November 24, 2012

Шест години Crapwerk

Crapwerk се довлчека до шестата година. Со оглед на тоа што годинава имам сериозни обврски кои ме спречуваат да пишувам почесто, изборот на постови напишани од лани е значително помал. Да не ја кршам традицијата, ете ги, поделени во категории. 


Филмови и серии

RIFT и World of Warcraft

И, уште игри..

Стрипови

November 20, 2012

Looper (2012)

Looper изгледаше фино на трејлерот, и одма да кажам - сосема океј филм е. Брус Вилис може да си допише уште еден лабав СФ на списокот. 12 Monkeys нема да го сместам во оваа категорија зошто воопшто не е лабав и е едно 12 класи погоре. А, Џозеф Гордон-Левит со уште една улога докажа колку е способен. Сериозно, кој очекуваше дека копиљот од Третиот Камен од Сонцето ќе може да се носи и со поголеми улоги? Спојлери подоле.

Looper е во суштина акционен трилер, со класична СФ подлога - патување низ време. Мојата омилена тема, експлоатирана до бескрај и изведена на милион начини. Многу пати со различен пристап, теории и парадокси кои исто така причинуваат и дупки во приказните. Енивеј, ќе дојдам и до тоа, ако не заборавам зошто уште седум пати ќе ме прекинат додека го пишувам ова.

Значи, во 2044 патувањето низ време не е измислено. 30 години подоцна е, меѓутоа веднаш е забрането и се користи незаконски. Логично (најверојатно не), забранетата технологија ја користи мафијата! И, тоа не за да ги прави секојдневните мафијашки работи, туку испраќа луѓе во 2044 за да ги упукаат платените убијци познати како "лупери" (добро, како да ги пишам?). Бидејќи нели, во таа иднина те следат до тој степен што ако мафијата сака да се ослободи од твоето тело, ќе мора да те прати во минатото за да застрелаат. Океј, ќе поминеме низ ова, океј? Океј. 

Некој од иднината решава да се ослободи од луперите, со тоа што ќе ги прати во минатото да се убијат сами себе. Сериозно? Сами себе? Зошто? Океј. И, нормално, старата верзија на Џо е Брус Вилис кој и не планира туку така да биде убиен. О, не. Планира да го најде типот од иднината што ги нарачува овие ствари и да му пружи класичен Брус Вилис третман додека е сеуште дете. Океј, доколку некој воопшто стигнал до тука со читање, ќе претпоставам дека го гледал филмот и нема потреба да го раскажувам, нели? Филмот е океј. Онака, во духот на постарите СФ филмови, баш какви што фалат. Без многу ефекти, со некаква СФ приказна, па макар и полна со дупки. Мислам, веројатно стварите околу патување низ време си функционираат така како што функционираат во рамките на универзумот на делото. Секој може да се исфура теорија каква што сака, и освен ако не е крајно забегана, често испаѓа океј.

Ме изненади колку добро изгледаше Џозеф Гордон како млад Брус Вилис. Што ти прави добар мејкап артист и гледање филмови со Брус Вилис со недели. Изразите на лицето, гестовите... погодено таман. Сепак, не колку Џош Бролин во Man in Black 3, зошто Бролин е далеку подобар актер од Џозеф Гордон-Левит.

Еј, да. Единствена непотребна работа во цел филм беше онаа глупост со телекинезата. Зошто? Сериозно, зошто? Ајде океј, голтнав многу ствари, ама ова беше стварно не за тука. Јасно ми е дека сакале малиот да го претстават како некој што би пораснал во гнасен негативец и се појебава со луперите во иднината, ама телекинеза бе? Мутација? Луѓето стануваат мутанти со телекинеза? Не, не. Не. Другото како што кажав - океј. Подобар од Total Recall со Колин Ферел. Тоа го изгасив после неколку минути и го избришав.

November 18, 2012

36-та Комора: Вовед во Кунг Фу филмови

Последниве месеци се навлеков на уште еден шкарт жанр - стари Кунг Фу филмови од 70-ти и 80-ти. И, тоа не од оние со Брус Ли, туку оние што во (мислам дека ги викаа) видеотеки пред 15 години можеа да се најдат во задниот рафт на "Карате" одделот. Изгледав доволно многу за да можам да напишам асална серија постови, меѓутоа не доволно за да го одмаздам селото.

Ги гледав скоро сите филмови што важат за најквалитетни во жанрот. Знам чии филмови се најдобри, кои актери имаат силно Кунг Фу, кои гласови ги синхронизираат и кој колку пати го убил Паи Меи. Кога ќе видиш, сите се правени по истата формула. Одмазда, забегана кореографија на борби, Шаолин, уникатен негативец и сценарио во кое најпрво се мери вербалната сила пред некој да наебе.


Најквалитетните (ова е крајно дискутабилно, меѓутоа зависи како ги гледаш) филмови доаѓаат од Shaw Brothers Studio. Кога ќе видиш дека филмот што едвај си го нашол за да го симнеш има SB лого на почетокот, знаеш дека ќе е добар. Уште ако е со Гордон Лу, тоа е тоа. И, ако негативецот е Ло Ли - ти веќе го гледаш најдобриот Кунг Фу филм во живот. Нормално, додека не го изгледаш следниот од истата екипа.

Друга битна работа е дејството да е некако поврзано со Шаолин храмот. Доколку не е, тогаш добар дел од филмот се одвива на истиот рид каде што се снимени сите овие филмови. Дури и во тие со Шаолин, сигурно има некоја пресметка на ридот. Тоа е тоа место, и таа е таа сува трева каде што двајца Кунг Фу мајстори глумат дека се тепаат. Бонус поени доколку е очигледно дека не се ни допираат со ударите. 

Сепак, ништо, ама апсолутно ништо не ја заменува англиската надсинхронизација. Ништо не е вредно колку тие гласови. Некои морав да ги гледам и на кинески, со превод, и го нема тој шмек. Значи, строго со англиска синхронизација и VHS рип. Ремастеризираните верзии на тие култни наслови не се ништо во споредба со оргиналите. Голем дел ги има и на ЈуТјуб. 

Филмовите и актерите ќе си добијат посебен третман во идните постови на оваа тема. Во меѓувреме, задолжително да се проверат следниве наслови: The 36th Chamber of Shaolin, Clan of the White Lotus, Eight Diagram Pole Fighter, Shaolin VS Wu-Tang и Executioners from Shaolin.

November 3, 2012

Star Wars Парастос

Често пати сум дискутирал околу тоа што ќе се случи со Star Wars откако ќе го нема Лукас. Одговорот на тоа прашање деновиве го добив како колено во јајца. Неоспорен факт е дека брендот носи пари, многу пари, и едноставно не може тоа туку така да сопре. Лукас со изговор дека сака да ја предаде франшизата на помлади бизнисмени, ја шитна на Дизни. Со тоа, Star Wars од едни алчни раце, отиде во други, познати исто така по молзење на продукти. Само што не знам дали има нешто останато да се молзи од Star Wars, така што ова ќе се сведе на цедење. 


За да биде уште потрагично, најавен е нов филм за 2015. Episode VII. Единствено полошо од ова е ремастеризирана верзија на Empire Strikes Back каде што полудениот Чубака ги силува Хан Соло, R2-D2 и Jar Jar во мочуриштето на Дегоба. Во исто време. Најавата за нов филм немаше да биде таква каква што е, да не беа милионите фанови кои година дена претходно ќе кампуваат пред кината низ САД да видат за што станува збор. Мислам сериозно, профит настрана ова е веќе некрофилија. Толку ли никој нема идеја за нешто свежо што ќе може да носи пари? 

Дизни се ѓубриња. За секоја глупост како Star Wars Detours, имаат продолжение на Кралот Лав. И не, TRON: Legacy не е никаков аргумент дека ќе го однесат Star Wars во добра насока. А, што е исто така страшно е што и Индијана Џонс е сега под нивна контрола. Прашање на време е кога ќе најават римејк или продолжение со некој шупак од актер што ќе го носи шеширот и камшикот.

Гласините кажуваат дека следното продолжение на Star Wars (уште не ми се верува дека пишувам за следно продолжение) ќе се бави со сосема друга приказна и ликови. Што значи, никогаш нема да видиме екранизирана верзија на The Force Unleashed. А, за Dark Empire е предоцна. И, да, филмовите нема да сопрат со Episode VII.