеки низ просторот, ама ретко имаш прилика да импровизираш и да ги решаваш ситуациите на свој начин. Не можеш туку така да извадиш оружје и да пукаш доколку мисијата не е дојдена до тој дел. Цело време те држи за рака некако. Така што ако бараш послободно искуство каде што ќе си бидуваш креативен специјален агент што се шуња и импровизира во зависност од ситуацијата, ова ич не е тоа. Пример, во една просторија убиваш двеста луѓе за десет минути, а ја отвараш вратата во следната каде што очигледно ништо не се слушнало и мора да поминеш тивко.
Малку е ограничена и во однос на гаџетите. Мислам, не очекував дека сè што ќе сретнеш во одделот на Кју ќе можеш да го користиш, ама од вкупно седум дали три искористив низ цело играње. Повеќето имаат иста механика, ги искористиш како дистракција за да се шмугнеш негде или да експлодираш нешто во околината, а еднаш кога се избагира играта и добив различен лоудаут на гаџети, не ни приметив некоја разлика. Повеќе се козметички одошто стварно функционални. Позабавно ми беше додека се ашкав низ прототипите на Кју и пипав кај што не треба. Баш ко на филмовите. Еден од најзабавните делови во играта ми беше баш ова.
Со оглед на тоа што наводно не е пуцачина нели, има долги заморни пукачки сегменти. Нагло ме фрли во првата таква ситуација да морав да се префрлам од контролер на тастатура и маус. Можеш секако и со контролер да си прецизен, ама додека ми легне морав
хелдајверски да влезам. До крај веќе бев спретен и со контролер. Созреавме заедно со Бонд низ ситуациите што би се рекло. Пукањето е интересно. Цело време си кнап со муниција, па мора да се движиш и да прибираш нови оружја и по некој куршум од тие што ќе ги убиеш. Притоа се случува да треба да искористиш и голи раце, а и тука играта е океј. Не е
Arkham, ама забавно е што можеш да ги лупаш непријателите од околината, иако често се случува автоматски. Пример, ако се тепате во веце додека штракаш ќе го акнеш и од лавабо.
Возењето е уште една неколкуте работи што играта некако ги прави половично. Како за Бонд игра, нема некои спектакуларни брканици. Возиш неколку различни возила, меѓутоа и тоа е многу линеарно и на "шини". Никој нема да ти избега. Со таков туторијал за возење во Малта ми делуваше како почесто да ќе седнувам зад волан. Самото возење е одлично изведено, мазно и супер се осеќа и се израдував што ќе возам, ама испадна прилично скржава на тој план. Освен тоа, единствениот пат кога користиш кола со гаџети е во лабораторијата на Кју и тоа во мал тесен простор каде што не ни можеш да ја извозиш прописно. А Астон Мартин Валхала е. Штета.
Приказната е секако водечкиот аспект на
007 First Light. Привлечна звучи идејата за како функционирал Бонд пред 00 статусот, ама освен туторијалот останатото е стандардниот шаблон од филмовите. Што е веројатно океј затоа што не сакав ова да биде како рибутот на
Tomb Raider со постојано растревожената Лара Крофт. Секако,
007 First Light фино го разработува Бонд до агентот што го знаеме, иако уште од првата мисија ти е јасно дека е способен за секаков предизвик. Не го гледаш Бонд како станува опасен, туку повеќе е како да функционира во рамките на МИ6 со сите правила и органичувања што очигледно не му лежат. Самодовербата и склоноста да тера по свое се исто тука, па нема некоја претерана трансформација.
Што се однесува до споредните ликови, се приметува и дека сценаристите настојувале на некои излитени архетипи кои ги гледаме насекаде годиниве. Тапа што приказната најмногу страда од ова. Не мора да си разузнавач за да погодиш кој лик како ќе биде позициониран понатаму во моментот кога прв пат ќе се појави. Скоро секое мејнстрим дело од последниве години исправа некои полуизмислени криви дрини, па знаеш одма кој смее, а кој не смее да биде негативец. Гринвеј е дефинитивно најдобриот лик од сите што се вртат околу Бонд. Единствен чиј однос имаше некаква длабочина и не дремеше непроменет од самиот почеток. Не очекував дека ваква менторска динамика ќе функционира толку добро со лик како Бонд, ама испадна еден од поинтересните аспекти на приказната. Перформансот на Лени Џејмс е феноменален. Не би можел да го кажам истото за Лени Кравиц.

За негативецот не би навлегувал во премногу детали, ама не отскокнува воопшто од прописите за Бонд негативец, со задолжителната доза мегаломанија и налудничавост. Си ја реализираше намената. Се изненадив од актуелноста на тематиката и мотивите, искрено не очекував и беше баш забавно изведено. Дури сум и среќен што го испукаа вака во игра и што веројатно следниот филм би терал во друга насока.
Стварно добро си пројдов со 007 First Light. Кратка е, изненадувачки бргу ја завршив, ама и покрај сите замерки, апсолутно вреди за едно играње. Ај што ми фалеше Бонд општо, туку и одамна немав играно тазе ваков продукциски скап наслов. Фино ми дојде и тоа. Имам некои забелешки за самиот крај и неколкуте работи што останаа незаврзани. Затоа не се остава така. Еве уште е неизвесно кој и дали воопшто ќе работи продолжение на ова, зашто во меѓувреме франшизата премина кај Џеф Безос. Ама ако се паметни како што обично не се, ќе им дозволат пак на IOI.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment