August 15, 2025

Уште не можам да ја изгасам Against the Storm

Изгледа никој не спие од тие шест луѓе во Eremite Games. Ни година не пројде од Keepers of the Stone, а Against the Storm летово не само што излезе за конзоли, туку има и нова експанзија. Ја земав за Нинтендо Свич колку да ја имам во физичка варијанта. Не дека ќе ја играм нешто многу на Свич, сакам да се распостелам на биро со тастатура и маус, ама нека си ја во колекција. Нит јаде нит пие. Невиден мерак ми е Against the Storm. Kако посебно хоби почнав да ја третирам. Откако сум родител малку потешко доаѓа на ред, ама успеав да украдам неколку саати за конечно да седнам на ова новово Nightwatchers.

Експанзијата го следи тертипот на претходната Keepers of the Stone и воведува два нови биоми, нова раса со сопствени градби и куп нови афикси и ивенти што го збогатуваат светот и системите. Како и претходната експанзија, Nightwatchers ненаметливо се вклопува во постоечкиот комплексен механизам на Against the Storm, без да наруши некоја друга функционалност. Не си обврзан да ги купиш експанзиите, немаат драстични промени што влијаат на општиот начин на кој се игра играта.

 
 
Новите човеколики лилјаци како раса не ми се толку визуелно интересни како жабите од Keepers of the Stone, ама се ефикасни на кои претходно беа покриени само од една раса. Главна специјалност им е металургија, па доколку градиш топилници и рудници ќе ги пратиш таму да си бркаат работа за бонус поени. Потребите им се убаво избалансирани со останатите раси, па со кој и да се погодат, лесно ќе ги опслужиш со заедничка храна, кабаници, засолништа и луксузи. За разлика од жабите, лилјаците може да живеат и во обични куќи и нема потреба да двоиш ресурси за да им градиш засебни живеалишта што можеби ги прави нешто поедноставни за менаџирање. 
 
Најзабавниот дел од Nightwatchers се секако новите биоми, карпестиот Rocky Ravine и раззелениот Bamboo Flats. Најјакото кај Eremite е што упорно наоѓаат начини да го освежат гејмплејот и да склопат биоми што и без дополнителните модификатори нудат уникатни штосови што бараат нова стратегија од тебе. Rocky Ravine е биом во кој за првпат нема обични дрвја чиј главен ресурс е секако дрво, туку "сечеш" дрвја создадени од карпи што примарно даваат камења, ама фрлаат и по уште нешто. Но, недостатокот на дрво како основен ресурс за многу од продукциските ланци е избалансиран со нова посебна градба каде што на "црно" можеш да купуваш повеќе корисни работи меѓу кои и дрва. 
 
 
Многу едноставна финта користи механиката на биомот. Браво како го имаат смислено. Ти зема основен ресурс и ти воведува низа чекори кои можеш да ги правиш за да го добиеш. Не е постојана тепачка за дрва, иако знае да биде малку зезнато ако не воспоставиш силна економија на почеток. Само треба да си обезбедиш постојан доток на злато за да тргуваш правилно, а за тоа имаш еден куп различни начини на располагање. Rocky Ravine ме потопи неколку пати додека се прилагодам, ама сега делкам и низ Prestige левелите. Биомот има и убава синергија со жабите. Куќите што одбиваат да ги делат со другите раси бараат цигли што ги правиш со камења, а со камења се градат и побрзите патишта, така што супер комбинации може да се склопат ако се погодиш со жаби.  
 
Bamboo Flats од друга страна, ти ја одзема плодната почва од ледините и практично остануваш без фарми. Но, во твојот почетен камп сега се наоѓа едно огромно бело суштество - Флафбик, кое мора да го тинтраш со храна, вода и топлина за да исере гомно што го користиш како ѓубриво за создавање плодна почва. Супер е. Ми се свиѓа што не е автоматизирано, па мораш рачно да го товиш и да чекаш да го протера. Мислев ќе можам да се покривам со добро тргување, сум истерал многу партии и без фарми, ама барем двапати се најдов во ситуација каде што морав да се потпрам на дигестивниот систем на Флафбикот. Интересно е пред сѐ, плус вака фармите си ги правиш кај сакаш и можеш комотно да си ги наредиш околу склад за полесна дистрибуција.
 

Од новите модификатори на мапите во Nightwatchers, веројатно најмногу се двои Riverlands. Одлично се надоврзува на централниот мотив на експанзијата и тука наместо дрва и фарми, те остава без повеќе од пола мапа. Фрлен си на мал остров со само неколку ледини за отварање и ти треба комплетно нова стратегија. Нема поени од резерви со ресурси што можеш да ги праќаш до Кралицата, па голем дел од репутацијата треба да ја стекнеш преку среќата и комодитетот на жителите. За тие што ова им е примарна стратегија е лесно, јас допрва ќе треба домаќински да му седнам на ова.
 
Како и секогаш, атмосферата е феноменална и во новиве два биоми. И покрај целата тензија што доаѓа од балансирањето на двете главни метрики кои го одлучуваат исходот на партијата, Against the Storm знае како да ти обезбеди опуштен амбиент за смирено и фокусирано да се справуваш со најнапнатите ситуации. Особено ако десниот црвен индикатор почне забрзано да се полни. За добар дел од ова заслугата оди кај саундтрекот на маестро Миколај Курпиос. Оваа експанзија ја крепи со нови 27 парчиња музика што ќе ти ја сталожат душата додека ти се распаѓа гратчето и човеколики дабари умираат голи и боси од глад. 
 

Баш ми свири додека го пишувам ова, неверојатен е со композицииве уште од самиот почеток на играта. И во Keepers of the Stone музиката беше подеднакво фантастична. Мило ми е што е уште тука, се надевам дека ќе остане и за идните експанзии. Веќе има препознатлив печат без кој играта не би била иста. Аудио идентитетот на Against the Storm е еден од најсилните аспекти на играта, особено што често користи специфични звуци да комуницира одредени случувања. Битно е и со самата музика да се справува некој што разбира што треба да стигне до тебе. Алал.
 
Не очекував со вакво брзо темпо да расте играва, ама очигледна е неизмерната грижа и љубов на малиот тим кон ова и ќеф ми е што упорно работат кон тоа да биде уште подобра. Нема да ме изненади ако се појави и уште еден биом покасно како дел од експанзијата, како што направија со Ashen Thicket некој месец откако излезе Keepers of the Stone. Во секој случај, визијата за играта им е јасна и секако ќе сум тука и за следната етапа на Against the Storm. Ми го уништи уживањето во повеќето слични игри во жанрот, ама па и доволна ми е за да не ми треба ништо друго вакво.
 
Види такоѓе:

No comments: