August 20, 2025

Да ти се стемни од World of Warcraft: Midnight

Кога ќе видиш, и најлошите денови на World of Warcraft биле најавувани спектакуларно. Стандардите за квалитетна експанзија се одамна поместени подолу, меѓутоа најавните синематици секогаш држеле некакво ниво. За Shadowlands беше солиден. Можеби повеќе од технички аспект одошто содржински, ама доволно провокативно за да се фатиш за новчаник. И најдосадната The War Within ја соопштија со еден од најдобрите воопшто во историјата на Активижн Близард

Сега го објавија синематикот за следната, World of Warcraft: Midnight, и се фатив како се трудам да сум изненаден од мизерниот квалитет. Демек јаката игра, па си дозволиле синематикот да им изгледа како азиска мобилна игра. Како да не рефлектира што е World of Warcraft во моментов. Доволно е да видиш како завршува Legacy of Arathor. Ова е приказната денес и ова се ликовите кои играта ги трампаше за Трал и Андуин. Нестабилни нервозни тетки и чудни потиштени мажиња. Во секоја нова зона е истата песна, секоја кампања го следи тој шаблон и динамика. Тоа е капацитетот на тимот што е задолжен за наративот, само тоа знаат да напишат.

Со исклучок на некои моменти во Dragonflight, цела приказна после Legion е во слободен пад. А тоа ако не ми се погоди, стварно не ми останува многу WoW. Одамна не рејдам, М+ трчам сѐ поретко, а левелирање алтови, собирање маунтови и трансмози веќе не е толку забавно по стоти пат. Јаки муда ако го имам Инвинсибл. Треба да го јавам во кампања со Ферин Лотар. Сѐ што видов од Midnight до сега, не ветува нешто поразлично. Ова е истиот килав тим што буквално го седна Кадгар во магична инвалидска количка.

Како заколнат блад елф во играта, треба да ме радува тоа што Midnight носи големи промени на тоа поле. Ете, после скоро дваесетина години Квел'Талас ќе биде освежен и обновен, Силвермун можеби конечно ќе заживее пак. Не е јасно дали целата област сосе Еверсонг и Гоустлендс, ама чим има најава за Зул'Аман како посебна зона ќе претпоставам дека обновата опфаќа поширока територија. Со новото летање така и би требало. Некако сум рамнодушен во моментов, ама јасно е дека и на целово јадење гомна пак ќе им платам за да се прошуњам ден-два. Тоа е најтажното. Како пак да купиш храна од место кај што си се отрул.

Веројатно најголемата новина во Midnight е можноста конечно да имаш свој дом во Азерот. Нејасно ми е како до сега го немаа ова. Ама ако ја спремаат играта за на апарати после заокружувањето на ова што го викаат The Worldsoul Saga, целиов систем би можел лесно да одржува заедница што ќе плаќа претплата и тракатанци кога евентуално би секнала редовната содржина. Куќите во Азерот ќе може да бидат дел од комшилуци каде што секој месец ќе има некаков настан и потенцијалот да ги држиш луѓето "дома" е огромен. Плус, обавезно ќе лупнеш фонтана, базен или нешто за 90 евра да се продава и тоа е тоа. Глеј ја RIFT, од што мислиш дека живее последниве десет години без еден нов квест. 

Покрај вкупно четирите нови зони, доаѓа и нова раса што ќе може да се отклучи. Од што е толку интересна приказната во The War Within, овие Харанирциве дури од најавава за Midnight ги приметив дека постојат. Midnight стартува и со три рејдови, ама со вкупно девет босови, така што некој конечно се сетил дека може и ваква финта да направат за да изгледа како да работеле и на нешто друго освен мебел за куќите.

Додека драмам тука за Midnight, на полето на пиратски приватни World of Warcraft сервери се случуваат далеку поинтересни ствари. Откако Активижн Близард не успеаа да им пружат квалитетна Classic+ содржина на играчите со Season of Discovery, почнаа да никнуваат сервери како Project Epoch кои нудат ванила со нови дополнителни ствари кои ги нема во оригиналната. Epoch преработува неколку стари зони и носи над 1400 нови квестови. Секако, тука е и веќе култниот TurtleWoW што пред некој ден исто така се појача тазе сопствена содржина, напукана колку цела експанзија.

Се најавуваат и уште неколку вакви сервери кои прават разновидни креативни нешта со играта, работи кои легитимните сопственици на World of Warcraft некако бавно контаат дека им се лукративна можност. Од Mists of Pandaria Classic и Legion Remix изгледа тешко се приметува огромната група играчи што сакаат едноставни MMORPG авантури. Имам акаунти и на TurtleWoW и на Epoch, дури малку и успеав да се промафтам таму. Такви се бавни, не те брзаат нигде. Фокусот им е на левелирање и општо заживување на делови од Азерот што се запустуваат со секоја следна World of Warcraft експанзија. Не дека ќе играм којзнае колку, ама делуваат како супер алтернатива за ако ти затреба доза, а сакаш да ги заобиколиш Активижн Близард

No comments: