Showing posts with label Homeland. Show all posts
Showing posts with label Homeland. Show all posts

November 19, 2015

Четвртата сезона на Ноmeland

По одличната трета сезона и првата епизода од четвртата, воопшто не се сомневав дека Homeland ќе успее да изгради идентитет без Броди. Да, Броди беше клучен лик во првите две сезони, суштински аспект на кој се темелеше серијата, меѓутоа продуцентите решиле дека сепак главниот фокус е националната безбедност, без разлика од каде доаѓа заканата. Уште не проверив зошто се случи тој исчекор, но после толку години, веќе е небитно. Додека Homeland успева да го одржи задоволителното ниво на квалитет, немам проблем. Предизивикот за приказна во која Броди е комплетно отсутен е секако голем, но кога успешно ќе се справиш со тоа, доаѓаш до мирна пловидба. Која некогаш e општ хаос во Исламабад. Ајде, ќе пробам без спојлери...


Постерот за четвртата сезона ми створи малку погрешни очекувања. Немав апсолутно никаква претстава за тоа што ме очекува, па мислев дека има нешто поочигледно во постерот, дека Кери ќе се инфилтрира во некакви џихадистички ќелии, но промашените сугестии ми приредија уште позабавни моменти. Трудот за да се даде некаква цврста причина на сезоната е очигледен, па провокативниот фактор и целата контроверзија се вклопуваат природно и покрај тоа што во неколку наврати осетив дека можеби ќе стапнат во некоја евтино исфорсирана територија, чисто за да се задржи шокирачката вредност. Но, Homeland не се служи со такви проѕирни трикови, туку сите делчиња совршено се вклопуваат.

Самиот почеток директно го разнишува американскиот столб на полу-непријателската територија, со воздушен напад на свадба каде што мета е озогласен терорист кој можеби не ни бил воопшто таму, а е причината за огромна колатерална штета и заебан автогол. Пресвртите демнат од секое ќоше на тензичната приказна, интригите се забиени во секоја пора од размрданите структури на ЦИА и ИСИ, па буквално не можеш мирно да издишиш. Пламенот е многу поинтензивен него претходно, па сите мерки се целосно оправдани. Можам да замислам колку добро телевизиско искуство било ова за сите што чекале по една недела за нова епизода.

Клер Дејнс е моментално најдобрата актерка во серија. Ликот што го глуми е премногу комплексен и бара само посветен талент што ќе може да го пренесе толку језиво реално. Дејнс е феноменална и брилијатно се носи со сите потресни пластови од биполарната, често нестабилна Кери. Квин (Руперт Френд) е потребната рамнотежа во критични моменти, лик што осуството на Броди го прави неприметно и ја зацврстува траекторијата по која сега шиба Homeland. Не дека не беше битен и пред тоа, меѓутоа го доживував повеќе како позадински лик, без оглед на тоа што беше во фокусот на некои клучни случувања. Овде е целосно искористен и прописно истретиран. Се надевам дека и во следната сезона го добива истото внимание.

Некои ликови беа жртвувани за атер на приказната, ефектот е секако постигнат, особено ако си успеал доволно да се приврзеш. Други висеа на работ повеќе пати, да не ми беше познато кој продолжува понатаму, веројатно ќе фрлав со чевли кон телевизорот. Сè на сè, одлично. Многу подобро од што можев некогаш да замислам.

November 13, 2015

Третата сезона на Hоmеlаnd

Пред три години мислев дека е готово помеѓу мене и Homeland. Повремено приметував дека има нова епизода од тракерите кај што си набавувам ствари за гледање, ќе чуев некој спојлер од луѓето околу мене што продолжија да следат, ама после крајот на втора сезона бев убеден дека сум ја закопал серијата. Со американско знаме и сите почести. Толку ме разочара последното што го видов, за гневно да ја мразам со месеци отпосле и да се грчам при секој случаен контакт. Пред некоја недела, кога сфатив дека ми спласнал душманлакот, чисто од љубопитност ја симнав првата епизода од трета сезона, и чим го читаш постов веројатно е очигледно дека чувствата се сменети. Да, уживам да трошам енерија на сочно пцуење, но овојпат муабетот е различен. Супер си пројдов со овие дванаесет епизоди. Зошто сме 2015, а сезоната е од пред две години, нема потреба да предупредувам за спојлери под сликата.


Третата сезона на Homeland не е втората сезона на Prison Break. Не само што Кери и Броди не бегаат заедно од законот низ Канада, туку и не е мизерно ништожно срање. Сезоната се занимава со настаните кои се неколку месеци по бомбашкиот напад врз ЦИА, за кој нели, Броди е покажуван со прст од целата американска јавност. Додека Броди е во бегство, Кери е назад на работа и ги срка глупостите заедно со преживеаните колеги, кои се обидуваат да ја вратат Агенцијата во целосно функционална состојба. Но, Броди не е во главниот фокус, иако има клучна улога во големиот настан кој се штима уште на почетокот на сезоната. Смел потег е да отстапиш од лик граден две сезони, но исплатлив ако останеш доследен на духот на серијата. А, тука Homeland тоа одлично го изведува.

Има моменти кога серијата повеќе наликува на досадна семејна драма отколку на шпионски трилер, и веројатно ако ги чекав од недела за недела епизодите, тука некаде ќе ми се појавеа отоци на репродуктивните органи. Тоа е поволноста при гледање серија што има целосно излезена сезона, имав заборавено каков е осетот. За среќа, Homeland бргу ја враќа играта, па остатокот е тензична одисеја каде повремено ќе гризеш перница на работ од креветот. Комплетно склопена, со сите детали кои ја правеа серијата толку возбудлива од самиот старт.

Знаев што ќе се случи со Броди, ми кажа некој кога веќе ми беше сеедно и не можев да се грижам помалку. Тоа што не знаев како и кога во текот на сезоната, ми создаде дополнителна напнатост која ми го направи гледањето уште поисплатливо. Не верував дека пак ќе најдам задоволство во Homeland. Погрешниот впечаток ме држел со години настрана од квалитетна серија, која можеби само накратко скршнала од шините Ќе ја изгледам и четврта сезона со надеж дека ќе стигнам да се вклучам пред да заврши тековната петта.

December 17, 2012

Крајот на Homeland

Како тип што тврдеше и убедуваше луѓе дека Homeland е најдобрата серија сезонава, се осеќам должен да си го повлечам муабетот. Со последниве три епизоди, се акнаа од земја. Морам со спојлери, така да... 

My name is Nicholas Brody and you got punk'd.

Му го хакнаа вајрлес бајпасот на потпретседателот? Озбилно Homeland, до толку без идеја? Како и сите слични амерички серии и филмови. Серијата баш и затоа беше добра, затоа што успешно избегнуваше шаблони. Во неколку епизоди дозволија стварите да излезат од контрола и не ми е јасно како и зошто. Толку хајп за Абу Назир и сега го нема, а? Нов Абу Назир? Броди ќе бега цела трета сезона, четврта? Освен тоа, целата таа приказна со Кери и Броди стана толку напорна, што било која турска серија во било кој период од денот би била подобар избор за гледање. Последниве епизоди повеќе гледав во ѕид отколку во монитор.

Крајот на втората сезона веројатно е последното нешто што ќе го гледам од Homeland. Мислам, веќе се решив после епизодата со бајпасот, ова само ми потврди.

October 11, 2012

Три серии за 2012-2013 сезоната: Homeland, 666 Park Avenue и Revolution

Новата сезона на американски серии, 2012-2013, веќе е во тек неколку недели. Анимираните на МекФарлејн си се таман, само што некако се презаситив и веројатно ќе чекам да се соберат повеќе, за евентуалните досадни епизоди да дојдат измеѓу. Со иста финта ги гледам The Simpsons и South Park изминативе неколку години и таман си е. Тоа е, отидоа и овие во тој кош.

Мислам дека е доста и од The Office, а и од Modern Family. Првиве за чудо успеаа да извадат добра сезона без Мајкл Скот, ама промените кои се најавија за текновнава некако ми ја тргнаа серијата од фокус. Modern Family имаа просечна и уморна трета сезона, па четвртава може и да почека. Единствен ситком што продолжувам да го следам и едвај чекам да почне сезоната е Community. Знам дека нема да утнат.

Е, сега за посериозните, или како што ги викаат таму, драмите. Моментално следам три, од кои една сигурно ќе ја укинат пред да се откажам. Значи, да почнеме.


666 Park Avenue

Нова серија со Тери О'Квин во главна улога. Иако името повеќе прилега на некој скејт емо инди блек метал бенд од Флорида, серијата е џам! Неочекувано добра! Во кратки црти, Тери О'Квин рента лукзузни апармани во сомнителна зграда на богаташи. Исто така, им ги исполнува желбите во замена за нивната душа. И, не, не е глупаво колку што звучи. Дури има и некој Линч шмек. Ликовите се супер, дури и главната плавуша што упорно душка кај што не и е местото и веројатно ќе наебе. Тери О'Квин e перфектен антагонист. Ако некој не е убеден после последната сезона на Lost, еве прилика. Ќе се следи ова, и покрај тоа што насловот 666 во него е детски, наместо контраверзен како што веројатно синот тинејџер на главниот продуцент мислел дека ќе биде.

Homeland

Homeland е апсолутно најдобрата серија што оди моментално. Значи, моментално, а не на пауза како Breaking Bad. Во тоа ме убеди втората епизода од втората сезона. Веројатно ќе склопам некој пост со спојлери, а до тогаш планирам да убедувам луѓе да гледаат. Мислам, ако во втората епизода се случија ствари кои мислев дека ќе ги видам во некоја следна сезона, што друго да очекувам од серијава? Имаат инспирација, имаат добра екипа и одлична тема. Може кај сакаат да ја носат. Втората сезона е веќе подобра е првата и сигурен сум дека ќе станува уште понапнато.

Revolution

Веќе пишував за почетокот на Revolution. Сеуште е тапа, веќе четири епизоди, ама е лек за спиење. Ужасни ликови, катастрофална глума и најпредвидливите дијалози што сум ги видел во последно време. Речиси сè во серијата се коси со логика и нема апсолутно никаква смисла. Дури и почнаа да убиваат ликови кои беше логично да ги развиваат понатаму. Спомнав дека има флешбеци како во една друга серија на Абрамс? Ако не, еве. Има. И, тоа само за колку да пополнат дупки кои е невозможно да се решат во склоп на моменталниот концепт. Како што реков, Jericho цртан филм за деца. Ќе ја укинат пред да прекинам да гледам и искрено ќе ми биде криво. Онака, станува добра од што е лоша, и не сакам да заврши за три недели.

Отприлика тоа е тоа. Сигурно пропуштам некоја јака серија за која уште не сум слушнал, или почнала нова сезона и на уште нешто, а не сум приметил. Ќе се надополни листава во секој случај.

December 21, 2011

Homeland: Крај на првата сезона

За тие што не гледале Homeland, ќе кажам дека ова е најдобрата нова серија сезонава. Далеку поквалитетна од останатите за кои се збореше седум години пред да почнат да се прикажуваат, и на крајот испаднаа тапа. Да, за тебе зборам Terra Nova. Затоа, препорачувам итно гледање на Homeland, дванаесет епизоди се, под услов гледачот да располага со едно слободно попладне, како би ги изгледал сите во еден здив. Јас чекав секоја недела за нова епизода, додека прецртував денови на календарот. Значи, тие што не гледале нека прекинат со читање тука, зошто секој спојлер би значел уништување на искуството кое го нуди серијата.

Е, сега, тие што догледаа до крај и ја сфаќаат големината на Homeland, нека продолжат понатаму. Пред сè, да кажам дека серијава покажа храброст што е редок случај во приказни каде што Американците се борат против тероризам. На почетокот можеби изгледаше како тие повторно да жртви на муџахедински структури, без притоа да се погледнат двете страни на војната. Моментот кога серијата ќе покаже дека не е сè црно и бело, и дека двете завојувани страни играат поденакво валкано, тогаш се оправда мотивот на Броди.

Некаде на пола сезона сценаристите успеаа да го оттргнат сомнежот што веројатно веќе беше создаден кај публиката, прикажувајќи го Броди како жртва, а не како терорист кој го свртел грбот на сопствената земја. Но, уште во следната епизода, видовме дека Броди навистина планира напад врз САД и има издржан мотив за тоа. Како што самиот кажа во последната епизода, има маринска заклетва да ја брани неговата земја и од надворешни, и од внатрешни непријатели. 82 муслимански деца гинат во напад од американско летало, инцидент кој владата на САД го крие од јавноста. Причина плус за Броди да ја прифати агендата на Абу Назир, терористот кој е воедно и татко на едно од децата. Како што видовме, додека Броди е заробен, поминува долго време зближувајќи се со детето чија смрт неговата земја се обидува да ја сокрие.

Дека Броди е решен да оди до крај со остварување на мисијата на Абу Назир, се виде и во последната епизода. Тука има простор за дискусија, особено за самиот крај, зошто верувам дека никој не очекуваше така да заврши. Вокер, другиот заробен маринец за кој Броди веруваше дека лично се погрижил да не е жив, во координиран напад успеа да ја притисне метата на Абу Назир во простор каде што Броди требаше да изврши самоубиствен напад, прерано заврши. Финалето ќе беше многу поефективно доколку завршеше со прстот на Броди на чкрапалото, или некаква експлозија. Вака испадна како да ја видовме последната епизода од оваа сезона, заедно со првата од следната. Дури и Броди да го истераше нападот до крај, можеа комотно да ја продолжат втората сезона со Вокер како централен лик, да ја видиме и неговата приказна.

Како и да е, тоа не ја прави серијата ни малку полоша. Само што незнам во кој правец ќе се движи понатаму и дали ќе успеат да ја задржат напнатоста како клучен елемент. Досега, немаше никакво промашување, ниту во приказната, ниту во ликовите. Дали сценаристите намерно ја завршија вака во случај да нема втора сезона (потврдена е, но може сè да се случи), ќе се знае дури следната година.

За крај, ќе кажам дека Homeland е сè она што Rubicon можеше да биде.

October 13, 2011

Нова серија: Homeland

Таман мислев дека толку од изненадувањата за оваа сезона на серии, се појави Homeland. После само две изгледани епизоди, можам да кажам дека ова е најдоброто нешто што ќе го следам. Сосема случајно ми улета серијава, можеби тоа и беше една од причините што ми остави толку силен впечаток. Има спојлери подоле.

Маринецот Николас Броди се води како исчезнат во акција веќе осум години, некаде на Блискиот Исток. Пред да биде пронајден од специјалните сили на САД, ЦИА агентката Кери дознава од арапски затворник за американски војник кој преминал на "другата страна". По враќањето на Броди во САД, Кери се сомнева дека тој е некако поврзан со најмоќниот терорист (во серијата се спомнува и за смртта на Бин Ладен) на светот Абу Назир и е инволвиран во планирање на нов терористички напад во Америка. Информацијата која Кери ќе ја добие од затвореникот се поклопува и со присуството на Абу Назир во САД, кој не е виден неколку години од тајните служби.

Тоа што најмногу ми се допадна тука освен реалистичниот тон, се ликовите и начинот на кој се прикажни. Покрај тоа, актерите што ги глумат се страшно талентирани и одлично се снаоѓаат во улогите кои им се доделени. А, уште во првата епизода се забележува сериозен развој на ликовите. Броди е речиси сосема отсечен од неговото семејство кое не го видел со години, децата не ги ни познава, а неговата сопруга (Инара од Firefly) е во тајна врска со еден од неговите пријатели и колега војник. Владата на САД сака да го искористи во сопствената воена пропаганда, како херој од нивната борба со тероризам. Броди исто така има проблеми со психичките и физичките трауми кои останале како последица од годините поминати во измачување.

Од друга страна, Кери комплетно се посветува на истрага која ќе докаже дека токму Броди е шпиунот на непријателот, предавникот кој сега работи против сопствената земја. Успева да стави камери во неговата куќа и секојдневно да го надгледува, без знаење на службата. Тука и станува интересно, бидејќи Броди не прави никакви предавнички чекори и се однесува нормално во склад со ситуацијата во која се наоѓа. Спомнав ли дека Кери исто така боледува од психоза? Всушност, најинтересното е тоа што камери нема само во неговата гаража, во која почнува да се случува нешто сомнително. Втората епизода го покажува Броди како кажува муслиманска молитва, давајќи ни на знаење дека го прифатил Исламот како религија. Што во никој случај не би требало да значи дека соработува со терористите, па верувам дека за да ја задржат напнатоста, ќе го влечат ова уште некоја епизода. Инаку, серијата оди на Showtime, телевизија која без проблем прикажува експлицитни сцени, така што не крателе на ништо за да може и деца да ја гледаат.

Цело време во Homeland се осеќа напнатост и неизвеснот што секако ја прават серијата толку интересна. Така што паранојата на ликовите, лесно се пренесува и кај публиката. Со оваа динамика, верувам дека серијата има да понуди уште повеќе. Двете епизоди завршија со заебан клифхенгер, среќа што ги гледав по ред. По крајот на вторава епизода, следната ја чекам со нетрпение. Е, ваква серија барав, што ќе ме држи вака ококорен од недела во недела. Многу подобра од Person of Interest или од било што друго од новиве. Чиста десетка.