Ја завршив Alien: Isolation. 20 саати, десетина кутии цигари, два дијазепама, многу пропуштени повици, неколку литри кафе и еден пар измочани гаќи. Умирав повеќе пати од што можам да избројам, и во играта и во себе, малку од возбуда, малку повеќе од страв кога останав без оружја некаде на средина поради тоа што сценариото е такво зошто SEGA мислат дека ситуацијата не ти е доволно деликатна. Но, Аманда Рипли е на безбедно место, барем побезбедно од гнездо на Ксеноморфи, а после постов и ти ќе си на сигурно од моите муабети за играта. Да, ова е најдобрата Alien игра што моментално постои и веројатно ќе биде така додека не се најде јунак што ќе финансира продолжение. Со само два милиони продадени копии, не верувам дека SEGA ќе се осмелат да обезбедат нов солен буџет.
Од минатиот пат кога пишував за Isolation, до конечното комплетирање, ми се одговорија сите прашања, бев на најгрозното место во игра, ја чув пораката на Елен Рипли и имам каков-таков тренинг за преживување ако некогаш се најдам во реална ситуација која инволвира слепи, лигави чудовишта со бодликави опашки. Еве ти бесплатен совет, не трпат оган. Не можам да гарантирам дека успешно убив Ксеноморф, но понатаму играта ти нуди неколку опции за ги избркаш од тебе во некоја тесна вентилација на краток период. Бегаат и ако им фрлиш молотов директно во глупавата фалусоидната глава. Нормално, после се враќаат за да ти приредат нови кошмари, ама барем ќе си купиш некоја минута раат, колку да рестартираш некој генератор за струја што ќе ти обезбеди влез во просторија кај што ќе те демне некаков друг неспокој.
Isolation до крајот повторно се врзува со филмовите, нудејќи слично искуство и ситуации. Мислам, Alien игра е, очекувано е сосема, но не мислев дека ќе имам мисија каде што треба уништам гнездо со јајца и да трошам куршуми и бензин на Фејсхагери и да ги затекнам жителите на вселенската станица Севастопол заробени како во Aliens. А, во една од мисиите Аманда комуницира со вештачката интелигенција на Севастопол, APOLLO во слична сцена со онаа со Елен и MOTHER. Тука дознаваш зошто андроидите се обидуваат да те убијат тебе и останатите несреќници. Изненадување, имаат наредба да заробат жив Ксеноморф. Не знам како уште од самиот почеток помислив на ова, тоа е речиси секогаш главната алчна мотивација на проклетата Weyland-Yutani компанија.
Да не ја расипувам приказната со детали (хех, веќе ја расипа, клетнику), ама ова би било одлично за на филм, иако е јасно дека никој не би го правел баш истово два пати. Го содржи сето она што ги прави првите два тоа што се, а во исто време служи и како мостот измеѓу. Најдобар третман на универзумот на медиум што е различен од филмска лента. Можеби тајмингот за очекуваниот финансиски успех беше промашен, меѓутоа Alien: Isolation нема ниту една маана. Апсолутно ремек-дело. Совршениот организам.
Играта нуди и survivor mode каде што истото можеш да го правиш на изолирани делови од Севастопол додека се тркаш со времето, како и неколку DLC-a кои ги пропуштив за смешна цена на попустот пред некоја недела, но сега и онака планирам асално да седнам на The Witcher 3: Wild Hunt, така што ќе се одморам од авантурите во клаустрофобични станици забутани во некое непријателско вселенско ќоше.
1 comment:
За некое време ке ја изиграм да видам дали е толку добра :D како што викаш
Post a Comment