Showing posts with label Torchlight. Show all posts
Showing posts with label Torchlight. Show all posts

April 11, 2015

Назад на Torchlight II

Корејците ги имаат најубавите ММО игри. Мислам, освен кога го изразуваат фетишот кон цицлести шаренила со ангелски крилја. Добар дел од нивните продукти се преведени и за западниот пазар. Доаѓаат со закаснување, багови и ужасен гејмплеј, ама бар изгледаат фино. Еден пример што веројатно ќе треба да го почекаме до следната година е Lost Ark Online. Стандарден акционен RPG, кој прави Diablo III да изгледа прилично 8-битно. Рано е да се зборува за Lost Ark Online и дали ќе биде најдобриот акционен RPG до сега, зошто ниту во Кореја не е почната бетата. Не гледам ништо ново што ќе е подобро од ова, па да речеме дека ова е тоа што ќе го однесе жанрот некое ниво погоре. Нека позбори видеото околу тоа. 


Исхајпан од Lost Ark Online, барав нешто слично за кликање. Diablo III ја пропуштам упорно на секој попуст до сега, Path of Exile ми здосади, па се сетив на Torchlight II. Со години одбројував до датумот на издавање, направив приордер, им ги колнев фамилиите секогаш кога ќе ја одложеа, а на крај кога конечно излезе, почна да ми фаќа прашина после неколку изиграни саати. Секогаш кога ќе видев како стои така тажно, ми паѓаше глупо. Пред недела дена ја инсталирав со намера да покликам некој саат колку да не почнам да одбројувам и за Lost Ark Online. Сега сум со петнаесет изиграни саати од тогаш и мраз на отечените прсти. Продолжив да го играм Outlander-от од пред две и пол години. Само што го почнав Act III, што значи сум негде по пола. Навлечен повеќе од било кога и изненаден како сум бил тргнат од играта толку време.

Да сум мислел тогаш што правам со изборот на спелови, немаше да губам толку време на умирање од малку поголема група на непријали, ама така играта ќе ми беше многу полесна. За жал, нема опција ги ресетираш комплетно дрвата со скилови, така што ќе морам да ја завршам сега со целиот голд потрошен на напитоци за преживување. Ако во Act III или понатаму има нешто како The Luminous Arena, ќе ми требаат сигурно уште петнаесет саати.

И, што се случило со Runic Games во меѓувреме, бе? Двајцата од главните фаци си отишле да прават своја компанија за игри. Очигледно ќе помине многу време додека видиме Torchlight III или ММО-то што го ветуваа додека работеа на двојката. Или било што друго што наводно тајно го развиваат во моментов. Path of Exile може пак да е следниот акционен RPG фикс за мене. За неколку денови почнува бета-тестирањето на новиот Act/експанзија, Awakening

October 27, 2012

Преглед на Torchlight II

По инцидентот со прашина во кулерот на графичката колку во пропадната транзициска фабрика (и таблетот со сопствена свест, но тоа е друга приказна), конечно Torchlight II си го доби заслуженото внимание. Со неколку изиграни саати и испробани две од четирите класи, првичниот заклучок е дека продолжениево го прави кецот да изгледа како недовршена бета.


Пред еден месец почнав да играм Engineer и резултатот по тие петнаесет минути играње еднаш неделно беше воспалена десна рака и "Абе, не сум сега за ова расположен" муабети. Класата можеби си наоѓа играчи, ама мене ми создаваше глупава слика за целата игра. Затоа, си направив Outlander, зошто пиштоли се поефективни од било кој џиновски чекан.

Во суштина, Torchlight II има идентичен гејмплеј како кецот (а, каков друг сакаш?), само што дејствието наместо во еден хаб со милион исти данџни е сместено во огромен шарен свет. Разновидна палета на непријатели, оружја, животињи за придружба и квестови. Приказната е интересна, меѓутоа се сведува на тоа дека ти си тој херој зад мониторот кој ќе ги спасува жителите на рендом места со својот напатен маус. Примарно во ваквите игри е да убиваш сè што мрда, а не е твојот пантер (или булдог) кој меѓу другото, може да оди до најблискиот град и да купува и продава ствари. 


Како и во кецот, девелоперите и тука ставиле од истата дрога. Значи, играта е крајно заразна и баш затоа ти треба нешто повеќе слободно време и дождливи денови. А, сериозно, најдобра е моментално од жанрот и тоа го сфатив по само еден саат играње. Толку ми требаше и за Diablo III. За ова, одговорно тврдам дека е далеку подобар дил, со оглед на работите што ги нуди. Diablo III може комотно да се слика со цената и недостатокот на офлајн варијанта. Torchlight II за тие 800 денари колку што ја купив нуди поинтересна игра, LAN опција и Интернет мултиплеер, гордо покажувајќи среден прст кон Blizzard и нивната шабанска политика.


Со првиот карактер го пројдов Grand Regent Eldrayn и тука заврши неговата инженерска кариера. Сега планирам да ја завршам играта со Outlander. Со оглед на тоа што класата ми дозволува побрзо да ги проаѓам квестовите дури и на потешко ниво, ова ќе биде брзо па ќе видиме што имаат и другите класи да кажат.

Засега, Torchlight II ми е фаворит сингл-плеер игрица за оваа година. Ако го земеме во предвид прогресот коj Runic го направија од оргиналот, третото продолжение би било уште подобро од ова. Имаат ли муда да направат вистинско MMO?

Види такоѓе:

September 2, 2012

Три недели до Torchlight II

Покрај сите оние работи за RIFT на овогодинешниот Pax Prime кои ја расплакаа заедницата од среќа, Runic Games извадија и трејлер со кој го најавија датумот за Torchlight II. Играта официјално ќе биде објавена на 20-ти месецов, така што има време да се испазарат неколку резервни маусови.. мауси.. Мауси е?


Како и да е, се надевам дека ќе се исплати чекањето, зошто мене ми е нарачана уште пред два месеци. А, ја чекам од првиот момент кога ја најавија. Две години. Runic одложуваа неколку пати, со оправдување дека ќе добиеме исполирана игра, далеку подобра од оргиналот. Тие што ја пробаа бетата, тврдат дека се во право, па ете за три недели прилика сите да се увериме. 

Мислам дека видеава ги немам постирано, па еве ги. Класите во Torchlight II: The Outlander, The Embermage, The Berserker и The Engineer.

Него, мене и друго почна сериозно да ме занима. Guild Wars 2. Другар ја донесе на работа и од тоа што видов, делува како да го оправдува хајпот. Језиво добро изгледа.

EDIT: Ова е 600-тиот пост на Crapwerk. :)

May 6, 2012

Има место и за Torchlight II

И покрај сите напори на малиот тим кој ја работи, Torchlight II пристигнува ова лето, после Diablo III. Гигантот ја доби трката, па додека излезе оваа мала симпатична игра, рацете на играчите веќе ќе бидат зафатени.  


Сепак, сметам дека има место и за Torchlight II. Првиот дел веќе ужива култен статус, си има своја публика. Играта има значително помала цена од Diablo III (а и од многу други нови игри), па полесно ќе си го најде патот до оние "кежуал" муштерии. Плус, темата е многу повесела од темниците на Diablo и доаѓа како сладолед после лесковачка.Токму тоа и ја издвојува од сите клонови излезени од Diablo II, до денес.

Веќе има неколку видеа од бетата кои укажуваат на тоа дека и не е баш некоја конкуренција на Diablo III, туку дека си е различна игра од истиот жанр. Еве ги првите пет минути, заедно со интрото во приказната, и три часа играње со Engineer класата, тоа што јас ќе го играм кога ќе излезе. Плус, опцијата за LAN играње е милион пати подобра од кретенската идеја на Blizzard за аукциите со вистински пари во Diablo III.

Инаку, деновиве асално ќе ја пробам бетата на Path of Exile, па ќе пишам. Поиграв малку колку што ми дозволи времето, не е лоша, дури изгледа и подобро отколку што очекував.

November 17, 2011

Torchlight II следната година?

Torchlight II беше најавена за крајот на оваа година, но изгледа дека ќе почекаме уште неколку месеци. Тревис Болдри денес на официјалниот сајт на играта, објави дека играта сè уште е во развојна фаза и потребно е уште некое полирање пред да биде издадена.

Со оглед на тоа што Torchlight II ја работи мал тим од само тројца програмери, сфаќам зошто неколку пати го преместуваат датумот. И самите Runic Games сакаат да издадат квалитетна игра, која според нивните зборови, би требало да е неколку пати подобра од својот претходник. Од друга страна, мислам дека повеќе се работи за бизнис одлука, бидејќи како што и Болдри кажува во постот, месециве излегоа многу добри игри кои уште некое време ќе ги окупираат компјутерите и конзолите на играчите. Конкуренцијата е навистина моќна, па затоа и нема потреба од брзање. Пред се, се работи за (комерцијално) многу помала игра која има големи шанси да биде смачкана од гигантските наслови присутни околу.

И на крај, повеќе би сакал да видам добро продолжение, отколку исфорсиран производ полн со багови. Слободно средете си ја играта Runic, и онака немам многу слободно време. Само датумот следната година да не се поклопи со Diablo III, тогаш што правиме?

June 28, 2011

Кога Torchlight II? Кога Diablo III?

Torchlight II

Годинава очекував барем една од игриве. Runic упорно ја поместуваат датата (беше пролетва, па јули, па крај на годинава), додека Blizzard не ни имаат дата. Се надевав дека летово ќе може да се игра Torchlight II, особено по сите најави за новите додатоци, како на пример co-op преку LAN, зошто од Diablo III нема никаков глас.

Runic од некоја причина ја одложуваат играта и стварно се надевам дека ја прават уште подобра од тоа што треба да е. Верувам дека сфатија за каква игра се гладни играчите и дека нема да промашат. Доколку е базирана на формулата од првата игра, со успешно имплементирани нови работи, гарантирам дека нема да има никаков проблем. Од скриншотите и видеата од разни гејмерски саеми и конвенции, Torchlight II изгледа сосема на место. Се надевам дека и приказната ќе биде на истото ниво.

Blizzard не згрешиле до сега и чекањето знам дека ќе се исплати. Ете, ќе си земам за право да ја приложам StarCraft II како доказ. Мислам, Blizzard се, сериозни се и не си дозволуваат да разочараат. Од Diablo III за среќа има квалитетни видеа, каде што убаво се гледа што може да се очекува овојпат. Преубаво дизајнирана игра, џам графика и детални анимации. Diablo како франшиза веќе си има приказна далеку поопширна од онаа на Torchlight, мислам, многу повеќе од два реда изговор за трчање низ пештери.

Ми се игра dungeon crawler. Единствено овој жанр RPG игри денес би бил добар ако ги оставиме ММОRPG-ата настрана. Баш пред скоро зборев дека денес останатото е тапа, ете и после The Witcher 2 можам да го кажам истото. Јебига, повеќе сакам изометриска камера и хек ен слеш, него конфузни контроли, беспотребни опции и ужасен гејмплеј. И искрено се надевам дека жанров ќе живне малце, ако не после Torchlight II, тогаш после Diablo III...

August 8, 2010

Најава: Torchlight II

Runic Games, на мое големо задоволство, деновиве го најавија продолжението на Torchlight. Според тоа што го пишува на официјалниот сајт, играта треба да се појави следната пролет. Како што можам да видам, Torchlight II ќе биде се она што беше претходникот, со многу нови работи кои верувам дека ќе бидат одлично прифатени од фановите. Всушност, се работи за истата формула, збогатена со проширен свет, мултиплеер преку LAN или преку бесплатните сервери на Runic Games, што е секако голем плус, нови класи и можност за подесување на нивниот изглед и миленичиња, а покрај тоа и подобрен интерфејс за кој се надевам дека исто така ќе има опција за подесување на повеќе копчиња.

Најмногу се радувам на проширениот свет, бидејќи Torchlight беше ограничена во тој поглед, а бескрајното лутање низ пештери понекогаш знаеше да е болно досадно. Се надевам дека Runic Games ќе се погрижат и приказната да биде малку пообемна. Најинтересното е сепак мултиплеерот, кој со новиот TorchED едитор за модирање може да испадне феноменална комбинација, па така што играчите можеби ќе добијат и мод кој ќе парира на DotA со игривоста.

Runic Games имаа среќа што првата игра пројде задоволително. Се создаде голема база на фанови, играчите посочија што сакаат да видат ново и за среќа тоа ќе се исполни со продолжението. Значи, ќе добиеме многу покомплетна игра, која сигурно ќе го надмине успехот на оргиналот.

PC Gamer пред некој ден објави интервју со луѓето зад Torchlight, заедно со слики од тоа што не очекува во продолжението.

June 6, 2010

Преглед на Torchlight

Факт е дека со појавата на MMORPG игрите изминативе години, старите добри RPG игри некако се редуцираа, па дури и играчите изгубија интерес за нив. Од друга страна па, после Diablo II, Baldur's Gate и Neverwinter Nights, не се ни појави нешто којзнае колку интересно. Последно нешто што играв беше Dungeon Siege II, океј игра, но не успеа да ме задржи. Интересна приказна, фина графика, меѓутоа имаше некои недостатоци во моделите и гејмплејот што сериозно ми влијаеа на уживањето, а покрај тоа беше без никаков баланс.

Torchlight од друга страна, функционира совршено за мене, во време кога RPG игрите се со значително опадната популарност и се гушат од други, поактуелни жанрови. Сега, кога веќе поминав 70% од Torchlight (барем од делот со кој се завршува играта), можам да потврдам дека ова е најдобрата акциона RPG игра која се појавила во изминативе години и веројатно ќе го зборам ова додека не видам што ќе ми нуди Diablo III. Torchlight не нуди ништо ново, туку совршено го применува рецептот за успешна RPG игра, без обиди за оргиналност, инвентивност и елементи кои лошо би влијаеле на жанрот со намера да се постигне нешто револуционерно. Токму едноставноста ја прави Torchlight тоа што е.

Се работи за мошне симпатична игра, со прекрасна графика и едноставен гејмплеј, десен клик за движење на карактерот/напад и лев за магија. На располагање, има три карактери. Destroyer, специјалност му се melee напади, мечеви, секири, значи нешто како warrior класата што ја знаеме од вакви игри. Потоа следи Vanquisher, комбинација од rogue и hunter, користи стрели, стапици, пиштоли и слични ranged оружја. Третиот карактер, мојот избор, Alchemist, е стандарден mage, со интересни магии, повикување на додатни суштества и оружја кои се базираат на магија. На почеток, понудените три карактери ми изгледаа некако премалку, но постои можност секој карактер да се обликува според потребите на играчот. Нема никаква ограниченост во однос на оружјата кои може да се користат, па така да дури и како Alchemist, може да грабнете два меча во рака и да кршите се пред себе.

За секој карактер постои и милениче, кое постојано ве следи, напаѓа, брани, користи магии, се левелира и со помош на рибите кои ги ловите во играта, може да се трансформира во многу поопасно суштество. Во Torchlight има мал милион оружја, опрема, гемови како и можност за креирање на уникатни, сопствени. Оружјата или предметите од кои карактерот и нема некоја корист, може да се трансмутираат во корисни гемови кои служат за појачување на тие што ги користите.

Приказната не е ништо посебно, но сепак и интересна и се развива со напредокот на играта. Torchlight почнува во истоимениот рударски град, изграден над огромна мрежа тунели и пештери каде што се наоѓа рудата Ембер, околу која се врти и целата приказна. Емберот е највредното нешто за жителите на Торчлајт, се користи за многу работи и има неверојатна моќ, па по него трагаат и зли сили кои претставуваат закана за малото гратче. Задачата на играчот е да ги чисти нивота под градот од непријателите, завршувајќи разни квестови, додека се отплеткува мистеријата за ентитетите и цивилизациите кои живеат долу. Емберот е повеќе од вредна руда и мора да биде заштитен, за како не би паднал во погрешни раце. Движењето низ нивота под градот е овозможено преку портали и еден главен портал кој има неколку клучни локации.И останато е стандард. Се собира experience, со што се фаќаат левели, поени за појачување на карактеристики, нови магии и сл. што е во рамките на RPG игрите.

Недостатоците на играта се минимални, дури не се ни вредни да се спомнат, зошто и покрај тоа нуди одлична забава и навлекува по првите триесетина минути. Зоните низ кои прошетав, ме оставија со подотворена уста, иако на моменти знаат да се малку репетитивни. Најпозитивната страна што морам да ја спомнам е тоа што играта е пријателски расположена во однос на конфигурацијата, па вози на full и на мојата машина за пишување од компјутер. Која друга добра игра од 2009 ќе ми го овозможи ова? Demigod сигурно не. :)

Компанијата која стои зад Torchlight, Runic Games, е основана од поранешни вработени во Blizzard, кои работеле на Diablo и Diablo II, па јасно е што може да се очекува. Влијанието на Diablo е очигледно, а се забележува и влијание од WoW во однос на дизајнот на зоните, бидејќи голем дел од нив, како и суштествата изгледаат слично со она што сме го виделе таму. Претпоставувам дека е намерно, колку да се привлече публика (ете, мене ме купија и со ова), но во никој случај не е безобразно украдено. Се потрудиле да го завијат, колку само да потсетува, што е сосема во ред.

Играта нема мултиплеер, можеби е тоа минус, но верувам Runic Games биле свесни дека мултиплеерот, а и самата игра, ќе згасне по објавувањето на Diablo III. Сепак, најавен е MMORPG во универзумот на Torchlight, кој би требало да биде бесплатен, односно како апгрејд на веќепостоечката игра.