Showing posts with label Suicide Squad. Show all posts
Showing posts with label Suicide Squad. Show all posts

August 16, 2016

Петнаесетина прашања и одговори за Suicide Squad

Се изложив на Suicide Squad. Не можам да речам дека беше најпријатното доживување на светот, но ќе заклучам дека може да извлечеш некаква ситна забава од гледањето. Ако, нели, ти е забавно да гледаш како Warner Bros. гребеле по подот во некоја темна соба за монтажа обидувајќи се да го скрпат следниот Deadpool или Guardians of the Galaxy. Освен тоа што Suicide Squad ме остави со киселини во желудникот, ми отвори еден куп прашања кои можеби никогаш нема да бидат одговорени. Сепак, има такви чиј одговор е полесен, па се надевам дека ќе придонесат кон создавање слика за овој двочасовен кластефак. Следуваат спојлери, нормално.


Што е Suicide Squad?

Suicide Squad е видео колекција од кратки сцени базирани на ликови од истоимениот стрип на DC Comics кои не успеваат да се поврзат во кохерентна целина. Suicide Squad е исто неофицијалното име на бордот директори во DC и Warner Bros. кои мислат дека нивната визија е подобра од онаа на најмениот режисер.

Да, хаха, океј. Ама, што е приказната? 

Повеќе е идеја отколку приказна, но ајде. Тајна владина служба собира специфична група на озогласени затвореници во тим кој би вршел валкани задачи. Исто така тајно. Во овој случај собрани се за да би се справиле со "следниот Супермен" кој можеби и не би бил толку пријателски расположен како Кал-Ел. Секој од нив има лична причина зошто е дел од тимот, во главно за да добијат некои бенефиции кои им се одземени во нечовечките услови под кои се држени во затвор. Имаат и чипови во нив кои би ги убиле доколку решат да избегаат или да не послушаат задача. 

Ха, интересно! Сигурно имат различни супермоќи и затоа се посебни. Зошто се собрани, која е нивната мисија тука?

Па, не. Тројца имаат супермоќи и тоа само ако физичка деформација која те прави да изгледаш како крокодил е супермоќ. Останатите се криминалци со вештини за кои не сум сигурен дека се покорисни од било која добро обучена армија која е на располагање на истите луѓе кои го оформуваат тимот. Има ментално предизвикана девојка со бејзбол палка и тип со бумеранг. Треба да се справат со член на нивниот тим кој исто така е древна интердимензионална вештерка позната како Енчантрес, го опседнува телото на Кара Делеватевр откако паметната госпоѓица археолог намерно ќе скрши артефакт во пештера и сега сака да го освои светот.

Зошто побогу имаат интердимензионална вештерка во тимот? Зошто нема и она чип кој ќе ја експлодира ако сака да го освои светот?!

Не знам, не сум баш сигурен. Зошто му е девојка на еден од луѓето кои го формираат тимот и требаше да внимава на нив? Не знам, еве. Веројатно на тој дел од филмот се обидував да најдам смисла во флешбеците кои го отежнуваа следењето на и онака глупавиот наратив. Мислам дека не ни имаше чип. Имаше срце во кутија кое ако го прободеш би требало да умре. Типична интердимензионална вештерка...


И, Харли Квин се бори против неа со бејзбол палка? Интердимензионална вештерка звучи доволно натприродно! Што ќе направи Харли Квин со бејзбол палка против интердимензионална вештерка? 

Нели? Oчигледно не можеле да најдат негативец што ќе биде прилагоден на вештините на тимот за да има логика. Харли Квин со палката удира по армијата на Енчантрес составена од камени (?) црни фигури кои биле обични луѓе пред да ги баци во уста. Очигледно дрво крши камен или што и да е тоа, дури и откако некој лик ќе каже дека армијата може да преживее и доколку е обезглавена. Не е баш јасно, знам. Енчантрес не е ни доволно занимлив негативец за да ти биде грижа.

Значи, претежно е акционен и насилен филм? 

Ако десетина минути пукање во црни каменоидни човечиња е акција, тогаш да, секако има акција и насилство.

Спомна флешбеци. Какви флешбеци? Како во Deadpool?

Не. Флешбеци кои веројатно некогаш биле цели долги сцени кои ја објаснуваат позадината на ликовите, а сега се расцепкани и расфрлани низ два саати. Фалат сцени во филмот што ги имало во трејлерите, не памтам кои точно. Во обид Suicide Squad да се направи повеќе како Marvel филм, измонтиран е слично. Но, разлика од Deadpool кој е така концепиран како и финалниот производ, ова овде е калакурница. 

Ах. Бар има ли смешки? 

Не. Барем не намерно. Нешто доснимуваа пролетоска откако тест публиката заклучила дека е мрачен филм, ама не видов ништо од тоа. Но, ќе се насмееш сигурно на глумата на одредени актери. Или манекенки што се обидуваат да глумат. Имаат ставено весели песнички во некои сцени во обид да ги "разведрат", меѓутоа ефектот е како да ја измонтираш "Хакуна Матата" на сцена каде што тоне Титаник.


Па, добро. Колку може да е смешен филм со Бетмен и Џокер, нели? 

Уф... во врска со тоа...

Што?!

Бетмен го има помалку од газот на Марго Роби. Сцените се доснимени откако добар дел од светот го прифати Бен Афлек како Бетмен. Џокер го има некои десетина минути во тие расфрланите флешбеци и едвај придонесува за приказната. Тие три секунди со Бетмен имаат многу повеќе смисла од сите каде што е Џаред Лето.

Каков е Џаред Лето како Џокер? 

Па... има зелена коса. Во главно, лош. Не ме убеди дека е Џокер или едноставно немаше време. Не само што не се осеќа дека ликот е Џокер, туку сцените со него и Харли Квин се премногу кратки и лошо измонтирани измеѓу други за да осетиш било каква врска меѓу двајцата. Пет секунди се возат со кола, пет пробува да ја пимпа на некоја рендом бараба, од непознати причини ја дрма со електрошокови и има една кај што ја фрла во хемикалии. Можеби присуството на Џокер имало некаква поента во некоја рана верзија на филмот. Тука не прави никаква разлика.

Аман, има ли нешто добро во филмов воопшто?

Малку. Има една забавна сцена при крај кога цел тим креваат раце и си седнуваат во празен бар да дрмнат некоја чашка. Тука првпат тимот се осеќа како тим и ти станува јасно каква пропуштена шанса е ова. Не сум фан на стрипот, ама сигурен сум дека некој можеби цел живот чекал да го види ова адаптирано и добил филмски еквивалент на клоца во јајца. Вил Смит е океј. Ете, ова не верував дека ќе го кажам, ама изгледа како да му е забавно. Харли Квин е исто кул, но дефинитивно не функционира со целиот потенцијал во срање како ова. 

Хехе, ама добра е Харли за гледање, а?

Леле океј, колку години имаш? 

Добро и сега што е следно од DC? Мислиш дека ова е лекцијата што ќе им ги оправи следните филмови?

Не знам. Нели лекцијата требаше да биде Dawn of Justice? Возбуден сум за Justice League и покрај овој хаос. Ако дозволат комплетна креативна слобода и последен збор од луѓето што ги режираат филмовите, можеби и ќе испадне океј. Едно е да влијаеш со идеи од бизнис перспектива и да се трудиш да си конкурентен, но друго е кога во паника касапиш снимен материјал и го претвараш во долг трејлер. Не е кул тоа. Ружно е.

April 4, 2016

Suicide Squad од Новите 52

Никогаш не сум читал Suicide Squad. Концептот никогаш не ми бил доволно привлечен да ме натера да фатам нешто да пролистам, а оние кратки средби со бандата не ме воодушевиле баш. Но, воодушевен сум од газот на Марго Роби, а наскоро DC го затвараат 52 универзумот за да почнат пак отпочеток, па видов одлична прилика да се вратам на нешто што сум го пропуштил со надеж дека можеби ќе бидам изненаден. Бев.

Почнав со првиот број од 2011. Исчитав пола пред да ми опадне интересот, но до тогаш беше крајно забавно, особено првиот арк што е собран во колекцијата Kicked in the Teeth. Сигурно ќе дочитам некогаш. Има вкупно 30 броеви, потоа се случува некаква реконструкција на тимот, па насловот се менува во New Suicide Squad и се ресетира од #1. Тоа е веројатно тој фетиш што DC го имаат за нови почетоци.


Suicide Squad или Task Force X е тим создаден од криминалци осудени на доживотен затвор (?) кои се регрутирани да учествуваат во тајни опасни мисии на американската влада. Некои олеснителни околности кои им се ветени им се мотивот за да бидат дел од ваква самоубиствена багра која нема што да изгуби, а организаторите да се осигураат дека членовите ќе соработуваат, им вградуваат чипови кои би се активирале и би ги уништиле доколку решат да ја загрозат мисијата или да се впуштат во бегство. Првата мисија им е да "исчистат" спортски стадион од некаков вирус што ги зомбифицира присутните. Доволно за да го сетира насилниот акционен тон и лесниот хумор.

Има премногу ликови за да ми биде гајле кој е кој, а стрипот не се претргнува нешто многу за да ти ги доближи. Харли Квин е најпопуларната фаца тука, па затоа можеби добива таков посебен третман. Единствено нејзината позадина е подетално објаснета, изопачената романтична врска со Џокер, и како од психијатар станува психотичен криминалец. Некаде на средина од тоа што го читав, приказната се врзува и со некои точки од Detective Comics #1 и она што следуваше понатаму. Во следниот арк Харли се отцепува од тимот за да открие што точно се случило со Мистер Џеј и токму таа е мисијата на Suicide Squad.


Дедшот исто ми е познат од претходно, а Ел Дијабло и Кинг Шарк се од тие што ми се занимливи и доволно впечатливи за да ги запамтам. Не можеш да заборавиш религиозен пирокинетичар што моќта за пламнување ја црпи од тетоважите или хуманоидна ајкула. Ова во Новите 52 е некоја нова инкарнација на ликот, гледам дека со истата варијанта на Чато Сантана како Ел Дијабло ќе послужат и во филмот чија премиера е закажана за почетокот на август 2016.

Пред некој ден прочитав дека се доснимувале сцени за филмот кои би додале хумор кој изгледаше како да е веќе присутен во филмот од трејлерите. Епа очигледно не било така, па сега DC бркаат рокови за да го направат "посмешен", а веројатно со тоа и подостапен за публика која не би сакала да гледа "сериозно" насилство. Сигурно нема да биде DC одговорот на Guardians of the Galaxy, но очекувам да биде подносливо гледлив.

July 31, 2014

Batman: Assault on Arkham (2014)

Не знам колку стварно го цениме тоа што имаме толку лесен пристап до пиратерија, поради кој не ни се закануваат казни и ќорка. Да требаше да платам за ова што го изгледав, веројатно ќе беше најлошата инвестиција после аналната затка со ликот на Џар Џар Бинкс. Batman: Assault on Arkham воопшто го нема Бетмен, освен на омотот и неколку минути кои тотално не прават разлика. DC, од некоја причина, решиле баш вака да продадат Suicide Squad/Task Force X анимиран филм, на оние четворица во светот на кои им е гајле за ова генеричка заебана банда. Очекував приказната да е таква како во описот, сместена помеѓу Arkham Origins и првата игра. Дури и кроасаните внатре изгледаат поверно на сликата од опаковката од ова.

Пред да задремам, последно што се случуваше, Suicide Squad беа испратени во Аркам по Ридлер, веројатно поради некоја клише причина, колку да го оправдаат вистинскиот мотив на Харли Квин. Со помош на генераторот за сценарија на DC, постигнати се сите можни клишеа на дијалог и ситуации, од првата сцена со Ридлер, до моментот кога не почнав да размислувам за животот и погрешните постапки кои упорно ги правам. На неколку моменти кога ќе го слушнев гласот на Кевин Конрој, ја вртев главата од таван кон монитор, со надеж дека конечно Бетмен ќе дојде да го спаси ова што го гледам. Но, набргу се враќав на тоа дали бојата на плафоњерките воопшто одговара со нијансата на ѕидот и која година е флеката од комарецот таму кај испуканото.

Страшно е што е пропуштена ваква шанса, баш во момент кога игрите се толку популарни. Не го следев разовојот на филмов, ама еве, да претпоставиме дека одлуката да се залепи Бетмен во Suicide Squad приказната (која можеби оргинално се поклопувала некако со приказната од игрите) дошла кога некој се сетил дека апсолутно немаат никакви шанси да продадат нешто вакво. Мислам, ху д фак ар Suicide Squad? Еве ја сум чул, Љубиша ваљда читал, Петко, Станко некој друг разбрал...  Како се битни? Зашто имаат посебен филм? Не се толку интересни како тимови со ракун што збори и ебано дрво, а и тие до пред некое време беа закопани по стрипови. Како и да е, го платиле Кевин Конрој за една минута вкупно дијалог, и тоа е веројатно најдоброто нешто тука. Кога веќе не го собраа за Son of Batman, мада и на тоа ќе му требаше многу повеќе од седум Кевин Конрои да го кренат на нозе. Кога сме кај Кевин Конрој, да пуштам оглас дека би го сменил било кој здрав внатрешен орган од телово за тој глас. Цело време ќе си ги нарирам постапките гласно.

Не знам што е следно од DC анимираниве освен Batman VS Robin, ама овој пат дефинитвно одам попретпазливо. Штета е што последниве им се толку срање, а имаат такви ко Year One и The Dark Knight Returns. Толку ли е тешко да искуцаш убава оргинална приказна (која и не ти е баш оргинална, извини вака) или да адаптираш нешто веќе потврдено страна по страна? Успеваше до сега DC, аман. И, онака очигледно Assault on Arkham не е за мали деца (секс сцени, голотија, пцуење), дајте им нешто на возрасните деца да згризат. Еве, ја тука во провалијава сум го симнал од торент, ама некој платил со пари за ова срање. Не е кул. Скроз не е.