August 25, 2009

Шест најдобри моменти во новата Star Wars трилогија

Има неколку сцени во новата Star Wars трилогија, кои не можам да ги извадам од глава уште од првото гледање на секој од трите филмови. Иако се неспоредливи со култните сцени од старата трилогија, си имаат своја вредност и големо значење за мене. Дури и најслабата алка во целиот серијал, Attack of the Clones, има такви кои не дозволуваат филмот да биде комплетно промашување, па дури и се битни за развојот на приказната во целиот Star Wars универзум. Еве ги моите шест омилени, заедно со YouTube видеа.


Клоновите се клучниот момент во Војната на Клоновите, период кој последниве неколку години максимално се форсира и е главниот извор на финансии за господинот Џорџ Лукас. Клоновите, предците на Стормтруперите, се создадени во фабриките на Камино, со цел да и служат на Републиката. Наредбата за "производството" на клонови е издадена од мистериозниот Џедај, Сајфо Дијаз, чиј идентитет сеуште официјално не е обелоденет, а се шпекулира дека всушност се работи за познатиот Дарт Плегис. Ги сакам сите моменти на Камино, од сцените во фабриката, па до битката на Оби-Ван со Џанго Фет.

(oд Star Wars Episode II: Attack of the Clones)


На самиот почеток на Војната на Клоновите, Анакин заедно со Падме и Оби-Ван, се доведени во Арената на Џеoнозис да бидат егзекутирани. Пред да бидат растргнати од дивите ѕверови пред публиката, каде што се Дуку, Џанго Фет и Ганреј, Мејс Винду пристигнува со армија Џедаи, по што избива општа туча помеѓу Џедаите и дроидите на Дуку. Помасивна борба со Џедаи на едно место, немало во Star Wars.

(oд Star Wars Episode II: Attack of the Clones)


Култната реченица на Дарт Сидиус што ме ежи на секое гледање. Со ова, започнува борбата на Набу и отпорот на Гунганите против Федерацијата. Уште една голема борба, која се одвива на зелената трева на Набу. Но, самата реченица на Сидиус ми има многу помоќен ефект отколку самата борба и курчењето со специјални ефекти.

(oд Star Wars Episode I: The Phantom Menace)


Иако, Анакин станува Дарт Вејдер многу пред да заглави во црниот оклоп, најбитниот момент е по борбата со Оби-Ван на Мустафар, каде што завршува поразен, изгорен и осакатен, по што Дарт Сидиус е приморан да стави во црниот оклоп за да го одржи во живот. Дарт Вејдер се буди, додека Падме умира за време на раѓањето на Лук и Леја и тука е всушност точката каде што новата трилогија се спојува со старата. На крајот, Дарт Вејдер гледа во првиот Death Star којшто започнал со изградба и понатаму знаеме што се случува.

(од Star Wars Episode III: Revenge of the Sith)


Првпат во Star Wars да видиме волку интензивна борба со лајт-сејбери. Уште од првиот пат кога го гледав, оваа сцена ми остана омилена. Квај-Гон гине од двојниот сејбер на Дарт Мол, Оби-Ван станува Џедај мастер и го зема Анакин за свој ученик. И, "Duel of the Fates" на Џон Вилијамс е музичко ремек-дело.

(oд Star Wars Episode I: The Phantom Menace)


Најемотивниот сегмент во целата нова трилогија. Дарт Сидиус повикува наредба во која Клоновите се вртат против Џедаите, со цел да ги убијат и истребат. Додека Џедаите гинат, убиени од соборците Клонови, Анакин прави масакр во Џедајскиот Храм кој кулминира со убивањето на младите падавани кои пред да ги убие го молат за помош. Најпотресната сцена, ме нервира повеќе и од присуството на Џар-Џар или лошата глума на Хајден Кристенсен. По ова, Џедаите се речиси истребени, а Јода е приморан да се крие на Дегоба. Без размислување, ова ќе го одвојам како најдобар дел од целата нова трилогија.

(од Star Wars Episode III: Revenge of the Sith)