February 23, 2013

Втора шанса за DOTA 2

Поткрепена од Steam и развиена од Valvе (конечно на некој му текна да ги обезбеди правата за млатење пари), DOTA 2 е веќе одамна достапна за играње. DOTA 2 не само што е комерцијален апгејд на оргиналниот мод за WarCraft, туку и е солидно, модерно продолжение на истиот. Valve, без многу експериментирање успеа да направи одличен порт на сите оние ствари што ги сакавме и мразевме во оргиналната DotA. Механиката, мапата, хероите и останатото си добија модерно полирање, па така и играта е сериозен кандидат за нова глобална MOBA зараза (моментално местото во жанрот го држи League of Legends).


Периодов и дадов втора шанса. Првиот пат ме одби со двете едвај изиграни партии. Механиката колку и да ми е позната, има некои моменти кои се разликуваат од League of Legends. А, после три години играње (опсесивно играње во одредени денови) League of Legends, веќе се навикнуваш и забораваш на оргиналната DotA. За разлика од LoL, тука, барем на првите левели, партијата е сконцентрирана повеќе на тимски битки, отколку на стратегија која би обезбедила победа на тимот. Дури и со таа малку мана што ја има херојот за спеловите, се троши на противникот. Со оглед на тоа што LoL ме навикна дека со истите тие спелови можеш да фармаш и да спамуваш, имав мал проблем првите неколку партии. Тука има малку поинаква динамика, која станува прилично интересна од моментот кога ќе ја навикнеш.

Заедницата, од тоа што можев да видам, е океј. Можеби е до мојот почетнички левел, а може и стварно сите деца во пубертет влагаат на League of Legends. До сега не сретнав тим што се пцуе меѓу себе и ја посерува цела партија. Дури и ако некој се исклучи, има елегантно решение. Наместо да се чека 20-тата минута за да си ја завршиш партијата без пенали, тука е "безбедна за напуштање" по пет минути откако некој ќе излезе од играта (дисконектирање или плачипичкарско гасење).

Хероите се инаку истите од оргиналот, со некои ситни измени и нормално, ремоделирани. Мапата е одлично направена до најситен детал, а задржан е и духот на двете спротиставени страни. Се надевам кога League of Legends ќе имаат некој поголем апдејт, ќе размислат и за изгледот на моменталната мапа. DOTA 2 има одлична графика која мојов веќе уморен конфљуктор може да ја поддржи без некој сериозен лаг. 

Како тазе играч на DOTA 2, имам проблем и при избор на херој. Играв со некои што колку-толку ги памтам од оргиналот, но чим биле сменети и таму, било многу, многу одамна. Не знам ни билдови, ни што се може да ми направи противничкиот херој, а купувам и некои препорачани ајтеми од самата игра кои не верувам баш дека функцонираат најдобро. Се учи со тек на време, само што и немам баш кога. Сепак, League of Legends ми останува примарниот MOBA фикс. Пред некој месец играта имаше апдејт за кој што не стигнав да пишам. Фино е, си тераат напред како до сега и супер им оди.

February 22, 2013

Назад во Aзерoт (втор дел)

Нешто како продолжение на дискусијата за Cataclysm. Измеѓу е постот за првите впечатоци од Mists of Pandaria.


Деновите кога RIFT почна да замирисува на мрша, роденденскиот поклон од екипата од маало и колегите од работа ме врати назад на стари пороци. Веќе втор месец како играм World of Warcraft. Свеж старт на нов, солидно населен сервер (Draenor) и веќе привршувам со содржината од Cataclysm, барем со делот кој е доволен за да дојдам до континентот Пандарија. Изминативе месец и пол, ги видов повеќето промени кои сакав да ги видам (дали?) во стариот свет, како и новите зони кои дојдоа со експанзијата. Сега откако сум спремен за Mists of Pandaria, време е за краток осврт. 

Cataclysm е најслабата WoW експанзија. Не можам да кажам најлоша, бидејќи успеа да ме држи заинтересиран поголемиот дел од времето. Веројатно промените кои уште толку придонесоа за упропастувањето на заедницата и содржината која не вреди да биде платена како посебна експанзија и ја залепија етикетата на експанзијата како најлоша, меѓутоа и не е баш така. Барем јас можам да издвојам неколку незаборавни моменти кои и даваат поени на Cataclysm. Тука за прв пат квестањето се оддалечува од концептот на "убивање 10 свињи", квестовите се поинтерактивни и дури има и неколку незаборавни приказни, претставени и со феноменални синематици. Пример, доаѓањето во секоја од новите зони е проследено со епска дешавка која нема да остави ниту еден фан рамнодушен. 


Од зоните наменети за +80 левел, прва ја видов планината Hyjal. Местото е легендарно и игра битна улога во историјата на Warcraft. Пред неколку години на еден од приватните сервери имаа проработено некаква верзија од Hyjal каде што се фармаа некои и глупости, но ова е тука е баш тоа што одамна се чекало. Додека летав кон џиновскиот Nordrassil, го сретнав Deathwing и потоа следуваа серија квестови кои ги разјаснуваат стварите што се случиле таму. Дури и Malfurion е вратен од Emerald Dream, и ме изненади зошто не ни знаев за ова. Hyjal е точката каде што старата историја на Warcraft на некој начин се поврзува со тековните настани. Blizzard се мајстори за приказни и тука некаде ми докажаа дека дури и она што изгледа бесмислено, знаат како да го изведат за да биде добро. 


Oткако пројдов неколку денови таму, приказната ме однесе до Deepholm, огромна подземна пештерска зона исполнета со кристали. Мрачно и пусто место кое мислев дека брзо ќе го напуштам, се додека не стигнав до квестовите на бродот. Еден од најинтересните квестови што ги видов до сега во експанзијата. Да не се брзав за Uldum, ќе ги довршев и останатите приказни.

Uldum ми е дефинитивно омилената зона од Cataclysm. Целата зона е инспирирана од египетска митологија. Во Uldum се наоѓа и еден лик за кој завршив така поголем број квестови. Архелог е, и се вика Харисон Џонс! Да, тоа е тој и нуди една палета квестови кои може да се сместат во листата на најинтересни квестови од цела игра. Има еден куп Индијана Џонс референци кои лесно успеаа да го поткупат Инди фанот во мене. Сепак, не е толку безобразно како што звучи, приказната со Харисон Џонс си има стандарден WoW фазон. Имам уште квестови останати во Uldum кои ќе ги завршам откако ќе ја видам Пандарија. 


Две зони веројатно остануваат за во иднина. Vashj'ir е подводна зона од каде што избегав после десетина минути и веројатно ќе се вратам таму кога ќе немам апсолутно ништо друго за правење во играта (никогаш значи?). А, во Twilight Highlands само се прошетав и на 85-ти левел ги правев квестовите со кои го превземаш Dragonmaw Port. Ми изгледа крајно интересно, ама немам време. Викендов ако имам време за играње, сакам да ја видам Пандарија.

February 13, 2013

Новите DC: Batman #14 - #17

Со 17-тиот број, се заокружи големото враќање на Џокер во новиот универзум на DC, познато како Death of the Family. Бетмен конечно доби прилика да се соочи и тука со неговиот најголем душман, кој Капуло и Снајдер мајсторски го претставија во неговата најгрозоморна варијанта. Самото финале на оваа прилично тензична приказна, мене лично повеќе ме изнервира отколку било што друго. 

Замисли, градиш феноменален плот, го имаш можеби најболниот лик во историјата на стриповите (можеби мислам на Бетмен, можеби не) и шанса да направиш пресврт кој засекогаш ќе остави трага во стрипот. На крај, го ресетираш сето тоа во духот на старана Бетмен серија. Од онаа историска приказна што јас ја очекував, испадна класичен цртан филм. Сите шокантни моменти се испозаебаа на само неколку страни. Штета е кога таков потенцијал ќе ти падне во вода (pun intended).

Џокер, Пингвин, Ридлер, па дури и Мистер Фриз на едно место, Фамилијата (сите Робини, Бетгрл и Алфред) во длабоки лајна и ни малку муда за да "оштетиш" некој лик кој до сега упорно бил безбеден. Кога Фамилијата беше седната на маса со главите во завој и траги од крв, мислев дека тоа е тоа. Снајдер собрал храброст да ги сруши границите, да видиме уште еден R.I.P... Можеби и не е одлука на Снајдер, но секако требаше да биде нешто поголемо од "класична шега на Џокер". 

Врската помеѓу Бетмен и Џокер беше одлично разработена, но тоа мислам дека веќе и не е тешко да го склопиш квалитетно. Дури и тука имаше простор да се чепне нешто што до сега не сме го виделе, но и тоа беше "класична шега на Бетмен", нели? Сепак, се остава простор за Џокер, нормално, прерано е да отиде прерано, меѓутоа мислам дека приказнава имаше невиден потенцијал малку да ги размрда работите од шини. 

Доколку крајот беше таков каков што претпоставував, пардон, сите претпоставуваа, можеби и ќе ги читав поврзаните приказни од другите наслови. Вака, некако и ми нема поента, освен некогаш кога ќе ја ги проаѓам броевиве на Бетмен пак. Сега очекувам филери во следните број, два и се надевам за добра Ридлер приказна. Уште стојам на тоа дека Снајдер и Капуло се легендарен тим, и ете, не губам доверба. 

February 3, 2013

The Hobbit: An Unexpected Journey (2012)

Откако месец дена сочно ги пцуевме кината кај нас што не ни овозможија да го гледаме со останатиот нормален свет, ете го сега во двете од три (ако она во Рамстор уште може да се нарече кино, секако). Го гледав The Hobbit во Синеплекс, во сала која не беше којзнае колку поголема од онаа кај што го гледав Django Unchained пред две недели. Киното е супер, платното не изгледа како да јадел чичкото што ги пушта филмовите на него, седиштата се распоредени така што не може да ти сметаат големи глави пред тебе, а продаваат и начос со сомнително потекло. 

Излегов рамнодушен, за жал. Онака. Просечен филм што не ми направи разлика. А, кога ќе се земе во предвид дека и книгата е неколку класи под Lord of the Rings, не знам зошто воопшто очекував Питер Џексон дека ќе успее да ја повтори магијата. Како што вика Дамјан и нагласи да го цитирам, овој пат предизвикот беше една книга да ја развлечеш низ три филмови. Ќе се согласам и ќе додадам дека овој пат Питер Џексон развлекува книга која една иста формула ја користи многу, многу пати. Џуџињата и Билбо на секој чекор се соочуваат со некоја опасност (гоблини, орки, камени џинови, поларни мечки или службеници во банка кои те трујат за кредитот) која само што ќе ја пројдат, се вплеткуваат во нова. Добар дел од книгата е баш таков линеарен, па логично е и филмот да е таков.

Првите неколку минути се сериозно добри и ветувачки, додека Билбо не тргне на неговата, во случајов досадна акциона авантура. Во Lord of the Rings сите битки беа крајно импресивни, најмногу поради тоа што не беа толку чести како тука. Имаше време да се внесеш, да се соживееш со секој лик и да се грижиш за нив, иако веќе знаеш каков ќе биде исходот. Тука, со сите тие познати факти, не ти е баш многу гајле. Пак ќе кажам, динамиката на книгата е таква, но Питер Џексон не се потрудил многу да го ублажи тоа. Единствено место каде што текот на настаните зема здив е Riddles in the Dark, сцената во пештерата каде што Прстенот оди од Голум кај Билбо. На другиве им се допадна, а мене не ми беше ништо посебно.

Питер Џексон премногу се трудел филмот да го поврзе со претходните. Кадрите се кои се речиси идентични со оние во Lord of the Rings го губат сјајот после првите единаесет такви. Знаеме Питер дека ти ги режираше и дека приказната се случува во истиот свет, меѓутоа беа крајно исфорсирани. А, бев среќен кога Гилермо Дел Торо се повлече. Едноставно нема простор за да се оддалечиш од споредбите. Она што беше стварно добро пренесено е хуморот. Книгата е подетска, полабава од LotR и добро е што Питер Џексон успеал јасно да го потенцира тоа.

Она што крајно ме разочара е тоа што воопшто немам желба да го гледам пак. Веројатно следниот пат ќе биде некое маратонско гледање на сите три. Има уште за раскажување од книгата, така што еве, ќе дадам шанса да ме запрепасти следниот дел. Да не се разбереме погрешно, The Hobbit е забавен филм и солидно остварување, меѓутоа му фали магија и шарм.

А, и да. Саундтрекот на Хауард Шор е одличен.