February 16, 2023

Да не ти се верува за Dragonflight

Ни на крај памет дека после години просечни кон лоши експанзии, интерни компаниски скандали, напуштени наслови кои доведоа до слободен пад на нивната репутација, Активижн Близард ќе пуштат саглам World of Warcraft експанзија. Постепено ги отпишував овие години, после секое срање каде што нивното име беше главна тема на лоши вести. Впечатокот ми беше дека имаат изгубено допир со муштериите и нивните побарувања, а тоа беше јасно поткрепено со игрите кои како на автопилот цепаа во некој неодреден правец за кој извршниот одбор самоуверено мисли дека ќе вози додека генерира профит.

Затоа и не се надевав многу на Dragonflight. Буквално ништо не можеше да ме убеди дека Активижн Близард се способни да свртат нов лист за нивната најголема франшиза, а не па да допишат нови правила на следната страница. Да скокнам директно на поентата - Dragonflight е сè она што со години посакував да биде World of Warcraft. Она што сто пати и на блогов сум го дрндал, што сум се трудел да го компензирам со други слични игри и сум се надевал дека некои кои допрва доаѓаат ќе ми го овозможат. Само што има еден мал проблем. Експанзијата што е како искорната од мојот список на World of Warcraft желби доаѓа во период кога ниту ми се игра ова, ниту можам да одвојам доволно време.

Сепак, веројатно успеав доволно да се проматкам низ Dragonflight за да можам да си ги запишам впечатоците. Од каде да почнам? Сакав World of Warcraft да биде едноставна како во старите денови. Не од носталгија, туку буквално од наративен аспект. Играта е најдобра кога скромно ќе те позиционира во тој обемен свет. Некаде низ претходниве експанзии секој играч од голтар со обичен стап против светот во кој мора да напредува низ околината, сите станавме "Избраниот". Наместо да сме попатен дел од приказните низ Азерот, развојот на приказната нè направи сите централна фигура, инволвирана во сите големи историски перипетии. 

Од берење цвеќиња и собирање на десет свински чмарови за да може некој селанец да си направи зимска капа од нив, почнавме да се бориме против интердимензионални закани, вонземски инвазии, древни божества, за на крај да отидеме во загробниот живот и таму да оправаме неправди. World of Warcraft не само што ја изгуби приземјеноста, туку почна да се однесува и како сингл-плеер игра што упорно за рака те шета низ некои досадни приказни, по пат губејќи ја и конекцијата помеѓу самите играчи која е фундаментална за игра од овој жанр.

Dragonflight можеби има змејови како централен мотив, меѓутоа интеракцијата со нив и твојата улога на патот кој ви се вкрстил се многу поскромни. Нема постојано чувство на итност, не виси цела судбина на Азерот на конец, нема војна на секое ќоше каде што трчаш покрај главните ликови од World of Warcraft демек си дел од нив. Има и тука приказна која се протега низ цела експанзија, многу поумерена од тоа што претходно ми пречеше, ама има и еден куп попатни квестови кои се назависни и служат да те поврзат со околината за да ти го дадат тоа чувство на авантура во отворен свет.

Новиот остров е предобар. Бидејќи една од новите механики во експанзијата е летање со сопствен змеј кој функционира нешто слично како маунтовите во Guild Wars 2, овојпат зоните не се три чекори, туку овоможуваат долго непрекинато летање и истражување. Баш тоа што недостастуваше во последниве десетина години во World of Warcraft. За првпат во играта, светот се чувствува жив. Има еден куп динамични случувања, активности во кои може да учествуваш и се така скроени да секој тип на играч си најде нешто забавно во нив. Сакаш да ловиш диви суштества? Нема проблем, имаш ловови кои се појавуваат на различна локација и време и си групиран со други играчи. Сакаш опсада на тврдини со тешки непријатели? Има и тоа. Можеби само сакаш да кулираш и да ловиш риби. Има и такви ивенти. Има и еден каде што групно правите супа.

Најинтересен момент ми се и елементалните бури кои се случуваат така спонтано. Нешто најблиску до златните денови од непреболената RIFT откако и кенкам дека ми фалат вакви работи во World of Warcraft. Бурите се ист таков динамичен ивент каде што различен тип на бура се случува на некоја локација и ги прави непријателите потешки и позаебани. Вакво нешто би сакал да видам во иднина на локации од претходните експанзии. Уште една забавна активност за која е потребно групирање и комуникација со играчи. Всушност, целиот фокус на експанзијата е баш тоа групирање и верувај дека многу добро се одразува кај целата заедница.

Со толку многу активности кои треба да ги правиш со други играчи, што е онака главната карактеристика на еден MMORPG наслов, заедница е помалку токсична. Во времето кога дремевме по гарнизони и слични осамени места, се изгуби тоа чувство дека играш нешто каде што постојат и други луѓе. Сега не само што нонстоп среќаваш други, туку и комуникацијата е значително подобрена. Кога луѓето се ставени во ситуација да мора да си помогнат меѓусебно, истите тие очигледно се трудат и да бидат покоректни со останатите. 

После долго време во World of Warcraft затекнав заедница која не се пцуе меѓусебно, туку се дружи и соработува. Можеби и само на сите ни требаше експанзија што нема да ја презираме и играме со сила, па фрустрациите од самото тоа се некако намалени. Не знам, ама сега често се осеќам како да играм сосема друга игра. Да не беше Dragonflight експанзија на World of Warcraft ќе дрвев како е најквалитетната MMORPG игра од World of Warcraft навака.

А, после години и вистински се забавувам со оваа моја омилена игра. Веќе не е нешто што задремано го кликам или механички ги следам бројките што одат нагоре. Имерзивно е, значајно и ги шкрта сите точки од листата за квалитетен MMORPG наслов. Буквално вакво нешто сакав да се случи со World of Warcraft сите овие години, жалосно е што беа потребни години и едно саглам акнување со глава во земја за малку да се свестат. Сакам да ја играм ебате и сакам да е добра.

Некако сè магично функционира сега за сега. Можеби овие два месеци се малку за ваков заклучок, ама презабавно е и жалам што немам повеќе време. Новите зони се преубави, целата инстанцирана содржина е супер и изборот на работи што можеш да ги правиш е поголем од било кога. Нема табли со мисии што се како од мобилна игра, нема содржина што ти е ограничена со време, има нови обновени професии, има жив свет што ќе ти понуди разни фантастични авантури и заедница што очигледно ужива во сево ова.

Штета што поголем дел од публиката нема намера да се врати и ќе биде жалосно доколку експанзијава остане така недопрена, ама па не е дека горенаведената компанија не си го заслужи ова. Звучи како некој конечно од вработените да седнал и да прочитал што всушност сакаат луѓе од World of Warcraft. Затоа можеби и публиката што е останата сега е повозрасна, а содржината е баш скроена така. Да не те форсира да цедиш саати и саати на некоја содржина скроена да ти овозможи прогрес, туку и во тие два дневно да влезеш, да си збркаш нешто што одговара на твоето темпо и да се изгасиш задоволен. Изгледа Активижн Близард го вратија она World во World of Warcraft и искрено се надевам дека ова е правецот во кој ќе се движат во иднина.