January 6, 2015

The Grand Budapest Hotel (2014)

Кој е последен филм што те држел окезен од почеток до крај на прво гледање? И, тоа не окезен од ладното или дека нешто ти е упорно смешно саат и пол, туку дека ти предизвикува такво пријатно чувство? Такво, наивно детско, ко да го гледаш Кралот Лав прв пат. До моментот со стампедото. Освен ако не си шутирал мачки како дете, ти проклет социопату. Во The Grand Budapest Hotel нема "стампедо" што ја нарушува хармонијата на филмот, или јас сум премногу расположен, па издржав насмеан под мустаќ до самиот крај.  Еден од тие филмови што некако ми киднаа минатата година, па сега се обидувам да ги стигнам. Да правев некаква листа на најдобри за 2014, ќе биде меѓу првите пет, меѓу сите шаблонски штанцани блокбастери што ги гледав. Или во скромното купче со Her, подобро.


Вес Андерсон, со внимателно избрана актерска екипа, инспириран од пишуванките на Штефан Цвајг, успеал да создаде филм кој во иднина ќе ми биде изборот за кога ќе не знам што да пуштам за гледање. Приказната... Веројатно додека барав дали има македонски термин за консиерж, ќе го изгледав до пола. Сериозно, немаме соодветен превод или не сум доволно писмен, па ќе се вадам дека не ми текнало кога ќе ми го каже некој. Епа, приказната е фокусирана на Волдеморт кој го работи баш тоа во грандиозниот и шарен Grand Budapest хотел, во фиктивната земја Зубровка. Филмот успева да сатирично да ја искриви реалноста, како визуелно, така и со достеливиот хумор кој не сопира и во моментите кои на друго место би изгледале депресивно.

Секој лик што се појавува е толку добро напишан, што можеш да му ја сконташ поентата дури и за тие неколку минути колку што добил време во филмот. Како што тераше филмот, така се изненадував од кој сè се појави и како беше совршено искористен. Бара малку поголем фокус, бидејќи од почеток до крај шиба интензивно без престан, со брзи дијалози и случувања, па така што ако воопшто успееш да трепнеш, веќе си пропуштил нешто. Музиката совршено одговара на целиот тој топол сонлив амбиент (Елтон Џон лајкс дис), а на моменти се преклопува и со звуците од околината во сцената, што е онака ептен фин, мајсторски скроен детал. Баш такви впечатливи детали, кои ги има насекаде, во сетовите, репликите, па ете и во музичката подлога, успеваат да му ја зголемат вредноста на The Grand Budapest Hotel. Импресивен е од секој аспект. Те мава по сите сетила. 

Не можам доволно да го препорачам или да опишам колку е добар. Можеби и еден од најзанимливите филмови во последните неколку години, барем од оние филмови што секогаш тешко сум ги фаќал на радар, а се вистинско богатство.

4 comments:

Anonymous said...

Go gledav bas vcera kolku topol film, nemam komentar. Odlicno go opisa ushte vo prv pasus

Бојан Николов said...

Феноменален. Следен е Moonrise Kingdom.

Anonymous said...

odlicen e i toj, igriv, malku pomracen ali toj stil i chuvstvo. Koga sme kaj stilot, ova ako ne si go primetil do sea kaj filmovite na Anderson, od sega kje go :)

http://vimeo.com/89302848

Бојан Николов said...

Ха! Закон видеово! Треба да се ѕирне и Fantastic Mr. Fox. Изглеа допрва ќе го откривам Андерсон. :)