February 12, 2017

Bаtmаn: Тhе Dаrk Knight на Дејвид Финч

Во оној Морисоновски Бетмен период околу 2010-2011, Дејвид Финч, покрај ангажманот да го редизајнира џиновскиот лилјачки костум, добива и сопствен наслов каде ќе има целосна слобода да се курчи со неговите артистички и сценаристички вештини. The Dark Knight, замислен и како средство кое ќе ги врзе настаните помеѓу Black Mass и Batman Incorporated, трае вкупно пет броеви собрани во томот Golden Dawn, пред DC да одлучат дотогашниот континуитет да го претворат во новиот 52 универзум. Еден од насловите кои ја преживуваат таа трансформација е и The Dark Knight на Финч.

Кога лансираше 52, се дограбав и до првиот број на новиот Batman: The Dark Knight, кој памтам дека ми се допадна, приказната што ја нудеше, подоцна падна во сенка на она што тогаш Снајдер и Капуло го правеа со Court of Owls. Не успеав да се фокусирам на овој Бетмен на Финч, сè до пред некое време кога седнав и ги исчитав сите триесетина броеви. Финч го напушта серијалот некаде после вториот арк со Скеркроу, Cycle of Violence, кој е и главната инспирација за овој пост. 


Но, пред да навлезам во Cycle of Violence, мора да се обидам да го доловам тонот на раскажување што Финч го сетира во Golden Dawn, каде што всушност целиот серијал ја наоѓа основата. Пристапот во The Dark Knight кон Бетмен е секогаш поинтимен во однос на она што паралелно се случува во останатите Бет-наслови. Барем размерот на настаните дозволува таква изолација, каде што фокусот е повеќе насочен кон мотивите на ликовите, отколку стремежот да се раскаже "eпска" приказна. Еден од тие штосови кои Финч ги користи во првите аркови, а и неговите наследници во серијалот се токму тие флешбеци од минатото кои го движат Брус во денешните случувања.

Golden Dawn се присеќа на едно девојче од детството на Брус, Дон Голден, ќерка на пријатели на Вејнови. Иако е дел од животот на Брус пред и кратко после смртта на неговите родители, подоцна ја среќава сè поретко. Еднаш му го крши срцето во студентските денови, а денес се води како исчезната, во мистериозен случај во кој како Бетмен, сеќавањата за неа се претвораат во опсесија. Корените се во чудната емотивна врска со Голден, кој датира кратко откако ги губи родителите. Уште како дете, наоѓа некаква мала утеха во нејзиното присуство и темперамент, дури и ѝ простува што небрежно ќе се "ослбоди" од подарок кој тој го добил од нив, кратко пред Џо Чил да му го отвори патот кој денес го чекори.


Бетмен е едноставно фиксиран на идејата да заштити нешто од неговите среќни денови по секоја цена, а Финч, познавајќи ја природата на ликот, мошне елегантно го изведува тоа. Приказната во петте броеви на Golden Dawn повремено ги напушта рамките во кои се обидува да се задржи, истражувајќи некои натприродни територии кои се само дистракција, меѓутоа е доволно забавна за да прогледаш низ прсти. А, кога веќе сме кај гледање, цртежите на Финч се феноменални. Го обожавам неговиов Бетмен, штета што на почетокот на DC Rebirth патеше од ужасни сценарија и концепти.

Заедно со новите 52, Финчовиот The Dark Knight започнува од ново, со арк кој сега е собран во Knight Terrors колекцијата. Финч сценаристичките должности ги дели со други колеги, за на крајот целосно да го препушти пишувањето на Грег Харвиц, пред конечно да се повлече и како цртач. Knight Terrors е фина приказна. Амбиентот и начинот на раскажување делумно потсеќаат на Arkham игрите, што лично мене ми е сосема океј, иако пошироката публика не е толку добро настроена. Да, на моменти е како колаж од негативци и членови на Џастис Лиг, меѓутоа ја сакам едноставноста и лесниот пристап. Дури и Скрекроу го има, кој после неколку броеви добива и главна улога во посебен арк. Сепак, Knight Terrors се одбидува да се одвои малку од Golden Dawn, но сепак да ја задржи таа сировост.


Крунисувањето на The Dark Knight мене ми е Cycle of Violence аркот, заедно со оној #0 број што DC решија да го доделат на сите наслови после десетина броеви. Скеркроу киднапира деца низ Готам за да го тестира новиот токсин што предизвикува страв. Немам читано многу приказни со Скеркроу, можеби затоа и ова толку ми се допадна. Ликот е одличен за хорор сетинг, а Cycle of Violence го користи потенцијалот во целост. Самиот Скеркроу е доволно морбидно нацртан за комплетно да се вклопи во она што Харвиц го има замислено. Од тоа што го имам видено до сега, овде лежат најдобрите цртежи на Финч. Парот совршено функционира, и баш е жалосно што публиката и ова некако успеа да го отфрли. Разбирам каде точно аркот отскокнува од треакторијата, но лично, воопшто не ми пречи.

Веројатно не е возможна добра Скеркроу приказна без и самиот Бетмен да биде изложен на неговите најголеми стравови. Од детството на Брус Вејн каде што бил приморан да се соочи со најлошото, до денес, кога неумешно се обидува да го воспостави балансот помеѓу бидувањето Бетмен и одржување на здрави врски со тие кои му се битни. Целиот негов репресиран страв експлодира насекаде низ страниците. Но, тука тие кошмарни флешбеци, нудат контраст и со истрауматизираното детство на Џонатан Крејн и неговата трансформација во нестабилен негативец. На моменти, Харвиц дури се обидува да изнуди и некаква умерена доза емпатија од читателот.  


Нултиот број кој е издаден измеѓу #12 и #13, е практично флешбек на Брус Вејн во деновите кога како дете се обидувал да го реши убиството на неговите родители, верувајќи дека има некаков поголем заговор за тоа. Приказната делумно потсетува на првиот саат од Batman Begins и општо познатата легенда за настанокот на Бетмен, меѓутоа има некои точки кои директно или индиректно се дистанцираат во една друга "голема" слика која ја воспоставија Капуло и Снајдер во нивниот Owls арк. Иако неповрзан, #0 функционира совршено во контекстот на Cycle of Violence. Таа хронологија мислам дека е запазена и во колекционерското издание.

По Cycle of Violence, Финч го остава Харвиц со други цртачи. Следните два арка, односно колекции, се занимаваат со Мед Хетер и Клејфејс, меѓутоа поради трапавоста на едниот, за големото финале веќе ми опадна интересот. Во дел од аркот со Мед Хетер, како еден од цртачите, се појавува и мојот омилен Spawn артист, Кудрански, и тие броеви се визуелно ремек дело, но нешто упорно фали во приказната што Харвиц не успева да го испорача во целост. Добар дел од уживањето во The Dark Knight ми беше токму Финч, а без него, доаѓаат до израз просечните приказни, филери што денес, за жал, се редовни во тековните Бетмен наслови. Финч со Том Кинг можеби ќе успее да понуди и друга солидна приказна во DC Rebirth, но со оглед на неконзитентниот квалитет, не би се залетувал толку лесно. 

Види такоѓе: 

No comments: