Showing posts with label Indiana Jones. Show all posts
Showing posts with label Indiana Jones. Show all posts

January 2, 2026

Впечатоците од Indiana Jones and the Great Circle

Пропаста на неколку игри базирани на популарен бренд во последниве години, петтиот Индијана Џонс филм што успешно го прескокнав и шашавиот правец во кој MachineGames го забегаа Wolfenstein серијалот по The New Order и The Old Blood, беа сосема валидни причини за да не ѝ се брзам на Indiana Jones and the Great Circle. Веројатно не бев ни единствен со недоверба во ова. Слабо се слушаа муабети откако излезе кон крајот на 2024, ама па тоа што ќе дојдеше мене секогаш имаше некаква позитивна конотација. 

Заобиколував рецензии за случајно да не си ја расипам. Единствено знаев дека дејствието се случува годината после Raiders of the Lost Ark и тоа што е во прво лице. Надоле ќе избегнувам било какви детали од приказната, сериозно вреди да се проследи и искуси од прва рака. Деновиве конечно седнав и ја завршив. Не е нешто премногу долга ако останеш само на главната приказна, иако и споредните се супер вплетени во истиот наратив. Таман си е за две-три домаќински сесии. Мене времето ми дозволи само повеќе пократки, па ја делкав недела дена. 

Испадна неверојатно добра Индијана Џонс авантура и е апсолутно најквалитетниот материјал од франшизата вон првите три филмови. Се гледа дека MachineGames воделе грижа со секакви ситници да понудат максимално автентично искуство, од самата приказна до тоа како изгледа и звучи. Играта детално го емулира изгледот на старите Индијана Џонс филмови, кадрирањето, специфичното осветлување и сенки, дури и одблесокот од објективот. Сите финти со кои Спилберг и Слокомб го имаат изградено визуелниот идентитет на серијалот се присутни тука. За целосно искуство имаш и cinematic mode. 

Звучните ефекти се исто сродни со изворните. Аудио тимот ги имал и оригиналните на располагање, меѓутоа на крај биле искористени само како референца да создадат свои. Настојувале играта да звучи како од филмовите, особено ефектите што често ги слушаш, како тие на камшикот. Огромна пофалба и за Трој Бејкер кој мајсторски го кине гласот на Индијана Џонс. Веќе е докажан актер со дебело резиме зад себе, не е некое големо изненадување, а некогаш е толку убедлив што ќе си помислиш дека е млад Харисон Форд. Фино беше да се чуе и види и легендата Тони Тод, имав заборавено дека е во играва и се израдував кога се појави. Ова заедно со Final Destination: Bloodlines му е меѓу последните улоги.

Ми изгледаше необично тоа што ќе играм Индијана Џонс во прво лице, ама реално MachineGames знаат да прават вакви и еве функционира и во овој случај. Одлично е дозирано со неколку механики кога камерата се префрла во трето лице, па го гледаш Индијана Џонс и од страна во акција. Играта почнува со воведната сцена од Raiders of the Lost Ark, кога Индијана Џонс ја краде златната статуетка, активира стапица и бега од огромна камена топка. Не постои подобро запознавање со ликот и многу е јако што се одлучиле да го искористат и да го направат игриво. Тоа е буквално начинот на кој цел свет првпат се сретнал со Индијана Џонс и сега имаш прилика активно да учествуваш во една од најкултните филмски сцени воопшто. Многу добро е изведено. Најсоодветниот начин да ти го препушти Инди во овој формат. 

Иако ова може да звучи како Indiana Jones and the Great Circle да користи носталгични финти за да се износи себе, воопшто не е така. Се зачудив колку малку играта се служи со референци кон светот на Индијана Џонс познат од филмовите. Секако го потврдува нивното постоење, ама пак е различна од нив како што и тие се самите различни меѓусебно, и покрај тоа што во еден сегмент повторно го користи Египет како една од дестинациите. Приказната е изолирана и самостојна, не е мост помеѓу постоечки приказни, туку го држи статус квото што доаѓа од серијализираниот формат. Многу ме израдува ова, зашто знаеш колку ствариве што излегуваат во последно време имаат тенденција да се мешаат во постоечки приказни и да оправаат криви дрини кај што не треба. 

Структуирана е како Индијана Џонс филм, такво е раскажувачкото темпо заедно со сите елементи од шаблонот. Има и спектакуларни филмски сцени во изобилие, ама те инволвира во нив за да не се осеќаш како да играш филм. Слободен си да отстапуваш од линеарниот пат, не те држи на шини и те охрабрува да прошеташ и да истражуваш наоколу. Нема да е префинетото Индијана Џонс искуство доколку не ти дозволи да буричкаш по остатоци од древни цивилизации. Истражувањето некогаш ќе биде наградено со наоѓање на книга што ќе те научи некоја нова вештина, пусулче што ќе подобри постоечка, непријателска униформа за полесно да движиш низ нивните редови или некаков колекционерски предмет. Многу работи ќе најдеш доколку шеташ и тарашкаш.

Те охрабрува да се прикрадуваш, а со тоа доаѓаат и повеќе различни начини на кои можеш да им пристапуваш кон мисиите што инволвираат непријателска територија. Некогаш некои работи најефикасно се завршуваат ако си тивок. Непријателите може да те откријат, можеш да се степаш, да избегаш или да направиш уште поголема беља и да викнат засилување. Слично како во Wolfenstein поновиве, лабаво стелтање е, не е ништо сериозно.

Индијана Џонс не е типичен акционен херој, па поретко користиш огнено оружје. Во ситуациите кога конфликтот е неизбежен, непријателите ќе ги млатиш со лопати, палки, тенџериња, стаклени шишиња, метли и секакви предмети кои ќе ти се најдат при рака. Најчесто од зад грб. Секое оружје се крши, па некогаш сред тепачка ќе мораш да се ослониш на сопствените раце. Голите раце се често главното оружје, па играта настојува разменетите тупаници да се осеќаат и да звучат најфилмски на свет. Го имаш и камшикот на располагање, ама неговата улога во тепачките е на различен начин офанзивна, главната функција му е сепак интеракција со околината.

Се трудев што помалку вакви ситуации да ме дефокусираат од самата приказна, а се неизбежна разонода во Индијана Џонс материјал. Морам да ги пофалам и пазловите. Не иде Индијана Џонс игра без темни катакомби заштитени со невозможни механизми на отварање, затварање и стапици. Не сум некој посветен фан на пазлови, а овде уживав во сѐ што Indiana Jones and the Great Circle ми сервираше. Некои беа лесни, некои ме главеа подолго од што сакав, ама сите што ги сретнав имаа одлични, паметни дизајни.

Многу убаво се вклопуваат сите елементи низ целата играта. Пазлањето, стелтот, тепачките се во постојана хармонија и сѐ од нив функционира тамански. Никогаш ништо не е вишок или половично направено, успеале да најдат некој фин баланс. Има и еден дел од мисија каде што ја успорува акционата динамика, се претвора во 3Д платформер и те остава на раат да истражуваш древен локалитет во џунгла. Милина. Не дека претходно не си раат, ама често имаш некој лик со тебе што може да замара. Тука и најмногу ги изразува влијанијата од старите Tomb Raider, а доколку е намерно, баш симпатично се затворил еден круг на инспирација. 

Она што исто многу ме воодушеви кај Indiana Jones and the Great Circle, е начинот на кој ненаметливо користи некои модерни системи. Без непотребни комплексности можеш да се фокусираш на непрекината акција, што на моменти се осеќа како да е игра од пред седум-осумнаесет години. Не си оптеретен со билдови, со некаква мета, комплицирани апгрејди или скраја да е, крафтање. Не дека се безначајни подобрувања, ама мислам дека можев да ја пројдам играта и без ниеден од нив. Освен можеби оној што се активира пред да умреш во тепачка, кога паѓаш на земја и се "оживуваш" чим си го најдеш паднатиот шешир. Барем два пати ме спаси во ситуации кога ме фаќаа жив во непријателски камп. 

Презабавна е, многу ми направи мерак. Најдобрата игра што ја играв во 2025. Одамна немав фатено нешто вакво. Намерно се држев да не забегам премногу со споредната содржина, исклучиво ме интересираше како следно ќе се развие главната приказна. Си оставив доволно за второ преигрување, таман кога ќе олабави малку на некој иден Стим попуст. Ова е тоа продолжение што вистински е во духот на трите филмови, нешто како што Alien: Isolation совршено се вклопи во друштвото на Alien и Aliens. Мора да се изигра пак. Има и DLC што го прескокнав, така што ќе го имам и тоа следен пат. 

Вакви Индијана Џонс ствари се бараат, достојни да застанат до изворниот материјал. Нешто што ќе држи некое ниво, не како последните два филма. Не можам и не сакам да го гледам Харисон Форд како се гњави да го поноси шеширот на крајот од животната авантура. Индијана Џонс е лик што буквално не функционира така и не старее грациозно. А MachineGames разбрале како може ликот да продолжи да живее, формулата е успешна, па ако склопат уште некоја ваква игра, нема да чекам толку долго за да се осигурам дека не е срање. 

January 27, 2015

Крис Прет? Индијана Џонс?

Каков сум со гласиниве денес, ко стерилен македонски портал. Додека го дочиташ постов со овој сензационален наслов, веќе сум објавил уште три нови, два со гифови од Базфид и еден преведен од Мешабл. Енивеј, овој муабет за Крис Прет и Инди не е нов, се појави уште пред неколку месеци заедно со монтажата подоле. Во периодот кога Guardians of the Galaxy му фрли светло на харизмата и талентот. Последниве неколку саати, вестта дека Дизни наводно се заинтересирани за Крис Прет како Индијана Џонс уште на разглас од камионче што ми кружи низ маалово не ја слушнав. Не е потврдено уште ништо, ама е секаде во моментов. Едно е секако сигурно, дека петтиот филм ќе се случува, без оглед на Харисон Форд. Франшизата, која Дизни исто така ја превзема од Џорџ, е доволно профитабилна за да не сопре со Kingdom of the Crystal Skull


Баш тука, во случајов, ми доаѓаат двојните стандарди до израз. Го сакам Инди исто колку и Хан Соло. За Хан Соло не би прифатил никогаш друг актер освен Харисон Форд, додека за Инди, уште кога излезе монтажата со Крис Прет... ако ептен мора, океј. Не се обидувам да го оправдам со муабетот дека Индијана Џонс би можел да има "бондовски" наследници, меѓутоа... некако универзумот не е толку опширен и втемелен во скоро сечиј мозок како Star Wars... бла, бла.. не знам како да го оправдам тоа што би сакал да го видам како Индијана Џонс!

Идејата е добра од повеќе причини. Како прво, колку сме тие што сакаме да го видиме Харисон Форд пак како Индијана Џонс? Многу. Додека го снимат филмот, ќе остари доволно за да го глуми древен артефакт. Дизни не пробува да го продаде филмов на мене и тебе. Ние веќе имаме загризано. Има една цела помлада генерација која појма нема што е Индијана Џонс, или не им е толку битен за да се осеќаат како некој да им го украл детството. Не е дека сме стари, туку ова е некаков природен тек веројатно. Не се откажуваш од ваков бренд само затоа што Харисон Форд е сенилен и упорно на сетот ги прашува пристутните кои се и каде му е коњот. Затоа и викам дека нов Инди подобро би функционирал од нов Хан Соло. Остајте го Соло да си умре, има доволно други работи што може да бидат Star Wars. А, Крис Прет е многу, мноооогу подобар избор од Шаја. Ако воопшто некој, а и самиот Шаја, мислеше дека ќе го носи шеширот некогаш.

September 15, 2009

Се спрема Индијана Џонс 5

Ги обожавам сите Индијана Џонс филмови, па дури и Kingdom of the Crystal Skull. Филмот беше исплукан и од критиката и од фановите, најмногу поради крајот, што верувам дека никој не очекуваше да отиде во таа насока. Но, како да заборавиле дека Индијана Џонс филмовите секогаш содржеле голема доза на фантанзија и имале такви, нереални краеви. Приказната беше одлична, реализацијата совршена како за Индијана Џонс филм, со оглед на годините на Харисон Форд и недостатокот на некои ликови од минатите филмови.

Деновиве кружи изјавата на Харисон Форд кај што спомнува дека приказната веќе завзема некаква форма и се чека на сценарио. Верувам дека Лукас и Спилберг ќе ги имаат негативните критики во предвид и дека нема да се занесат со толку екстремни експериментации, туку ќе понудат приказна која би била прифатлива за старите фанови. Јас лично би сакал да го видам Инди во потрага на Атлантида.

Е, сега. Иако би гледал било што со Харисон Форд како Индијана Џонс, па макар и да управува mecha роботи во село во Јапонија, петтово продолжение некако ме плаши. Не поради годините на Форд, туку поради Шаја ЛаБаф. Имаше неколку моменти во Kingdom of the Crystal Skull каде што можеше да се превиди црна иднина за серијалот и искрено се надевам дека нема да доживеам да видам како друг го носи шеширот на Индијана Џонс. А, најмалку му стои на ЛаБаф. Дури, ако се доволно паметни, ќе има мала улога во следново продолжение, бидејќи и неговиот лик имаше удел во создавањето на лошата слика за претходниот филм. Да сум јас Лукас или Спилберг, ќе го вратам Џон Рис-Дејвис.

За филмов, ќе мора да почекаме до 2012. Се надевам дека работите ќе одат во добар правец и дека ќе го видиме филмов.

August 19, 2009

PS2: Indiana Jones and the Staff of Kings

Во новата Индијана Џонс игра на LucasArts што излезе пред два месеца, Инди го бара стапот на Мојсеј на самиот почеток на Втората светска војна. Колку и да е интересна приказната, кога е спакувана во лоша и крајно досадна игра, едноставно не функционира како што треба.

Поентата е комплетно промашена, бидејќи Indiana Jones and the Staff of Kings се базира на постојано млатење на идентични непријатели, пукање во возила кои не прикинуваат да доаѓаат и слични глупости кои не припаѓаат на игра од која се очекува да е преполна со трагање по артефакти, замки и се она што сме го гледале во филмовите. Наместо да заглавам со денови на блокирана врата од древен храм во џунгла со змии, се кријам позади буриња и убивам цела армија од непријатели со ист скин и бедeн AI.

Изиграв неколку нивоа, пројдов некаде четвртина од играта, се напнав и прекинав. Покрај огромната маана што ја спомнав погоре, има хинтови кои не се гасат и цело време ме нервираат. Ебате играта што на секој чекор ти вика "стисни ова", "ајде сега со камшикот за гранкана" и слично. Очекував нешто како Tomb Raider, а не игра за деца под 12 години. Ах, да. Има неколку "скриени"артефакти наоколу (пример, позади контејнер во кинески кварт во Сан Франциско!) кои отклучуваат додатни материјали и нови скинови, ете, не стигнав Хан Соло да го отклучам. Покрај Хан Соло, го има и Хенри Џонс Сениор и уште неколку облеки за Инди.

Значи, колку и да сум фан на Индијана Џонс, не успеав да продолжам да играм, колку и да се трудев. Прелазна оценка може да добие само поради тоа што е Индијана Џонс и за неколку интересни моменти на самиот почеток. Понатаму е ужасно.

September 23, 2008

Indiana Jones and the Tomb of the Gods #2

Еве го и вториот број на Indiana Jones and the Tomb of the Gods. Продолжува таму каде што застана првиот број. Инди оди во Тибет за да дознае повеќе за делот од артефактот кој споен дава клуч до мистериозниот Гроб на Боговите. За неколку страници, Инди и Маркус Броди успеаа да прошетаат неколку држави, за на крај Инди сепак да заврши на среде океан со ајкули и со злобната девојка (која и не е толку злобна, туку е алчна) која го предава на Нацистите.

Интересен е вториот број, ми се допаѓа како се билда приказнава, ама како што разбрав ќе има само четири броја. Некако се малку за сето ова што почна да се случува, се надевам дека ќе успеат да се извадат со преостанатите четириесетина страници. Исто што го кажав за првиот број важи и тука, одлично цртање, сценарио кое е во духот на филмовите и неприкосновениот сарказам на Индијана Џонс.

Следниот број излегува во октомври (едвај чекам), а за симнување на вториов, клик тука. Еве линк и за првиот.

August 10, 2008

Првиот број на Indiana Jones and the Tomb of the Gods

Нов Индијана Џонс стрип од издавачката куќа Dark Horse Comics која стои зад стрипови како 300, Sin City, Hellboy и уште многу други, меѓу кои и неколку Индијана Џонс мини-серијали. Првиот број излезе минатиот месец, вториот се очекува во септември а според сајтот на Dark Horse Comics сигурно ќе излезат уште два, со кои претпоставувам дека ќе се заокружи приказната во оваа мини-серија.

Првиот број го означува почетокот на потрагата на артефакт за кој се претпоставува дека датира од пред палеолитскиот период и е дел од кружен клуч кој отвара некаква порта (за која претпоставувам ќе дознаеме во наредните броеви). Дејствието е сместено во 1936, измеѓу првите два филма. Ги има сите детали кои го прават Индијана Џонс мојот најомилен лик, ги има Нацистите кои се состојката на успешна Индијана Џонс приказна и за да биде уште подобро, го има Маркус Броди, лик кој многу (од разбирливи причини, за) недостига во Kingdom of the Crystal Skull.

Приказната почнува брзо, без многу развлекувања и пишувањето на Роб Вилијамс е баш во духот на филмовите. Цртањето е на Стив Скот, автор за кој не знам баш ништо, ама можам да кажам дека типот владее. Mислам дека се работи за помлад артист кој сигурно може да очекува светла иднина во стрип бизнисот.

Ќе се потрудам да набавам и некои други Индијана Џонс стрипови додека излезе вториот број. Ако некој го сака во електронска верзија, клик тука. За програмче за отварање на .cbr фајлови, клик тука.

May 24, 2008

Indiana Jones and The Kingdom of the Crystal Skull (2008)

Ако треба да изберам само еден филм кој ми го обележал детството, би се мислел помеѓу некој од Индијана Џонс филмовите.. Тоа вчера што го доживеав во Рамстор киното, беше многу повеќе од враќање на убавите спомени. Два саата бев окезен, скокав од столчето, и цело време кажував дека ќе дојдам да го гледам уште неколку пати додека не излезе на ДВД. Кратко и јасно: Indiana Jones & The Kingdom of the Crystal Skull е најдоброто враќање на херој од осумдесетите! Тоа што вчера го почувстував, тешко дека ќе можам да го опишам со зборови. Ќе кажам само дека долго време не сум гледал толку добар филм.

Харисон Форд е незаменлив. Иако остарен, сеуште го има тоа за да го носи шеширот на Индијана Џонс. Мислам дека и уште пет дела (Даааа! Ајде!) да сними, нема да го изгуби шармот и неприкосновената харизма.

Филмот е генијален од секој аспект. Приказната е таа, колку и некои луѓе да беа разочарани на крајот, тоа е - Индијана Џонс никогаш не се занимавал со реални работи. Другата работа, што комплетно ме вoодушеви е тоа што за снимањето не е користен дигитален формат, така што филмот изгледа како да е снимен во осумдесетите, неколку години после последниот филм. Да не спомнувам дека има еден куп референци до претходните делови, кои го прават сценариото уште подобро.

Сега ми е јасно зошто чекавме толку години на филмот. Спилберг комплетно го оправда чекањето, и достоинствено го врати Индијана Џонс на публиката.

Е, ова е филмот на годината! Не е ниту Iron Man, а нема да биде ни The Dark Knight, без разлика на тоа колку се добри.

March 27, 2008

Indiana Jones and the Kingdom of the Crystal Skull (постер + трејлер)

Филмот кој требаше да се случи пред многу години, но никогаш не е доцна. Индијана Џонс се враќа на 22-ри мај оваа година! Мојот омилен херој од детството се враќа! Од толку многу филмови што ги чекам оваа година, најмногу му се радувам на овој. Знам дека не може да испадне срање.

Единствено ми е криво што не успеаа да го убедат Шон Конери да ја повтори улогата на Хенри Џонс, татко му на Инди.

За информации околу филмот, клик тука, а за трејлер клик тука.

October 19, 2007

Кој сега ќе го спаси светот?


Изминативе неколку години, се вратија многу херои од осумдесетите, кои можеби и требаше да си останат таму. Терминатор, Џон МекКлејн, Роки Балбоа, да не речам и Снејк Плискин. Индијана Џонс, веќе неколку години се обидува да се врати, и конечно своето второ (четврто!) доаѓање би требало да го има следната година.

Освен цедење на парите на фановите, не гледам некоја друга причина зошто моите херои од детството се повторно тука да го спасат светот или слично. Океј, факт е дека денес нема херои кои би биле пандани на овие, а веројатно никој нема ни да им се доближи. Кој, Вин Дизел? Да, да. Секако.


Нејсе, од сите горе што ги набројав, најголемата утка беше
Terminator 3: Rise of the Machines. Крај. Live Free or Die Hard не го гледав, иако подолго време го имам дома. Другиве беа така-така. Највеќе го чекам Indiana Jones & The Kingdom of the Crystal S Зошто не им текна порано?

Како и да е, дадов предолг вовед за тоа што сакав да го кажам. Излезе постерот за новиот Рамбо! Се враќа и Рамбо, за последен пат да им ебе матер на непријателите на Америка. Трејлерот е поодамна излезен, и може да се погледне на
YouTube. Нека помине и Рамбо, и искрено се надевам дека ќе се појави некоја нова фаца, достојна да стои рамо до рамо со сите овие што се спомнати во текстов.