September 3, 2018

Низ дискографијата на Еминем: Kamikaze

Вечерта кога Еминем објави краток тизер за нова песна никој не очекуваше дека сабајлето ќе се разбудиме со цел нов албум. Kamikaze пристигна сосема изненадно, без никаков маркетинг и најава, и еве веќе трет ден ја дрма рап сцената, мојот дом, канцеларијата и колата. Реално, никој не го очекуваше Kamikaze толку брзо после ланскиот кобен Revival. Дури ни по оние неколку траки што Еминем ги испука последниве месеци каде што беше евидентна неговата разочараност со лошите критики за тој албум, па макар и што беа потсетник дека сепак најдобро функционира кога е предизвикан и нападнат.

Откако Revival му ја расклати позицијата на сцената, Kamikaze е логичниот следен чекор. Овој пат има што докажува, превземе и одбрани. Уште при шестминутната воведна трака "The Ringer" ти е јасно дека ќе слушаш вистински рап албум што ќе ти ја камиказира ерекцијата низ покрив. Римите му се свирепи, инструменталите не се беден мараканест тезгарски поп рок како на претходните албуми, нема "експериментален" флоу и нема глупави фори за атер на игра на зборови, туку темите се стегнати и прецизни. Нема ни тажни балади, ни гостувања од Ријана, Бијонсе и слични. Замисли, пак има што да зборува и дојден е со список на луѓе за отстрел.

Да, омотот е омаж на Licensed to Ill

Многумина наебуваат од накурчениот оган што го отвара. Критичари, новинари, политичари, мамбл трап жанрот, фаци како Lil Pump, Lil Yachty, Machine Gun Kelly, Die Antwoord, Tyler the Creator, Charlamagne, Akademiks, Joe Budden па дури и Drake иако Пол Розенберг го негираше ова на Твитер. Некогаш се знаеше дека ако Еминем те закачи на песна, толку е од твојата репутација или кариера. Денес имињата од листата погоре се обидуваат да глумат поласкани од овој потег. Иако не верувам дека е импактен како порано, мило ми е што го гледам пак во ваква борбена состојба. Свесен е и он дека некои небитни фаци премногу се опуштиле и ќеф ми е како се обидува да ги научи каде им е местото. 

Сепак, Kamikaze не го движи само оваа струја. Јасен му е ланскиот пад, самокритичен е и не го прави тоа лигаво и неинспирирано како тогаш, туку баш вешто и самоуверено ги потенцира работите кои успеал да ги подобри притоа без да звучи како повреден средовечен маж. Ова е веројатно тој звук и концепти што недостасуваа на Revival и иронично е што можеби никогаш немаше да го чуеме ова без тоа гомно од албум. Целиот овој нов материјал е издигнат врз гробот на Revival и тоа е сосема во ред. И, сите што последниве години серат дека Еминем не е истиот без дроги, Kamikaze e тука да ги предомисли. Еминем го движи друг порок - гневот. Па, можеби и гневот кон себе е најодговорен за квалитетот на Kamikaze, додека имињата што ги расклоца се само колатерална штета. 

На овој албум успеа и конечно да се прости со D12. Никогаш таа приказна не беше официјално завршена и сега конечно е. Бендот е мртов. Ми се свиѓа тоа што на последниве албуми успева да затвори одредени емотивни животни приказни што јавно ги презентираше низ кариерата. Мајка му, Ким, ќерќите и сега конечно и D12. Но, најбитно е што успеа да се прости и со сам себе. Kamikaze има некој Слим Шејди шмек, меѓутоа е различен и било каков претходен Еминем или некоја од неговите персони. Ова е тој Еминем што може да егзистира и на денешната сцена и тоа со бескомпромисната енергија што ја немам осетено од The Eminem Show навака.

Kamikaze има само 13 траки кои вкупно траат околу 45 минути. Сосема доволно за да се олесни вака искрено како некогаш, а без да изгледа како бледа копија на себе. Продукциски албумот звучи модерно, баш онака како што би било логично да звучи Еминем во 2018. Жалам што нема ниту една трака од Дре, ама барем го нема неупатениот Рик Рубин, туку инструменталниот дел е покриен од низа помлади продуценти кои очигледно добро знаат како треба да звучи ваков рап денес. Дури и трап инструменталите на кои се подјебава со Migos се супер подлога да докаже поента и да брцне во тој звук без целосно да му се предаде.
 
Рано е да се одреди точната историска позиција на Kamikaze во моментов, албумот е само еден викенд стар, ама веќе налепи многу позитивни рецензии, акумулираше доволно контроверзност за да се збори уште долго. Можеби Ем ја доби борбата за тронот, меѓутоа ако воопшто постои војна, веројатно не е завршена. Баш кратко пред Kamikaze дискутиравме со Бојчо дека Лоџик e најдобриот жив рапер во 2018, сега не сум сигурен каде да си го пикнам тој заклучок. Годинава излегоа еден куп добри рапови, меѓу најдобрите ми се Bobby Tarantino II на Лоџик и KOD на Џеј Кол, Дензел Кари издаде многу добар албум исто, па конкуренцијата е некако тесна. Сепак, Kamikaze во моментов води кај мене макар и што причините се крајно субјективни. Иднината ќе биде занимлива сепак, зашто Еминем конечно доби облик соодветен за новото време. Веќе се очекуваат и најавуваат следни проекти.

No comments: