Симпатично е што сум мислел дека имам играно Path of Exile. Пред некое време сфатив дека само сум имал поиграно. Имав пристап до некое затворено бета тестирање во 2012, па ми била и "зараза на месецот" пред десет години, ја пуштав повремено низ годиниве за да мрчам како ми е бавна и визуелно досадна. Најсмешен ми е тој месец кога наводно сум бил заразен со Path of Exile, а очигледно не сум ни ја прошол клучната прва половина од кампањата. Да било така, немало никогаш да се дрзнам да ширам невистини за Path of Exile низ град.
Малку ја потценив, ама ајде по ред. Со години наназад слушам за Path of Exile колку е стварно добра, тешка, комплексна, како Diablo е вирче, а ова е океанот, па како не можеш да ја играш без да потрошиш три недели на читање екстерни туторијали. Во ред. Си викам, сигурно не е EVE Online на ARPG жанрот, луѓе користат туторијали за мин-максање и во новиве World of Warcraft експанзии каде што треба да си ептен мрза за да не разбереш некои работи сам. Аха.
Алергичен сум кон било какви "документации" за игри. Немам ќеф за препишување тука. Убавината на играње игри ми е сам да ги откривам стварите, не пола ден да гледам детални видеа за да ми излезат поголеми бројки на екран или нешто. Играм за да олабавам неколку саати во неделата, не сакам симулација на работен ден што ме извлечкал низ темните ќошиња на Стек Оверфлоу и индиската програмерска ЈуТјуб сцена. Па, така самоуверено решив пак да улетам во Path of Exile во 2023 за да се осигурам дека последниве години ваквиве игри ми се интересни максимум две недели и дека отпорот кон Diablo IV ми е оправдан.
Path of Exile има сериозно досаден почеток. Сигурно ми бил интересен пред десет години, ама од тогаш кога и да сум ја пуштел ми била мачна за гледање. Има вкупно две бои, биомите се пусти, непријателите едвај ги приметуваш каков облик имаат, а покрај тоа и многу е бавна ако избереш некоја класа што не користи стрела. Нешто морало да ме привлече да ја играм цел месец некогаш, макар и без значаен прогрес, па направив еден Темплар што се вика SvetiKrapverk. Време беше да го извлечам она што Diablo IV не ми го овозможува во моментот - да бидам побожен паладин со чекан и штит што ќе ги погреба сите што переле на црвено слово.
Додека да сфатам дека во Path of Exile нема класични демони, ниту класата е таква каква што си ја замислив, веќе ја распалував тастатурава ко Симон Трпчевски. Фрштат пламени на секаде, фрлам тотеми, летаат глави и раце, вадам скелети од земја, се телепортирам позади групи непријатели да ги опожарам од зад грб - сè е шарено, брзо и адреналинско. Некој да те гледа од страна ќе рече дека зјапаш во скринсејвер со огномети или нешто. Не го играв Темпларот што си го замислив, ама ми беше презабавно.
Иако мразев што го играм ова гомно од игра наместо да играм било што друго на светот, инатот ме натера да го завршам тој посран Акт 10 и да видам дали ендгејмот е стварно за луѓе што немаат ништо друго за правење во животот освен Path of Exile. Тоа ми беше единствената цел. Играта всушност првото црвено знаме ти го крева после Акт 5. Таму комплетно станува друго нешто.
Path of Exile нема архетипски класи како во другите игри. Класата што ја бираш е практично само локацијата од каде што ќе те пушти да полниш поенчиња во тоа џиновското комплексно дрво со пасивни скилови. Ти сакај си да бидеш Темплар, ама ако утнеш нешто по пат додека мислиш дека знаеш што правиш, после Акт 5 играта ќе ти ги исклемпа ушите. Не само што отвара дополнителна содржина и нови ствари за правење, туку и повеќе ќе умираш отколку што ќе ги гледаш огнометите. А, после некое време кога ќе почнеш да умираш, ќе почнеш да губиш и погрес, па ќе верглаш на истиот левел.
Тука си викам, може си глуп Бобо што не прочита ништо за ова, ама па кој го пишувал тоа што требаше да го прочитам? Некој што единствено имал повеќе време од мене. Не е некоја наука што ми е непозната, седнав да си го поправам скршениот билд колку да ја доиграм кампањата до Акт 10. Играта тука ми стана интересна, особено што почнав да фаќам и нешто од приказната. Естетски е исто многу подобра понатаму, не ми е јасно зошто мора да истрпиш саати ружна игра додека да дојдеш до привлечното? Или можеби во тој момент веќе си заложник на допаминот и сите овие лајна ти се сега убави. Не сакам ни да знам, искрено. Сакав само да завршам и да си одам дома.
Реално, после Акт 10 е веројатно вистинската забава. Пробав. Билдот не ми чинеше. Ставив една од тие мапите во една џиновска направа што ми отвори неколку портали кон ендгејмот. Влегов, умрев. Две копчиња не успеав да стиснам. Се сетив што читав за играва, можеби и беа во право. Не е тешко, ама треба озбилно да се замараш ако сакаш да ти е интересен ендгејмот. До таму можеш да си кликаш лежерно ко да е Diablo, ама после тоа - со среќа. Плус, ја не ни знаев дека сум избрал толку непочетничка класа. Ако некогаш пак ја пуштам играва ќе изберам нешто што има една бројка за мислење.
Пробав да видам како изгледаат тие водичи за преживување во Path of Exile. Имаш видео за "почетници" што трае пола ден, имаш пишани туторијали за еден единствен билд што се поголеми од техничката документација за кој и да е најновиот фронтенд фрејмворк неделава, па вика сега симни ги еве овие десет адони и научи ги следниве три ексел табели, купи сè од списоков од други играчи зошто тоа е единствената економија во играта, напушти си ја фамилијата, фармај 300 chaos orbs и ќе го убиеш Китава за пет наместо за десет минути. Не се плаши.
Сега, озбилно. Играта е супер. Една од најдобрите вакви и дефинитивно најкомплексната од жанрот, ама бара време да се посветиш што ете јас не можам да си го дозволам. Можеш и ендгејмот да го играш со некој сопствен билд. Битно е првиот пак да ја пројдеш кампањата како јас што ја пројдов, да научиш како функционираат некои механики, да разбереш како се трошат валутите што ги собираш, да видиш која опрема е најсоодветна за билдот, да видиш какви непријатели може да ти изгенерира играта и притоа да грешиш како во ниедна друга игра, ама па и секоја грешка да ти биде лекција.
Верувам дека целото замарање се исплати и баш ми е ќеф што постои ваква игра за специфична публика. Заедницата е лабава, пријателски расположени се да ти ги одговарат и најглупавите прашања. Глобалниот чет на Path of Exile е еден од најискулираните што сум ги видел во последниве години. Нонстоп има нови играчи што ги поставуваат истите работи, а до сега не видов некој да биде токсичен или магаре невоспитано кон друг. Луѓето што посветено го играат ова имаат почит кон сите што ќе дадат шанса и баш ми е мило што затекнав ваква ситуација. Може се погодило оваа недела и пол во Crucible лигава. Може на други денови очите си вадат, којзнае.
No comments:
Post a Comment