April 9, 2016

Вовсталгија: Збогум Носталриус

Изминативе неколку месеци имав прилика да пројдам низ легендарните Ванила денови на World of Warcraft. Започнав и серијалче постови чија намера беше да ги архивира авантурите на мојот Гном Мејџ со најкреативното име на интернет - Gnomewerk. Денес, за жал, сум тука за да го соопштам прераниот крај на патувањата на Gnomewerk. Nostalrius, серверот кај што играв и опслужуваше Ванила WoW верзија со околу десетина илјади играчи во исто време, веќе неколку денови се соочува со тужбите на Blizzard

Утре заминува во историјата како најдобриот приватен сервер што некогаш постоел. Барем според моето искуство и она на десетици илјади други играчи кои моментално се дел разбеснетата толпа која ги вперува средните прсти кон Blizzard. Nostalrius функционираше волонтерски. Администраторите не брцаа безобразно во џебовите на играчите, немаше привилегии за оние што донирале како на многу други приватни сервери, туку секоја донација одеше директно на хостинг компанијата. Тимот ентузијасти зад серверот, нема ни долар нелегална заработка.


Секако, не е легално да имаш приватен World of Warcraft сервер. Целата интелектуална сопственост e на Blizzard, се чувствуваат финансиски оштетени и веројатно е логичниот чекор кој го превземаат, но ајде да разгледаме една друга страна и да побараме некоја сива територија. Интелектуалната сопственост е нивна, точно. Финански се можеби минимално оштетени, но тоа е минимално со оглед на тоа колкава е заработката од нивните игри. Дали сакам да кажам дека треба да се простат од пари за сопствениот труд кои би можеле да завршат во нивниот џеб наместо во туѓ? Не баш.

Blizzard никогаш не биле сериозно загорзени од приватни сервери. Напротив, во екот на популарноста на WoW, приватните сервери им беа бесплатна реклама. Лично јас, а познавам и најмалку десетина луѓе кои го направија истото, почнав да им плаќам на Blizzard за WoW баш поради тоа што тие сервери тогаш имаа некоја осакатена верзија од играта. Верувам дека многу луѓе станале нивни потрошувачи по такво искуство, со што веројатно некако е избаласирана таа "финансиска загуба". Можеби "грешката" на Nostalrius беше тоа што ја понуди најпрецизната емулација на играта и тоа со играчи кои немаат желба да ја играат моменталната официјална WoW.


Последните две експанзии на WoW се тешки за "приватно" скриптирање, ретко кој би се нафатил на таква програмерска одисеја, а не се ни толку популарни кај публиката. Главната причина поради која постојат приватни сервери е тоа дека опслужуваат верзија на играта која одамна не постои на легален Blizzard сервер. Играчите со години ги молат Blizzard да овозможат официјална Ванила, The Burning Crusade или Wrath of the Lich King, но никој не ги слушнал до сега. Добар дел од тие што играат на вакви сервери, би платиле за тоа наместо за сингл-плеер Гарнизон. И јас сум еден од нив. 

Играв на Nostalrius зошто тоа искуство што го пружаше серверот веќе не е достапно на Blizzard. Nostalrius ја имаше најпријателската заедница што воопшто сум ја видел во World of Warcraft, светот беше преполн и жив, а целото искуство дефиницијата за MMORPG. Ниту моменталната WoW, ниту било која друга слична игра што сум ја играл последниве две-три години не го достигнала ова. Затоа ми е криво. Жал ми е за она што Nostalrius го планираа следниве месеци, како отварањето на Ahn'Qiraj, легендарен настан од историјата на WoW што го имам пропуштено на времето. Жал ми е и за гилдот, за сите оние со кои играв и си помагав последниве месеци.


Најинтересното од целава пиздарија е како се разгневија играчите. Се води остра анти-Blizzard кампања, некои ја откажуваат претплатата, други и нарачаните копии на Legion. Поддршката доаѓа и од оние играчи кои никогаш не ни играле на пиратски сервер. Некои дури и сега дознаа дека наместо да ја играат досадната Warlords of Draenor, можеле да играат верзија на играта од најдобрите денови и тоа бесплатно или со симболична донација по желба.

Не е првпат Blizzard да затвораат и тужат приватни сервери, но првпат се случува да реагираат на сервери хостирани во Европа. Nostalrius достигна популарност која очигледно не можеле повеќе да ја игнорираат. Постојат уште неколку приватни сервери кои уживаат фина репутација каде што дел од играчите ќе го најдат новиот дом, но колкав е нивниот рок на траење ако раката на Blizzard може да стига подалеку од било кога? Еден од најочекуваните приватни сервери, PlayTBC, кој ќе отвори на 14-ти април, деновиве го префрли хостингот во Русија со надеж дека адвокатите на Blizzard нема да стапнат таму. Претпоставувам дека и другите ќе го следат нивниот пример.


Доколку успеам да се организирам со пријателчињата од гилдот, ќе пробам пак да почнам да играм некаде со надеж дека нема и тоа да заврши вака неславно. Nostalrius ветија дека ќе го отворат кодот и ја споделат базата со јавноста за секој да можел да крене своја инстанца од серверот, па се надевам дека ќе се најде јунак што ќе овозможи карактерите да бидат префрлени на некое безбедно место. Си го сакам Гномот, штета ако отиде вака премлад засекогаш. Едвај беше 35 левел. 

Има и петиција до Blizzard која веројатно нема да смени ништо, но можеби ќе им посочи некои ствари кои упорно ги премижуваат. Како на пример отварањето на сопствени сервери со стари експанзии и помалку серење по моменталната верзија на играта. Ако се расположени, можеби некогаш работите во иднина ќе бидат поинакви. За крај, еве линк до AmA со еден од администраторите на Nostalrius на официјалниот WoW сабредит. И, едно од видеата со кои играчите се простуваат со серверот.

No comments: