November 10, 2021

Тапа е New World

Што фина беше таа илузија пред некој месец дека ќе играме нов саглам MMORPG наслов. Уште поубави беа тие првите денови со New World кога и покрај проблемите што ги имаше играта не останав рамнодушен на тој свеж мирис. Од тогаш не пројде ни месец и пол, а ја немам ни упалено играта повеќе од една недела. Ако ги пратиш драмите супер, ако не еве накратко ќе пробам да доловам што се случи во меѓувреме. 
 
Играчи најдоа багови што ја кршат цела игра. Од такви преку кои можеш да си го дуплираш златото и да ја оштетиш економијата во играта на која се потпира голем дел од нејзината механика, до такви каде што ако во среде тепачка го мрдаш прозорот на играта, никој и ништо не може да те оштети. Најаматерски на светот, Amazon Game Studios одлучиле такви круцијални податоци да се чуваат и обработуваат на клиентска страна, онака на изволте за експлоатирање. Ама, не ти се криви играчите. Бар не целосно. 
 
 
Ако постои нешто во играта што може да се злоупотребува за сопствена корист, секогаш ќе има такви играчи што ќе го најдат. Проблемот е како компанија со вакво педигре си има дозволено вакви бизарни, несмасни пропусти и фалинки. Не завршува тука. Во моментот кога се обидоа да ги санираат овие глупости, создадоа низа нови. Потоа испливаа уште куп други работи на површина. Оружјата што не функционираат како што треба или како што пишува на нив се можеби една од посериозните. Игра што воглавно се потпира на тепачки меѓу играчи и нивна интеракција не смее да ги промаши овие работи.

Меѓутоа, тоа не е главната причина поради која што ја одмарам New World до некои подобри денови. Се разбира, ако играта воопшто преживее за да дочека подобри денови. Добар дел од баговите веќе се поправени, ама она што во моментов сум сигурен дека нема толку експедитивно да добие внимание е содржината. New World не е лоша како идеја, далеку од тоа. Само што главна мака со играта ми е моменталната досадна и репетитивна содржина, најмногу во естетскиот дел. Тоа за жал, невозможно е да го приметиш во првата недела и кусур додека си бркаш работа во една или две зони.

Откако ќе излезеш од тие, ти станува јасно дека цело време е едното исто. Ми останаа уште десет левели до максимумот и веќе ми се смачи да ги тепам истите волци, костури и зомбија, само скалирани соодветно за зоната во која се наоѓам. Не можам да ги гледам истите градби, идентичната архитектура и да ги правам истите мрзливи квестови пак и пак и пак. Истото што си го видел на почеток ќе го гледаш до крај. Ниедна од зоните нема различна приказна, визуелен идентитет или некаков уникатен печат. Ова е нешто што би го очекувал од алфа верзија. Срамота е да е волку шупливо во наводно целосна верзија на игра. 

За жал, не верувам дека ќе успеат да го поправат тоа. Можеби еден ден ќе се разбудиме во New World каде што во две различни зони има различни непријатели, ама се сомневам. Најавуваат некои ситни апдејти со нови непријатели, оружја и некои други ситници на тест-сервери. Неофицијално се токмат и шест нови данџни, една целосно нова зона, различни оружја и некои други ситници, само што мислам дека и тоа нема да биде доволно да го поправи целиот впечаток или да му даде разновидност на левелирачкото искуство.

Играчите нема да седат долго. Ете, од скоро милион пред еден месец сега има едвај 150 илјади логирани во ист момент. Предвидувам дека до крајот на годинава ќе има помалку од 100 илјади. Серверите на кои се чекаше редица со саати за да влезеш сега се пусти и ќе се спојуваат. Нормално е популацијата да опадне после првите денови, со секое MMORPG се случува тоа, ама овде некако нагло од тоа што обично го приметувам и не знам како Amazon ќе си ја подобрат репутацијата за да си ја вратат и задржат публиката.

Забавно беше додека беше. Месец дена душата ѝ ја извадив. Не се каам, само што веќе не можам да ја препорачам. Веројатно подобра опција ти е моменталната World of Warcraft. Сигурен сум дека ќе извадиш далеку позабавни саати ако почнеш од нула до Shadowlands. Сепак, ако сакаш да си сечеш дрва, да копаш руда и да ги тепаш истите волци цело време - забавно е. Мене ми треба поголема разновидност за MMORPG да ме држи заинтересиран. 
 
Играм Red Dead Redemption 2 во моментов. Првпат до сега и прејака ми е. Ама, знам дека пак ќе ми се приигра MMORPG сега кога ќе зазими, па може ќе си продолжам со Guild Wars 2 или во најочаен случај со WoW. Алтови ќе левелирам ако треба. Ќе имаат некаков ивент по повод 17 годишнина, па ете причина за да се логирам и да кенкам како е тапа.

Во секој случај, уште верувам дека има шанси да се спаси New World. Камо среќа ако испадне побрзо. Покрај овие глупости има огромен потенцијал да биде тоа што мислев дека ќе биде. Компанија како Amazon има ресурси за брзо да се извлече оваа катастрофа, ама па од друга страна имаат и историја со игри што ги изгасиле преку ноќ. За жал, Ashes of Creation е уште далеку од објавување, а после ова фијаско со New World, којзнае и на тие дали може да им се верува.

No comments: