January 11, 2018

Градови

Изгледа конечно научив како се игра Cities: Skylines. Мислам, градчево што успеав да го раздвижам уште е со број на жители колку Виница, ама барем не се дави во долгови од кредитите што играта ти дозволува да ги подигаш кога економијата ќе почне да оди во минус. Дури има и модерен експо центар. Првите неколку градови така ги пропаднав, други се угушија во гомна зашто не успевав да им поврзам функционална канализација. Да, не би сакал јас да сум ти архитект или градоначалник. Промашив и автопат додека пробував да сконтам како најадекватно се врзуваат населените места.

Последен пат имав допрено симулатор за градење градови додека Пенов беше градоначалник, SimCity 2000, и тоа ПлејСтејшн верзијата. Ми проаѓаа и поновите верзии низ раце покасно, ама ништо не успеа да ме закачи како Cities: Skylines. Истиот концепт е, само модернизиран и со мал милион модови од заедницата што може дополнително да ти го збогатат доживувањето ако решиш посериозно да си го трошиш времето со ваква игра. Мики од Archona Games има направено и мапа на Скопје каде што можеш да го реизградиш градот без манијакално барокување, на пример.


Cities: Skylines те пушта на едно празно поле каде што треба да поврзеш голем автопат со целата инфраструктура што почнуваш да ја развиваш од нула. Од автопатот доаѓаат и жителите на твојот град кои се распределуваат во неколку различни типови на градби. На истите мораш да им обезбедиш струја, водовод, канализација и патишта, како најосновни потреби. Како што расте градот, жителите имаат потреба од едукација, здравство, нови работни места, па дури и гробишта. Пола град се разболе и умре, се жалеа дека не знаат што да прават со лешовите додека се сетив и на тоа.

Микроменаџментот мора да ти биде промислен и прецизен, а јас тоа го потценив на почетокот. Од Ченто сум, што очекуваш. Нема улично осветлување од летоска. Мислев дека и граѓаните на моите градови ќе може да издржат без вода во комплетна темница додека неплански им градaм некои нефункционални објекти. Очигледно треба да ја изолираш и индустриската зона што загадува, да биде надвор од градот. Граѓаните ти се жалат преку еден дел од интерфејсот што е очигледно инспириран од Твитер. Штета што не можеш да ги ставиш за советници тие што ти го љубат газот дури и кога ќе им натопориш три отровни депонии на сред град.


Кога веќе ќе воспоставиш некаква солидна инфраструктура која ќе го држи населението среќно и во пораст, доаѓа уште поинтересен дел. Како што тоа расте, така ти се достапни повеќе градби. Мораш да имаш полициска станица која ќе се грижи за стапката на криминал, пожарна за кога некој ќе заборави вклучена рингла, па дури и забавни паркови, зеленила и места каде што жителите ќе може да ги носат миленичињата на какање. Позиционирањето на градбите мора да го смислиш добро, за да избегнеш полуедуцирани квартови доколку им го ставиш школото или универзитетот некаде предалеку.

Економијата и буџетот се исто така многу важен дел за градот да ти функционира нормално, да просперира и да се проширува. Кога веќе нема да има потреба да ги креваш даноците за брз профит, можеш да се фокусираш на посоодветна урбанизација или преименување на улиците во "бул. Коце Шилегов" и "ул. Срце Тетовирано".


Играта станува исклучително релаксирачка кога ќе научиш како точно да управуваш со сè што ти е на располагање. Има шанси да упропастиш неколку градови на почетокот, но тука за среќа имаш копче што ќе ти обезбеди нова полјана за да почнеш одново. После некое време ќе почнеш и сериозно да се грижиш за сопственото дело, па ќе планираш стратегии како да ја префрлиш индустриската зона што ти ги гуши малите дигитални човечиња што си успеал да ги намамиш во населбите.

Тогаш ќе можеш да земеш здив неколку минути и да набљудуваш како ти живее градот. Камерата нуди поглед од секоја перспектива, дури можеш и пешаците да ги следиш како се движат низ него. Cities: Skylines секако нема да те направи кадарен за урбанизам или да те научи како се вози во еднонасочна улица, ама гарантирано нуди квалитетна забава што сигурен сум дека на мене ќе ми трае и со месеци. Или барем до првиот поголем земјотрес што ќе ми направи паркинг од Los Crapos.

No comments: