December 8, 2025
За Predator: Badlands
December 1, 2025
Малку муфте Dune: Awakening
November 24, 2025
Crapwerk XIX
November 15, 2025
Гноми
October 26, 2025
Absolute Batman Vol. 1: The Zoo на Скот Снајдер и Ник Драгота
Види такоѓе:
October 5, 2025
Преживување во Bloodshed
По успехот на Vampire Survivors неизбежно беше формулата да се прошета и низ други жанрови. Еден период не можеше ден да пројде без нов Vampire Survivors клон или нешто слично што се пробува со концептот. Максимално забавна проста идеја е. Долго пружав отпор пред конечно да ја пробам и да разберам што е привлечното и заразното. Генијална е и покрај "коцкарските" моменти и начинот на кој те експлоатира за малку серотонин. Не е лесно да го постигнеш ова и да функционира вака. Општо целата игра е редок успех. По инспиративниот документарец на noclip каде што Лука Галанте го раскажува процесот на создавање, уште толку ми рипна почитта кон Vampire Survivors и кон него како колега девелопер. Топла препорака за гледање, таман трае колку што ти треба да испукаш една партија.
Bloodshed ја презема идејата на Vampire Survivors и ја облекува во естетика инспирирана воглавно од Blood, Doom и сличните легендарни бумер шутери од таа ера, па и некои од новиот бран ко Dusk. Очигледниот омаж кон Blood беше и пресуден да ја испазарам уште дента кога излезе. Немав ни играно саглам бумер шутерчина тој период, последно се гњавев со Turbo Overkill и ова баш добро ми легна. Ме израдува тоа што автоматското пукање карактеристично за survivors / bullet heaven жанрот е опционално и можеш сам да пукаш. А како за игра што не е стандардна пуцачина, пукањето е прилично задоволително. Автоматски на тајмер се само магиите што ги собираш по пат, ама и со нив нишаниш во непријатели, така што си многу поактивно инволвиран во самата акција.
Прикладно за бумер шутерскиот фазон, Bloodshed има предефинирани арени наместо бесконечни процедурално генерирани мапи. Има неколку различни арени во зависност од мисијата и "приказната", ама воглавно се локации кои често ќе ги сретнеш во бумер шутер жанрот. Ќе се промафташ низ готски катедрали, манастири, гробишта, рурално гратче инспирирано од Dusk, приморски ловкрафтски селца и параходи, поделени на две наративни поглавја со бонус мисии кои се отклучуваат постепено и со комплетирање на претходни.
Мисиите траат од петнаесет до триесет минути, специјалните се нешто пократки, ама има опција и сам да си местиш услови и време откако ќе ги комплетираш. Bloodshed добро ги темпира со количината и типот на непријатели со твојот прогрес на левели и апгрејди, па во ниеден момент нема да осетиш дека си вон баланс. Плус и арените се доволно широки за стратешки да бегаш со испотени раце од група демони кога ќе згусне. Има доволно голема варијација на оружја и магии за да си склопиш некој интересен билд и покрај тоа што солиден дел постепено ги отклучуваш преку валута што ја собираш со играње. Стандардна проверена шема на мета-прогресија за ваков тип на игри, па Bloodshed не се прекршува нешто со иновирање.
Освен што отклучуваш мисии, оружја, магии и слично, отклучуваш и ликови. Тука можеби е најштура. Има само седум, доволно различни со оружјата и магиите специфични за нив, па некако имаш време да се изнапукаш додека ти се присака нешто свежо. Ама ако веќе дојде до тоа, веројатно е моментот да смениш и игра, а приметив дека скоро се излезени и други вакви хибридини бумер шутери со Vampire Survivors. Од ликовите најмногу го цепам Џаред кој е директна копија на инспириран од Кејлеб од Blood, од гласот, до стартниот шатган и вилата. Ако веќе и тука ги дробам истите култисти од Blood, барем да го имам најквалификуваниот човек за тоа.
Bloodshed нуди широк асортиман на магии и оружја. Некои се позабавни него што се корисни, па некогаш склопувам послаби билдови само зошто ми се интересни ефектите. На непријателите можеш да им фрлаш крлежи да им ја цицаат крвта, да ги дробиш со дожд од надгробни плочи, да поставуваш стапици за мечки, па да ги дотепуваш со рафали од калашников. Има еден куп. Немаат некоја длабока меѓусебна синергија, ама сите ефикасно бркаат работа против секаков тип на култисти, зомбиња и демони. Единствено е тапа што нема динамит за да го покрие и тој аспект од Blood. Во моментов играта ми е комплетирана 95%, што значи речиси сите работи ми се отклучени и не верувам дека доколку има динамит би го чувале за крај.
После ова редно време е да седнам домаќински на вистински бумер шутер. Одлична е Bloodshed вака за повремено, така и ја таманев од пролетоска, ама не е вистинска алтернатива за задоволување на бумер шутерските пориви. Cultic дреме којзнае од кога, излезе и долгоочекуваниот Chapter Two, а упорно ја одложувам со изговор дека ми треба некакво посебно расположение. Знам дека пак ќе играм нешто просечно како Graven или Forgive Me Father двојката, така Dusk ја одложував. Doom: Dark Ages уште не дојде на ред, дефинитивно ќе ја чекам на попристоен попуст, ама можно е да седнам на Heretic + Hexen ремастерите од Nightdive што скоро излегоа топтан.
September 28, 2025
Swamp Thing на Скот Снајдер
Скоро го препрочитував Swamp Thing на Скот Снајдер и се шокирав кога ги видов датите на издавање. Неверојатно е дека поминале четиринаесет години од Новиот 52 универзум, кога DC ги ресетираа сите нивни стрипови и приказни и ги почнаа пак од прв број. Меѓу тогашните тазе 52 наслови се најде и оваа хорореста приказна, која всушност беше и моето прво прописно запознавање со ликот. Со должна почит кон легендарниот Saga of the Swamp Thing на Алан Мур што отпосле го читав, оваа итерација на Скот Снајдер некако уште ми е најдрага, особено Raise Them Bones аркот.
Влијанијата од Алан Мур се очигледни, веројатно не ни можеш да ги прерипаш, меѓутоа Снајдер создава свое дело кое лесно успева да процвета во постоечкиот обновен свет каде истовремено покрај вакви чудовишта опстојуваат и суперхерои како Бетмен и Супермен. Паралелно со Swamp Thing, Снајдер го пишуваше и водечкиот Batman наслов со веќе култните The Court of Owls и The City of Owls, па јасно е дека DC знаеле кому да го доверат ова. Апсолутен мајстор на занаетот, а низ годините што следеа се докажа како таков во повеќе прилики.
Неговиот Swamp Thing има осумнаесет броеви собрани во три колекции, заедно со специјалните, a последната вклучува неколку изданија и од Animal Man на Џеф Лемир кои го сочинуваат кросоверот Rotworld, по кој Снајдер му го предава пенкалото на Чарлс Соул. Снајдер вешто се снаоѓа со предизвикот да го продаде ликот на чудовишниот Свомп Тинг на публика која за првпат се среќава со него, концептите околу и негативците како Антон Аркејн што му ја матат водата во мочуриштето.
Според митологијата на Swamp Thing, во светот постојат неколку конфликтни мистични елементални сили кои претставуваат различни аспекти на универзумот, животот и смртта. Меѓу нив се Зеленото, кое го опфаќа растителниот свет, Црвеното што е целиот животински свет сосе луѓето, додека Гнилежот ја претставува смртта и распаѓањето. Овие елементални сили имаат сопствени аватари кои во суштина се нивната физичка манифестација. Многу е покомплексно и поинтересно отколку што го објаснувам, ама во кратки црти отприлика вака се поставени работите.
September 1, 2025
Омилени хорор филмови 2020-2024
Додека се наканам да составам листа со омилените хорор филмови од тековната година, поминаа неколку. Годините пред пандемијата донесоа некоја нова енергија во жанрот, а се појавија и ликови како Роберт Егерс, Мајк Фланаган, Феде Алварез и Ари Астер чии остварувања веќе имаат култен статус и свој придонес кон обликувањето на современиот хорор. Не можеш да ги прерипаш ни Џордан Пил, ниту Џејмс Ван кој и во 2010-тите остави значителен белег во жанрот. Ренесансата од минатата декада природно се прелеа и во оваа и ете трае до ден денес. Цел жанр е некако посвеж и постојано има нови автори со поинаков пристап кои не се плашат да експериментираат.
За повеќето изгледани не стигнав саглам да седнам да си ги запишам впечатоците посебно, ама мислам дека ќе им најдам примена на листиве некогаш во иднина кога ќе ми се пригледа нешто од оваа ера. Тековнава година ќе ја изоставам со намера филмовите да се најдат на сопствена листа зимава. Ги одвоив тие што ми оставија најсилен впечаток од 2020 до лани и за кои претходно немам пишувано посебно. Многу добри филмови имаше секоја година, не беше воопшто лесен изборот. Да не биде премногу гужва, листата подоле е прв дел од поширока селекција што планирам да ја објавувам постепено.
The Dark and the Wicked (2020)
По првата екскурзија во суперхеројскиот жанр, Џејмс Ван сo Malignant се враќа на домашен терен каде што очигледно е најкомотен. Malignant е можеби најлабавиот во хорор каталогот на Ван, ама баш тој полежерен тон ги прави сите бизарности во филмот да се толку функционални. Иако моменти што се лесно предвидливи и понекогаш глумата не е скроз сјајна, комплетно успева да надомести за сите недостатоци со забеганата ескалација на крајот, ама и со спретноста на Ван со камерата низ цел филм. Мило ми е што уште наоѓа начини да е креативен како режисер и покрај тоа што последниве години е почесто со продуцентски ангажмани.
За ниеден друг филм од листава не сум бил толку среќен што сум му седнал со нула предзнаење. Не дека за другите се спремам, ама за некои и без да сакаш може ќе фатиш нешто ненамерно или некако им е очигледна тематиката. Barbarian вешто си игра со насоката на приказната и општо целото темпо, што едвај ти дозволува да имаш некоја точна претпоставка за што точно се случува. Притоа цело време те гуши со неизвесност и токми едно од најгрозните откритија во поновово време на хорор филмови. Импресивно режисерско деби на Зак Крегер, инстант класика. Едвај чекам да го гледам Weapons.
Имав некои неосновано ниски очекувања од Talk to Me. И покрај позитивните коментари и препораки, некако долго се промашувавме. Ме затекна неспремен. Тоа што претходно го знаев ми создаде слика дека е некаков млак шаблонски тинејџерски хорор, а испадна дека е еден од поинвентивните во последниве години, мајсторски спакуван и покрај скромниот буџет. Се радувам кога ќе видам нешто што знае како да размрда изморени жанровски тропи и елементи. Сосе годинешниот феноменален Bring Her Back, очигледно е дека браќата Филипу си го знаат занаетот и се решени да ја обележат оваа декада.
Реално немало лош Evil Dead филм до сега, а и серијата Ash vs Evil Dead беше одлична. Мило ми е што со Evil Dead Rise франшизата фаќа нов правец и што ова не е директно продолжение или стандарден римејк. Пак се осеќа дека е од истиот штоф, само живнат со нова локација и малку поинаков амбиент. Тонално е негде помеѓу трилогијата на Рејми и верзијата на Феде Алварез, што некако одлично функционира. Не е "страшен" во класична смисла, ама има крв и насилство во изобилие за да ги задоволи и тие апетити. Сем Рејми и Брус Кембел ветуваа нов Evil Dead на секои две години доколку Rise запали кај публиката, па наскоро би требало да го пречекаме Evil Dead Burn.
Аргентинскиот When Evil Lurks ми е еден од најзабавните филмови од последниве неколку години воопшто, од било кој жанр. Стварно е интензивно искуство. Освен што визуелно е бесмилосно брутален за долго да ти останат некои моменти во глава, има прилично интересна интерпретација на класична хорор тематика која му помага да се одвои и во сопствениот поджанр како еден од најсвежите. Толку добро и уверливо го гради светот во кој опстојува што нема шанси да не те повлече. Веќе се крчка продолжение и баш ме интересира како би се надополнила митологијата.
По феноменалните The Witch и The Lighthouse, се израдував што најиконскиот вампир му го доверија на Роберт Егерс. Иако инспирацијата се темели на оригиналниот филм и книгата на Стокер, Егерс си овозможува доволно креативна слобода за да го одвои Nosferatu како авторска интерпретација која би било глупо да трпи споредби. Визуелно е фантастичен, еден од поубавите филмови во последниве години. Специфичниот стил на Егерс извонредно лепи со ваква приказна. Веќе е докажан мајстор за создавање морничав амбиент каде што лик ко Носферату може да вирее беспрекорно, a Скасгард со улогата се зацементира како едно од најеминентните имиња во денешниот хорор.
Го гледав кратко пред Сидни Свини да завладее со светот. Едвај знаев која е, не ја ни памтев од Once Upon a Time in Hollywood и се изненадив колку способна актерка е, а Immaculate има некои исклучително интензивни моменти што феноменално ги носи сама. Друга работа што не ја очекував е ваков сочен модерен nunsplotation филм. Скроз еснафски, одличен. Плус, сниман на локација која во седумдесеттите ја свртеле повеќе хорори од италијанската школа што му додава уште една симпатична нијанса. Некој месец покасно излезе и The First Omen, приквелот на The Omen, кој исто така успешно нагази во поджанрот, па можеби ќе имаме среќа да видиме уште некоја современа варијација.
August 20, 2025
Да ти се стемни од World of Warcraft: Midnight
Кога ќе видиш, и најлошите денови на World of Warcraft биле најавувани спектакуларно. Стандардите за квалитетна експанзија се одамна поместени подолу, меѓутоа најавните синематици секогаш држеле некакво ниво. За Shadowlands беше солиден. Можеби повеќе од технички аспект одошто содржински, ама доволно провокативно за да се фатиш за новчаник. И најдосадната The War Within ја соопштија со еден од најдобрите воопшто во историјата на Активижн Близард.
Сега го објавија синематикот за следната, World of Warcraft: Midnight, и се фатив како се трудам да сум изненаден од мизерниот квалитет. Демек јаката игра, па си дозволиле синематикот да им изгледа како азиска мобилна игра. Како да не рефлектира што е World of Warcraft во моментов. Доволно е да видиш како завршува Legacy of Arathor. Ова е приказната денес и ова се ликовите кои играта ги трампаше за Трал и Андуин. Нестабилни нервозни тетки и чудни потиштени мажиња. Во секоја нова зона е истата песна, секоја кампања го следи тој шаблон и динамика. Тоа е капацитетот на тимот што е задолжен за наративот, само тоа знаат да напишат.
Со исклучок на некои моменти во Dragonflight, цела приказна после Legion е во слободен пад. А тоа ако не ми се погоди, стварно не ми останува многу WoW. Одамна не рејдам, М+ трчам сѐ поретко, а левелирање алтови, собирање маунтови и трансмози веќе не е толку забавно по стоти пат. Јаки муда ако го имам Инвинсибл. Треба да го јавам во кампања со Ферин Лотар. Сѐ што видов од Midnight до сега, не ветува нешто поразлично. Ова е истиот килав тим што буквално го седна Кадгар во магична инвалидска количка.
Како заколнат блад елф во играта, треба да ме радува тоа што Midnight носи големи промени на тоа поле. Ете, после скоро дваесетина години Квел'Талас ќе биде освежен и обновен, Силвермун можеби конечно ќе заживее пак. Не е јасно дали целата област сосе Еверсонг и Гоустлендс, ама чим има најава за Зул'Аман како посебна зона ќе претпоставам дека обновата опфаќа поширока територија. Со новото летање така и би требало. Некако сум рамнодушен во моментов, ама јасно е дека и на целово јадење гомна пак ќе им платам за да се прошуњам ден-два. Тоа е најтажното. Како пак да купиш храна од место кај што си се отрул.
Веројатно најголемата новина во Midnight е можноста конечно да имаш свој дом во Азерот. Нејасно ми е како до сега го немаа ова. Ама ако ја спремаат играта за на апарати после заокружувањето на ова што го викаат The Worldsoul Saga, целиов систем би можел лесно да одржува заедница што ќе плаќа претплата и тракатанци кога евентуално би секнала редовната содржина. Куќите во Азерот ќе може да бидат дел од комшилуци каде што секој месец ќе има некаков настан и потенцијалот да ги држиш луѓето "дома" е огромен. Плус, обавезно ќе лупнеш фонтана, базен или нешто за 90 евра да се продава и тоа е тоа. Глеј ја RIFT, од што мислиш дека живее последниве десет години без еден нов квест.
Покрај вкупно четирите нови зони, доаѓа и нова раса што ќе може да се отклучи. Од што е толку интересна приказната во The War Within, овие Харанирциве дури од најавава за Midnight ги приметив дека постојат. Midnight стартува и со три рејдови, ама со вкупно девет босови, така што некој конечно се сетил дека може и ваква финта да направат за да изгледа како да работеле и на нешто друго освен мебел за куќите.
Додека драмам тука за Midnight, на полето на пиратски приватни World of Warcraft сервери се случуваат далеку поинтересни ствари. Откако Активижн Близард не успеаа да им пружат квалитетна Classic+ содржина на играчите со Season of Discovery, почнаа да никнуваат сервери како Project Epoch кои нудат ванила со нови дополнителни ствари кои ги нема во оригиналната. Epoch преработува неколку стари зони и носи над 1400 нови квестови. Секако, тука е и веќе култниот TurtleWoW што пред некој ден исто така се појача тазе сопствена содржина, напукана колку цела експанзија.
Се најавуваат и уште неколку вакви сервери кои прават разновидни креативни нешта со играта, работи кои легитимните сопственици на World of Warcraft некако бавно контаат дека им се лукративна можност. Од Mists of Pandaria Classic и Legion Remix изгледа тешко се приметува огромната група играчи што сакаат едноставни MMORPG авантури. Имам акаунти и на TurtleWoW и на Epoch, дури малку и успеав да се промафтам таму. Такви се бавни, не те брзаат нигде. Фокусот им е на левелирање и општо заживување на делови од Азерот што се запустуваат со секоја следна World of Warcraft експанзија. Не дека ќе играм којзнае колку, ама делуваат како супер алтернатива за ако ти затреба доза, а сакаш да ги заобиколиш Активижн Близард.
August 15, 2025
Уште не можам да ја изгасам Against the Storm
Изгледа никој не спие од тие шест луѓе во Eremite Games. Ни година не пројде од Keepers of the Stone, а Against the Storm летово не само што излезе за конзоли, туку има и нова експанзија. Ја земав за Нинтендо Свич колку да ја имам во физичка варијанта. Не дека ќе ја играм нешто многу на Свич, сакам да се распостелам на биро со тастатура и маус, ама нека си ја во колекција. Нит јаде нит пие. Невиден мерак ми е Against the Storm. Kако посебно хоби почнав да ја третирам. Откако сум родител малку потешко доаѓа на ред, ама успеав да украдам неколку саати за конечно да седнам на ова новово Nightwatchers.
Експанзијата го следи тертипот на претходната Keepers of the Stone и воведува два нови биоми, нова раса со сопствени градби и куп нови афикси и ивенти што го збогатуваат светот и системите. Како и претходната експанзија, Nightwatchers ненаметливо се вклопува во постоечкиот комплексен механизам на Against the Storm, без да наруши некоја друга функционалност. Не си обврзан да ги купиш експанзиите, немаат драстични промени што влијаат на општиот начин на кој се игра играта.





















