Showing posts with label The Clone Wars. Show all posts
Showing posts with label The Clone Wars. Show all posts

March 22, 2014

Уште еднаш, збогум The Clone Wars

Пред две недели излезе и последната сезона од The Clone Wars. Од планираното маратонско гледање во еден ден, не ми испадна ништо и ми се развлече до денес. Со овие 13 епизоди, полека завршуваат и сите Star Wars мултимедијални кои не се под капата на Дизни. Тоа што наскоро ќе следува, не се само добри вести, меѓутоа ќе го оставам за некој нареден пат. 

Шест сезони The Clone Wars. Пет од нив исклучително добри. Првата може комотно да се прескокне, освен ако не си помлад од осум години. Низ овие години, серијата правеше невиден прогрес. Од наивно детско шаренило и пиу-пиу звуци, стигна до мракови и сериозност кои за жал, новата трилогија не успеа да ги понуди. Освен ако нечиј комфорт бил изреметен поради Џар Џар Бинкс. Е, сега. Како ми е The Clone Wars толку добро, кога не сум фан на приквелите? Ако нешто серијата ме научи, е да ги раздвојам периодите на оргинална трилогија и беснеењето на Џорџ Лукас, каде што баш The Clone Wars ги има своите корени. Во моментот кога почнав да ги гледам како два универзуми кои едвај се допираат, тука работите почнаа да ми имаат повеќе смисла. Сите работи во митологијата на The Clone Wars, ми се логични баш поради тоа. Ако успеат да поврзат некоја точка, како што во неколку наврати одлично го изведоа тоа, тогаш сум океј. Ако не, никому ништо, функционира надвор од рамките на оргиналната трилогија, не влијае, не го сметам за канонско - фала многу.


Најдоброто во ова е што серијата успеа да го обели образот на Анакин. Ако веќе е тој истиот што некогаш во иднина станува Дарт Вејдер, тогаш не треба да е постојано таков плачко, Џорџ. Оргиналната трилогија го преставува како воин, одличен пилот и добар пријател. Приквел филмовите го прикажаа во поинакво светло. Сите работи на кои се сеќаваше Кеноби за него, беа или исфорсирани, или комплетно отсуствуваа. The Clone Wars ме убеди дека баш овој Анакин тука, би можело да го снајде таква судбина каква што доживеа. За тоа сум крајно благодарен. 

Материјалот со кој сценаристите на серијата мораа да работат е катастрофален. Повеќе пати спомнувам дека го извадија најдоброто. Низ цела серија, а и во последнава сезона. Првиот арк од неколку епизоди, се позанимава со мистериозниот Order 66 (линк до пост со кој денес не се согласувам целосно). Првите експерименти на Клонтруперите кои подоцна ќе се погрижат за истребувањето на Џедаите. Понатаму низ сезоната, разрешија уште една мистерија која долго се дискутираше, Џедајот Сајфо-Дијас кој и го нарачал создавањето на армија клонови. Со ова, фрлија светло на некои работи кои матни до сега, баш поради непромислените глупости на Џорџ Лукас. Вакви работи низ The Clone Wars, беа доказ дека сепак има некој таму што се грижи за интегритетот на Star Wars. Финалниот арк, ја покажа спиритуалната страна на Јода, наспроти она што приквелите го понудија. Со мала асистенција од Квај-Гон Џин, видовме зошто Јода е толку моќен Џедај и дека е многу повеќе од CGI анимација која скока по Кристофер Ли со мал лајтсејбер. Веројатно ова е една од најдобрите приказни во The Clone Wars. Ситните референци кон оргиналната трилогија ја направија уште подобра од што е. 

Со исклучок на две приказни, сезонава беше одлична. За нијанса послаба од претходно, баш поради тие две. Кога се повеќе епизоди, потешко се приметуваат, но тука некако штрчеа. Можеби за едната не сум во право, меѓутоа никогаш не ми се свиѓале епизоди каде што Амидала е централен лик. Премногу се концентрирани кон глупавиот политички систем на фракциите, нешто што никој доволно не го разви за да биде интересно. Другата приказна е со Џар Џар и Мејс Винду. Едниот е најужасниот лик на сите времиња, а другиот е тука колку да има расна застапеност. Никогаш не стана битен лик, жалам. Единствено него не успеаа да го оправдаат во серијата.

Никаде не беше спомната Асока исто така. Освен во една од визиите на Јода, но во никој случај не го заокружија овој лик. Доколку ова беше тоа, мене ми е неприфатливо. Се надевам дека ја чуваат за Rebels. Ако успеала да го преживее истребувањето, ќе биде фино да ја видиме пак. Дизни ги имаат авторските права и ќе биде супер да ја видиме како епизоден лик. Ова ми е дефинитивно последниот пост за The Clone Wars. Додека излезе Rebels, може ќе ги ѕирнам пак епизодите што ми оставија најголем впечаток.

February 13, 2014

Кратки фини Star Wars вести

Прво, комотно можам да си го изедам постот за The Clone Wars што го пишував пред еден месец. Значи, серијата ќе си биде прописно завршена со пократка сезона од 13 епизоди кои доаѓаат на Netflix (и Замунда) на седми март. Ќе може да си дозволам маратонско гледање, се надевам. Ете, не било толку страшно како што издрамив. Сепак The Clone Wars ќе си заврши како што оргинално требаше.


Другата фина работа е што има новости околу Star Wars Rebels. Најавија нов лик, Кејнан, Џедајот Каубој, како што го нарекуваат. Од тоа што го нудат, може да се примети дека малку се разликува од традиционалниот Џедајски шаблон. Има бластер и карактер сличен на Хан Соло и не верувам дека е случајно таков. Им треба лик што ќе го продадат на помладата машка публика, и ако е добро изведен, не би требало да е лошо. Не се сите Џедаи исти, џабе добива хејт по интернет. Исто така, со ваков лик сличен на Хан Соло, не верувам дека ќе го видиме и него тука што секако, секако е за почит. Во склоп на ова има уште една вест. Фреди Принц Џуниор бил жив, еј. Не знам новава генерација дали го знае, ама тие што биле тинејџерки пред 10 години сигурно имале постер и тетратка. Епа да, остарен Фреди Принц Џр. е гласот на Кејнан.

Star Wars Rebels може да испадне стварно добро. Мислам дека научија што функционира и што не во The Clone Wars и лесно може да се примени и тука. Со малку магија, ќе си добиеме достоен наследник на The Clone Wars. Се надевам дека во иднина нема да има потреба да си го пикнам и овој пост каде што не свети сонцето.

January 11, 2014

Збогум The Clone Wars

Дојде време и официјално да ја пољубиме The Clone Wars за збогум. Меѓу сите оние Star Wars новости деновиве, покрај Боба Фет филмот, најавено беше финалето на The Clone Wars. Откако Disney ја превзема машината за штанцање профит, го оставија најдобриот производ од оргиналната трилогија навака недовршен и со матна иднина. Заокружувањето на The Clone Wars ќе дојде во друг формат, како краток стрип серијал посветен на Дарт Мол, иако неговата приказна не беше толку битна. Но, сигурно се продава повеќе од Асока така што потегов воопшто не ме изненади, само што повеќе се надевав на телевизиски завршеток. Ебаве.


Dark Horse Comics пред некој ден ја загуби лиценцата за Star Wars стрипови, што е исто така логичен тек, зошто Marvel сакаат комплетно да ја поседуваат франшизата. Darth Maul: The Son of Dathomir ќе ги адаптира последните сценарија од The Clone Wars и ќе биде последниот Star Wars стрип што ќе биде издаден од Dark Horse Comics.

Пошто реално ме заболе за Дарт Мол, ова дефинитивно ќе го скокнам. Стрип финале на серија, не фала. Ама, ете шанса на Disney да се искупат со Star Wars Rebels. Ќе ги враќаат и старите Стормтрупери што секако ќе биде супер. Има време до есен.

March 12, 2013

Крај на петтата сезона на The Clone Wars

Настрана сите сомнителни новости за Star Wars кои ме начекуваа на секој ќош периодов, The Clone Wars си истераа солидна сезона. Не ја следев баш редовно, така што и финалето дури денес успеав да го изгледам. Со години зборувам дека ова е најквалитетната анимирана серија (настрана хумористичните, нели) која моментално се прикажува и ни овој пат не успеа да ме предомисли. Како и во секоја сезона, имаше моменти кога работите ќе зачкрипеа, но веќе навикнав дека тоа служи само како филер за тоа што следи. 

Петтата сезона на The Clone Wars, ја чепка мрачната страна на Галаксијата. Не зборувам за Темната Страна, тоа си е пристуно постојано на некој начин, туку за оној дел кој е последица на војната. Војната која за жал во приквел трилогијата воопшто не ја ни видовме, а серијава уште толку покажува колку се тие три филмови упропастен потенцијал. Во факинг анимирана серија гледаш како може да се билда приказна и како се развививаат ликови. Повеќе се приврзав за Кед Бејн отколку за Анакин во филмовите, кој во споредба со овој Анакин од The Clone Wars, делува како цртан лик. Иронично, нели? 


Уште од самиот старт на The Clone Wars клучен лик беше Асока Тано, падаванот на Анакин кој никогаш претходно не бил никаде спомнат. Очекувано беше на крајот или во текот на серијата, Асока да се изгуби од сликата за настаните да можат логично да се поврзат. Со оглед на тоа што беа најавени пет сезони (а, ќе има и шеста), во последниот арк од последнава сезона продуцентите оставија простор за да го отпишат ликот.

Прв пат во серијата, прикажаа еден малку поинаков аспект на Џедаите, кој до некаде покрива дел од глупостите на Лукас во приквел трилогијата. Како може толку моќни Џедаи да бидат изманипулирани од еден човек, да дозволат воведување на нов поредок и да бидат речиси целосно истребени? Последниве епизоди на The Clone Wars суптилно покажуваат колку се Џедаите всушност глупави и дека можат да бидат лесно совладани, не само физички. Да се разбереме, во овој кош не ги ставам стариот Кеноби и Скајвокер од оргиналната трилогија, зошто нели реков дека ќе ги третирам како различни франшизи. Оттаму, одлуката на Асока да го напушти Редот ми беше сосема оправдана и логична. Шестата сезона веројатно ќе се бави со тоа што станува понатаму со неа.  Асока ми стана супер лик (а, ја мразев на почетокот), и баш ме занима што ќе се деси.

Сезонава пак си играше со референци кон оргиналната трилогија, на моменти дури и премногу. Имаше една епизода каде што секоја реплика и ситуација беа позајмени од таму. Разбирам онака за финта, како омаж од време на време, меѓутоа некој очигледно ја гледал оргиналната трилогија онака 72 саати без прекин пред да ја пишува епизодата. Не ми текнува која беше точно, една од тие при крајот Инаку неколку пати симпатично си играа со такви детали, особено во последната приказна. Ентериерот на локациите каде што се одвиваа настаните, страшно многу личеше на она што го има Империјата во оргиналната трилогија. Дури мислам дека во иднина тоа и ќе прават, ќе го пополнуваат просторот измеѓу двете трилогии, барем со визуелни детали. Нешто сериозно фали измеѓу Dex's Diner и факинг Death Star, на пример. Ако воопшто некој се сеќава што е Dex's Diner... Но, додека се појави следната сеозна, ќе се изначитаме новости за Star Wars кои се многу полоши од Dex's Diner. Многу, многу полоши.

September 30, 2012

Почеток на петтата сезона на The Clone Wars

Полека почнуваат новите сезони од сериите кои ги следам редовно. Викендов почна и The Clone Wars, таму каде што застана минатата сезона. Дарт Мол заедно со Саваж Опрес ја продолжува својата одмазда и потрага по Кеноби. Двајцата Ситови се помоќни од било кога и убиваат и пљачкаат сè што ќе им дојде при рака. Пробаа дури да регрутираат и армија пирати. 


Првата епизода најавува една помрачна сезона. Галаксијата е до гуша во војна, криминалот цвета на сите страни, а продуцентиве одат баш до таму до кај што им дозволуваат глупавите PG ограничувања. Затоа и дробам дека со последната сезона докажаа дека имаат поголеми јајца од сите инволвирани во новата трилогија.

И, чисто се сомневам дека ова ќе биде последна сезона. Премногу добро им оди за да ја прекинат. А, би гледал уште пет сезони ако се волку добри како што се сега.

March 23, 2012

The Clone Wars: Одмаздата на Дарт Мол

Крајот на четвртата сезона и не можеше да биде подобар. Веќе е јасно дека The Clone Wars е една од најдобрите анимирани серии некогаш снимени, без оглед на тоа што првата сезона беше тапа и многумина не ја ни догледаа до крај. Од втора сезона, па до сега, серијата покажа квалитет на многу високо ниво, од приказните до самата анимација, не оставајќи простор за дискусија. Браво.

Последнава епизода (незнам зошто истрипав дека ќе има уште две) го врати Дарт Мол во полн сјај и на две нозе. Механички додуша, но подобри отколку осум. Баш како што треба, како што беше прикажан во Star Wars: Visionaries. Поткрепен од Саваж Опрес, воден е од една работа, да му се одмазди на Кеноби. Откако ќе го предизвика со убивање на недолжи жители на некоја небитна планета, Кеноби решава да замине и сам да се соочи со него. Нормално, наспроти советите на Мејс Винду кој покрај тоа што е единствен црнец во Советот, не гледа и никаква акција.

Паралелно со Кеноби, на планетата заминува и Вентрес да ја бара сопствената одмазда, зошто очигледно сите во Галаксијата и имаат нешто згрешено. И, нормално, има епско соочување меѓу Мол и Кеноби, нешто што милијарди фанови низ подрумите во светот чекаа да го видат пак. Кеноби, видно напнат од вербалните провокации на Дарт Мол, ја губи битката и со Вентрес бегаат од планетата. Далеку од карактерот на Кеноби, но како поинаку ќе се оставаше простор за Дарт Мол како главен негативец во петтата сезона? Штом остана жив, ќе видиме уште многу. А, како што зборуваше Лукас пред неколку години, серијата треба да има (најмалку) пет сезони, па јас би потпишал со две раце да се заврши со Дарт Мол. Само за тоа, ќе причекаме до есен.

Супер епизоди, и оваа и претходната. И целата сезона беше добра. Мило ми е што серијата (намерно или не) успева да ги прикрпи глупостите од приквел трилогијата, онака скроз елегантно. Со приказната и нема баш огромен простор, меѓутоа ликовите се движат кон тие кои ги знаеме од оргиналните филмови.

March 10, 2012

The Clone Wars: Враќањето на Дарт Мол

Во период кога The Phantom Menace 3D е актуелен, враќањето на Дарт Мол во The Clone Wars е некако логичен маркетинг потег. А, кога и Чубака се појави, зошто не и Мол, нели?

Трет дел од приказната што ја следи одмазата на Вентрес, која беше отфрлена и предадена од Дуку. Со талисман од Nightsister, Саваж Опрес, воин од расата на Дарт Мол, трага по изгубениот брат. Потрагата го носи на Lotho Minor, планета во анусот на Галаксијата која е практично отпад. Во тунели од ѓубре и р'ѓа, Опрес ќе се соочи со огромен механички пајак, кој е секако Дарт Мол со бонус нозе од половина надоле. Максимално напнат (како и секој друг пресечен на два дела), решава да му се одмазди на Кеноби, уште во следната епизода која ќе биде прикажана за една недела.

Приказната е интересна, меѓутоа веќе има едно враќање на Дарт Мол кое беше многу подобро од ова. Барем самиот негов изглед и оправдувањето за долниот дел. Во Star Wars: Visionaries (една година се спремам да пишам за ова), има една фина средба помеѓу Кеноби и Мол, каде што накурчениот Сит има само две, наместо 18 механички нозе. Доколку следната епизода Дарт Мол не е комплетно разрешен, би сакал и 'понормален' да го видам во The Clone Wars. Дарт Мол е супер негативец кој мислам дека не си го доби заслуженото време во приквел трилогијата, па еве им шанса да се поправат. Има место и за него тука, многу повеќе отколку за тинејџерот Боба Фет.

Фина епизода, ќе видиме следната што ќе донесе. И зошто испукаа јаки приказни сезонава, ме занима како ќе ја завршат. Остануваат уште 4-5 епизоди до крај.

February 1, 2012

Врвот на The Clone Wars

Последниве две епизоди на The Clone Wars потврдија дека серијата и те како може да биде сериозна. Сезонава го достигнаа врвот и се прашувам до кога ќе можат да се држат до ваков квалитет. Анимацијата е беспрекорна, а приказните добиваат малку покомплексен облик. Како што The Clone Wars оди кон крајот на четвртава сезона, така се зацврстува мостот помеѓу вториот и третиот дел од приквел трилогијата. Палпатин ја губи довербата кај Џедаите, а Анакин покажува особини кои го пресликуваат неговиот размрдан карактер кој ќе го одведе до Темната Страна. Сите знаеме како ќе заврши приказната на крај, меѓутоа тука во The Clone Wars е многу подобро раскажано, отколку во филмовите. За поздрав е и тоа што сите дупки кои ги има приквел трилогијата веќе се пополнуваат тука. Жалното е што самата трилогија не беше ни приближно интересна како ова.

Прво, задоволен сум од тоа како е претставен ликот на Кеноби. Во A New Hope го запознавме како ветеран од Војната, искусен Џедај и сомнителен лик кој во дупките од кантини низ Галаксијата може да направи фрка и да избега со некој како Хан Соло. Значи, Кеноби, иако стар, претставен е како заебан мајкоебач кој правел р'шум во некое поцивилизирано време. Во последниве епизоди, е баш таков, како што многумина би си го преставиле, нешто што јас лично не можев да го увидам во ниту еден од приквелите.

Кеноби, откако ќе си ја исценира смртта, заминува на тајна мисија и се маскира во опасен криминалец кој треба да извади друг заебан тип од затвор со цел да открие заговор против Палпатин. За работите да бидат уште покомплицирани, Морело Еван дели ќелија со Кед Бејн, мојот омилен лик и платеник од The Clone Wars. Не би претерувал со спојлери, но има еден момент откако ќе избегаат и ќе отидат да набават облека и останати потребни ствари што неможам, а да не го спомнам. Бидејќи на Кед Бејн му недостасува шеширот, бара нов и додека разгледува низ продавницата низ раце ќе му пројде шеширот на Индијана Џонс! Имало и претходно вакви моменти кога е референциран Инди, како на примел кристалниот череп, ама ова беше најдиректно и најдобро до сега.

Приказната изгледа дека ќе заврши во следната епизода, освен ако таа со Набу не е исто поврзана. Ме занима каде ќе отиде серијава после ова. До сега, после секоја добра приказна, имаше нешто што ќе ја надминеше. Се надевам дека нема да дозволат да им опадне квалитетот, зошто моментално ова е анимирана серија со најголем рејтинг. За жал, првата сезона на The Clone Wars одврати многу луѓе кои поради тоа пропуштаат сериозно добри Star Wars приказни. Не е касно да се почне, макар и од втора сезона.

September 17, 2011

The Clone Wars: Почеток на четвртата сезона

Сезонава на серии што редовно ќе ги гледам, почна со Star Wars: The Clone Wars. Серијава успеа да доживее четврта сезона, што е секако супер, зошто квалитетот растеше со секоја епизода од минатата сезона. Како и претходните сезони, и оваа отвара со дупла епизода. 

Целата епизода се одвива под вода, на планетата Мон Каламари, дом на Адмиралот Акбар кој тука е млад капетан. На планетата покрај неговата раса, живее и друга водна раса, Кворените. Кралот на Мон Каламарите е убиен, а на негово место доаѓа млад принц, со кој Кворените и не се баш задоволни, па помеѓу двете раси избива војна. Мон Каламарите бараат интервенција од Републиката, додека Кворените се подджани од Сепаратистите на чело со Дуку. Војната оди толку далеку што Мон Каламарите се приморани да побараат помош од уште една водна раса - Ганганите. 

Знаев дека епизодава е за расата на Акбар и се појавува Џар Џар Бинкс, и искрено очекував да биде многу полошо, со оглед на тоа што како основа е земен лик кој денес служи како мета за интернет ремет, и цела раса чиј Џар Џар има оставено лузна на комплетната нова трилогија. На мое изненадување, епизодата е супер. Визуелно е преубава, се ѕверев ко забаваче на некои сцени, приказната е интересна и покрај тоа што Џар Џар си има моменти со "Ани". Првиот дел од епизодата е затоа подобар, зошто Ганганите се појавуваат на кратко, и тоа во вториот дел. Дури имаше и момент кога ги истовараат од бродот, кој ете ќе признаам дека беше... многу океј. Поради добрата музичка подлога, ваљда. Не, озбилно, режијата им е сериозно добра во последниве епизоди и знае да воодушеви. Значи, немаше потреба Мон Каламарите, барем сите по еднаш да викнат "It's a Trap!" за да ми ја направат епизодата интересна.

На крајот, има опасен привју за тоа што ќе се случува сезонава. Веројатно ова ќе биде таа сезона каде што повеќе ќе се сконцетрираат на Анакин и она што го прави да премине на Темната Страна. Вака супер си тераат. Само да не направат епизода со мал Хан Соло и евокси и ќе ги следам колку и сезони да се.

April 6, 2011

The Clone Wars: Крај на трета сезона

Минатава сабота, The Clone Wars ја заврши својата трета сезона. Искрено, очекував нешто повеќе од финалето, но во никој случај не беше лошо. Во последните две епизоди, Асока ќе се најде заробена на месечина на која воини од расата Trandoshan ловат претходно заробени Џедаи. Додека групата се обидува да преживее и бега од 'предаторите', се среќаваат со екипа Вукија меѓу кои се наоѓа и младиот Чубака.

Како за финале, можеле и нешто пооргинално. Двеве споени епизоди ми се некако повеќе како за во средина на сезона, отколку за крај. Доколку мислеле дека ќе пројде како такво, само заради Чубака, не мислеле доволно. Океј, интересно беше да видиме неколку ликови од оргиналната трилогија сезонава, само што кога вака претеруваат некако се губи шмекот и делува исфорсирано. Истово ова со Чубака го направија и во Revenge of the Sith (да не речам цела нова трилогија), ама потполно исто. The Clone Wars си е сама по себе океј серија и супер си функционира така, и навистина нема потреба од "вадење" со стари ликови или чепкање на стари приказни. Оставете си ја серијата да си биде тоа што е.

За третава сезона се збореше дека ќе биде последна, ама изгледа тешко тоа, затоа што веќе е најавена четврта од есен. Се надевам дека ќе продолжат со истиот квалитет кој го држеа сезонава. Анимацијата, приказните... па, нека има и некоја референца до изворниот материјал, меѓутоа нека биде умерено и без Хан Соло.

February 13, 2011

The Clone Wars: Мортис

Вчера The Clone Wars заокружи нов арк, приказна раскажана во три епизоди. Сезонава им тргна навистина одлично, за сепак да разочараат на крај. Веројатно понесени од позитивните критики кои се однесуваа на последните епизоди, сценаристите во потрага по нешто уште поспектакуларно се решија да чепнат есенцијален сегмент од сагата - Силата.

Анакин, Асока и Кеноби завршуваат на мистериозна планета, Мортис, каде што Силата е манифестирана преку едно необично семејство, Таткото, Синот и Ќерката, сите тројца длабоко врзани со овој дел од Star Wars. Доколку некој мислеше дека Лукас претера со газење на оргиналната трилогија кога првпат се обиде научно да објасни што е Силата, препорачувам да ги погледне овие епизоди. Среќа што навреме сконтав дека канонот на The Clone Wars и новата трилогија треба да го одвојам од оргиналниот Star Wars, за да се поштедам од непотребни нервози.

На Мортис, двете деца на Таткото ги претставуваат двете страни на Силата. Ќерката е добрата страна, додека синот има афинетет кон Темната. Почнува конфликт помеѓу братот и сестрата, а Анакин е тука за да ги избалансира работите. Конечно некој се осмели да го спомне и тој дел од The Phantom Menace, каде што во неколку наврати се спомна дека токму тој е оној кој направи баланс, нели, според некое старо пророштво на кое Лукас имаше посветено околу десетина секунди. Во ниеден од филмовите не видовме зошто Анакин е толку важен за Универзумот, добро што воопшто им текна дека тоа било некогаш спомнато. Само што ете, не успеаа да го раскажат како што треба, или барем на мене не успеа да ми се допадна. Покрај тоа, за првпат во серијава имаше референца на Дарт Вејдер, во моментот кога Анакин ја гледа иднината и тоа што ќе се случи понатаму со него.

Продукциски, ова сигурно беа најквалитетните The Clone Wars епизоди до сега. Во две од епизодите се појави и Квај-Гон Џин со гласот позајмен од Лијам Нисон лично! А, гласовите на Синот и Ќерката се актерите од The Force Unleashed. Анимацијата го достигна врвот тука. По се изгледа дека сезонава ќе биде последна од серијава, па се трудат фино да ја завршат. Има најава дека во следната епизода ќе се појави Таркин, па баш ме занима како ќе го изведат тоа.

January 14, 2011

Неколку работи за The Clone Wars

Последниве месец и кусур, епизода The Clone Wars пред спиење, ми стана ритуал. Моментално иде трета сезона, имаше пауза, ама продолжи од минатата сабота. Последнава епизода беше врвот до сега.

Долгометражниот на страна, серијата е стварно океј. Да, знам дека е реклама за играчки, знам дека повеќе епизоди се направени само колку да ги има, со осудно сценарио и хаотични битки со бродови кај што не се знае кој брод е од која страна... За среќа, од втора сезона работите малку се менуваат. Веројатно проектот паднал во рацете на некој што колку-толку му е гајле за Star Wars, па се потрудил да направи нешто повеќе од шарени лајт-сејбери.

Веќе во втора сезона, се забележува прогрес во сценариото, подобрени дијалози, интересни приказни и нови ликови (кои ќе продаваат нови играчки, ама ај да не почнувам). Веројатно решиле да таргетираат и малку повозрасна публика, зошто не верувам дека деца ќе уживаат во досадни политички заплети и слично. Исто така, се повеќе и повеќе се дистанцираат од Кеноби и Анакин, а акцентот е удрен сега на поспоредни ликови, кои се малку, или воопшто не се застапени во новата трилогија (од која јавно се откажувам и ја отфрлам од канонот). Би го издвоил Кед Бејн, ловец на уцени (ебате терминот), кој го превзема пазарот по смртта на Џанго Фет. Сите епизоди со него се супер, некои ги гледав и по два пати и се радувам на секоја нова. Вентрес е исто интересен лик, а особено по настаните во последна епизода, кога се појавуваат и Nightsisters. Вентрес, предадена од Дуку, завршува во друштво на вештеркиве кои го означија почетокот на новиот арк во приказната.

Е, тука веќе станува интересно, зошто мислам дека конечно ќе се разреши судбината на Асока Тано. Од последниот трејлер кој го најави другиот дел од трета сезона, може да се види дел од борба помеѓу Асока и Анакин. Младата џедајка не се појавува во RotS, а одамна се збореше дека тоа ќе го решат со нејзиното преминување на Темната страна. Нели, да се запази канонот. Веројатно ова ќе се случи до крајот на сезонава. Утре продолжува вториот дел од аркот, па ќе видиме како ќе се одвиваат стварите.

Ги средија сите недостатоци во филмот и првата сезона, ликовите некако станаа допадливи, режијата исто така се подобри и имам впечаток дека The Clone Wars е конечно во раце на луѓе кои знаат што прават и покрај тоа што се ограничени со многу работи, a најмногу со ликовите чија судбина веќе ни е позната. Друга работа за крај, мислам дека време е после ова да се продолжи понатаму. Знам дека Лукас еден ден ќе го заврши и овој проект и ќе бара нов начин да цеди пари од фановите, па искрено се надевам дека следниот ТВ или филмски проект ќе биде сместен во некој друг период од Star Wars универзумот. Серијата може е добра, само што дефинитивно ни треба нешто ново. Ете, има Old Republic период, The Force Unleashed, па дури и нешто по настаните во Jedi.

July 29, 2009

Први впечатоци од The Clone Wars серијата

Помина скоро година откако излезе Star Wars: The Clone Wars долгометражниот, кој послужи како пилот за серијата која доживеа цела една сезона (се снима и нова), иако филмот беше најлошиот официјален Star Wars продукт кој некогаш го имам видено. А, The Star Wars Holiday Special го немам гледано, така што...

Ми требаше долг период да се одлучам да и дадам шанса на серијата. Мора да признаам дека сум позитивно изненаден, веројатно поради тоа што и немав големи очекувања. Пред се, серијата е наменета за помладата публика, па затоа и се трудев да ја гледам баш така, без да бидам премногу критички (читај: негативно) настроен. Анимацијата е иста како во долгометражниот, на почетокот ми беше тешко да ја навикнам, но по неколку епизоди успеав да ја сакам.

Приказна скоро и да нема, повеќе се базира на лајт-сејбер дуели и борби со бродови, како што реков, наменета е за деца, па веројатно не сакале да трујат со приказни врз кои хардкор фановите ќе можат да плукаат дека го сереле канонот. Или, едноставно не се замарале со приказни, бидејќи и без тоа ова им носи доволно пари. Во никој случај не го гледаам ова како маана, бидејќи серијата мене ми е крајно интересна и забавна, лесна е за гледање и трошење време со ликови кои ги знаеме и ги сакаме. Ми се допаѓа што обрнуваат внимание на ликови како Дуку и Гривус кои можеби и немаа доволно простор во филмовите. Анакин е исто подобар од Анакин на Хајден Кристенсен, тука нема дискусија.

Стигнав некаде до пола (има 22 епизоди) и интересна е. Барем е подобра од филмот и глупана серија со истото име што идеше пред некоја година на Cartoon Network и изгледаше како Flash анимација...

November 1, 2008

Star Wars: The Clone Wars (или Како да го допреш дното?)

Мислев дека неможат полошо од Attack of the Clones. Мислев дека ќе послужи како пример за лош Star Wars производ и ќе научат од грешката. И, тогаш се појави Star Wars: The Clone Wars...

Веројатно критиките немаше да бидат толку остри и очекувањата толку големи, доколку филмов беше исфрлен во формат кој што повеќе му лежи и е наменет за тоа. Пилот на телевизиска серија. Телевизиска. На телевизија. Не во кино, на телевизија. Неможеш ти пилот кој ги има сите карактеристики на телевизиска епизода, да го продаваш како филм во кино сали. Мислам дека многу подобро ќе поминеше долку директно си почнеше на телевизија.

Сега, откако расчистивме со ова погоре, да прејдеме на The Clone Wars. Покрај тоа што е наменет за телевизија, наменет е и за многу помлада публика. Воопшто не се потрудиле да го продадат сценариото и на повозрасните фанови. Очајни дијалози и реплики, што никако не палат кај мене. Уште па на тоа кога ќе додадеш ефтин хумор (се лупа у ѕид, децата ќе си се насмеат - топ, нели?) и лош voice acting, резултатот горчи уште повеќе. Секоја чест на исклучоци како Семјуел Џексон или Кристофер Ли и типон што го глуми Оби-Ван (не е Иан МекГрегор). А, мора да признаам дека анимираниот Хајден Кристенсен "глуми" далеку подобро од вистинскиот. Аникин е океј тука.

Приказната е празна и недоработена. Сфаќам дека е почеток на серија, ама ако сакале да пројде како филм што ќе стои независно, можеле многу подобро. Не се случува ништо значајно и повеќе се базира на акција (тука добива поени) и синот на Џаба Д Хат. Сериозно, кого го здоболе за синот на Џаба? Мене не. Во првиот пола саат дури бев дури и позитивно изненаден и чекав да почне нешто да се случува. Последниот пола саат едвај го издржав. Кај е Палпатин? Јода? Амидала? R2-D2 и C-3P0? Ги примети некој? Наместо нив, има нов лик, Асока, ученик на Аникин што ме курчи нешто помалку од Jar Jar, а повеќе од Весли Крашер. И, што е со надимаците? Снипс? Скајгај? Кој го одобрил ова? Лукас? Кој? Аман.

Анимацијата е океј, малку луѓето се коцкасти, ама ќе пројде. Музиката што ја знаеме од претходните Star Wars остварувања, скоро и да ја нема.

Пак ќе кажам, како пилот на серијата, може да пројде. Како филм никако. Но, се додека има фанови што би купиле и ДВД со два саата видео од Џорџ Лукас како си игра со Star Wars играчки, ќе го имаме ова. Серијата ќе почнам да ја гледам кога ќе имам време.