Се изложив на Suicide Squad. Не можам да речам дека беше најпријатното доживување на светот, но ќе заклучам дека може да извлечеш некаква ситна забава од гледањето. Ако, нели, ти е забавно да гледаш како Warner Bros. гребеле по подот во некоја темна соба за монтажа обидувајќи се да го скрпат следниот Deadpool или Guardians of the Galaxy. Освен тоа што Suicide Squad ме остави со киселини во желудникот, ми отвори еден куп прашања кои можеби никогаш нема да бидат одговорени. Сепак, има такви чиј одговор е полесен, па се надевам дека ќе придонесат кон создавање слика за овој двочасовен кластефак. Следуваат спојлери, нормално.
Што е Suicide Squad?
Suicide Squad е видео колекција од кратки сцени базирани на ликови од истоимениот стрип на DC Comics кои не успеваат да се поврзат во кохерентна целина. Suicide Squad е исто неофицијалното име на бордот директори во DC и Warner Bros. кои мислат дека нивната визија е подобра од онаа на најмениот режисер.
Да, хаха, океј. Ама, што е приказната?
Повеќе е идеја отколку приказна, но ајде. Тајна владина служба собира специфична група на озогласени затвореници во тим кој би вршел валкани задачи. Исто така тајно. Во овој случај собрани се за да би се
справиле со "следниот Супермен" кој можеби и не би бил толку пријателски
расположен како Кал-Ел. Секој од нив има лична причина зошто е дел од тимот, во главно за да добијат некои бенефиции кои им се одземени во нечовечките услови под кои се држени во затвор. Имаат и чипови во нив кои би ги убиле доколку решат да избегаат или да не послушаат задача.
Ха, интересно! Сигурно имат различни супермоќи и затоа се посебни. Зошто се собрани, која е нивната мисија тука?
Па, не. Тројца имаат супермоќи и тоа само ако физичка деформација која те прави да изгледаш како крокодил е супермоќ. Останатите се криминалци со вештини за кои не сум сигурен дека се покорисни од било која добро обучена армија која е на располагање на истите луѓе кои го оформуваат тимот. Има ментално предизвикана девојка со бејзбол палка и тип со бумеранг. Треба да се справат со член на нивниот тим кој исто така е древна интердимензионална вештерка позната како Енчантрес, го опседнува телото на Кара Делеватевр откако паметната госпоѓица археолог намерно ќе скрши артефакт во пештера и сега сака да го освои светот.
Зошто побогу имаат интердимензионална вештерка во тимот? Зошто нема и она чип кој ќе ја експлодира ако сака да го освои светот?!
Не знам, не сум баш сигурен. Зошто му е девојка на еден од луѓето кои го формираат тимот и требаше да внимава на нив? Не знам, еве. Веројатно на тој дел од филмот се обидував да најдам смисла во флешбеците кои го отежнуваа следењето на и онака глупавиот наратив. Мислам дека не ни имаше чип. Имаше срце во кутија кое ако го прободеш би требало да умре. Типична интердимензионална вештерка...
И, Харли Квин се бори против неа со бејзбол палка? Интердимензионална вештерка звучи доволно натприродно! Што ќе направи Харли Квин со бејзбол палка против интердимензионална вештерка?
Нели? Oчигледно не можеле да најдат негативец што ќе биде прилагоден на вештините на тимот за да има логика. Харли Квин со палката удира по армијата на Енчантрес составена од камени (?) црни фигури кои биле обични луѓе пред да ги баци во уста. Очигледно дрво крши камен или што и да е тоа, дури и откако некој лик ќе каже дека армијата може да преживее и доколку е обезглавена. Не е баш јасно, знам. Енчантрес не е ни доволно занимлив негативец за да ти биде грижа.
Значи, претежно е акционен и насилен филм?
Ако десетина минути пукање во црни каменоидни човечиња е акција, тогаш да, секако има акција и насилство.
Спомна флешбеци. Какви флешбеци? Како во Deadpool?
Не. Флешбеци кои веројатно некогаш биле цели долги сцени кои ја објаснуваат позадината на ликовите, а сега се расцепкани и расфрлани низ два саати. Фалат сцени во филмот што ги имало во трејлерите, не памтам кои точно. Во обид Suicide Squad да се направи повеќе како Marvel филм, измонтиран е слично. Но, разлика од Deadpool кој е така концепиран како и финалниот производ, ова овде е калакурница.
Ах. Бар има ли смешки?
Не. Барем не намерно. Нешто доснимуваа пролетоска откако тест публиката заклучила дека е мрачен филм, ама не видов ништо од тоа. Но, ќе се насмееш сигурно на глумата на одредени актери. Или манекенки што се обидуваат да глумат. Имаат ставено весели песнички во некои сцени во обид да ги "разведрат", меѓутоа ефектот е како да ја измонтираш "Хакуна Матата" на сцена каде што тоне Титаник.
Па, добро. Колку може да е смешен филм со Бетмен и Џокер, нели?
Уф... во врска со тоа...
Што?!
Бетмен го има помалку од газот на Марго Роби. Сцените се доснимени откако добар дел од светот го прифати Бен Афлек како Бетмен. Џокер го има некои десетина минути во тие расфрланите флешбеци и едвај придонесува за приказната. Тие три секунди со Бетмен имаат многу повеќе смисла од сите каде што е Џаред Лето.
Каков е Џаред Лето како Џокер?
Па... има зелена коса. Во главно, лош. Не ме убеди дека е Џокер или едноставно немаше време. Не само што не се осеќа дека ликот е Џокер, туку сцените со него и Харли Квин се премногу кратки и лошо измонтирани измеѓу други за да осетиш било каква врска меѓу двајцата. Пет секунди се возат со кола, пет пробува да ја пимпа на некоја рендом бараба, од непознати причини ја дрма со електрошокови и има една кај што ја фрла во хемикалии. Можеби присуството на Џокер имало некаква поента во некоја рана верзија на филмот. Тука не прави никаква разлика.
Аман, има ли нешто добро во филмов воопшто?
Малку. Има една забавна сцена при крај кога цел тим креваат раце и си седнуваат во празен бар да дрмнат некоја чашка. Тука првпат тимот се осеќа како тим и ти станува јасно каква пропуштена шанса е ова. Не сум фан на стрипот, ама сигурен сум дека некој можеби цел живот чекал да го види ова адаптирано и добил филмски еквивалент на клоца во јајца. Вил Смит е океј. Ете, ова не верував дека ќе го кажам, ама изгледа како да му е забавно. Харли Квин е исто кул, но дефинитивно не функционира со целиот потенцијал во срање како ова.
Хехе, ама добра е Харли за гледање, а?
Леле океј, колку години имаш?
Добро и сега што е следно од DC? Мислиш дека ова е лекцијата што ќе им ги оправи следните филмови?
Не знам. Нели лекцијата требаше да биде Dawn of Justice? Возбуден сум за Justice League и покрај овој хаос. Ако дозволат комплетна креативна слобода и последен збор од луѓето што ги режираат филмовите, можеби и ќе испадне океј. Едно е да влијаеш со идеи од бизнис перспектива и да се трудиш да си конкурентен, но друго е кога во паника касапиш снимен материјал и го претвараш во долг трејлер. Не е кул тоа. Ружно е.
No comments:
Post a Comment