Неверојатно е колку брзо ми прелета Dragonflight. Како месец-два да потраја пред да излезе The War Within, а сега гледам веќе цела година поминала од најавата на ланскиот BlizzCon. Чудно течеше времето во пандемијата, имам осет дека десет години бевме заглавени во Shadowlands. Разбирам зашто Андуин е ваков шашардисан сега. Немав некои очекувања за The War Within. Идејата за пештерски зони не ми беше најпривлечна ама кој ме прашува мене, башка уште внатре во Азерот немавме стапнато. Секако неспоредливо подобра локација од задгробните зони со вампирите и пеперутките во Shadowlands, само јас преферирам поотворени места.
Дизајнот што веројатно го опипаа со Заралек во Dragonflight е пристуен во три од четирите нови зони. Новиот експанзиски главен град Дорногал е сместен на површински остров, па единствено таму можеш нормално да земеш воздух. Не сите од подземните зони се толку клаустрофобични колку што мислев дека ќе бидат, има некои креативни одлуки кои фино ја спроведуваат идејата без да мислиш дека ќе ти се сруши нешто врз глава. Халоуфол е еден таков пример и е меѓу најубавите зони што воопшто сум ги сретнал во WoW. Не очекуваш ваква раскошна зелена природа со водопади, реки, кањони и народ од полу-елфови среде масовна пештера. Не ти ни дава време да размислиш како воопшто се диши таму.
И јас како пола интеренет верував дека изворот на светлина во Халоуфол е врвот од збрцаниот џиновски меч на Саргерас во Силитус, ама изгледа дека е само "обичен" кристал. Зоната ја населува цивилизација со прилично интересна историја и ситуација и без да расипам, тврдам дека најдобро ќе се внесеш во нивните заврзлами ако си Паладин и ти значи идентитот на класата. Има и трансмог сет што можеш да го собереш и е еден од најдобрите паладински оклопи до сега. Со оглед на тоа колку ми е глупа главната приказна во цела експанзија, ги ценам ваквите ситни моменти што го опфаќаат RPG сегментот од жанрот, нешто што World of Warcraft низ годиниве често знаеше да го подзабатали.
Среќа The War Within е преполна со наративни детали кои надоместуваат за напорната кампања и досадните ликови преку кои е сервирана. Целата содржина што е вон кампањата е многу поефективна и има многу поголем придонес за градењето на светот и амбиентот околу. Сакам онакви приказни и преданија од локалното село, такви квестови ми се играат. Пример, за браќата муфлони кои еднаш годишно церемонијално ги вкрстуваат роговите на одредено место, најавувајќи бура по која мештаните очекуваат плодна година. Те задолжуваат да откриеш каде е едниот од нив бидејќи неочекувано доцни а небото е чисто. Механиката и на овој квест е можеби истиот дваесетгодишен шаблон, ама презентацијата е кул и успева лесно да те инволвира.
Вакви работи ми се многу позабавни од истата досадна преџвакана приказна од секоја експанзија каде што со "главните" ликови се ашкаш наоколу додека трагаш по кој и да е моменталниот главен негативец. А, и овие ликови кои се, жити се? На кого треба да му се интересни вакви иритантни шупци како Ферин Лотар или внук му на Магни? Нели со Трал и Андуин ќе беше кампањата? Џабе се лигавевме на синематикот за сега да се петљаат некои рендом фаци чии имиња нема да ги памтиш во следната експанзија. Разбирам дека доброто раскажување е засекогаш стивнато после Legion, ама штета е олку естетски и содржински богата експанзија како The War Within да страда од ваква потпросечно напишана главна приказна.
World of Warcraft во моментов е најсоодветно скроена за ова слободно време што го имам и има повеќе системи кои работат во полза на тоа. Новата warband опција овозможува да споделуваш репутации, опреми и прогрес помеѓу четири карактери во истата "банда". Не мора веќе посебно да фармаш ствари. Можеш со клик да ја прерипаш главната кампања која и онака никој не би сакал да ја игра повеќе од еднаш, а летањето од Dragonflight е имплементирано низ сите зони и патувањето е значително олеснето и забрзано. Претежно избегнувам портали кога можам и ова ми е супер опција. Ashes of Al'ar сега можам да го спичам кај сакам. Оваа механика ги прави долгите летови преку цел Калимдор да се неверојатно релаксирачка активност, многу ми е мило што е достапна насекаде и на сите летечки маунтови што постојат.
А и за тоа и ја играм World of Warcraft последниве години, за лабаво да се шуњам наоколу и да ја следам приказната. Секој квест го читам и затоа кенкам кога е срање. Некако ми е послаб интересот за рејдови или митици, повеќе сум фокусиран на соло содржина, квестање, левелирање алтови, бркање ретки маунтови, трансмози и повремено по некој данџн за разонода. И некои од другарите ја играат слично и најзабавно ми е кога ќе се собереме за стар рејд. The War Within нуди содржина и за оваа група, па има нов тип на инстанци - delves, кои се практично функционална варијанта на Торгаст од Shadowlands.
Делвовите, еве вака нека бидат транслитерирани на македонски, ги има на повеќе локации во новите зони и нудат неколку различни наративни варијанти, како и повеќе нивоа на тежина со кои си го одредуваш предизвикот со кој ќе се соочиш таму. Не знам како до сега не им текна на овој концепт. Експериментираа со слични работи и претходно како алтернатива на стандардните данџни и рејдови, имаше сценарија во Mists, ама ништо до сега не заживеа како што мислам дека ќе заживее ова. Ако Активижн Близард сакаат да испаднат уште поголеми мангупи, комотно може да имплементираат делвови насекаде низ Азерот.
Замисли да можеш да дробиш вакви соло инстанци во Нортренд. Знам дека се дистанцираат од материјалот што е визуелно застарен, дури и стварите од тековниве јубилејни случувања користат претежно понови модели, ама глупо е што никогаш после години не најдоа начин да ги актуелизираат зоните од претходни експанзии во наредните како во Guild Wars 2. Одлучија дека старите експанзии се во друг временски континуитет и толку беше, ко да не можат да извадат некоја причина од газ за пак да имаме нови дешавки во Пандарија. Ни содржината што се случува во отворениот свет во Dragonflight веќе не е релевантна ако си максимален левел во The War Within, а беше озбилно забавна за така да ја баталат.
Се надевам дека после оваа трилогиска Worldsoul Saga која би требало да ја "заврши" World of Warcraft како што ја знаеме, ќе најдат начин да ја живнат територијата на целиот Азерот со актуелна содржина. Не верувам дека целото ова ќе остане така да чмае ако еден ден излезе WoW II во некаква форма. Најдоа некое чаре за претходната инстанцирана содржина, се надевам дека некако ќе го решат и остатокот кога ќе дојде денот наместо да продаваат маунтови од 90 евра.
Ценам колку е разновидна The War Within и како се обидуваат да освежат и надоградат некои дизајни што ги воведоа во Dragonflight. Групниот квест каде што си дел од театарската претстава во Дорн или качувањето по карпи се супер начин за играта да ти каже дека си повеќе од средство преку кое локалниот кожар доаѓа до десет свински чмарови. Има и еден јавен квест каде што низ тунели треба "тивко" да собираш ларви за со движењето да не ти изрипа нивната агресивна порасната варијанта од под земја. Додека си таму откриваш и разни написи што раскажуваат за природата на околината и овие суштествата во неа. Ептен е кул. Вакви ситни детали сведочат дека очигледно тимот кој бил задолжен да го оплемени светот, многу подобро конта што е WoW од пацерите што ја пишувале главната кампања.
Како што е веќе традиција, и оваа експанзија има нова раса која може да ја отклучиш за играње. Древните Earthen џуџиња не се нови за Warcraft светот, ги имало и претходно во приказната и сега конечно преку кампњата и неколку квестови можеш и ти да си еден од нив. Мило ми е што Активижн Близард наоѓа начин да го збогатува и овој аспект од играта. Уште подобро што се лесно достапни за отклучување. Уште имам кошмари од вечното фармање на репутација за Nightbornе кои не ги ни играв откако конечно ги отклучив зошто ми се смачи целото нивно постоење, Сурамар и фактот што кратко после тоа почнаа да ги даваат речиси "бесплатно".
Во моментов играта слави дваесет години постоење. Во Танарис е поставен карневал со разни активности. Можеш да проследиш претстави за неколку исторски моменти во Азерот, има модни натпревари, решавање детективски задачи, класични босови на неколку отворени локации, натпревар во поседување на маунтови и неколку други од кои добиваш нова валута за да купиш освежени Т2 козметички сетови. Прославата ќе трае до почетокот на јануари, па ако запнеш можеш да го собереш сетот за секоја класа. Се надевам дека ќе успеат да протнат нешто ново до тогаш, вака мислам дека бргу ќе се разотиде толпата што ја правеше гужвата тие првите денови.
Прославата носи и еднo досаднo инстанцирано сценарио со Кроми во Силитус што доволно е еднаш да го истрчаш, како и варијанта на една од најдобрите инстанци во целиот жанр - Blackrock Depths. Секоја прилика за BRD ми е возбудлива, така што и ова го пројдов неколку пати чисто од ќеф. Веројатно никогаш пак нема да видиме ваков дизајн. Одамна инстанците ги кројат полинеарно, а од пред некоја година се претежно дизајнирани околу М+ форматот.
Ќе продолжам да ја играм The War Within вака повремено, веќе имам 80-ки Паладин и Ворлок. Ќе ја чепнам пак темава кога ќе излезе новиот печ. Dragonflight ми беше некако попријатна. Новава одлично ги полира некои системи, подостапна е во кнап слободно време, само главната приказна никако да ми залепи. Знам дека е дел од нова трилогија и во моментов е уште недораскажана, ама пак многу излегува од рамките на тоа што мене ми е интересно во овој универзум. Откако ги "смирија" главните две фракции, некако отсуството на конфликтот одзема голем раскажувачки потенцијал кој не верувам дека некогаш ќе го добиеме назад. Од Battle for Azeroth навака немаме видено нов фракциски камп или тврдина и некако ми фали таа естетика во новите зони.
За неколку денови е Warcraft Direct, онлајн настан што ќе се стрима на повеќе платформи со кој ќе прослават 30 години од Warcraft. Не очекувам нешто ново за следните две експанзии од Worldsoul Saga освен нешто повеќе за новиот остров што наскоро доаѓа во The War Within. Oд тоа што во моментов е достапно како информација, изгледа претежно ќе се фокусираат на "поспоредните" Warcraft ствари и ќе најават ремастер на Warcraft II. Ништо возбудливо, особено после фијаското со Warcraft III: Reforged, ама ќе се види во секој случај.
No comments:
Post a Comment