July 25, 2018

Скоро совршениот Бетмен на Том Кинг

Некои работи се поубави само ако им ја чепнеш површината. Како кога DC Rebirth суптилно си поигра со Watchmen универзумот. Знаев дека еден ден ќе вдлабат целосно, ама не очекував дека резултатот ќе излезе така непријатен. Секако, ништо нема да го оштети ремек делото на Алан Мур, меѓутоа одлучив дека е подобро да не бидам изложен на материјал што ненамерно ќе го карикатуризира. Другите наслови отидоа во насока која исто не можев да ја следам, дури и оној All-Star Batman на Скот Снајдер. 

Затоа и така лесно се откажав од DC Rebirth. Единственото што остана привлечно беше редовниот Бетмен на Том Кинг, кој некаде на средина решив да го почекам за да се потсобере во купче. Кинг го имаше убедливо најкатастрофалниот почеток во целата оваа "преродба", што беше баш онака тажно за најважниот лик од DC, ама успеа комплетно да ја преврти играта со приказните во I Am Suicide и I Am Bane. Не само што си го исчисти своето име, туку ги гланцна и репутациите на Бетмен и DC. Сите што кенкавме дека Кинг не е добар избор за Бетмен сценарист, сега може да си напикаме по еден трејд пејпербек во газот. Особено после The War of Jokes and Riddles аркот за кој без спојлери можам да кажам само дека е една од најдобрите Џокер приказни воопшто.


Секако, по бројот #50 Кинг денес мора да се движи со обезбедување низ стриповски конвенции дека добива закани по живот, ама ќе стигнам и до таму. Деновиве ги прочитав последниве дваесетина броеви кои ми останаа за да бидам во тек и заклучокот е дека имам ново име на листата со омилени Бетмен автори. Кинг е цар. Го познава Бетмен, ја разбира неговата динамика со другите ликови, ги познава и нив самите, но она што е најбитно за приказните кои ги цепа тука - го знае човекот под лилјачката маска.

За да напишеш добар Бетмен стрип, мораш да навлезеш во комплексната психологија на Брус Вејн за некои работи глатко да функционираат. Тие сиви зони, дуалноста и дилемата за доминантниот идентитет се важни доколку сакаш нешто повеќе од обичен акционен третман. Предизвикот кој Кинг си го дава во серијалот е да го направи Брус Вејн среќен. Откако Кинг сфатил дека Брус не може да биде среќен со она што го прави и има, иако се грижи со сето негово постоење за истото, решава да му пружи љубов. Не љубов од Алфред и Робините, туку романтична љубов, од жена. Од Селина Кајл, поконкретно. Дали ова ќе го направи Брус среќен и што воопшто би значело тоа за Бетмен?


Кинг се обидува да најде некаков одговор веќе 51 број и јас сум комплетно задоволен од тоа како ги обликува стварите. Брус и Селина се конечно заљубени, а Кинг ја пишува историјата на Бетмен стриповите со тоа што нивната љубов одлучува да ја спои и во брак. Целиот третман е емотивен, романтичен и комплетно соодветен за сложени ликови како Бетмен и Кетвоман. Очигледно е дека се работи за професионалец кој перфектно ја познава сржта на проблематиката. Со години наназад сме ја гледале тензијата помеѓу нив двајца, дури и моментите кога ги однеле работите на друго ниво, но ова Кинг што го прави тука е крајно смело и невидено.

Секако, ова не е главното на сите овие броеви, Бетмен стрип е, не е Мег Рајан драма, меѓутоа е тема која речиси постојано се провлекува. Во 50-тиот број кој се случува дента на нивната долгонајавувана свадба, Кинг прави еден потег со кој сега гледам дека ја поделил публиката на две групи. Едните се восхитуваат на неговата храброст да отиде чекор подалеку, другите се бесни и му упатуваат закани поради кои DC му ангажирале телохранители. Јас сум во групата што остана со подотворена уста од концептот и сценариото и не сакам ништо да му се случи на Кинг. Целиот серијал ќе трае 100 броеви, па има доволно време за да го оствари она што го замислил, а кое можеби во оваа фаза го исплаши вториот табор.


Сигурен сум дека ги нема изиграно сите карти и не се потпира на импровизација. Сето ова е плански, меѓусебно поврзано и расцепкано на парчиња кои полека ги склопува. Нешто како "Залогот, пресвртот и престижот" на Нолан во неговата Бетмен трилогија. Уште не сме го виделе крајот на трикот, а баш е возбудлив патот до таму. Кој не сака емоционални ролеркостери? Кинг удри и една неочекувана нота што Knightmare костимот конечно го направи дел од стриповскиот канон. Batman v Superman сцената од сонот на Брус во пустелијата која Зек Снајдер веројатно ја имаше шлакнато зашто визуелно му изгледала кул? Епа, тука е исто ефективна само што конечно е во некаков контекст. Се надевам дека ова ќе стане дел од Бетмен за пустински мисии зошто дизајнот на тој костим е стварно предобар. 

Целиов опус на Том Кинг ќе беше совршен толку не постоеше клизавиот почеток и еден арк некаде понатаму со Ајви кој се потрудив да го разберам, ама не успеав. Дали оваа Ајви тука во DC Rebirth има такви супермоќи или пропуштив некоја страница, не знам, ама повеќе ми изгледаше дека е филер идеја колку да земеш здив. Повеќе сакам филери како онаа приказната со малото милијардерче што е опседнато со смртта на Вејнови и сака да биде Брус Вејн.

Остатокот е феноменален. Кинг е одличен раскажувач, а често нарацијата ја пресликува во нејзината спротивност. Паралелно добиваш две перспективи на една приказна. Тој штос првпат го искористи во еден број во аркот со Бејн, а понатаму со умерената употреба само си го направи препознатлив знак. Секогаш обрнува големо внимание на детали, знае да усогласи различни тонови, а често пати мрачниот универзум на Бетмен ќе го прошара и со порелаксиран соодветно темпиран хумор. Затоа и му верувам. Го прочитав и #51 каде што намерно го трга вниманието од случувањата во претходниот број за да создаде дополнителна тензија, па едвај чекам да видам како ќе го развие целото ова.

Види такоѓе: 

No comments: