October 17, 2024

Дојде Dusk на ред

Последниве месеци се натоварив со разни старошколски пуцачини или според актуелната номенклатура, бумер шутери. Нови, стари, играни, недоиграни и пропуштени - важно да биде директно или бар во некоја мера инспирирано од Doom, Quake или сличен наслов од таа ера. Списокот стана обемен. Се трудам постепено да го растерам и некако е среќна околност што слободното време ми е кнап, па не ми дозволува рафално да здробам повеќе наслови и да се презаситам. Измеѓу Forgive Me Father успеав да "одморам" и со Warhammer 40,000: Space Marine кец, ама за тоа во друга прилика откако ќе ја седнам и двојката.

Покрај Doom од 2016, Dusk е една од игрите кои се најодговорни за ренесансата во жанрот, особено за естетскиот аспект. Зад играта воглавно стои еден човек, Дејвид Симански, кој идејата ја добил во средината на 2000-тите играјќи на машина што единствено можела да вози "стари" игри како Doom и Quake. Dusk конечно зазема облик во 2015, за веќе во 2017 да ја објави првата епизода бесплатно, емулирајќи го shareware фазонот карактеристичен за игрите од кои црпи инспирација. Нешто пред официјалното објавување во 2018, Dusk почнува со тестови и за мултиплеер, па оттука веќе е јасно дека Симански е сериозен за создавање игра со сите марифетлаци што ги имаат и неговите омилени. Денеска Dusk има и поддршка за модови, така што неговиот план е спроведен во целост.
 

По повод петгодишнината кон крајот на 2023, Симански ја објавува и DUSK HD, визуелно обогатена верзија бесплатно достапна за сите што ја поседуваат оригиналната. "Одлуката" баш оваа верзија да биде мојот прв контакт со играта беше механичка, не ни видов што кликам, а кога приметив беше веќе касно да сменам. За среќа се завршува за неколку саати, а ми залепи толку многу што веќе се оштрам за второ играње, па ете прилика да ја видам и таа верзија од 2018. Измените се секако воглавно визуелни. Моделите на оружјата, непријателите и некоја текстура. Комплетно е задржан оригиналниот стил и се истите четири-пет полигони, само изгледаат малку поубаво. Да ги видиш двете верзии без да имаш играно, може и нема да приметиш која е која.

Dusk е поделена на три епизоди, секоја со по десет мисии и неколку скриени. Со акцијата во преден план, приказната е оскудна како што нели "налага" жанровската рамка. Ја има доволно за колку да имаш појасна слика што точно се случува околу тебе и поради која причина рендаш разни култисти и чудовишта со два српа во рацете. Тематски си има сопствен терк, меѓутоа покрај мноштвото филмски и книжевни инспирации, очигледна е инспирацијата од игри како Blood, Half-Life, S.T.A.L.K.E.R и Redneck Rampage. Сегде ќе се прошеташ во Dusk. Сѐ има. Од рурални фарми со пченки до тајни подземни лаборатории и неовоземни мистериозни зданија. Секоја од епизодите е со различна тематика меѓутоа крајот успева да ги врзе во целина.


Со оглед на тоа што Blood ми е тазе играна, не промашив да го приметам гласот на Стефан Вeјт кој се појавува на кратко. Сешто ќе видиш и чуеш, ама најсимпатична неочекувана референца ми се непријателските црни кози базирани на Black Philip од The VVitch на Роберт Егерс, еден од моите омилени хорор филмови воопшто. Сосема пријатно изненадување, ем соодветно за самиот свет на играта, ем концептуално одговара на жанрот. Ако некогаш правиш ваков бумер шутер, недозволиво е да заобиколиш референци кон култни хорор наслови. Неизбежен е и мрсен металски, дарк амбиент и индастријал саундтрек да ја помачка атмосферата, па така што за музиката е задолжен веќе култен лик од модерниот бумер шутер свет - Ендру Халшалт. Корне "Departure to Destruction" во позадина баш додека го пишувам ова.

Пукањето и движењето се апсолутно мазни и исполирани до перфекција. Во ваква игра сакаш да се движиш бргу, ама уште повеќе сакаш да има добар шатган. Игри со пукање се, тоа им е главната фора и тоа е првото што треба да функционира совршено. Кога ќе пукнеш да има моќен ефективен звук, да распарчи пред себе. Битен е и балансот во брзината на репетирање - доволно бавно за да не можеш да го спамаш, ама сепак доволно брзо за да останеш ефикасен при блиски средби. Dusk ова го разбира и спроведува многу подобро од што можам да го објаснам без да пробаш сам и нуди еден од најдобрите шатгани во било која пуцачина што сум ја играл до сега.
 

Секако не се занемарени ни другите оружја, околу десетина ама повеќето се стандардни. Има и самострел што пробива неколку непријатели одеднаш, па те мотивира тактички да се позиционираш за да исчистиш мапа со што помалку муниција. На почетокот ме зачуди отсуството на бомби, Blood ме разгали таму со дваесет и седум видови на динамит, ама изгледа јас малку покасно сконтав дека интерактивната околина овозможува сѐ да биде "бомба". Немаш муниција? Земи цигла или нешто од земја и акни ја од нечија фаца. За поголеми непријатели има големи буриња. Имаш оружје насекаде околу. Друга работа што не ја открив од прва беа едни зелени кристали што поретко ќе ги сретнеш, ама ако ги скршиш испушаат чад и непријателите што ќе се затекнат во тој облак од чад почнуваат да се тепаат меѓу себе, па слободно можеш да им влезеш со шатганот.

Има повеќе повеќе непријатели со различни механики, меѓутоа многу од нив се само нешто поиздржлива варијанта, ама ја ценам визуелната дистинкција. Нема онакви фрустрирачки што се тепаат бесконечно или имаат некоја глупа механика што кога ќе ги ставиш на одредено место од мапата ќе те убиваат и тебе и темпото на целата игра подолго од што е забавно или предзвикувачки. Има и неколку босови, ама и тие се на некој начин "фер" и релативно лесно совладливи. Глупо ќе биде толку брза игра да те тормози со глупости, па ценам што не забегува дури и на поголемите тежини.
 

Dusk е фантастична и со левел дизајнот. Иако ѕирка таму од тетратките на Ромеро, успева некако да не биде премногу нападна со лавиринти, ходничиња и комплексна архитектура, а истовремено да ти ја задоволи и таа потреба да истражуваш баш такви мапи. Ценам кога ќе се изпогубам и ќе се вртам во круг во ваков тип на игра, не дека го нема и тука тоа, ама е умерена со нелинеарниот дизајн специфичен за жанрот. Некако успева да најде некоја фина средина што максимално ми се допадна. Клучевите се полесно достапни од стандардните "тајни", па оттаму тоа губење и талкање е претежно избор отколку нужност. Или можеби е едноставно до дистинктивната естетика на околината која овозможува полесно да се ориентираш, не знам, ама впечатокот ми е тој. Во Blood проплакав неколку пати.
 
Сепак, цела оваа хармонија ќе ти ја наплати со еден исклучително фрустрирачки момент, кога си приморан вертикално да излезеш од посран силос, ама среќа не е механика што ја има и понатаму, барем не на ист начин. Единствено тука "заглавив". Има и уште еден сличен момент каде што можеш да активираш копче што ќе ти ги побрка контролите, перспектива за буквално да ти ја скрши цела игра, среќа е опционален. Тематски функционира скроз соодветно, да не раскажувам сега да не расипам, ама немав нерви иако озбилно дадов шанса. Враќав сејв за да ја одберам безболната верзија. 

Искрено, малку сум и изненаден дека Dusk е толку добра колку што слушав дека е. Првпат кога ќе ја видиш изгледа онака океј, дури и генерички. Не е баш очигледно каде стварно двои додека не ѝ седнеш саглам и да видиш како функционира и колку мангупски си го фура целиот ретро фазон. Слободно пиши таму дека е излезена во 1998 и нека стои рамо до рамо со најголемите од декадата. Тој калибар е и никој нема да ѝ ја примети годината. Од овие неколку бумер шутери што ги изиграв скоро за првпат, мислам дека на Dusk најмногу сакам да се вратам и да комплетирам работи што не ги стигнав на првово претрчување.

Види такоѓе:

No comments: