По успехот на Vampire Survivors неизбежно беше формулата да се прошета и низ други жанрови. Еден период не можеше ден да пројде без нов Vampire Survivors клон или нешто слично што се пробува со концептот. Максимално забавна проста идеја е. Долго пружав отпор пред конечно да ја пробам и да разберам што е привлечното и заразното. Генијална е и покрај "коцкарските" моменти и начинот на кој те експлоатира за малку серотонин. Не е лесно да го постигнеш ова и да функционира вака. Општо целата игра е редок успех. По инспиративниот документарец на noclip каде што Лука Галанте го раскажува процесот на создавање, уште толку ми рипна почитта кон Vampire Survivors и кон него како колега девелопер. Топла препорака за гледање, таман трае колку што ти треба да испукаш една партија.
Bloodshed ја презема идејата на Vampire Survivors и ја облекува во естетика инспирирана воглавно од Blood, Doom и сличните легендарни бумер шутери од таа ера, па и некои од новиот бран ко Dusk. Очигледниот омаж кон Blood беше и пресуден да ја испазарам уште дента кога излезе. Немав ни играно саглам бумер шутерчина тој период, последно се гњавев со Turbo Overkill и ова баш добро ми легна. Ме израдува тоа што автоматското пукање карактеристично за survivors / bullet heaven жанрот е опционално и можеш сам да пукаш. А како за игра што не е стандардна пуцачина, пукањето е прилично задоволително. Автоматски на тајмер се само магиите што ги собираш по пат, ама и со нив нишаниш во непријатели, така што си многу поактивно инволвиран во самата акција.
Прикладно за бумер шутерскиот фазон, Bloodshed има предефинирани арени наместо бесконечни процедурално генерирани мапи. Има неколку различни арени во зависност од мисијата и "приказната", ама воглавно се локации кои често ќе ги сретнеш во бумер шутер жанрот. Ќе се промафташ низ готски катедрали, манастири, гробишта, рурално гратче инспирирано од Dusk, приморски ловкрафтски селца и параходи, поделени на две наративни поглавја со бонус мисии кои се отклучуваат постепено и со комплетирање на претходни.
Мисиите траат од петнаесет до триесет минути, специјалните се нешто пократки, ама има опција и сам да си местиш услови и време откако ќе ги комплетираш. Bloodshed добро ги темпира со количината и типот на непријатели со твојот прогрес на левели и апгрејди, па во ниеден момент нема да осетиш дека си вон баланс. Плус и арените се доволно широки за стратешки да бегаш со испотени раце од група демони кога ќе згусне. Има доволно голема варијација на оружја и магии за да си склопиш некој интересен билд и покрај тоа што солиден дел постепено ги отклучуваш преку валута што ја собираш со играње. Стандардна проверена шема на мета-прогресија за ваков тип на игри, па Bloodshed не се прекршува нешто со иновирање.
Освен што отклучуваш мисии, оружја, магии и слично, отклучуваш и ликови. Тука можеби е најштура. Има само седум, доволно различни со оружјата и магиите специфични за нив, па некако имаш време да се изнапукаш додека ти се присака нешто свежо. Ама ако веќе дојде до тоа, веројатно е моментот да смениш и игра, а приметив дека скоро се излезени и други вакви хибридини бумер шутери со Vampire Survivors. Од ликовите најмногу го цепам Џаред кој е директна копија на инспириран од Кејлеб од Blood, од гласот, до стартниот шатган и вилата. Ако веќе и тука ги дробам истите култисти од Blood, барем да го имам најквалификуваниот човек за тоа.
Bloodshed нуди широк асортиман на магии и оружја. Некои се позабавни него што се корисни, па некогаш склопувам послаби билдови само зошто ми се интересни ефектите. На непријателите можеш да им фрлаш крлежи да им ја цицаат крвта, да ги дробиш со дожд од надгробни плочи, да поставуваш стапици за мечки, па да ги дотепуваш со рафали од калашников. Има еден куп. Немаат некоја длабока меѓусебна синергија, ама сите ефикасно бркаат работа против секаков тип на култисти, зомбиња и демони. Единствено е тапа што нема динамит за да го покрие и тој аспект од Blood. Во моментов играта ми е комплетирана 95%, што значи речиси сите работи ми се отклучени и не верувам дека доколку има динамит би го чувале за крај.
После ова редно време е да седнам домаќински на вистински бумер шутер. Одлична е Bloodshed вака за повремено, така и ја таманев од пролетоска, ама не е вистинска алтернатива за задоволување на бумер шутерските пориви. Cultic дреме којзнае од кога, излезе и долгоочекуваниот Chapter Two, а упорно ја одложувам со изговор дека ми треба некакво посебно расположение. Знам дека пак ќе играм нешто просечно како Graven или Forgive Me Father двојката, така Dusk ја одложував. Doom: Dark Ages уште не дојде на ред, дефинитивно ќе ја чекам на попристоен попуст, ама можно е да седнам на Heretic + Hexen ремастерите од Nightdive што скоро излегоа топтан.
No comments:
Post a Comment