Не ми е јасно како со секое ново продолжение успеваат да го надминат претходното. Формулата е таа, веќе со години наназад, и очигледно перфектно функционира. Без размислување, Call of Duty серијалот ми ги понудил најдобрите шутери.
Продолжението на Modern Warfare 2, нуди искуство во екот на Третата светска војна каде двете најголеми спротиставени сили се нормално Русите и Американците. Играчот приказната ја тера преку неколку различни ликови, некои добро познати од претходните наслови. Мисиите се одвиваат во неколку светски градови, како Њујорк, Париз, Лондон, Прага, меѓутоа мене омилена ми беше онаа во Сиера Леоне. Од моментот кога изрипуваш од река со снајпер до песочната бура, ова сигурно беше една од најдобрите мисии во цел серијал.
Приказната е малку тешка за следење, зошто сè брзо се случува, а кратките брифинзи меѓу мисиите не се доволни за да се создаде толку прецизна слика. Не ти ни треба којзнае каков вовед за да истрошиш неколку жаржери во сè што е непријател, без разлика дали се наоѓаш во авионот на претседателот или во тунел во Прага. Доволна е да те поврзе со ликовите кои ти помагаат во мисиите, до тој степен што емотивните завршетоци не те изненадуваат. А, и друга работа што не сум ја видел во игра, е таков театрален пад на Ајфеловата кула. Цареви се за правење филм.
Графиката не е којзнае колку подобрена, барем јас не приметив нешто многу различно. Она што е за пофала, е поголемата слобода на движење. Доколку порано мисиите беа линеарни, тука има еден куп начини како да дојдеш до непријателот, а и да се засолниш. Ако се игра на потешко ниво, има многу поголем простор за соодветна тактика. И, нормално единствениот минус - траеше пократко и од Black Ops. Ја цепкав со денови, а пак на крај времето за кое ја пројдов беше околу пет саати. Special Ops и другите модови не ме интересираат баш многу, а и немам време.
Следно од серијалот е Black Ops 2. Првпат Call of Duty ќе забега во футистичка војна, со мисии во 2025. Како ќе го изведат тоа, ќе видиме во ноември.
No comments:
Post a Comment