Изгледа ја најдов најзаразната игра од 2022. Against the Storm се појави во early access на Стим пред месец дена и од тогаш не можам да прекинам да ја играм. На прв поглед изгледа како стандардно градење на град и одржување на општество во живот, меѓутоа има толку многу слоеви под тоа што ја прават една од најуникатните во жанрот. Баш бев распиштолен во Cities: Skylines тие денови кога излезе и намерата ми беше да пробам набрзинка демек нешто слично, па да се вратам назад во урбаниот кошмар што често ненамерно успевам да го создадам таму.
Не ја пуштив Cities: Skylines од моментот кога ја купив Against the Storm. Прво што ќе те дочека во Against the Storm е еден исклучително префинет шаренолик амбиент, со прекрасна хипнотичка музика и дожд што постојано врне. Тоа е и приказната всушност, ја шириш сопствената база во поголемо општество за да собереш доволно симпатии од мистериозната Кралица, а и главни ресурси за тоа што преживеало од кралството. Играта е сместена во фантастичен пост-апокалиптичен свет кој е оптеретен од голема бура која доаѓа на еден циклус. Таков еден циклус е преведен во неколку партии кои можеш да ги играш на процедурално генерирана мапа составена од различни биоми, исто така процедурално генерирани.
Оттаму доаѓа и тој roguelike момент врз кој Against the Storm се потпира смело. Речиси сите елементи се различни секоја партија и секој циклус. Никогаш нема да го играш истото, а стратегијата ќе ја прилагодуваш за условите кои ти се овозможени. Повторно го градиш твоето гратче кое треба да преживее низ неколку сезони исполнети со различен интензитет на дожд, меѓутоа природните ресурси на моменталната мапа никогаш нема да се истата комбинација. Некогаш ќе ти фалат камења, следен пат месо, жито или некое друго такво неопходно за развој и ќе си приморан да импровизираш крпеници. Повремено играта ќе ти понуди и некој од многуте модификатори кои дополнително ќе ги усложнат условите на самата мапа.
Една партија може да трае од триесетина минути до неколку часа, во зависност од која тежина си ја избрал и какви услови ти понудил извесен биом во тој момент. Некои ги играш со денови, не е секоја за едно седнување. Играта има еден главен штос за победа, односно комплетирање на еден биом од мапата - исполни го индикаторот за репутација пред да се потроши индикаторот кој го означува трпението на Кралицата. Доколку Кралицата го загуби трпението, те повлекува и губиш. Доброто е што и кога ќе изгубиш, пак добиваш некакви поени за дрвото на таленти кои општо ти влијае на целата игра.
На почетокот си пуштен среде шума опколена со ледини обвиени во магла кои се кријат зад дрвјата. На твојата стартна ледина имаш неколку случајно распределени ресурси. Бидејќи секогаш ти фали некаков ресурс, идејата е да ги сечеш дрвјата до соседната ледина каде што и го шириш гратчето со надеж дека ќе најдеш нови ресурси. Меѓутоа, со секое отварање на нова ледина го "будиш" гневот на шумата која предизвикува страв кај жителите. А, ако се тие несреќни, несреќна е и кралицата. Не секогаш затекнуваш само ресурси на новата ледина. Некогаш ќе отвориш и некаква опасност што дополнително ти ја комплицира играта, па ќе мораш брзо да се справуваш и со тоа. Има еден куп такви и никогаш не знаеш што точно ќе ти се падне.
Како дополнителен заеб, ги немаш ни сите градби на располагање, освен тие кои служат за преработка на најосновните ресурси. А, бидејќи постојано треба да врзуваш различни продукциски синџири, секогаш ќе си без некоја градба или ресурс. Градбите се добиваат со исполнување на одреден степен на репутација, а тоа го правиш на неколку начини. Јас до сега воглавно се фокусирав на кревање репутација и победа преку комплетирање на нарачки од Кралицата. Повремено добиваш нарачки да собереш одредена количина на ресурси, да го одржиш задоволството на жителите на одредено ниво, да отвориш и исчистиш неколку ледини... има многу, а и тие се процедурално изгенерирани и различни.
Мораш да се адаптираш брзо ако сакаш да преживееш. Играта иако е бавна и лежерна, постојано мора да микроменаџираш, да се погрижиш да имаш доволно ресурси за градење, за комплетирање на нарачки и да бидат сите среќни и во хармонија да киснат на дождот. Жителите се четири различни раси со различни потреби и вештини. Некои сакаат одредена храна, други имаат потреба од едукација, трети се по пиво и религија, а ти треба да се погрижиш да бидат што позадоволни за да не го напуштат градот. Секоја раса има десетина вакви потреби, па јас обично се фокусирам да ги задоволам тие што се заеднички за неколку. Не може сега секој да е среќен дур копа гладен по рудници.
Ако некој ресурс воопшто не постои на мапата, а тоа се случува често, треба да се фокусираш на економија за да тргуваш, а дури и трговецот кој на извезен временски интервал доаѓа во гратчето носи ресурси што секогаш се различни. Некогаш ќе немаш ни што да смениш, па ќе се обидуваш да преживееш на други начини. Добрата работа е што некои покомплексни ресурси можеш да ги произведуваш со комбинација од неколку основни, ама тие некогаш се оскудни. Уште подобро е тоа што колку и кубуриш за ресурси, ретко ќе се најдеш во непобедлива партија. Единствено што треба да правиш во тие моменти е да си ги зајакнеш менаџерските способности и да измислуваш нови стратегии. Знае да стане многу напнато и попредизвикувачки, а тоа е една од најсилните страни на Against the Storm.
Затоа и ја засакав толку бргу. Настрана тоа што е преубава за гледање и слушање, има фасцинантни системи и механики. Не сум ги сретнал во слична друга ваква игра. Настрана брлавштинине ко Dwarf Fortress и RimWorld сега, во овие "пообичните" билдери што сум ги играл не биле толку детални. Ова е масивен испреплетен механизам каде што секоја ситница има некаква улога во него и не можеш ништо да предвидиш, ниту да настапиш со почетен стандардизиран план. Со секоја партија те изнадува со нешто ново, учиш некакви нови штосови и идеи за стратегија, па дури и елементи од корисничкиот интерфејс што претходно не си ги разбрал во целост.
Иако Against the Storm е уште во early access, изгледа покомплетно од многу други "готови" игри што ќе ги сретнеш. Ваква да ти ја продадат нема да приметиш дека играш нешто што активно се развива. Тимот е мал, пет луѓе вкупно ја работат, а вадат по некоја нова ствар на секои две недели без да го нарушат на балансот на тоа што постои моментално. Едвај чекам да видам што е следно. Совршена игра за грозна ладна зима, таква е удобна како топло ќебе. Се надевам дека кога ќе ми смачи ќе бидат излезени тие неколку наслови од жанрот што ги чекам, како Pharaoh: A New Era, Terra Nil и City of Atlantis.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment