May 6, 2017

Музичка плејлиста за 2017

За жал не успеав да ја довршам ланската музичка плејлиста. Четвртиот дел ќе се занимаваше со изданијата што ги открив малку подоцна во 2016, или па излегоа на самиот крај. Сега кога сме веќе длабоко во друга година нема поента да се навраќам, меѓутоа пред да продолжам мора кажам дека Your Wilderness од The Pineapple Thief си го прогласив за вториот најдобриот лански албум, веднаш после Tell Them It's Winter. Откако е ова разјаснето, можам годинава да ја си фатам домаќински, со ред. 

2017 почна со Migration на Bonobo. Иако е сериозен претендент за мојот албум на годината, оставам простор да биде предизвикан од тоа што допрва ќе биде објавено. Без разлика што толку интимно го доживувам, оваа дилема беше непостоечка со Tell Them It's Winter лани, па затоа ќе ги држам ушите широко отворени.  Особено за новиот Sleep Party People албум што ќе биде објавен наскоро. Во првиот дел од плејстата за 2017, претежно ќе се позанимавам со рап и драм ен бејс. Некои од изданијава воопшто не ги очекував годинава, ниту пак се надевав дека ќе звучат така како што звучат, а сигурен сум дека на дел од нив ќе се навратам за некој месец кога поубаво ќе ми спласнат.

Kendrick Lamar - DAMN.


Уште кога се појави спотот на критички инфузираната "HUMBLE.", знаев дека Кендрик е сериозен во намерите да си ја одбрани репутацијата стекната изминативе години. DAMN. на прво слушање е многу чуден албум, особено што продукцијата зема насока која е различна од онаа на претходниот, To Pimp A Butterfly. Но, сепак, зад сингловите попрскани со малку трап, се крие експериментален звук кој испливува на површината после повеќекратно слушање. 

Тематски нуди малку поинтроспективен пристап, а не се воздржува да искористи и религиски поттекст за да го зајакне наративот. Не е толку инхерентен како good kid m.A.A.d. City можеби, или па јас споро пробивам низ слоевите комплексност кои ми откриваат нови моменти секое следно вртење. Има цело богатство на DAMN. ако си спремен да го пронајдеш, а Кендрик и по години на сцената уште има свежа енергија што ме влече да тргнам со лопатата низ неговите мапи. Макар и кога ги среќаваш Ријана и U2 по пат.

Joey Bada$$ - All-Amerikkkan Bada$$


Пред Кендрик да истапи со DAMN. бев сигурен дека ова е најдобриот црнечки рап што ќе го слушнам годинава. Но, подоцна сфатив дека што и да направи господинот Бедес, ќе паѓа во сенка на неговиот претходен опус. Сигурен сум дека некогаш ќе успее да  ги надмине "Unorthodox" и оние валкани млатења на B4.Da.$$, но во некоја следна прилика. All-Amerikkkan Badass е секако солиден албум, Џои има идеи зад кои стои цврсто, ама се приметувам како прерипувам траки и после бројните шанси кои сум им ги дал.  Некогаш звучи како да не му се погодил денот, а сепак морал да стане и да појде на работа.

Како што вели еден стих од претходниот албум, "If it don't hit my spirit, I don't get near it". Барем не онолку колку првиот впечаток. Непобитен факт е дека има голем потенцијал и моќ за уништување на конкуренцијата и заминување во историјата како еден од најдобрите рапери на оваа генерација, "Rockabye Baby" е фин пример за она што може да го извади и измери на масата, само што можеби ќе треба да почекаме до следниот албум.

Dexcell - Under the Blue


Гледам тука во фолдерчево со тотално легално набавени драм ен бејс од 2017 изданија дека имам повеќе од десет албуми. Не ги преслушав сите повеќе од два-три пати, ама барем пола ми вртеа и вртат со денови. Никогаш не ми било тешко да се одлучам за драм ен бејс албум, точно знам што барам од жанрот. Слаб сум на меланхоличнo носталгични мелодии и вокалите на Pat Fulgoni и Charlotte Haining, a ова британско трио се погрижило Under the Blue да биде перфектно спакуваниот производ од тој тип. 

Еден од најдобрите деби драм ен бејс албуми што сум ги чул во последните години, иако бендот има значително поголема километража од колегите со слични фасцинантни првенчиња како оној на Keeno, да речеме. И, секако, мојот омилен од жанрот за оваа година, со можност да си ја зацврсти позицијата како секојдневен животен саундтрек. Нешто како што ми беше Electric Sun лани.

The xx - I See You


The xx ги следам речиси од самиот почеток. Под следам мислам и на одбивав да го слушам Coexist зошто не беше првиот албум. Но, како што поминуваше времето и се местеа ситуациите, речиси и да се израмни со звукот на маестралниот прв самонасловен. За I See You веќе не бев скептичен, туку само љубопитен што ќе понудат овој пат, како ќе ја придвижат сопствената еволуција, колку и дали воопшто, стилски ќе отскокнат од сопствените рамки.

Албумот се погоди да ми падне во раце во онаа глупава снежна зима пред некој месец, совршениот сетинг за овој исполиран, освежен склоп да може емоционално да резонира. The xx по трет пат успеваат да ја удрат вистинската нота. Тешко е да си волку доследен после три албуми, особено со етаблиран стил кој можеби би било ризично да го влечеш низ непознати места без да му го оштетиш интегритетот. Уште не можам да се решам за омилени песни од I See You, но би ги издоил "Brave for You" и "Performance" како ствари што делуваат како сол на отворена рана.

Gorillaz - Humanz


Со Gorillaz си имам посебна врска што трае од "Clint Eastwood" навака. Некако постојано ми биле во непосредна близина. Дури и кога мејнстримот го тргна малку светлото од нив, си го запишував Plastic Beach како еден од омилените албуми воопшто. Humanz го чекав толку долго што мислев дека никогаш нема да се случи. Зошто Албарн ме навикна на различна музика на секој нивни албум, немав никакви очекувања. Само сакав нов материјал, зошто стариот веќе ми е изгребан од слушање. 

Humanz е интересен, но гостите кои ги има на секоја песна прават на моменти да звучи како компилација од разни артисти. Секако, има некоја нишка што ги поврзува и потсеќа дека сепак се работи за Gorillaz албум, меѓутоа на моменти како да е комплетно отсутна. Уште сум возбуден со самото тоа што слушам ново од Gorillaz, па можеби само ми треба повеќе време. Но, ако за нешто не се мислам многу, тоа е дека "Saturn Barz" ми стана една од омилените песни од бендот воопшто.

2 comments:

Unknown said...

Прашање: ме интересира со кој тип на музика порасна, и кога почна да добиваш поеклектичен вкус? Или погершена препотставка имам дека сите имаме фазон во детството кај што слушаме само рап или само метал и сл.

Бојан Николов said...

Растев со Продиџи, Нирвана, Крафтверк, малку рап, во средно се префрлив на метал и некаде крај на четврта престанав да се лимитирам со жанрови. :) Не си далеку од претпоставката!