December 21, 2020

Втората сезона на The Mandalorian

Втората сезона на The Mandalorian не само што е една од малкуте асални работи сервирани на глобално ниво во оваа 2020 година, туку после финалето ме убеди дека е и најдобриот Star Wars материјал откако Дизни го испазари брендот. Уште во првата сезона можев да го осетам тоа, ама поучен од тоа колку лесно може да се скурцаат стварите во оваа ценета франшиза, почекав да приврши втората за да можам да носам вакви храбри заклучоци. Надолу продолжувам со спојлери, па ако ја немаш гледано втората сезона или серијата воопшто, батали читање. 

Џон Фавро и Дејв Филони со The Mandalorian го спасија брендот од поголем колапс. Дизни сега се толку сигурни дека Star Wars е безбеден што најавија 350 серии за различни ликови кои треба да отпочнат со прикажување во следните години. Од сите тие ме занимаат едвај две-три, а дали воопшто има место и за останатите - нека покаже иднината. Имав впечаток дека пазарот е веќе презаситен со Star Wars, особено со шкарт Star Wars, ама некој веројатно смета дека не е доволно. Нека.

Немам проблем со овој можеби избрзан план на Дизни да изградат некаков микро-универзум околу The Mandalorian, сè додека креативната енергија на Фавро и Филони е насочена само кон една серија. Дизни се свесни за нивниот талент и визија, па ништо чудно да ги "позајмат" како консултанти на другите лајна што планираат да ги штанцаат колку што публиката ќе успее да поднесе. Мега-успехот на The Mandalorian е спој на повеќе фактори, еден од нив е и контрастот кој го има со идеите на Кејтлин Кенеди, па не знам колку е стварно возможно да се повтори со истиот интензитет.

The Mandalorian е исто така материјал што е нешто поприбран визуелно и наративно од она што е франшизата последниве дваесетина години. Ја нема бучавата предизвикана од бидување централниот мотор во Галаксијата, ослободен е од теретот за спојување одврзани краеви, па може да опстојува на дистанца и да се обликува понезависно. Секако, ова е Star Wars и невозможно е комплетно да избега од тоа, па повремените допири со сопственото минато или пак можеби иднина, се речиси неминовни и за The Mandalorian. Истиот ебан свет е.

Една од грижите за втората сезона ми беше токму ова. Дали воопшто и колку ќе се осмели да се потпре на веќе воспоставени Star Wars елементи и фолклор? Првата сезона е феноменална баш поради тоа што многу суптилно се служи со таквото опслужување на фановите. Си создаде своја магија, тон и шарм. Повремено има и некоја позната локација или ситни референци наоколу, точно. Но, многу поретко воспоставува подиректна врска со она што е познато кај пошироката публика, освен нели ако го занемариме она појдовното дека главните ликови во серијата се на некој начин варијанти на Боба Фет и Јода. Па, оттаму дарксејберот со кој финишираше првата сезона беше толку добро дочекан од тие што следеле The Clone Wars и Rebels

После првата сезона, Дизни имаа појасен увид за што функционира во The Mandalorian. Затоа друга поголема секирација ми беше да не се осврнат кон комплетно експлоатирање на Бебе Јода. Муцето стана интернет сензација во моментот кога се појави, па некако се плашев да не фатат да го молзат како тала-сирена. Среќа, втората сезона има баш умерен пристап кон ова, дури и една епизода каде што воопшто и го нема Бебе Јода, односно Грогу. Конечно дознавме како стварно се вика, сирото. Грогу во неколку прилики го доминира фокусот, нормално бидејќи е еден од главните ликови, меѓутоа серијата никогаш не се дрзна онака безобразно да го користи како реквизит.

Втората сезона има една главна мисија. Мандо треба да најде Џедај кој би можел да го превземе Грогу. Потрага го носи низ неколку сомнителни ќошиња од Галаксијата, каде што се среќава со разни ликови од новите Star Wars книги, како Маршалот што го поседува оклопот на Боба Фет или ликови што публиката ги знае од The Clone Wars и Rebels. Имаше шпекулации за Асока и Боба Фет, нивното појавување го очекував, ама некако пропуштив дека ќе ги има и Дет Воч и се фатив затекнат. Требаше да ми биде јасно дека кога веќе има дарксејбер во приказната, евентуално ќе се појави и Бо-Катан.

Феноменално. Дет Воч е можеби најпознатото мандалоријанско присуство во Star Wars после Боба и Џанго Фет и нивното гостување во серија што се вика The Mandalorian не би требало да е изненадување, ама ете. Всушност, баш и Дет Воч го спасуваат Мандо како дете. Како и да е, одамна ја немав видено Кејти Секоф во нешто, па ми беше мило што ја затекнав баш тука, во улога на лик чиј глас го позајмуваше во анимираните серии со години. Очигледно е дека се забавува со ликот, па едвај чекам да ја видам пак во следните сезони.

За Боба Фет дека е дел од оваа сезона беше јасно уште од првата. Нормално, Боба Фет уште помалку можеш да го заобиколиш во ваква серија. Боба Фет е шаблонот врз кој е изграден целиот фолклор за Мандалоријанци и слично, не можеш да не го испочитуваш тоа. Само не знаев колку кул ќе го извозат и колку природно ќе си легне во целава авантура. Тоа е и најубавиот дел од втората сезона. Користи повеќе "познати" фаци, а притоа не изгледаат како беден фан сервис, ниту пак го крадат вниманието од главните ликови. 

Асока Тано ми ја стопли душата сезонава. Ликот го следев со години во The Clone Wars и мило ми што конечно ја дочекав нејзината "жива" верзија. Дали можеше приказната да ја придвижи било кој друг преживеан Џедај? Можеше. Но, ова е пред сè серија на Дејв Филони и Асока е негов лик граден со години и години на нешто поразличен медиум. Веројатно секој автор би сакал да си го види ликот вака оживеан, така што ова е повеќе за него отколку за мене и тебе како публика. Сепак, прекрасно беше да се види како ликот се пренесе во ваков формат. Розарио Досон совршено се снаоѓа со улогата на повозрасна Асока и баш нејзината самостојна серија е една од оние кои веројатно ќе ги проверам.

Јас ќе бев океј и со тоа никогаш да не се придвижеше приказната за Бебе Јода. Сигурен сум дека серијата ќе ми беше интересна и без поголем арк. Упорно ме потсеќа на сериите од времето што оделе на телевизија, каде што авантурата била централен елемент. The Mandalorian e убаво склопена, максимално лабава и ми беше дупла причина да чекам петок. Фантастична ми е, секоја епизода ми беше поинтересна од претходната. Едвај се замарам за канон, дали бескарот бил толку моќен да истрпи такви удари или било што. Би ја сркал дури и секоја епизода да биде засебна неповрзана приказна каде што на крајот Мандо и Бебе Јода го пичат бродот во зајдисонце.

Но, Филони и Фавро имаат други, поголеми идеи. Епизодата со Асока беше можеби најзначајната до тој момент во втората сезона. Приказната посериозно се мрдна понапред. Дознавме многу работи за мистериозниот Грогу. Дека не е никаков Јода клон или нешто, туку само припадник на истата раса. Дознавме дека години пред да го запознаеме како Бебе Јода, Грогу бил трениран како Џедај во храмот на Корусант и некако успеал да го преживее Order 66, пустиот. Кул приказна, а и супер презентирана.

The Mandalorian одлично ја дозира Асока. Сè повеќе од неа во сезоната ќе беше редундантно. Не можам истото да го кажам и за Боба Фет, додуша. Не знам колку ќе може да ја износи сопствената серија како главен лик, ама тука уживав додека го гледам. Можеби е најдобриот спореден лик што сум го видел во серија последниве години.

Финалето ме фати неспремен. Цел свет беше неспремен. Чудо е како ваква тајна останала сочувана до самиот крај. Откако Асока одлучи дека не може да го тренира Грогу, јасно беше дека некогаш ќе мора друг Џедај да стапи на сцена. Не знаев кога ќе се случи тоа, не ми ни беше важно. Многу малку Џедаи се преживеани во времето во кое се случува The Mandalorian, па така што очекував дека ќе одат со некој познат како Кал Кестис или Езра. 

Ама, сигурно не очекував дека Фавро и Филони имаат муда да го трупнат Лук Скајвокер тука! Значи, во моментот кога се појави Екс-Вингот во кадар, дишењето ми сопре во следните неколку минути. Џедај со наметка почнува да ги тамани тоа дарктруперите, додека и ти и сите останати ликови од The Mandalorian сте во грч. Јасно ти е што гледаш, ама не ти се верува што гледаш. Толку кратка сцена успеа да изнуди поинтензивна емотивна реакција кај мене од целата нова Star Wars трилогија. А, го гледав Хан Соло како умира.

Не сме уште таму со технологијата, па компјутерски генерираната фаца на Марк Хамил залепена на младо тело можеби не изгледа совршено, ама премоќна беше сцената како целина. Star Wars куќна слава. Конечно го видовме Лук Скајвокер озбилно созреан како Џедај, наспроти прдалоно мизерно кое го направи Рајан Џонсон во филмон. Види го изразот на лицето на Моф Гидеон кога ќе сконта дека тоа е легендарниот Џедај одговорен за падот на Империјата. Попрво би се убил отколку да му падне во раце.

Кога ќе се отрезниме од овој шок, допрва ќе треба да размислуваме каде оттука ќе оди The Mandalorian сега кога Грогу отиде да тренира со Лук. Верувам дека Филони и Фавро веќе имаат план и дека не се заплеткани со ова. Имајќи на ум дека серијата е воглавно се основа на Мандо-Грогу динамиката, не верувам дека вака лесно ќе се ослободат од Бебе Јода. Не дека Мандо ќе дреме така додека некогаш не се сретнат пак. Финалето остави доволно нерасчистени работи со Дет Воч и Моф Гидеон. Не знам тоа колку долго би можело да функционира откако Грогу беше установен како интегрален дел од развојот на карактерот на Мандо, ама ќе се гледа како и да е. Ми треба уште од серијава.

Од друга страна па, ако ова не ја заокружи приказната на Грогу, тогаш што? Ако серијата ја следи хронологијата опфатена во новата трилогија, тогаш дали патот ќе му се вкрсти со Кајло Рен? Одамна не ме допрел клифхенгер во серија вака. Далеку е декември 2021, а веќе сум возбуден за третата сезона. Дури и да не го видиме Грогу во раните епизоди од трета сезона, како што мислам дека и ќе биде случај, Мандо има што да прави. Единствено се надевам дека ќе најдат начин да го заобиколат Лук во иднина. Ова беше стварно добро, секоја чест, ама не гледам некој дополнителен ќар од уште Лук Скајвокер, особено не ваков помладуван Марк Хамил. А, не знам дали сакам друг актер, па макар бил и Себастијан Стен.

December 17, 2020

Ептен, ептен први впечатоци од Cyberpunk 2077

Не излегува толку голема игра како Cyberpunk 2077 секоја година. Додуша и да има нешто, јас често успевам да се отцепам од тековните гејмерски случувања во некој MMORPG ќош. Cyberpunk 2077 почна да се обликува како културолошки феномен уште долго пред нејзиното конечно објавување овој месец. Општо позитивната репутација на CD Projekt Red која ја утврдија The Witcher игрите, амбициозните планови и ветувања, а и интензивната маркетинг кампања, создадоа услови да отпочне еден долгогодишнен хајп за Cyberpunk 2077 кој деновиве има малку поинаква разврска од очекуваната.

Сите зборуваат за Cyberpunk 2077 во моментов, ама не секој муабет е позитивен. Накратко, CDPR по месеци одложување и форсирање на вработените да работат прекувремено, пласираа неоптимизирана игра преполна со багови која функционира малку проблематично. Воглавно, најзначајните проблеми се кај одредени конзоли, ама забележувам дека послаб перформанс има и кај PC хардвер што би требало постабилно да ја вози. Сигурен сум дека следниов период CDPR ќе ја крпат и полираат колку што можат, ама засега е нешто што можеби повеќе наликува на бета верзија отколку на довршен, саглам продукт.

Негативните рекации на публиката ми се донекаде разбирливи, секако доколку не забегуваат во закани по живот кон вработените во CDPR како што беше случај со група дебилци кога одложија еден од датумите. Кредибилитетот на CDPR почна да се клати уште од првиот промашен датум, па така одлучија дека е подобро да ја подметнат искршена отколку да ја поместат за 2021. Веројатно пресметале дека ниедна од овие ситуации не им е целосно од корист, за нанесената штета е рано да се зборува. Некој од редовите на менаџментот веќе не би требало да работи во гејм девелопмент после вакво фијаско во кое се инвестирани толку многу ресурси.

Сепак, денес ќе го оставиме тоа на страна, сега сакам само кратко да ги споделам иницијалните впечатоци од искуството со Cyberpunk 2077. Без спојлери, секако. Воопшто не ни мислев да ја играм додека не се снабдам со подобар хардвер или додека не ја потспастрат, ама не издржав. Како може да заобиколиш игра каде што има баг кој прави курот на ликот што го играш да изрипува од панталони? Една од причините поради која што решив да ја пуштам на мојата преморена GTX 960-ка и древниот i5-6600 процесор беа баш ваквите Goat Simulator тип на багови и гличови за кои не прекинав да слушам деновиве. Каков маркетинг, а?

За чудо и среќа, успева како-така да ја тера и на мојот канта хардвер. Вадам триесетина fps на low/med и повеќе изгледа како GTA IV пукната на ултра отколку Cyberpunk 2077 што ја знаев од видеа на интернет претходно, ама се трпи. И, онака идејата ми беше само да ја пробам. Тоа што упорно "ја пробував" додека не стигнав до Act 2 е баш темата на овој блог пост. Настрана ветувањата и ентузијазмот на CDPR да создадат игра што темелно ќе го промени RPG жанрот. Се трудев да ја третирам Cyberpunk 2077 како тоа што е во моментот, без да ги барам неисполнетите очекувања. Со сите багови што го ја некогаш ја прават неигрива, обичните нереволуционерни механики, тромавото пукање или колите низ Најт Сити што ноншалантно ме прегазуваа секогаш кога ќе се најдев на улица.

Играм street kid лик. Приказната е прилично досадна на почеток. Навикнат сум "големи" игри да почнуваат малку поспектакуларно, колку и тоа на крајот да се сведува на субјективно искуство или преференца. Ама, некако повеќе ќе се сеќавам на змејот од почетокот на Skyrim или акцијата со која отвара GTA V отколку на што и да беше почетокот на Cyberpunk 2077. Тука си некако несмасно фрлен во генерички сајберпанк сетинг, а "големиот спектакл" е одложен за малку подоцна.

Самиот сетинг изгледа малку повешто обиликуван понатаму, но на крајот на денот ова е игра што го носи името на жанрот, па оттаму и сите сајберпанк тропи и клишеа функционираат во тој контекст. Играта не се обидува да го измисли жанрот и неговата естетика, туку да ја оживее и искористи на сопствен начин. Тоа е кул и го почитувам како такво. Ако си љубител на жанрот тогаш немаш гајле, изразено се опфатени сите негови најкарактеристични елементи во валканиот неонски Најт Сити. Не знам колку е позајмено од изворниот материјал, претпоставувам само историјата, некој фолклор и терминологија, ама не е важно.

Градот е феноменално дизајниран и конструиран, и штета што интеракцијата со него личи толку лимитирана, барем надвор од мисиите кои ги правиш. Можеби понатаму ова не е случај, ама до сега немав некое чувство дека сум дел од жив град. Во една прилика морав да чекам неколку саати да отвори некаков бар за да влезам да продолжам со мисијата, па решив да прошетам и разгледам наоколу. Не знам колку е фер споредбава, ама ме потсети на Готам во Arkham игрите. Отворено е, ама не е баш. 

Не очекував да влегувам во секоја зграда, ама било каква подетална интеракција со околината ќе беше добредојдена. Има флиперници на повеќе места, баш ќе беше кул да можеш да ги користиш за некакви мини-игрици. Потрошиле време на досадно хакирање кое технички е мини-игра, а пропуштиле прилика да создадат такви моменти. Еден тон неискористен потенцијал лежи во Најт Сити. Штета. Мислам, види. Можеби е покомплицирано да ја постигнеш таа "отвореност" на светот доколку играта не ти е сместена на полјани и планини, ама како е ова поразлично или поиновативно од игри како GTA

Некои од баговите се смешни. Освен тоа што целиот сообраќај во Cyberpunk 2077 е скршен, колите не само што те игнорираат дека постоиш на улицата, туку и некогаш случајно ќе се заглават и ќе го претворат цел град во Пластичарска. Други се комплетно фрустрирачки. Пример, има багови кои не можеш да ги заобиколиш и мораш да се вратиш на претходен сејв и да се надеваш дека нема да се повторат. Тоа го има уште во туторијал мисијата, каде што треба да тагнеш неколку стражари и маус кликот воопшто не е регистриран. Среќа што во тој случај можев да се вратам на претходен сејв и комплетно да го прескокнам туторијалот.

Друг голем баг поради кој за малку ќе ја оставев играта за некое подобро време е во "The Pickup" мисијата. Нема да навлегувам во спојлери, ама решението што го најдов на интернет за тој баг беше прекомплицирано за AAA наслов од овој калибар. Можеби ако си доволно фанбој на играта, такви некои решенија ќе ти се дел од тематиката на играта. Мене такви багови што го кршат гејмплејот ми се крајно фрустрирачки. Едно е да се смееме на визуелни гличови и полови органи излезни од облека, скенер што не се гаси, на UI што повремено закочува елементи на екран, друго е ако не можам да продолжам да играм.

Не знам како може ова да не е средено како приоритетно. Ама ете, испадна уште еден случај на среќна околност, каде што се вратив многу поназад на сејв, ја преиграв речиси цела мисија отпочеток и багот магично не се повтори. Тоа е главниот бенефит на чување 10 различни рачни сејвови во Cyberpunk 2077. Баш така и успеав да го завршам Act 1 и да бидам удостоен со еден прилично интересен наративен благодет. Негде пред крајот на Act 1, Cyberpunk 2077 некако шашаво ми ја раскажуваше приказната, без нешто претерано да ме внесе, ама ете, го има тој филмски, спектакуларен момент што сигурно ќе остане со мене во идинина. Не би навлегувал со спојлери, ама ќе нагласам уште еднаш дека е крајно забавен правецот кој тука го фаќа главната приказна. Баш ме занима како е ова понатаму развиено.

Што се однесува до механиките, ова што досега го видов не е нешто којзнае колку свежо и невидено. Некои работи што ги сретнав во Cyberpunk 2077, функционираат многу подобро во други игри. Брејнденс e кул концепт, меѓутоа е ужасно досадна механика и се надевам дека нема да треба да ја користам толку често. AI-то на возилата и жителите е најосновно што може, секој се движи по сопствена преодредена патека, па затоа лесно се прават гужви бидејќи очигледно отсуствува механизам кој им овозможува да препознаваат препреки. Срамно е овој дел од Cyberpunk 2077 да е во ваква очајна состојба, особено поради тоа што не е ни некое ново технолошко чудо. Сигурен сум дека секој GTA клон го има истово подобро изведено.

RPG елементите со кои можеш да си го градиш ликот се океј. Не играв толку долго за да навлезам којзнае колку детално, ама има многу опции за различни билдови. Не знам колку добро се избалансирани и како функционираат понатаму во играта, ама имаш голема слобода колку што можев да приметам. Во секое RPG што го играм првпат, поените најчесто ги трошам "рол-плеерски" отколку на реално корисен и ефикасен билд. Имаш различни оружја на располагање, играта нонстоп ти фрла нешто, дури и пофреквентно отколку што очекував. Ќе си речеш Borderlands ли е ова, ама немам проблем со ова.

Да се потрудам да го сумирам ова рано искуство, а? Сигурен сум дека немам видено уште многу работи, барем што се однесува до приказната. Гејмплејот нема да стане подобар, секако. Играта е океј. Забавна е, ама не е најдобрата, ниту најиновативната некогаш. Има многу подобри RPG игри во отворен свет што многу поефикасно успеваат да те внесат и задржат во истиот. Cyberpunk 2077 не е ништо револуционерно, или барам со ништо не успеа да се одвои за мене, освен со сетингот и општиот амбиент. Ако сакаш сајберпанк, не знам, гајтани да влечеш од рака и да се штекаш во бандера за да го хакираш комшијата, или да си ставаш кибернетички импланти во газот - ова е тоа. 

Нуди простор да искусиш такви жанровски тропи, но не и некој преинтересен отворен свет каде што ќе те пушти од рака за да си се маткаш и истражуваш. Веројатно негде има, Најт Сити делува големо, ама јас на налетав на ништо интересно или некој сајд-квест што претерано ме воодушеви. Пристапив со смалени очекувања и пак не успеав да бидам нешто особено запрепастен освен од последниот дел на Act 1. Каде се тие јаките слоевити сајд-квестови што сите ги зборат?

Би почекал да земам поасален хардвер во моментот кога ќе стане достапен за купување, па тогаш да ја довршам. Иако се навикнав да ми изгледа така како што хардверов успева да ја прикаже, би сакал малце поубаво да личи и да не се претвора во слајдшоу кога ќе запне. Се надевам на пролет, ако и CDPR успеат да ја измазнат. Таман може Shadowlands во меѓувреме.