Првата реакција кога ја најавија серијата ми беше една длабока воздишка проследена со зевање. Зошто Сол? Мислам, да, повеќето го сакаме ликот, согласни сме дека беше еден од најдобрите во Breaking Bad, ама зошто? Дали навистина неговата приказна заслужува да биде вака раскажана, и дали сме воопшто спремни да ја прифатиме? Мене главниот сомнеж за Better Call Saul ми доаѓаше баш поради ова. Дали е само лесен начин да се искешира нешто додека Breaking Bad громот сè уште одекнува низ етерот, или Винс Гилиган има потешкотии да пушти и да продолжи понтаму?
Една работа е повеќе од очигледна, серијата успева да се потпре на цврстите темели на Breaking Bad. Генералниот осет е задржан, и тоа не само продукциски. Стварите со кои се занимава Better Call Saul ја потврдуваат кохезијата со светот кој е одамна поставен. И, уште едно прашање во воздух пред да почнам да се расфрлам со (мали) спојлери. Како ќе функционира серијата за оние кои никогаш не биле во допир со оргиналното дело? Не можам да сум објективен и да ја одвојам од целиот тој универзум, па затоа ме занима.
"Што узнемираваш на овај број?"
Better Call Saul е воглавно приквел на Breaking Bad. Да, го гледаме Сол како живее во некакво бегство после Волтер Вајт, меѓутоа серијата е фокусирана на годините претходно. Кога Сол уште е сиромашен адвокат без глупави реклами на телевизија, се обидува да се држи настрана од криминал и не "познава луѓе". Едвај се познава и со Мајк, кој моментално работи на паркингот на судот. Еј, дури и не е ни познат како Сол Гудман, туку го користи вистинското име, Џејмс МекГил. Но, адвокатските вештини и големата уста (не е исто тоа?), му се доволно добри за да може да ја оправдаме состојбата на оној лик кој го запознавме во Breaking Bad. Уште во втората епизода, успеа да спаси двајца копиљаци од социопатот Туко, кој и тука е отприлика истата бараба што ја знаеме. Сол веќе успеа да се вплетка со него и неговите луѓе, што значи дека трансформацијата од Џими во човекот што може да те "испрати во Белизе" ќе ја видиме многу побргу.
Покрај познати ликови од Breaking Bad, има еден куп други референци. Уште на самиот старт, Сол е вработен во Синабон, баш како што му спомна на Волтер што би се случило со него, ако воопшто има среќа да се извлече. Но, она што е најочигледно, а го протнуваат суптило се визуелните референци. Во неколку сцени, околината како скејтпаркот кај што се среќава со близнаците е обоен во кристално сина боја со мотиви што изгледаат како испукана земја во пустина. Во друга сцена, мебелот во канцеларијата за состаноци во адвокатската канцеларија има слични бои, карактеристични за Breaking Bad митологијата. Деталите се ситни, но се доволно впечатливи за дадат некаков фин шмек на самата серија.
Better Call Saul комотно може да скока во различни временски периоди, така што нема да биде чудно ако некогаш ги видиме Џеси и Волт во некоја кратка сцена. За останатите, веќе е јасно дека е изводливо и одлично функционира. Колку и да не ме интересираше содржината, веќе успеав да се навлечам и да ја чекам следната епизода. Не е замена за тоа што беше Breaking Bad, ниту ќе ја пополни празнината, но додека вака мајсторски ѕирка во тој свет, јас сум океј. Екипата е веќе уиграна, потребно е само да се задржи квалитетот и умереното користење на референци. Никој не би сакал да види постојано кокетирање со "старата слава", нели? А, па и онака нема ништо друго интересно за гледање од серииве моментално.
No comments:
Post a Comment