Ме запрепастува фактот што постои генерација гејмери која ја има прескокнато Warcraft III: Reign of Chaos и нејзината експанзија The Frozen Throne. Скоро возрасна генерација што клика DotA и World of Warcraft и никогаш немала контакт со оваа RTS култна класика. Уште побизарно ми е тоа што се поминати шестнаесет години од играта, а кристално јасно ги памтам деновите кога првпат ја инсталирав и чекав да ми заврши последниот школски час и да трчам дома да ја играм.
Еден од мотивите на Blizzard со кои сакаат да нè убедат дека Warcraft III: Reforged е повеќе од лесни брзи пари е баш тој, да се понудат раните приказни на ликовите и настаните кои многумина ги запознале преку World of Warcraft. А, кога си имаш работа со и повозрасна публика, поедноставно е да ја претвориш нивната носталгија во лукративен бизнис. Јас немам никаков проблем со ова. Ремастеризирана, исполирана и модернизирана верзија на Warcraft III која визуелно не отскокнува многу од оргиналот? Повелете, ова е бројот на мојата кредитна картичка, Blizzard.
Warcraft III: Reforged ќе ја содржи основната Reign of Chaos заедно со The Frozen Throne експанзијата. Ќе биде достапна на Battle.net платформата и што е најјако, мултиплеерот ќе биде компатибилен и со оргиналната верзија на играта. Така што Warcraft III пуристите што уште не можат да се откачат од старата графика (која патем одлично се држи и денес, барем за мои стандарди) ќе можат да се млатат со играчи што ја поседуваат Reforged.
Од видеата што излегоа до сега може да се забележи дека играта изгледа одлично и комплетно е задржан духот и покрај тоа што моделите и мапите се значително освежени и наштелувани. Не е како другите "ремастеризации" на други слични класични RTS игри каде што освен резолуцијата, останатото изгледа потполно идентично. Blizzard дури и комплетно ги имаат преснимено сите синматици и гласови.
Веројатно никогаш нема да дочекаме Warcraft IV и тоа ми е јасно. Изговорот е дека приказна во Warcraft IV не може да коегзистира паралелно со постојаниот прогрес на World of Warcraft фолклорот, меѓутоа верувам дека ако некогаш се случи вистинска RTS ренесанса, Blizzard ќе се први со нов наслов. До тогаш ова ќе функционира за мене. И, онака повремено знам да седнам и да изиграм некој Warcraft III skirmish, па ова топло ќе го пречекам.
Warcraft III никогаш не остаре за мене, ама би сакал да ја видам дотерана. Секако, ќе има и опција за модирање, па едвај чекам да видам што сè заедницата ќе успее да изгради врз енџинот. Играта веќе може да се нарача од официјалниот сајт на Blizzard. Уште нема точен датум кога ќе биде достапна, но се очекува до крајот на 2019. Некои видеа за крај:
No comments:
Post a Comment