Вчера влегов во кино шокиран од сознанието дека се поминати петнаесет години од Casino Royale. Толку долго Даниел Крег е Бонд. Џејмс Бонд. Тоа е многу подолго од ерата на Пирс Броснан што почна со GoldenEye во 1995. Сме остареле малку, а? Емоциите дополнително ми ги наштима и фактот што немав стапнато во кино скоро две години, па иако имав многу мали очекувања за No Time To Die, некако бев превозбуден дека сум пак раскомотен во тие црвените седишта.
На времето бев отпорен на Даниел Крег како наследник на мојот засекогаш омилен Пирс Броснан. Casino Royale ме премисли и ми создаде одлична прилика да го прифатам, а со секој нареден филм сѐ повеќе ме убедуваше во неговата компетентност. Освен Quantum of Solace, ми се свиѓаат сите Бондови на Даниел Крег. Додуша, никогаш не му ни дадов нова шанса, па ете си го живеам животот со истото мислење од 2008.
No Time To Die имаше многу чуден маркетинг. Создаде некоја неубава слика за тоа што навистина е. Го дрмаа контроверзии за некои избори што ги има направено во контекст на општествено-политичката слика која наводно ја црта, а со холивудската клима изминативе години и немаше да се зачудам доколку тргнеше по некој таков пат. Оттаму очекував до некоја мера да биде Star Trek: Picard на Бонд франшизата, а се изненадив колку не е. Дали исекле нешто во пост-продукција? Којзнае, а не е ни важно.
Да, додека Џејмс Бонд е пензиониран на почетокот од No Time To Die, силна независна црна жена ја носи 007 ознаката, меѓутоа не е онака интрузивно и беспотребно арогантно како што обично знае да биде во 2021. Во ниеден момент филмот не го спушта нивото на самиот Џејмс Бонд и не го "адаптира за модерните времиња". Има некои мали ситници со кои кокетира со публиката што е подготвена да го укине Бонд и неговата "токсична" природа, меѓутоа постои и баланс со кој неговиот лик останува недопрен.
Номи, освен тоа што е жртва на маркетингот за првиот црн женски 007, нема никаков значаен придонес кон приказната, и тоа е некако тажно. Само ги изложува лицемерните тенденции на денешните блокбастери и нивната упорна безидејност. Среќа, филмот го одржуваат многу позабавни ствари, па функционира феноменално покрај сите тие исфорсирани елементи кои наводно се присутни за да ја отсликаат денешницата.
Ерата на Даниел Крег за првпат воведе наратив кој се провлекува низ сите пет филмови. Иако сите опстојуваат самостојно, има некои нишки што се поврзуваат и сега конечно се затвораат во целосен круг со No Time To Die. Филмот е прошталното писмо на Бонд за оваа генерација и напорот за прописно да се заокружи оваа етапа е очигледен. Дури и во моментите кога сам си врши притисок да изнуди силни емоции од тебе. Функционира. Последните четири филмови упорно ја подвлекуваа таа човечка страна од вообичаено ладнокрвниот Бонд, па така и не можеш да си изненаден кога ќе направи некој чекор повеќе во таа насока.
Ако настојувале ова да биде On Her Majesty's Secret Service филмот на Даниел Крег ерата, можам да заклучам дека е успешно. Дури и повеќе од тој филм, затоа што имавме години и години да се приврземе за Крег, додека Џорџ Лејзенби со само еден филм не ми значи нешто премногу. Не дека е лош или нешто, ама замисли го On Her Majesty's Secret Service со Шон Конери. Океј, тоа е тема за друг ден.
Покрај тоа што No Time To Die емотивно го изложува Бонд, истовремено е и најголемиот акционен спектакл од сите пет. Баш како што е достојно за да се испрати актерот што петнаесет години ја носеше франшизата. Сцената што е пред да почне воведната Бонд песна е можеби една од најдобрите со која има отворено филм со Даниел Крег. Целото она бондовско е турнато до максимум и доведено до совршенство. Не дека е последен и сакале да "поголем и подобар", туку доколку има некоја книга за како се снимаат акциони Бонд сцени, No Time To Die ја следи најштреберски што може. И, баш така треба.
Што Бонд филм без Бонд негативец што претставува глобална закана? Реми Малек е супер, малку поумерен од сите што претходно се изнаредија во овие Даниел Крег филмови, ама прописно се вклопува во намената. Има моменти каде што потенцијалот на ликот не е целосно исцрпен, ама функционира доволно добро за го памтиме и кога Идрис Елба или кој и да е ќе биде следниот Џејмс Бонд. Мотивот му е стандарден како за Бонд негативец, така што не би можел да наоѓам замерки. Бонд треба да го спаси светот од нешто, нели?
Ми се свиѓа и како постепено ги враќаа сите потрадиционални Бонд елементи што некако отсустуваа за сметка на пореалистичниот стил на Casino Royal или Quantum of Solace. Бонд не е Бонд без гаџетите на Кју кои некогаш граничат со научна-фантастика. Обичен генерички акционен филм е. Пиу пиу. Мило ми е како суптилно ги протнуваа за прикладно да клапнат во посериозниот тон без да штрчат. Овде некогаш и буквално бодат очи.
Даниел Крег испадна одличен Бонд, ќе ми фали. Му се погодија и филмовите, да бидеме реални. No Time To Die достојно и џентлменски го испраќа во историјата. Петнаесет години еј, кога пројдоа. Не знам што е следно и кој е неговиот наследник, ама се надевам дека ќе направат добар избор достоен за франшиза што тера речиси шеесет години.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment