May 15, 2014

Не сери, Шерлок!

Последниве месеци имав прилика да изгледам две британски серии кои комплетно ме разнесоа. Black Mirror и Sherlock. Двете заслужуваат посебен третман тука, ама ќе почнам со Sherlock зошто ми е посвежа.

Стивен Мофат и Марк Гатис, едни од луѓето одговорни за заживувањето на моменталната популарност на Doctor Who, решаваат да седнат и да го донесат најпознатиот детектив на сите времиња во денешно време. Нивниот Шерлок живее во модерен Лондон и користи современа технологија. Вотсон е воен ветеран, но со искуство во Авганистан. "Не сери!" моментот доаѓа некои десетина минути откако ќе почне првата епизода. Целиот скептицизам за модерен Шерлок го снемува како дим од луле, додека се чудиш на брилијатноста на серијата. Следно, се жалиш зошто се само девет епизоди, па зошто треба да чекаш две години за следната, сето тоа додека маратонски ги прегледуваш.


Изворниот материјал го знам грубо, да речам од општа култура. Знам дека Шерлок е генијален детектив со необични методи за решавање случаи, дека пуши луле, свири виолина, живее на Бејкер Стрит и носи кариран капут и капа. Дека има помошник Вотсон, брат со моќна позиција во британската влада и главен душман што се вика Мориjарти. Доволно знам за да скокам од кревет на секоја референца кон суштината и карактеристиките на ликот и општо целиот тој свет. Како што серијата напредува од епизода во епизода, писателите се грижат за секој детал да добие некакво внимание. Можеби Шерлок не изгледа како генералната слика позната на светот, но митот е елегантно запазен. Наместо луле, се откажува од цигари и користи никотински налепници. Капата на почетокот ја нема, но подоцна станува несакан заштитен знак откако ќе искористи таква карирана за да се скрие од новинари. Целото тоа е многу фино изведено, бидејќи станува култ и за околината во која Шерлок егзистира во серијата. Со мало истражување, дознав дека не е само визуелниот дел така испочитуван, туку и мали ликови и приказни кои излегле од умот на Артур Конан Дојл своевремено. 

Бенедикт Камбњрњеабеч е совршениот избор. Неверојатно е како добро пренесува егоцентричен гениј опседнат со неговата работа кој едвај покажува други човечки емоции и е така малку арогантен кон луѓето и околината, дури и со тие што му се блиски или ги чувствува како такви. А, харизмата му е толку голема што некогаш едвај ми ја собира на монитор. Мартин Фримен е одличен како Вотсон. За овој Вотсон што е тука, нема подобар избор. Иако најпознатите улоги му се сличен лик, супер се вклопува. Хемијата меѓу двајцата е уште еден фактор што ја прави Sherlock толку добра серија. Камсдхњрч е инаку толку добар, што сериозно размислувам деновиве да го гледам Star Trek Into Darkness, за да го видам каков е како негативец. И, да видиме како останатото може да се исплука, нели.

Серијата е прекрасно искуство и топло ја препорачувам. Интелигентно напишани епизоди, траат саат и пол и те држат на пола газ цело време. Некогаш жалам што форматот е таков, зошто ми е некако премалку, ама сепак во таа минутажа случаите се феноменално раскажани, баш поради ваквата нарација.

2 comments:

Anonymous said...

Konecno pocna da gledas odlicni serii, vreme bese.
Bas me interesira so ke pises za Black Mirror.

Бојан Николов said...

Наскоро. :)