Showing posts with label книги. Show all posts
Showing posts with label книги. Show all posts

January 29, 2018

Книга на месецот: Аltеrеd Cаrbon од Ричард К. Морган

Ја добив Altered Carbon за роденден пред некоја година и си дремеше така на полица. Знаев дека ме очекува зрело квалитетно научно-фантастично четиво, само некако упорно ја одложував поради други наслови. Моментот да ѝ ја тргнам прашината и конечно да видам од што е изградена репутацијата на Ричард Морган, дојде кога веќе почна да се ближи премиерата за најавената адаптација на Нетфликс. Тоа што се поклопи и со мојата желба за детективски noir сајберпанк по третото прегледување на Blade Runner 2049 е само случајност. 

Altered Carbon е приказна сместена околу четири векови во иднината, каде што човештвото е населено и на други планети надвор од Сончевиот систем, интерстеларниот транспорт е стандардна ствар, а смртта е одамна речиси безначајна, благодарение на имплант вметнат во вратот при раѓање, кој овозможува свеста да биде префрлена во ново тело. Луѓето секако умираат и повремено може да си дозволат по некоја нова "навлака", но не секој може или пак сака да си ја обезбеди вечноста. Таa припаѓа на богатата елита.

Tакеши Ковач, главниот протагонист, е поранешен припадник на специјална воена единица. Сега оддаден на криминални активности, загинува во престелка со полицијата, па е осуден на повеќе од сто години мирување во дигиталниот склад пред да добие ново тело. Но, еден ден се буди на Земјата, далеку од неговата планета во туѓо тело и со предлог кој би можел да му ја овозможи слободата - добива шест недели да го реши убиството на милијардерот Лоренс Бенкрофт чија смрт полицијата ја отфрлила како самоубиство, во спротивно се враќа назад да си ја "отстои" казната.

Меѓутоа, дури и тие што се самоубиваат, законски се вратени во нови тела, како превенција за убиствата кои изгледаат како жртвата сама да си го одзела животот. Иако системот за бекапирање на свеста му има изгубено два дена од сеќавањата на Бенкрофт, самиот Бенкрофт е сигурен дека не би си ја разнел сам главата, без притоа да го уништи и имплантот кој го овозможува зачувувањето и шансата за нов живот.

Истрагата го шета Ковач и низ најгрозните нивоа на градското криминално подземје, исплетено со заговори, интриги, пресврти, фатални жени, корумпирани џандари, па и хотели комплетно раководени од вештачка интелигенција. Воден од мотивот дека пред сè работи за сопствената слобода, неретко ги преминува и органичувањата на законот и делува со некои морално сиви методи кои најмногу доаѓаат до израз кога книгата ќе почне да го нагласува акциониот тон. Altered Carbon не само што се занимава со сложени научно-фантастични концепти, туку e преполна и со брутално насилство и експлицитни секс сцени.

Напредната технологија е сржта на нарацијата тука, а Морган феноменално ја вклопува со сите слоеви кои го составуваат светот каде што се одвива Altered Carbon. Дури и религијата наоѓа мал простор во овој трансхуманистички влажен сон, па така ќе налеташ и на група Католици кои одбиваат да ја префрлат свеста бидејќи се коси со нивните верувања. Иако таа тематика на почетокот изгледа само како суптилна провокација, понатаму се наметнува како интегрален дел од главната приказна, но не би сакал да навлегувам во спојлери.

Ова е најинтересното нешто што стигнав да го прочитам последниве месеци. Можеби не се расфрла со комплетно оргинални идеи, ама комбинацијата што Морган ја нуди е повеќе од доволна за да остави силен впечаток. Некои од стварите не престануваат да ме демнат со денови. Altered Carbon е само првиот дел од трилогијата за Такеши Ковач. Морган го носи Ковач на уште две други авантури во Broken Angels и Woken Furies.

January 22, 2018

Mortal Engines од Филип Рив

Потрагата по забавен стимпанк ме донесе до Mortal Engines серијалот книги од Филип Рив (првата е објавена во 2001), познат и под друг наслов, Hungry City Chronicles. Не знаев што да очекувам, но алтернативниот наслов со кој Рив и не се сложува баш, а ни јас зашто е тотално глупав, можеби сепак најадекватно ја објаснува сцената која ме пречека на првата страница од првата Mortal Engines книга - Лондон брка помало рударско градче низ пресушеното Северно Море со намера да го улови.

Лондон, како и другите населени места кои некако успеале да преживеат во дистопискиот пост-апокалиптичен свет на Рив сместен во далечна, далeчна иднина, сега се на огромни тркала и платформи, во постојано движење и потрага по ресурси. Во добата на Тракцијата постои и еден технолошки екосистем наречен "Општински Дарвинизам" каде што поголемите градови присилно ги асимилираат помалите подвижни населени места за да си го продолжат животниот век. Жителите на помалите гратчиња и села, ако воопшто преживеат додека трае асимилацијата, добиваат прилика да робуваат во погоните на поголемиот, побрз град.


Сосема нормална и природна работа во свет каде што луѓето се чудат како порано Древните можеле да живеат во статични градови, иако поседувале технологија понапредна од тркало и хидраулика. Се разбира, постојат и сега, ама не се баш во хармонично пријателство со овие кои одбиваат да застанат на едно место. Иако деталите за светот, технологијата и општеството се крајно фасцинантни, Mortal Engines можеби мааалку страда од клишеизираниот маргинален главен протагонист Том, сирак предодреден за поголеми работи, чиј ден сè уште не е дојден, нели.

Том е жител на машинизираниот Лондон, сонува да стане еден од неговите најважни историчари, но случајно ќе се најде на погрешната страна од извесен заговор, по што ќе биде исфрлен од градот, приморан да талка, преживува и среќава различни ликови преку кои Рив мајсторски го дополнува светот што постои надвор од џиновските платформи, додека ги следи трагите што забрзаниот Лондон ги остава зад себе, со намера да си влезе назад. Имагинацијата на Рив очигледно нема граници, па секогаш кога ќе помислиш дека тркалата ќе заглават во кал, наоѓа некој нов концепт што ќе те изненади на следната кривина.

Настрана тоа што во суштина е класичната херојска авантура, првата книга е толку интересна што успеав да ја завршам во две легнувања. Светот е многу поопширен од што можеби звучи, ама секое дополнително навлегување во детали би било безобразно спојлање. Серијалот, покрај истоимената Mortal Engines, содржи уште три други книги, како и приквел трилогијата Fever Crumb која се занимава со она што довело во иднината градовите да се возакаат наоколу. Втората планирам да ја почнам наскоро отколку ќе чкртнам неколку други наслови од список.

Mortal Engines ќе добие и филмска адаптација во декември 2018, по сценарио кое Питер Џексон почнал да го пишува уште пред десетина години, меѓутоа режисерската позиција на крајот му била доделена на извесен Кристијан Риверс, тип кој цела кариера е некако изволвиран во продукцијата на Питер Џексон. Ако филмот го долувува амбиентот на книгата како што изгледа во краткиот тизер трејлер, можеби пак ќе го слушнам името на Кристијан Риверс. Или можеби ќе биде само уште еден неуспешен обид за голема филмска франшиза.

July 4, 2015

The Final Empire, првата книга од Mistborn трилогијата

Потрагата по свежа епска фантастика ме донесе до Mistborn трилогијата на Брендон Сандерсон. За Брендон Сандерсон не знаев многу, освен дека има популарен тековен серијал The Stormlight Archive и дека ги довршува The Wheel of Time книгите на покојниот Роберт Џордан. Mistborn ја купив практично на слепо, заради репутацијата на Сандерсон и пустата желба за евентуално добра приказна што не е научна-фантастика. Само што ја затворив The Final Empire, ми дојдоа милион прашања од типот, "зошто ова не е културолошки феномен како Game of Thrones?!". Сандерсон всушност и бил многу блиску до претварање на ова книжевно ремек-дело во друг медиум. Правата за филмска адаптација на Mistborn биле продадени уште во 2010, но компанијата каде што завршиле не успеала во рок од четири години да сними било што, па така што денес се пак назад кај него, и го чекаат јунакот што на светот ќе му донесе уште еден фантастичен еп. Но, веќе има RPG игра во стилот на Dungeons & Dragons, а следната година пристигнува и игра за PC и конзоли, Mistborn: Birthright. Серијалот не е ни десет години стар, но полека се обидува да излезе од своето хартиено живеалиште, пробивајќи го патот кон друг медиум. Што мене искрено ме радува, зошто ако нешто од жанрот е "следната голема работа", тоа е ова. 

Mistborn е сместена во Скадријал, земјата на Последната Империја, со која стотици години брутално владее тиранинот кој жителите го знаат како Лорд Рулер (Lord Ruler, ај како да те преведам без да звучи евтино?). Народот е поделен на аристократски куќи, чија позиција семејствата ја утврдиле при коалицирањето со мистериозниот владетел, и сиромашните селани и робови, наречени "скаа", кои ги работат жолтите плантажи на режимот. Сонцето одамна не грее како претходно, зелените растенија и цвеќињата се мит од уметнички слики, а од небото постојано паѓа пепел, правејќи ги градбите во главниот град Лутадел, целосно црни. Преку ноќ, целата земја ја прекрива густа магла во која никој не се осмелува да зачекори. Легендите за монструозни суштества кои шетаат во магливиот мрак го прават "полицискиот час" уште посериозен. 

Единствените кои без никаков страв се осмелуваат да зачекорат во ноќната магла, се група на луѓе познати како Мистборни. Користат магиски способности, кои својата моќ ја добиваат од согорување на разни метали во телото кои ги внесуваат преку мали епрувети. Нешто како мана, која доаѓа од метален прашок измешан во шишенце со течност. Како некој што играл еден тон игри од овој жанр, тврдам дека "науката" зад Аломансијата, како што Сандерсон ја нарекува, е најуникатното и најлогичното нешто што може да се сретне. Толку добро го објаснува и испорачува, што можеш само да климнеш со глава и да се согласиш. Во зависност од тоа каков тип на метален прашок има Аломансерот во себе и може да го користи (ги немаат сите истите моќи), таков е типот на "спелот". Од манипулирање емоции, акробатско летање низ воздух, па до телекинеза и Магнето тип на финти. Аломансијата не е единствениот тип на магиски талент што се среќава во светот, меѓутоа во првата книга е во преден план.

The Final Empire почнува како класичната херојска приказна. На почетокот дури потсеќа и на Star Wars, веројатно свесна замка, но во еден момент Сандерсон преку еден од ликовите нагласува дека Аломансијата не треба да се нарекува "the Force". Асоцијациите набргу се одвојуваат од "познатиот формат" и сетинг, претворајќи се во нешто сосема уникатно. Вин, млада девојка сирак, скаа, која се задружува со разни криминалци кои ги ограбуваат аристократите налетува на Келсиер, одметник и да, исто така криминалец, преживеан од легендарното поле за убивање непослушни на дикаторот од погоре со името кое преведено звучи смешно. Келсиер е полу-скаа, Мистборн, и е нешто како Кеноби на Вин. Со мала група бандити и измамници, е решен да го сруши режимот, и да и помогне на Вин која не е ни свесна дека постои Аломансија, а и дека таа чудната способност што ја има од многу мала е баш тоа.

Стилот на Сандерсон е толку прецизен што пола книга си ја свртел за едно попладне без да приметиш. Приказната цело време тера без да го намали темпото и интензитетот, а ликовите се толку добро создадени па од самиот почеток ги стискаш кориците кога ќе се најдат во напната ситуација. Не сакам да навлегувам во детали поради спојлери, барем за првата книга, така што ќе мораш да ми веруваш на зборот. Сандерсон не сопира со Mistborn и пепелниот мрачен свет тука. Во 2011 ја издава Mistborn: The Alloy of Law, самостојна приказна во истиот универзум, но со други ликови, а веќе работи и на нова трилогија. Деновиве почнувам да ја читам и втората книга, The Well of Ascension, па ќе пишам штом ја довршам последната страница.

June 9, 2015

Три научно-фантастични книги за летово

Од време на време, ќе се најде некој што ќе ме праша зошто скоро никогаш не пишувам за книги. Секогаш го давам истиот мрзлив одговор - не се осеќам доволно удобно. Знам дека ретко можам прописно да истретирам книга како што мислам дека заслужува, па затоа полиците тука на блогов се скромно пополнети со генеричка Warcraft и Star Wars литература. Сега ќе пробам да пренесам и препорачам нешто од полиците што се наоѓаат пред и позади мене, а не сум се осмелил до сега. Овие три подолу ги пројдов пролетва, па нека одат први, зошто ми се најсвежи. Извини за генеричкиот порталски наслов, ама еј, секогаш можеше да биде и "Три книги со кои ќе можеш да се преправаш дека читаш на плажа". Доаѓаат одмори, нели?
 


Баш додека го спремав текстов, филмската адаптација на The Martian од Ридли Скот се прошири низ секое интернет ќоше. Но, за филмот во некоја следна прилика. Оргинално објавена од самиот автор во 2011, чека три години за конечно да добие издавач што ќе го испечати ова мало ремек-дело на хартија. Приказната е прилично едноставна. Марк Вотни, астронаут на мисија на Марс, е оставен сам на пустата планета откако неговиот екипаж ќе замине назад кон Земјата, со заклучок дека е мртов по инцидент за време на песочна бура. Вотни, свесен дека никој не знае дека е жив, треба да преживее до пристигнувањето на следната мисија, со ресурси и храна кои практично нема шанси да му траат толку долго. Ниту пак има начин како да стапи во контакт со НАСА. 

Книгата е всушност неговиот дневник и начините кои ги користи да преживее, раскажани со фасцинантни научни детали и елегантен хумор (Вотни е мрчартор со кој би сакал да си заглавен во лифт со саати) од кои верувам дека повеќето би функционирале и во пракса. Таман кога ќе се навикнеш на нарацијата, Вир го менува фокусот и перспективата кон она што меѓувреме се случува на Земјата и другарите на Вотни кои патуваат натаму, па се враќа назад на правливиот амбиент на Марс кој упорно се обидува да му го згорчи престојот на единствениот посетител. Изненадување што трејелерот за филмот го расипува во првите неколку секунди, но и не гледам друг начин на кој би можело ова да се адаптира. The Martian е една од највозбудливите книги што сум ги прочитал во последниве години, така што Дамјан милион пати фала за препораката.


Освен Одисеите (Вселенската и Временската), немам читано нешто многу од Артур Кларк. Ни Rendezvous with Rama. Childhood's End ми е првото продирање во неговото рано творештво. Но, низ целата таа воземска инвазија за која зборува тука, во екот на црно-белите филмови со слична тематика, која тука е некако анти-Велсовска, можев да му ги приметам идеите за човештвото кое може да се препознаат во неговиот најпопуларен материјал. Тоа некако ми ја направи Childhood's End многу посимпатична и поблиска.

Сетингот делува познато. Вонземјани доаѓаат на Земјата, нивните бродови лебдат низ секој поголем град во светот, а посетителите комуницираат преку одбрани амбасадори. Но, нивните намери се поинакви. Практично, го доведуваат цело човештво во ред на претежно мирен начин. Ја обединуваат планетата, ги сопираат војните и сиромаштијата, усреќувајќи го поголемиот дел од популацијата. Цената, можеби ќе претпоставиш, дека се некакви зли задни намери, но не е баш така едноставно. Не се дојдени да ја цицаат животната енергија на луѓето. Childhood's End крие еден куп уникатни пресврти до самиот крај кои воопшто не мислев дека ќе ги сретнам. Лесна е, кратка е, така што грабни ја на време, за да се правиш фраер кога ќе излезе серијата кон крајот на годинава.


Првиот контакт со Нил Стивенсон ми беше Anathem. Ја читав неколку месеци, не само поради обемноста и комплексноста на материјалот, туку и дека книгата доаѓа со речник на зборови со кои Стивенсон лабаво се расфрла како да се природен дел од англискиот јазик. Дефинитивно една од книгите што ми оставиле најголем впечаток до сега. Snow Crash во мејнстримот добива многу поголемо внимание, па ми беше логичен чекор во истражувањето на овој генијален автор. Очекувањата беа големи, особено зошто Snow Crash ужива репутација на дело кое започнува нов сајбер-панк бран. 

Идејата е одлична. Виртуелна реалност, интересен концепт на невро-лингвистичко хакирање со сумерски корени и митологија... но, Snow Crash на моменти се дави во споро, непотребно темпо и нарација, аниме-акција и сегменти кои некако ми го одвлекуваа вниманието од она што Стивенсон се обидува да ми го протне. Значи, воопшто не е лошо, напротив, страшно забавна е за читање, меѓутоа има делови каде што буквално книгата ми паѓаше од раце. Следно од Стивенсон на листа ми е Cryptonomicon. Тоа делува како предизвик од нивото на Anathem.

December 3, 2013

World of Warcraft библиотека: Rise of the Horde

Со толку голем пазар, бројот на книги, стрипови и манга кои го дополнуваат Warcraft универзумот, е сосема логичен и оправдан. Добар дел од "дополнителната литература" е просечен, генерички и пишуван по претходно зададени параметри од нарачтелот. Барем во случајот со книгите, меѓутоа не верувам дека и остатокот е нешто поразличен. Книгите што досега ми проаѓале низ рака лесно ги баталував, баш поради тие очигледни шаблони кои едноставно пречат. 

Rise of the Horde е нешто поразлично. Стилот на пишување на Кристи Голден тука е многу посериозен од останатите штанцани наслови. Можеш да осетиш посветеност, емоции и отстапување од правилата кои претпоставувам дека е биле зададени. Сепак, ако е некакво мерило, авторката е посветен играч, па да речеме дека вложила доволно за производот да излезе таков каков што е. За сите што некогаш малку повеќе навлегле во приказните на Warcraft, ова е шлагот, приквелот што не смее да се избегне. Што е најбитно, добар дел од ликовите, а се надевам и настаните, ќе бидат и темата на следната експанзија, Warlords of Draenor. Со оглед на тоа што приказната е сместена години пред првата Warcraft стратегиска игра, верувам дека дел од ова ќе го чепнат и во филмот кој исто така е планиран да се врати малку наназад. Инаку да, пак го одложија, по не знам кој пат. Новиот датум е некаде во 2016. Како и да е...

Rise of the Horde го носи читателот во минатото на Азерот, односно Дрејнор (познат како Outland во The Burning Crusade експанзијата). Назад во времето кога Орките биле поедноставни, ја негувале сопствената традиција, шаманизамот и групирањето во кланови. Во времето кога се ковале легендите зад имиња како Дуротан и Оргрим, пред прифаќањето на демонската крв и темните сили. Во Rise of the Horde, Орките сеуште немаат зелена боја на кожата. Причините кои довеле до тоа, како и трансормацијата на шаманите во првите ворлоци, раскажана е баш тука; за прогонството и масакрот врз Дренаите, за Burning Legion и создавањето на некои од најголемите негативци како Кил'џејден и Архимонд (леле кирилицава).

Баш и тоа ја прави Rise of the Horde толку интересна. Голем дел од настаните врз кои е базирана World of Warcraft денес, се тригерувани овде. Крајот се сведува на воздигнувањето на Хордата и нивното доаѓање во Азерот како негативци. Преку the Dark Portal (ах, не звучат имињава добро на македонски)! За жал, изманипулираните Орки се само жртви на Саргерас и ќе наебат буквално за џабе. Приказната хронолошки продолжува во The Last Guardian, Tides of Darkness и Beyond the Dark Portal, фино собрани во колекционерско издание кое се вика Chronicles of War. Наводно, останатите три биле исто добри колку првата. Додека паузирам од WoW, ќе дојдат онака метадонски фино.

November 2, 2011

The Empire Strikes Back storybook од 1980-та

Денес ја збогатив Star Wars колекцијата со оваа книга, објавена истата година кога е првпат прикажан филмот. Сосема случајно ме најде баш мене. Книгата е во одлична состојба и покрај тоа што е стара триесет години и сигурно поминала низ многу раце и сопственици. Дури има и рачно напишана посвета, што и додава некој чуден шмек и "историска" вредност. Првиот сопственик е извесен Борче кој ова го добил на поклон од тета Лена, во декември 1980. Посветата е напишана на англиски, зошто најверојатно тета Лена живее или живеела некаде во туѓина.

Во книгата е раскажан цел The Empire Strikes Back, со многу, многу слики и дијалог кој малку отскокнува од оргиналниот, меѓутоа тоа е најмалце важно. Како колекционерски предмет, совршено е! Ете и некои слики, со лош квалитет, зошто мобилниов слика ужасно при вештачка светлина.

August 25, 2011

Најдобрите моменти во The Hitchhiker's Guide to the Galaxy филмот

Книгата првпат ја прочитав во 2005, кога излезе со оној лошиот предвод на македонски кај што Зејфод е преведен Запход. Отприлика и филмот се појави тогаш и успешно го избегнував се до пред некој ден. Конечно се решив да го гледам, и за чудо, го гледав пак следниот ден. Пак.

Фантазијата на Даглас Адамс мислам дека се искусува некако поинтимно и претставата за работите кои се во книгите, секој различно би си ги замислил и интерпретирал. Токму поради оваа причина, не ми се гледаше филм кој беше многу поразличен од мојата претстава за The Hitchhiker's Guide To The Galaxy. Првата книга ја имам читано многу пати, а деновиве додека бев на одмор ги читав втората (The Restaurant at the End of the Universe) и третата (Life, the Universe and Everything). Некако фино ми легнаа и расположението ми се подеси за гледање на филмот. Веќе си имам цврста слика и за ликовите, местата, универзумот и сè, така што филмот испадна претежно безопасен.

Прво, да кажам дека филмот делува конфузно, доколку не е прочитана книгата и има дупки што само така би се пополниле. Сценариото, иако е чепнато од самиот Даглас Адамс, на моменти е очајно, зошто се тргнати некои епски реплики или се осакатени со глуп муабет. Од ликовите, најпогоден е Артур Дент, па дури и Марвин, додека Зејфод и покрај тоа што го глуми генијалниот Сем Роквел е тапа без главите како во книгата. Форд е Mos Def, а Трилијан не е ништо посебно.

Значи, одиме по ред сега.

1. Водичот. Од првата сцена кога се појавува, до самиот крај Водичот е супер претставен низ мали симпатични анимации и гласот на Стивен Фрај.

2. Артур Дент и Марвин. Мартин Фримен е одличен како Артур Дент и успеал да го долови ликот како што јас си го претставувам. Плус, една од причините поради која се решив да го гледам филмот е токму тој, зошто ќе го глуми и Билбо во адаптацијата на The Hobbit. Марвин, иако е различен од мојата замисла, испаднал супер, фино е дизајниран, само што му фалеа и него реплики. Животот на Марвин во филмов, му го даваат Алан Рикман (гласот) и Ворен Дејвис (џуџето во роботот). Дури камео има и стариот Марвин, од серијата од 80-ти.

3. Слартибартфаст. Врвот на филмот е сцената која почнува откако ќе се појави Слартибартфаст и ќе го прошета Артур низ градилиштето на планети. Целата сцена ја изгледав со подотворена уста. Визуелно, една од најдобрите сцени што сум ги видел на филм.

Покрај се, филмот е навистина интересно доживување, визуелен трип со супер саундтрек и како што реков, јебига, по некоја дупка која може да ги збуни гледачите. На крајот од филмот, кога екипата се договара да оди во Ресторанот на Крајот на Универзумот, Марвин ќе прокоментира дека Ресторанот се наоѓа на другиот крај. Да, беше смешно, само што тој Ресторан не се наоѓа на таков крај од универзумот.

Претпоставувам да бил Даглас Адамс жив до комплетирањето на филмов ќе видевме нешто многу подобро, па дури и адаптација на останатите книги. Актерската екипа е супер, само малку да се поработело на сценариото и темпото на филмот, мислам дека добиевме фина филмска франшиза на едно од најдобрите дела некогаш напишани.

May 11, 2011

10 години без Даглас Адамс

Се надевам дека го откри прашањето, мајсторе.

So long, and thanks for all the fish.

February 22, 2011

Книга на месецот: Death Troopers (Joe Schreiber)

Од морето генерички Star Wars новели кои се штанцаат во енормен број секоја година, конечно нешто попримамливо да исплива на површина. Книгата е објавена во 2009 година, потпишана од Џо Шрајбер, непознат автор за мене, како и останатите кои работат на Star Wars ракописи сместени во 'проширениот универзум'.

Death Troopers се разликува од остантите Star Wars книжулиња по тоа што нуди една сосема поинаква перспектива на целиот тој универзум. Ова е првата хорор новела после Galaxy of Fear серијалот, сместена во Галаксијата и веројатно една од ретките Star Wars книги кои не се препорачуваат на малолетната публика.

Главните ликови во Death Troopers се дел од затворениците и екипажот на бродот-затвор Purge, кој ги пренесува најопасните убијци, крадци и сличниот олош собран од цела Галаксија. Purge ќе претрпи проблеми со нормалното функционирање, па екипажот ќе биде приморан да го сопре во ненаселен дел од вселената. За да биде уште полошо, единствената надеж е во Star Destroyer-от кој исто така лебди расипан и изгледа напуштено, а скенерите на Purge не покажуваат знаци на живот таму. Дел од екипажот заминува да истражи, меѓутоа се враќа со вирус кој ги зомбифицира заразените во Ромеро стил, правејќи ги гладни за живо, незаразено месо. Заразата се шири брзо и буквално станува пекол за преживеаните на бродот заглавен во шупакот на Галаксијата. Затворениците се пуштени од ќелиите, кој зомби, кој растроен...

Приказната се концентрира на двајца браќа, дел од затворениците, чиј татко е убиен од говедото од капетан на Purge, Сарторес, кој исто така има значајна улога. По сплет на околности, браќава завршуваат во исто срање со докторката на бродот, Захара Коди и нејзиниот дроид Вејст. За да биде уште поинтересно, некаде на почеток, онака како тиз, од ќелиите се слуша урлање на Вуки. Нормално, Вукито е Чубака кој е заглавен на бродот со Хан Соло. Не е спојлер, пошто и они се дел од малата група на преживеани, на која ќе се приклучат нешто подоцна. Ова ме збуни малку, зошто не очекував да ги видам во толку голема улога, во книга која е survival horror. Како што се намалува бројот на преживеани, така повеќе се откриваат детали околу вирусот, од каде доаѓа и што навистина е, и зошто некој решил да зомбифицира толку многу Стормтрупери.

Ја препорачувам аудио верзијата на Death Troopers. Како прво, ова не би го читал на хартија меѓу толку добри други книги кои чекаат во ред, а како второ, доживувањето е сосема поинаку со аудио верзијата. За разлика од многу досадни аудио книги кои ги чита мрзлив глас, со тронка емоции, тука се е фино спакувано со предобра дарк амбиент музика, автентични Star Wars ефекти и одлична глума на дијалогот, од самиот автор. Зачудувачки добро го скинал гласот на Хан Соло, на пример. За ваква лесна книга, пре би се одлучил за високо-квалитетно аудио издание, отколку за хартија. Трае неколку саата, добра е за пред спиење и има неверојатно супер атмосфера со печат од жанрот на кој припаѓа. Не е ништо ново, ама е фино да се доживее Star Wars приказна на ваков начин.

January 27, 2011

Kнига на месецот: Хобит (Џ.Р.Р. Toлкин)

Спакувана во преубавата корица нацртана од ТхеМичо, "Икона" ја издаде The Hobbit од Џ.Р.Р. Толкин на македонски јазик кон крајот на минатата година. Месецов ја добив за роденден и конечно ја завршив, после влечкање со англиската верзија и аудио книгата.

Хобит ја раскажува авантурата на младиот хобит Билбо Багинс и тринаесетте џуџиња предводени од Торин, кои тргнуваат по богатството чувано од змејот Шмауг (знам дека во оргиналот е Smaug, меѓутоа тука ќе зборам за македонското издание, па ќе го викам Шмауг). Приказната започнува во мирниот дом на Билбо, каде што волшебникот Гандалф доаѓа со групата џуџиња и мапа до богатството на Шмауг, со цел да го убеди хобитот да им се придружи , бидејќи им е потребен провалник каков што е тој. По непланираната забава во домот на Билбо, тие тргнуваат на незаборавен пат, проаѓајки низ Ривендел кај Елронд и Елфовите, па преку Мирквуд, соочувајќи се со најразлични опасности, тролови, џиновски пајаци, гоблини и што уште не. Токму на оваа авантура, Билбо го среќава Голум и Прстенот на Саурон доаѓа до него.

Хобит, како основата на она што е познато како Господарот на Прстените, вреди за секој напишан збор, комплетно успеа да си ја оправда репутацијата кај мене и со ноќи да ми го задржи вниманието. Иако, продолжението лично повеќе ми се допаѓа, книгава си ја заслужи високата оцена. Не ми е јасно како претходно не стигнав да ја прочитам како што треба, а некако успевав да се заштитам од спојлери. Зошто не сум баш многу запознаен со светот на Толкин (освен Господарот на Прстените), одредени настани и ликови ги знам површно, во Господарот на Прстените, најмногу се воодушевив на Битката на Петте Армии. Иако помалку впечатливо пресликана од сличните војни во LotR трилогијата, доволно е епска како кулминација на една ваква авантура. Едвај чекам да видам како ќе изгледа ова во филмот, претпоставувам во вториот дел (да, книгата ќе биде поделена на два дела, ова нема шанси да го собере во три саати), за кој ќе се почека уште некоја година. Ме занима дали ќе го има Беорн, типот што може да завземе форма на мечка. Битен и многу интересен лик, кој се надевам дека нема да го пропуштат како Том Бомбадил.

Колку и да избегнувам спореба, сепак ќе мора да спомнам дека Господарот на Прстените е Хобит на стероиди, што во никој случај не значи дека е помалку квалитетна. Разликата во години помеѓу овие две книги секако дека се забележува, и се гледа Толкин колку избегал со умот за време на војната.

За самото издание, можам да кажам дека е многу подобро од претходното, преводот е навистина океј, за разлика други македонски преводи кои во најмала рака се абоминални и се џабе потрошена хартија, без тронка лектура и смисла на преведеното. Не дека и ова е без грешки, книгата е преведувана од српски, приметив по тоа што има неколку пропуштени зборчиња кои се на српски. Во секој случај, се работи за солидно издание. Препорачувам.

July 19, 2009

Поларис колекција

Денес по вторпат ја прочитав Dune од Френк Херберт. Првата книга, нормално, додека вторава моментално ми стои на биро и чека да си направам кафе и да ја грабнам. Дури сега ја гледам убавината на серијалов и генијалноста на Херберт. Ги имам сите шест книги на хартија и планирам да ги прочитам периодов. Деновиве ќе го гледам филмот, а и мини-серијата, па ќе пишам нешто повеќе.

Втората книга мислев дека ја имам загубено, па така се сетив на дискот со Поларис (издавачка куќа од Белград) изданија, со вкупно 227 СФ наслови од еден куп автори како Френк Херберт, Даглас Адамс, Исак Асимов, Клајв Баркер, Ден Симонс, Артур Кларк... Ги има речиси сите значајни СФ книги досега издадени. Спакувани се во HTML каталог (и се HTML формат), поделени во повеќе категории, така што лесно се наоѓаат. Го ставив дискот на Репидшер, фајлот е голем околу 70 мегабајти, а вреди да се има, бидејќи некои наслови потешко се наоѓаат кај нас. Клик тука за даунлоуд.

February 6, 2009

Месец на Lord of the Rings

Изминативе неколку недели се позанимавав со Lord of the Rings. Ги читав книгите (само The Fellowship of the Ring ја имав читано претходно), ги гледав филмовите и ја играм Lord of the Rings: The Battle For Middle-Earth. Последен пат за Толкин бев до овој степен заинтересиран во средно, баш кога беше актуелен The Two Towers. Заедно со хајпот, спласна и мојот интерес па и не му обрнав големо внимание на The Return of the King.

Трилогијата е совршена. Толкин е генијален раскажувач, детално ја обработува приказната, ликовите и светот во кој се наоѓаат. Книгите се прилично динамични, но на (ретки) моменти се толку напорни, што едвај чекав да стигнам до следното поглавје. Зборувам за деловите каде што Дружината патува од едно место на друго и не се случува буквално ништо, па Толкин на неколку страници раскажува за околината низ која поминуваат. Ја сфаќам поентата океј, како на друг начин би се отсликале деновите/месеците потрошени на напорното патување? Најголемата маана на филмовите е токму тоа. Сé се случува пребрзо, па изгледа како да трае една недела, а не неколку месеци.

Кога би почнал да ги споредувам книгите со филмовите, можеби би извел заклучок дека се комплетно промашување кое го сквернави маестралното дело на Толкин. Се трудам да ги третирам одвоено, бидејќи така најдобро функционираат. Сепак, филмовите се феноменални и сигурен сум дека во следните 10 (и повеќе?) години нема да има подобро fantasy остварување. Сепак, има неколку детали кои навистина ми пречат во филмовите (Елфови на Helm's Deep?!), речиси сите кои ги Питер Џексон решил сам да ги додаде и ги нема во книгите, притоа исфрлил битни работи од книгите. Иста така, верувам (а претпоставувам и Питер Џексон исто) дека пошироката публика полесно ја прифаќа љубовната дилема на Арвен отколку Том Бомбадил.

Книгите се навистина обемни и верувам дека е тешко да се пренесат на филм, па затоа се трудам да не бидам толку строг. Мислам дека не би можело подобро од колку што е, освен со некои измени кои ги спомнав. Крајот е исто така различен, бидејќи пред да го испратат Фродо, Хобитите го ослободуваат the Shire од Саруман. Според Џексон, времетраењето би било значително продолжено а и филмот би имал поинаков ефект.

Бидејќи уште сум под влијание на LOTR, периодов ќе се позанимавам со читање некои додатни материјали, покрај тие во книгите. Ќе го гледам и цртаниот, ќе видам уште некоја игра, а веќе си купив и карти (LOTR картите се слични на Magic: The Gathering)...