Некаде околу годишнината од моментот кога Blizzard решија да го отштекаат приватниот сервер Nostalrius засекогаш, неколку другари ми пристапија со понуда за "враќање на Bанила World of Wacraft" на Elysium. Зошто сум мала кучка што никогаш не може да рече не на WoW (освен ако е Legion или некоја глупава експанзија), сè што ми требаше тие неколку минути покасно, е да направам акаунт и да сменам realmlist на 1.12 верзијата. Да, во секое време располагам со различни верзии на играта само за вакви пригоди.
Elysium е исто така приватен сервер кој ја позајми базата од затворениот Nostalrius. Теоретски, има(ше) опција за трансфер на избрканите карактери од Nostalrius, меѓутоа таа опција никогаш не профункционира за мене. Покрај тоа, другарчињата не се баш пријателски настроени кон Алијансата, а зошто сакав пак да играм WoW со луѓе што ги познавам лично и со дел сме играле на Времето™, мојот драг Гном со смешни бркови мораше да биде жртвуван и да направи место за малку помрачна раса.
Анита, Јанев, Горгон, јас и Маке, бидуваме позери
Серверот е отприлика она што беше Nostalrius, барем во однос на квалитетот на емулацијата. Има значително помалку луѓе, дел се на други сервери, а дел исплашени од долгата рака на Blizzard која повремено решава да посегне по ентузијасти кои никако не штетат на нивниот бизнис, па се држат настрана од вложување во нешто што еден ден може ненајавено да престане да постои. Но, јас имам поминато години и години во пиратски Азерот и немам проблем кога ќе дојдат лошите чичковци од Blizzard и ќе нè растераат на клоци. Нека трае колку што ќе трае, секогаш ми e забавно.
Elisium има неколку серверски инстанци, а откако отворија посебно место за бегалците од Nostalrius, серверот почна со класична прогресија на содржината. Таму каде што сме ние, на истоимената инстанца, содржината е стасана некаде пред 1.6 печот, значи летово треба да го отворат Blackwing Lair рејдот. Со темпото со кое левелираме ние пет луѓе, веројатно нема да стигнеме да сме едни од првите што ќе стапнат, но еј, ако е серверот присутен за Ahn'Qiraj во 2018, тврдам дека сум прв што ќе се стрча накај Силитус. Шала на страна, добри сме. Со оглед на тоа што јас иако последен почнав сум прв со левел, тројца левелираат заедно цело време, еден упорно забушава, а двајца уште "не знаат дали ќе продолжат", успеавме да стигнеме некаде околу 30-ка. Тоа е пола пат.
Култниот квест Lost in Battle
Хордашките зони ми се одамна здосадени. Повеќето квестови ги знам по име, знам точно каде се наоѓаат, што не беше случај кога играв Алијанса на Nostalrius, ама ми е крајно интересно, зошто ако не сум со моиве луѓе, наоѓам некоја друга група со која исто можам да си ја разгорам носталгијата. Што веќе мислам дека не е ни носталгија, зошто веќе од лани успеав да си ја наметнам оваа верзија на WoW како примарна. Но, тука е легендарниот "Barrens Chat" кој после години го гледам повторно во неговото вистинско светло. Иако денес не постои на оргиналните сервери зошто никогаш нема доволно луѓе во таа зона, овде живее и цвета. Заедницата секојдневно се труди и успева да ја одржи неговата репутација како најгнасното место на интернет. Пробај да прашаш каде е жена му на Манкрик, еве.
Не знам која е иднината на Elysium, ама ќе сум тука додека имам екипа за играње и секако додека серверот успева да заобиколи судир со адвокатите на Blizzard. Но, со оглед на тоа што не е толку популарен како Nostalrius и веројатно научија лекција дека треба да го држат хардверот во земја каде што Blizzard нема право да тужи, мислам дека ќе е тука уште некое време. Секако, имаше и некои интерни драми помеѓу девелоперите кога дел од нив пробувале да продаваат дрангулии за вистински пари кои мислам дека се завршени, а и да не се, не е битно сè додека можам да си го добијам WoW фиксот кој ми е потребен. Наскоро, кога ќе се одлучиме за име, ќе формираме и гилд, па сите заинтересирани може да ни се приклучат.
No comments:
Post a Comment