Види такоѓе:
October 26, 2025
Absolute Batman Vol. 1: The Zoo на Скот Снајдер и Ник Драгота
Види такоѓе:
October 5, 2025
Преживување во Bloodshed
По успехот на Vampire Survivors неизбежно беше формулата да се прошета и низ други жанрови. Еден период не можеше ден да пројде без нов Vampire Survivors клон или нешто слично што се пробува со концептот. Максимално забавна проста идеја е. Долго пружав отпор пред конечно да ја пробам и да разберам што е привлечното и заразното. Генијална е и покрај "коцкарските" моменти и начинот на кој те експлоатира за малку серотонин. Не е лесно да го постигнеш ова и да функционира вака. Општо целата игра е редок успех. По инспиративниот документарец на noclip каде што Лука Галанте го раскажува процесот на создавање, уште толку ми рипна почитта кон Vampire Survivors и кон него како колега девелопер. Топла препорака за гледање, таман трае колку што ти треба да испукаш една партија.
Bloodshed ја презема идејата на Vampire Survivors и ја облекува во естетика инспирирана воглавно од Blood, Doom и сличните легендарни бумер шутери од таа ера, па и некои од новиот бран ко Dusk. Очигледниот омаж кон Blood беше и пресуден да ја испазарам уште дента кога излезе. Немав ни играно саглам бумер шутерчина тој период, последно се гњавев со Turbo Overkill и ова баш добро ми легна. Ме израдува тоа што автоматското пукање карактеристично за survivors / bullet heaven жанрот е опционално и можеш сам да пукаш. А како за игра што не е стандардна пуцачина, пукањето е прилично задоволително. Автоматски на тајмер се само магиите што ги собираш по пат, ама и со нив нишаниш во непријатели, така што си многу поактивно инволвиран во самата акција.
Прикладно за бумер шутерскиот фазон, Bloodshed има предефинирани арени наместо бесконечни процедурално генерирани мапи. Има неколку различни арени во зависност од мисијата и "приказната", ама воглавно се локации кои често ќе ги сретнеш во бумер шутер жанрот. Ќе се промафташ низ готски катедрали, манастири, гробишта, рурално гратче инспирирано од Dusk, приморски ловкрафтски селца и параходи, поделени на две наративни поглавја со бонус мисии кои се отклучуваат постепено и со комплетирање на претходни.
Мисиите траат од петнаесет до триесет минути, специјалните се нешто пократки, ама има опција и сам да си местиш услови и време откако ќе ги комплетираш. Bloodshed добро ги темпира со количината и типот на непријатели со твојот прогрес на левели и апгрејди, па во ниеден момент нема да осетиш дека си вон баланс. Плус и арените се доволно широки за стратешки да бегаш со испотени раце од група демони кога ќе згусне. Има доволно голема варијација на оружја и магии за да си склопиш некој интересен билд и покрај тоа што солиден дел постепено ги отклучуваш преку валута што ја собираш со играње. Стандардна проверена шема на мета-прогресија за ваков тип на игри, па Bloodshed не се прекршува нешто со иновирање.
Освен што отклучуваш мисии, оружја, магии и слично, отклучуваш и ликови. Тука можеби е најштура. Има само седум, доволно различни со оружјата и магиите специфични за нив, па некако имаш време да се изнапукаш додека ти се присака нешто свежо. Ама ако веќе дојде до тоа, веројатно е моментот да смениш и игра, а приметив дека скоро се излезени и други вакви хибридини бумер шутери со Vampire Survivors. Од ликовите најмногу го цепам Џаред кој е директна копија на инспириран од Кејлеб од Blood, од гласот, до стартниот шатган и вилата. Ако веќе и тука ги дробам истите култисти од Blood, барем да го имам најквалификуваниот човек за тоа.
Bloodshed нуди широк асортиман на магии и оружја. Некои се позабавни него што се корисни, па некогаш склопувам послаби билдови само зошто ми се интересни ефектите. На непријателите можеш да им фрлаш крлежи да им ја цицаат крвта, да ги дробиш со дожд од надгробни плочи, да поставуваш стапици за мечки, па да ги дотепуваш со рафали од калашников. Има еден куп. Немаат некоја длабока меѓусебна синергија, ама сите ефикасно бркаат работа против секаков тип на култисти, зомбиња и демони. Единствено е тапа што нема динамит за да го покрие и тој аспект од Blood. Во моментов играта ми е комплетирана 95%, што значи речиси сите работи ми се отклучени и не верувам дека доколку има динамит би го чувале за крај.
После ова редно време е да седнам домаќински на вистински бумер шутер. Одлична е Bloodshed вака за повремено, така и ја таманев од пролетоска, ама не е вистинска алтернатива за задоволување на бумер шутерските пориви. Cultic дреме којзнае од кога, излезе и долгоочекуваниот Chapter Two, а упорно ја одложувам со изговор дека ми треба некакво посебно расположение. Знам дека пак ќе играм нешто просечно како Graven или Forgive Me Father двојката, така Dusk ја одложував. Doom: Dark Ages уште не дојде на ред, дефинитивно ќе ја чекам на попристоен попуст, ама можно е да седнам на Heretic + Hexen ремастерите од Nightdive што скоро излегоа топтан.
September 28, 2025
Swamp Thing на Скот Снајдер
Скоро го препрочитував Swamp Thing на Скот Снајдер и се шокирав кога ги видов датите на издавање. Неверојатно е дека поминале четиринаесет години од Новиот 52 универзум, кога DC ги ресетираа сите нивни стрипови и приказни и ги почнаа пак од прв број. Меѓу тогашните тазе 52 наслови се најде и оваа хорореста приказна, која всушност беше и моето прво прописно запознавање со ликот. Со должна почит кон легендарниот Saga of the Swamp Thing на Алан Мур што отпосле го читав, оваа итерација на Скот Снајдер некако уште ми е најдрага, особено Raise Them Bones аркот.
Влијанијата од Алан Мур се очигледни, веројатно не ни можеш да ги прерипаш, меѓутоа Снајдер создава свое дело кое лесно успева да процвета во постоечкиот обновен свет каде истовремено покрај вакви чудовишта опстојуваат и суперхерои како Бетмен и Супермен. Паралелно со Swamp Thing, Снајдер го пишуваше и водечкиот Batman наслов со веќе култните The Court of Owls и The City of Owls, па јасно е дека DC знаеле кому да го доверат ова. Апсолутен мајстор на занаетот, а низ годините што следеа се докажа како таков во повеќе прилики.
Неговиот Swamp Thing има осумнаесет броеви собрани во три колекции, заедно со специјалните, a последната вклучува неколку изданија и од Animal Man на Џеф Лемир кои го сочинуваат кросоверот Rotworld, по кој Снајдер му го предава пенкалото на Чарлс Соул. Снајдер вешто се снаоѓа со предизвикот да го продаде ликот на чудовишниот Свомп Тинг на публика која за првпат се среќава со него, концептите околу и негативците како Антон Аркејн што му ја матат водата во мочуриштето.
Според митологијата на Swamp Thing, во светот постојат неколку конфликтни мистични елементални сили кои претставуваат различни аспекти на универзумот, животот и смртта. Меѓу нив се Зеленото, кое го опфаќа растителниот свет, Црвеното што е целиот животински свет сосе луѓето, додека Гнилежот ја претставува смртта и распаѓањето. Овие елементални сили имаат сопствени аватари кои во суштина се нивната физичка манифестација. Многу е покомплексно и поинтересно отколку што го објаснувам, ама во кратки црти отприлика вака се поставени работите.
September 1, 2025
Омилени хорор филмови 2020-2024
Додека се наканам да составам листа со омилените хорор филмови од тековната година, поминаа неколку. Годините пред пандемијата донесоа некоја нова енергија во жанрот, а се појавија и ликови како Роберт Егерс, Мајк Фланаган, Феде Алварез и Ари Астер чии остварувања веќе имаат култен статус и свој придонес кон обликувањето на современиот хорор. Не можеш да ги прерипаш ни Џордан Пил, ниту Џејмс Ван кој и во 2010-тите остави значителен белег во жанрот. Ренесансата од минатата декада природно се прелеа и во оваа и ете трае до ден денес. Цел жанр е некако посвеж и постојано има нови автори со поинаков пристап кои не се плашат да експериментираат.
За повеќето изгледани не стигнав саглам да седнам да си ги запишам впечатоците посебно, ама мислам дека ќе им најдам примена на листиве некогаш во иднина кога ќе ми се пригледа нешто од оваа ера. Тековнава година ќе ја изоставам со намера филмовите да се најдат на сопствена листа зимава. Ги одвоив тие што ми оставија најсилен впечаток од 2020 до лани и за кои претходно немам пишувано посебно. Многу добри филмови имаше секоја година, не беше воопшто лесен изборот. Да не биде премногу гужва, листата подоле е прв дел од поширока селекција што планирам да ја објавувам постепено.
The Dark and the Wicked (2020)
По првата екскурзија во суперхеројскиот жанр, Џејмс Ван сo Malignant се враќа на домашен терен каде што очигледно е најкомотен. Malignant е можеби најлабавиот во хорор каталогот на Ван, ама баш тој полежерен тон ги прави сите бизарности во филмот да се толку функционални. Иако моменти што се лесно предвидливи и понекогаш глумата не е скроз сјајна, комплетно успева да надомести за сите недостатоци со забеганата ескалација на крајот, ама и со спретноста на Ван со камерата низ цел филм. Мило ми е што уште наоѓа начини да е креативен како режисер и покрај тоа што последниве години е почесто со продуцентски ангажмани.
За ниеден друг филм од листава не сум бил толку среќен што сум му седнал со нула предзнаење. Не дека за другите се спремам, ама за некои и без да сакаш може ќе фатиш нешто ненамерно или некако им е очигледна тематиката. Barbarian вешто си игра со насоката на приказната и општо целото темпо, што едвај ти дозволува да имаш некоја точна претпоставка за што точно се случува. Притоа цело време те гуши со неизвесност и токми едно од најгрозните откритија во поновово време на хорор филмови. Импресивно режисерско деби на Зак Крегер, инстант класика. Едвај чекам да го гледам Weapons.
Имав некои неосновано ниски очекувања од Talk to Me. И покрај позитивните коментари и препораки, некако долго се промашувавме. Ме затекна неспремен. Тоа што претходно го знаев ми создаде слика дека е некаков млак шаблонски тинејџерски хорор, а испадна дека е еден од поинвентивните во последниве години, мајсторски спакуван и покрај скромниот буџет. Се радувам кога ќе видам нешто што знае како да размрда изморени жанровски тропи и елементи. Сосе годинешниот феноменален Bring Her Back, очигледно е дека браќата Филипу си го знаат занаетот и се решени да ја обележат оваа декада.
Реално немало лош Evil Dead филм до сега, а и серијата Ash vs Evil Dead беше одлична. Мило ми е што со Evil Dead Rise франшизата фаќа нов правец и што ова не е директно продолжение или стандарден римејк. Пак се осеќа дека е од истиот штоф, само живнат со нова локација и малку поинаков амбиент. Тонално е негде помеѓу трилогијата на Рејми и верзијата на Феде Алварез, што некако одлично функционира. Не е "страшен" во класична смисла, ама има крв и насилство во изобилие за да ги задоволи и тие апетити. Сем Рејми и Брус Кембел ветуваа нов Evil Dead на секои две години доколку Rise запали кај публиката, па наскоро би требало да го пречекаме Evil Dead Burn.
Аргентинскиот When Evil Lurks ми е еден од најзабавните филмови од последниве неколку години воопшто, од било кој жанр. Стварно е интензивно искуство. Освен што визуелно е бесмилосно брутален за долго да ти останат некои моменти во глава, има прилично интересна интерпретација на класична хорор тематика која му помага да се одвои и во сопствениот поджанр како еден од најсвежите. Толку добро и уверливо го гради светот во кој опстојува што нема шанси да не те повлече. Веќе се крчка продолжение и баш ме интересира како би се надополнила митологијата.
По феноменалните The Witch и The Lighthouse, се израдував што најиконскиот вампир му го доверија на Роберт Егерс. Иако инспирацијата се темели на оригиналниот филм и книгата на Стокер, Егерс си овозможува доволно креативна слобода за да го одвои Nosferatu како авторска интерпретација која би било глупо да трпи споредби. Визуелно е фантастичен, еден од поубавите филмови во последниве години. Специфичниот стил на Егерс извонредно лепи со ваква приказна. Веќе е докажан мајстор за создавање морничав амбиент каде што лик ко Носферату може да вирее беспрекорно, a Скасгард со улогата се зацементира како едно од најеминентните имиња во денешниот хорор.
Го гледав кратко пред Сидни Свини да завладее со светот. Едвај знаев која е, не ја ни памтев од Once Upon a Time in Hollywood и се изненадив колку способна актерка е, а Immaculate има некои исклучително интензивни моменти што феноменално ги носи сама. Друга работа што не ја очекував е ваков сочен модерен nunsplotation филм. Скроз еснафски, одличен. Плус, сниман на локација која во седумдесеттите ја свртеле повеќе хорори од италијанската школа што му додава уште една симпатична нијанса. Некој месец покасно излезе и The First Omen, приквелот на The Omen, кој исто така успешно нагази во поджанрот, па можеби ќе имаме среќа да видиме уште некоја современа варијација.
August 20, 2025
Да ти се стемни од World of Warcraft: Midnight
Кога ќе видиш, и најлошите денови на World of Warcraft биле најавувани спектакуларно. Стандардите за квалитетна експанзија се одамна поместени подолу, меѓутоа најавните синематици секогаш држеле некакво ниво. За Shadowlands беше солиден. Можеби повеќе од технички аспект одошто содржински, ама доволно провокативно за да се фатиш за новчаник. И најдосадната The War Within ја соопштија со еден од најдобрите воопшто во историјата на Активижн Близард.
Сега го објавија синематикот за следната, World of Warcraft: Midnight, и се фатив како се трудам да сум изненаден од мизерниот квалитет. Демек јаката игра, па си дозволиле синематикот да им изгледа како азиска мобилна игра. Како да не рефлектира што е World of Warcraft во моментов. Доволно е да видиш како завршува Legacy of Arathor. Ова е приказната денес и ова се ликовите кои играта ги трампаше за Трал и Андуин. Нестабилни нервозни тетки и чудни потиштени мажиња. Во секоја нова зона е истата песна, секоја кампања го следи тој шаблон и динамика. Тоа е капацитетот на тимот што е задолжен за наративот, само тоа знаат да напишат.
Со исклучок на некои моменти во Dragonflight, цела приказна после Legion е во слободен пад. А тоа ако не ми се погоди, стварно не ми останува многу WoW. Одамна не рејдам, М+ трчам сѐ поретко, а левелирање алтови, собирање маунтови и трансмози веќе не е толку забавно по стоти пат. Јаки муда ако го имам Инвинсибл. Треба да го јавам во кампања со Ферин Лотар. Сѐ што видов од Midnight до сега, не ветува нешто поразлично. Ова е истиот килав тим што буквално го седна Кадгар во магична инвалидска количка.
Како заколнат блад елф во играта, треба да ме радува тоа што Midnight носи големи промени на тоа поле. Ете, после скоро дваесетина години Квел'Талас ќе биде освежен и обновен, Силвермун можеби конечно ќе заживее пак. Не е јасно дали целата област сосе Еверсонг и Гоустлендс, ама чим има најава за Зул'Аман како посебна зона ќе претпоставам дека обновата опфаќа поширока територија. Со новото летање така и би требало. Некако сум рамнодушен во моментов, ама јасно е дека и на целово јадење гомна пак ќе им платам за да се прошуњам ден-два. Тоа е најтажното. Како пак да купиш храна од место кај што си се отрул.
Веројатно најголемата новина во Midnight е можноста конечно да имаш свој дом во Азерот. Нејасно ми е како до сега го немаа ова. Ама ако ја спремаат играта за на апарати после заокружувањето на ова што го викаат The Worldsoul Saga, целиов систем би можел лесно да одржува заедница што ќе плаќа претплата и тракатанци кога евентуално би секнала редовната содржина. Куќите во Азерот ќе може да бидат дел од комшилуци каде што секој месец ќе има некаков настан и потенцијалот да ги држиш луѓето "дома" е огромен. Плус, обавезно ќе лупнеш фонтана, базен или нешто за 90 евра да се продава и тоа е тоа. Глеј ја RIFT, од што мислиш дека живее последниве десет години без еден нов квест.
Покрај вкупно четирите нови зони, доаѓа и нова раса што ќе може да се отклучи. Од што е толку интересна приказната во The War Within, овие Харанирциве дури од најавава за Midnight ги приметив дека постојат. Midnight стартува и со три рејдови, ама со вкупно девет босови, така што некој конечно се сетил дека може и ваква финта да направат за да изгледа како да работеле и на нешто друго освен мебел за куќите.
Додека драмам тука за Midnight, на полето на пиратски приватни World of Warcraft сервери се случуваат далеку поинтересни ствари. Откако Активижн Близард не успеаа да им пружат квалитетна Classic+ содржина на играчите со Season of Discovery, почнаа да никнуваат сервери како Project Epoch кои нудат ванила со нови дополнителни ствари кои ги нема во оригиналната. Epoch преработува неколку стари зони и носи над 1400 нови квестови. Секако, тука е и веќе култниот TurtleWoW што пред некој ден исто така се појача тазе сопствена содржина, напукана колку цела експанзија.
Се најавуваат и уште неколку вакви сервери кои прават разновидни креативни нешта со играта, работи кои легитимните сопственици на World of Warcraft некако бавно контаат дека им се лукративна можност. Од Mists of Pandaria Classic и Legion Remix изгледа тешко се приметува огромната група играчи што сакаат едноставни MMORPG авантури. Имам акаунти и на TurtleWoW и на Epoch, дури малку и успеав да се промафтам таму. Такви се бавни, не те брзаат нигде. Фокусот им е на левелирање и општо заживување на делови од Азерот што се запустуваат со секоја следна World of Warcraft експанзија. Не дека ќе играм којзнае колку, ама делуваат како супер алтернатива за ако ти затреба доза, а сакаш да ги заобиколиш Активижн Близард.
August 15, 2025
Уште не можам да ја изгасам Against the Storm
Изгледа никој не спие од тие шест луѓе во Eremite Games. Ни година не пројде од Keepers of the Stone, а Against the Storm летово не само што излезе за конзоли, туку има и нова експанзија. Ја земав за Нинтендо Свич колку да ја имам во физичка варијанта. Не дека ќе ја играм нешто многу на Свич, сакам да се распостелам на биро со тастатура и маус, ама нека си ја во колекција. Нит јаде нит пие. Невиден мерак ми е Against the Storm. Kако посебно хоби почнав да ја третирам. Откако сум родител малку потешко доаѓа на ред, ама успеав да украдам неколку саати за конечно да седнам на ова новово Nightwatchers.
Експанзијата го следи тертипот на претходната Keepers of the Stone и воведува два нови биоми, нова раса со сопствени градби и куп нови афикси и ивенти што го збогатуваат светот и системите. Како и претходната експанзија, Nightwatchers ненаметливо се вклопува во постоечкиот комплексен механизам на Against the Storm, без да наруши некоја друга функционалност. Не си обврзан да ги купиш експанзиите, немаат драстични промени што влијаат на општиот начин на кој се игра играта.
July 20, 2025
The Spy Who Loved Me, филмот што ја спасил Џејмс Бонд франшизата
Ги проверувам старите Бондови повремено. Стар е и Casino Royale со Даниел Крег сега кога ќе видиш, а додека излезе следниот Бонд на Дени Вилнев и No Time To Die ќе остари доволно за да го пасува во истиот кош, ама за стари уште ги сметам само тие што се пред GoldenEye. Низ годиниве со Даниел Крег, некако малку се отцепив од Роџер Мур. Филмовите на Крег стануваа подобри, а и самиот тој во улогата. Овие со Мур баш ги гаѓав во таков период кога критериумот за Бонд филм ми бил повисок до степен да некогашни омилени неправедно ми станувале "не толку добри".
Никако не смееш да го отпишеш Мур. Којзнае што би се случило со франшизата доколку не го убедел светот дека Бонд може да биде некој друг освен Конери. За разлика од Џорџ Лезенби, Мур успева да воспостави сопствена варијанта на ликот што е функционална, па и да стигне до еден официјален филм повеќе од Конери. Иако преферирам нешто посериозен Бонд, барем во контекстот во кој постои нели, пак почнав да уживам во филмовите со Роџер Мур како порано. Забавни се, дури и во тие што се така послаби можеш да најдеш нешто удобно. Глупо е сега да ги споредуваш со скорешните, повеќето веројатно не заслужуваат споредба ни со тие од Конери ерата. Мур е одличен Бонд. Можеби најмалку "акционен" од останатите, ама апсолутно надоместува со шармот за секоја лошо кореографирана тепачка.
Придонесот на Мур кон опстанокот на серијалот дополнително се зацврстува со неговиот трет филм, The Spy Who Loved Me. По слабиот финансиски успех на The Man with the Golden Gun и загубениот интерес кај публиката, распадот на партнерството меѓу продуцентите Броколи и Салцман, потешкотиите со авторските права, создавањето на следниот Бонд филм било општ хаос. Од книгата на Флеминг бил дозволен само насловот, а комплетно ги изгубиле правата да ги користат SPECTRE и Блофелд како негативци, култни елементи што франшизата ги добива назад дури после четириестина години.
Неопходно било The Spy Who Loved Me да е успешен за да ја стабилизира франшизата. Затоа и играле на големо и покрај сите маки околу. Филмот едвај нашол режисер, сценариото проаѓало низ многу раце, плус морале да ја избришат целата поврзаност со SPECTRE и Блофелд и да измислат негативец кој не потекнува од книгите на Флеминг.
Снимањето на различни локации носело посебни предизвици. Има една приказна за снимањето во Египет кога поради грозната локална храна, Броколи нарачал јадење за цела екипа директно од Англија, меѓутоа некој заборавил да ги уклучи фрижидерите и стигнала расипана, па купувал домати, носеле шпагети од Каиро со авион и готвел за сите. До таму одела посветеноста на Броколи кон Бонд. Вакви детали сведочат за тоа колку му било важно да успее овој филм.
И покрај проблемите, Броколи не штедел на ништо. The Spy Who Loved Me до тогаш е најскапиот во франшизата, коштал 13.5 милиони долари што не биле воопшто мала сума во 1977. Пола милион им испаднала само сцената со скијањето на почетокот на филмот. Самиот тој грандиозен каскадерски подвиг не бил претходно виден во Бонд филм. Лудо било во тоа време. Уште е полудо што вкупната заработка на The Spy Who Loved Me му е 185 милиони долари.
За потребите на филмот е изградена и легендарната студиска хала 007 Stage во Пајнвуд Студиос. На Кен Адам му требало простор за да го смести огромниот сет од танкерот. Подоцна таму се снимени и еден куп други филмови кои имале потреба од големи сетови. Бет-пештерата од Batman на Бартон, разни храмови и гробници од Tomb Raider филмовите, џиновската глава во Prometheus, глупостите во Star Wars: The Last Jedi, неколку Хари Потер и што уште не.
Колку почесто го гледам The Spy Who Loved Me, така некако ми оди нагоре во листата на Роџер Мур филмовиве. Веројатно и првиот филм каде што изгледа толку раскомотен во улогата. Пред некоја година ќе речев дека ги преферирам The Man with the Golden Gun и Octopussy, ама изгледа ми се сменил вкусот. Во меѓувреме, ги посетив и египетските локации каде што е сниман и уште толку ми прирасна за срце. Таков е подинамичен, има силен авантуристички тон, напукан е со егзотични локации и некако најелегантно ги користи елементите од Бонд формулата во споредба со останатите со Мур. Прејако е што им успеало природно да го постигнат тоа од претходните искуства, наместо да се потпираат на материјал од Флеминг. Не дека книгите ја имаат истата структура како филмовите, ама пак треба добро да знаеш што правиш ако измислуваш нешто ново.
Ако ептен цепидлачиме, можеби би замерил што Стромберг не е толку впечатлив негативец како вистинска закана за Бонд, ниту пак неговите мотиви се издржани, ама филмот добро си игра со мегаломанскиот аспект за да има баланс. Ебати Бонд негативецот ако не сакаш да го уништиш светот за да создадеш нова цивилизација што ќе живее под вода. Плус го има и Џоус, веројатно најдобриот хенчмен после Одџоб, така што доволно е покриено за да не се изгуби од класичните бондовски моменти.
Кога сме кај тоа, во The Spy Who Loved Me е една од најдобрите коли во Бонд филм, белиот Лотус Есприт. Колата е сама по себе доволно мангупска, а филмот дополнително ја става во напната брканица со хеликоптер што кулиминира во вода каде што се претвара во подморница. Не е чудо што после ова Лотус не можеле да се скрасат од нарачки и за да купиш Есприт се чекало и со години.
Многу е јако и како воопшто завршила колата во Бонд филм. Продукцијата барала ново возило за Бонд и нормално конкуренцијата била голема, па на некој од Лотус му текнало да паркира необележан прототип од Еспритот пред Пајнвуд. Среќа, некој набргу го забележал и два прототипи завршиле во филмот. Дополнително, Лотус позајмиле и нивни тест шофер за каскадерските сцени бидејќи постоечкиот не успевал да се справи со Еспритот како што прилегало за филмот.
Супер е и Барбара Бах како рускиот пандан на Бонд, агентката Ања Амасова. Можеби Барбара Бах нема којзнае какви завидни актерски вештини, ама ситуацијата е извадена со тоа што ликот е добро напишан, со мотивација и грам памет. Не е само декорација, туку има своја агенда, мисија и улога рамноправна со Бонд, што за тоа време не било најсвојствено. Плус, целата лична и професионална тензија меѓу нив дава еден слој на приказната што обично недостасува во Бонд форматот од Мур ерата.
За среќа на сите, The Spy Who Loved Me испаднал многу поуспешен од филмовите пред него. Ништо чудно со оглед на тоа колку е вложено во секој аспект. Се осеќа дека Броколи не снимал само уште еден Бонд, туку имал јасна намера да ја издигне франшизата на друго ниво. По ова, Бонд не само што не ја губи релевантноста туку го отвара патот за уште поамбициозни проекти како Moonraker кои се стремеле кон малку поразлични ствари, ама за тоа во некоја следна прилика. Во меѓувреме, да се надеваме дека нема да го најават Том Холанд како следниот Бонд.
June 14, 2025
Анимираниот Predator: Killer of Killers
Баш на ова се надевав после Prey, Predator материјал што ќе излезе од конфорот и ќе знае кај тера. Predator: Killer of Killers се надоврзува на идејата од Prey, a сегментираната структура обезбедува три различни историски периоди во кои Предаторите се впуштаат во лов на истакнатите "трофеи". Вака конципиран, можностите се неверојатно опширни, а анимацијата овозможува креативна слобода чиј опсег сигурно би бил поскромен во стандардниот филмски формат. Особено е во корист на акциониот аспект што забегува со секакви апсурдности без да изгледа препумпано. А, ова не смее да си дозволи да изгледа шкартно, само сети се каков беше The Predator од 2018.
На овој начин, Predator: Killer of Killers со кратките сегменти може удобно да се препушти на секаков визуелен спектакл. Стилот на анимација има малку црпнато од Arcane, што поради популарноста на серијата не е некое изненадување, меѓутоа инспирацијата доаѓа во комплет со Стивен Џ. Мејер, тамошниот главен аниматор кој тука ја предводи анимацијата на ликовите. Подобро e ова наместо потрадиционална анимација или бајатиот псевдо-аниме стил од кој не можат да се одвојат некои скорешни наслови и еден куп долгометражни суперхеројски анимирани.
Ваков разигран стил убаво лепи со динамиката на самиот филм, а сè уште не е толку експлоатиран за да замара. Различните опкружувања создаваат услови за визуелни варијации, а Predator: Killer of Killers лесно се прилагодува без да изгуби кохезија. Супер е. Најголем ќар има дизајнот на самите Предатори. Помонструозни се, пропорциите им се поимпозантни во однос на нивната досегашна физиономија, меѓутоа ова воопшто не одзема од намената. Баш поширокиот простор за израз од самиот медиум е добро искористен и во оваа насока.
Некаде самата приказна има потреба од вака прилагоден дизајн и одлично функционира. Не сите Предатори се од истиот клан, не мора да изгледаат идентично. Овде не се ни од ист временски период. Племенскиот водач е еден од најкреативните Предатор дизајни воопшто, а филмот неговата историја ја нуди единствено преку изгледот, без да има потреба од вербален јазик. Вакви работи сакам да гледам, не цело време да се врти сличен Предатор ко од првиот филм.
Што се однесува до приказните, одлично се склопени и во компактниот простор што го имаат, успеваат да направат доволно за да овозможат цврста врска помеѓу животните неприлики на ликовите и тебе како гледач. Секој сегмент си има свој амбиент, ама го движи истиот порив за преживување по секоја цена. Не мора да имаш иста култура или време за да осетиш што значи борбата. Иако функционираат одвоено, трите приказни се наративно врзни и на крај се заокружуваат во една заедничка точка. Завршницата на Predator: Killer of Killers, заедно со самурајскиот сегмент, ми е омилениот дел од целово ова. Како фан на Предатор, не останав рамнодушен на локацијата кај што кулминираше приказната.
Можеби и немаше посоодветен начин од ваков анимиран филм да се чепне подлабоко во светот на Предаторите и нивниот ловечки тертип. Досега само стриповите и книгите се осмелуваа да навлегуваат подлабоко, ама изгледа Трактенберг не се воздржува од ризици. Да направиш брутално насилен Предатор цртан со R рејтинг е само по себе смел потег. Сакам да верувам дека Трактенберг има уште поамбициозни планови за после Predator: Badlands кој треба да се појави кон крајот на годинава, а ова го користи да ја опипа публиката и да види колку е стварно спремна да сркне од овој универзум. А, ако ги исполни ветувањата, може конечно да добиеме и поквалитетен AVP.
June 3, 2025
Alien: Resurrection за ПлејСтејшн кец
May 25, 2025
Уште неколку забаталени игри за ПлејСтејшн кец
Се изнагледав видеа од клонови на Crash Bandicoot за ПлејСтејшн кец деновиве. Немам ниедна од овие игри играно, некои не ни знаев дека постојат или комплетно сум ги заборавил. Тогаш позанимливо ми беше постоењето на Crash Team Racing клоновите, која и самата е клон нели, ама и од тие ништо ми нема пројдено низ контролер. Само ги гледав во списанија и низ каталози и цедетеки. Покрај ствари како Дизни, Луни Тунс, Мапетс, Саут Парк и други франшизи релевантни во девеести, го имаат и Петре Клукајдрвчето извадено од негде да вози картинг.
Скроз е лудо е кој сѐ се тепал да биде Mario Kart за ПлејСтејшн или поточно да ќари нешто од успехот на Crash Team Racing. Клоновите на Crash Bandicoot се помалку на број, ама ги има. Не дека Crash Bandicoot има измислено 3D платформери, ама има специфичен препознатлив левел дизајн што не бил така спакуван претходно. Игри како Donald Duck: Goin' Quackers, Lilo & Stitch: Trouble in Paradise или M&M's: Shell Shocked веројатно не би ни постоеле без таа инспирација. Не биле џабе. Ете ги сега како повод да се навратам на други забаталени ПлејСтејшн кец игри што сум ги дробел и да поносталгичарам малку. И време беше, пројде цела година од првата тура.
Batman Forever: The Arcade Game (1996)
Ја ископав од тезга еден дождлив ден на некогашниот автопазар. Празник беше кога ќе те однесат ко дете да буричкаш по кутии со дискови. Голем дел од игрите за ПлејСтејшн кец ми се од таму купени. Ако не работи дискот мора да чекаш до следната недела за да ја смениш, зашто автопазар работеше само еднаш неделно. Batman Forever: The Arcade Game ми изгледаше чудно и ружно и покрај тоа што Batman Forever ми беше најјаката ствар на свет. И денес кога ќе ја видам ме стега глава. Aма тогаш беше повеќе од доволно што играм ваква игра дома - и тоа Бетмен, иако во флиперницата две куќи подоле имаше милион пати подобри beat 'em up игри.
Army Men: Sarge's Heroes (1999)
Таман кога веќе бев "голем" за да ги распостелувам малине пластични војничиња насекаде низ дома и двор, ја открив Army Men: Sarge's Heroes што практично беше истата таа фантазија спакувана како пуцачина во трето лице. Не e ни отприлика меѓу најдобрите, ама беше доволно интересна за да те замисли дали си стварно голем за да ги пензионираш вистинските пластични војничиња. Пред да згасне, Army Men спука дваесетина игри од различни жанрови за повеќе платформи, ама оваа остана единствената што сум ја играл од цел серијал. Додека неизбежно се врати некој ден, најблиску до ова е онаа Hypercharged: Unboxed.
Те пречекуваше со "This game is best played in the dark" кога ја пушташ, ама и со запалено светло знаеше да те препоти. Alien: Resurrection не само што е ексклузивка, туку е и првата пуцачина во прво лице што за движење користи лев аналог, а десен за нишанење. Денес ова е стандард за FPS, ама во тоа време било ново и не им легнало на сите. Има една позната рецензија од ГејмСпот што баш ги кења тие "лоши контроли". Штета Alien: Resurrection нема излезено од ПлејСтејшн, па да би можела да упеца модерен ремастер од некои мангупи како Најтдајв што ќе ја истретираат како Quake или Blood. Една од омилените ПлејСтејшн кец игри и најдобрата пуцачина објавена за конзолата покрај Quake II и Medal of Honor. Филмот е така-така.
Pro Pinball: Timeshock! (1998)
Можеби најверната симулација на флипер излезена во девеести. Настрана тоа што на времето сѐ ни изгледаше реалистично ПлејСтејшн, дизајнот на таблата, звуците и физиката беа неверојатно добри во Timeshock. Баш кога го заиграв ова веќе почна да ги снемува вистинските пинбол машини по флиперниците. Денес се толку ретки што со години приметувам како еден ист лик бара да купи по онлајн огласнициве. Pro Pinball: Timeshock! е единствената игра од листава што има модерен римејк од пред десетина години, ама и тој очигледно времето го има заборавено бидејќи сега првпат слушнав дека постои.
Кој забатален концепт се игри со фиксирана камера. Сигурен сум дека денес ова постои како инди поджанр и да побарам ќе најдам еден куп модерни, ама времето им беше таму во екот на популарноста на старите Resident Evil. Ни пола не сум ја контал Soul of the Samurai тогаш. Веројатно ме возел моментот дека вадиш катана, касапиш наоколу и тоа било тоа. Баш деновиве додека прегледував гејмплеј приметив колку е стварно забегана, самата приказна и општо целиот дизајн и амбиент. Играта инаку се викала Ronin Blade во Европа, ама сигурен сум дека мојот пиратски диск го имаше овој омот со Soul of the Samurai.
Ако нешто е забаталено на листава, тоа е ова. Џордан и Space Jam беа интегрален дел од детството на мојата генерација. Шокантно ми е како ја имав избришано од сеќавање, а памтам триста глупости околу. Знам со кој кои сликички сум ги разменил за албумот, се сеќавам и на касетата од филмот на кино-снимка каде што точно памтам на која сцена се појавуваат силуети од луѓе во публика како стануваат. Веројатно овде и сум дознал што е кино-снимка. Кај ми испари информацијата дека постои играва? Кога ќе почнат да ти снемуваат вакви моменти, сфаќаш дека си многу постар отколку што се осеќаш. Jа пуштив на емулатор, изиграв една партија со Џордан, Багс и Таз. Сигурно и тогаш била вака глупа, ама ја утепувавме.
May 20, 2025
Добро испадна Final Destination: Bloodlines
Вториот Final Destination филм создаде една колективна траума кај мојата генерација со сцената на автопатот со трупците. Каков неповторлив момент. Од тогаш едноставно држиш двеста метри дистанца позади такви натоварени камиони за секој случај и тоа е тоа. Мислам дека таа сцена и денес е останата како највпечатливиот аспект од цел серијал и е првата асоцијација кога филмовиве ќе се најдат во некој муабет. Првите два беа многу популарни во тоа прелазното време од видеотеки во дивидитеки и ми останаа како ептен драги. Не следев нешто многу наклонето после третиот дел, ама истераа уште две продолженија пред да исчезне по 2011.
Чудно како беа потребни четиринаесет години за Final Destination да живне со нешто ново, особено што во меѓувреме сите поголеми хорор франшизи се изнаредија со разни рибути, римејци, приквели, миквели, рекалибирации, реимагинации и други реизмишљотини. Без многу драма и извољевање за некакво "големо враќање", Bloodlines пристигна скромно со трејлер и ветување дека ќе ја добиеш стандардната шема. Долго немав гледано Final Destination филм и некако му се израдував. Мило ми е што серијалот си даде простор да земе здив и да се проба пак во друго време. Bloodlines не само што не е срање какво што лесно можеше да биде, туку е и меѓу најдобрите Final Destination филмови.
Се изненадив колку Final Destination: Bloodlines не пати од идејата одново да го измислува концептот. Има некои моменти каде што се обидува да ја продлабочи постоечката митологија на франшизата, меѓутоа пак се држи прибрано и верно до она што публиката сака да го види, а тоа се секако инвентивните начини да убие некого. Реално, ретко кој седнува да го гледа ова за длабокиот фолклор. Тука си за верижната реакција што носи до нечија насилна смрт. Логиката често изгледа како излезена од цртан филм, ама тоа е и главното својство на Final Destination. Филмовиве не се сфаќале себеси премногу сериозно, во некоја мера отсекогаш била присутна некаква апсурдна, комична нота - макар и ненамерно. Поради тоа и лесно е да им прогледуваш низ фалинките.
Очигледно е дека има огромна количина на свежа креативна енерија во Bloodlines, без да го изгуби комодитетот на сопствениот калап. Некогаш едвај се приметува дека е филм од 2025, мислиш е нешто од видеотека изрентано. Режисерското дуо мајсторски се справува со концептот и точно знае како да ти го сервира тоа за кое си дојден. Тензијата е постојана, па дури и да предвидиш што ќе се случи, има толку многу чекори што ќе ти ги испотат рацете дур кулминира. Чим си нонстоп на штрек, ќе да е успешно. Имав подзаборавено каква вожња знаат да бидат овие филмови.
Како и секој друг Final Destination филм и Bloodlines има еден куп ликови чија главна намена е да изгинат, со тоа што овојпат не се баш типичната иритантна дружина за која навиваш против. Дури и се грижиш за нив во повеќе наврати. Супер се цела екипа актери. Може повеќето од нив нема ни да ги препознаеш во следен филм, ама одлично ги цепаат ликовиве. Bloodlines е и последниот филм на хорор легендата Тони Тод кој почина минатата година. Доколку некој се интересира за меѓусебната поврзаност на филмовите, веројатно уште повеќе ќе му значи неговото присуство кое и онака само по себе е доволно моќно и емотивно.
Моментално Bloodlines котира највисоко од сите досегашни Final Destination филмови - и според публиката и според професионалната критика, замисли. Претпоставувам поради тоа што денес рецензии од друга генерација се вбројуваат во тој рејтинг, односно луѓе кои растеле со серијалот и им значи многу повеќе одошто на тогашните критичари. Мора да има и некаква доза на носталгија во пресметките, секако не е подобар од кецот и двојката. Ова наговестува дека можеби и нема да поминат пак четиринаесет години до следното продолжение, иако би сакал да не се брзаат. Лесно потрошлива формула е, глупо би било ова на "стари години" да се претвори во Saw франшизата.
Види такоѓе:



















