Веројатно сум меѓу последните што го изгледаа The Desolation of Smaug. После недели одложување, дојде на ред за гледање и тоа во речиси празна кино сала по напорни неколку денови со голема можност за дремнување во истата. Неколку дена пред премиерата го изгледав An Unexpected Journey со надеж дека ќе ми го смени првиот впечаток. Не само што филмот е досаден како првото гледање, туку само ми го потврди сомнежот во следните две развлечени продолженија. The Desolation of Smaug е токму тоа, тегнење на една мала книга и пополнување минутажа со Леголас и приказни и ликови излезени директно од газот на Питер Џексон.
Сепак, филмот некако функционира и како таков, или па моите мали очекувања овозможија да бидам изненаден. Иако отидов спремен со пижами и јорган во кино, не ни приметив кога летнаа тие два и кусур саати. Приказната е многу подинамична во однос на првиот дел и не делува како аркаден платформер. Некои сцени кои заслужуваа поопширен третман, за жал се скратени за сметка на измислена акција со измислени ликови, кога Билбо и Џуџињата бегаат по реката во буриња. Да не бидам безпотребно строг кон Таурел, мене ликот ми беше океј. Иако со Леголас беа неколку пати искористени како последниот спас за Џуџињата, нивното присуство некако ја расонуваше приказната. Еванџелин Лили на почетокот ми делуваше чудно во ваква улога, но набргу ја прифатив како дел од светот на Толкин, иако нејзиниот лик е дојден од друго место (види прв параграф).
The Desolation of Smaug си го оправдува насловот, не само со самиот Смауг туку и целата атмосфера е некако пуста и мрачна. Речиси и да нема никаков баланс, филмот цепа темно до самата кулминација под планината. Сцената со Смауг е една од најдобрите во целиот снимен опус на Толкин до сега. Излезе многу подобро од што замислував, дури и дизајнот и анимацијата на Смауг кој е уште еден лик чиј глас во филмот го позајмува Бендикт Камљњхсбеч (?). Клифхенгерот на крајот го најави епскиот почеток на третото продолжение кои ќе го видиме на крајот на оваа година.
Немам никакви замерки за актерската екипа. Перфектен кастинг и тука, како и во Lord of the Rings. Реално, не ни имам некои страшни замерки, освен тоа дека сето ова ќе функционираше како само еден филм, или мини-серија каде што секое поглавје ќе можеше да си добие некаква фина адаптација. There And Back Again ќе ја опфати Битката на Петте Армии, која верувам дека Питер Џексон ќе се потруди да ја донесе на ниво на битките од LOTR трилогијата. И, искрено се надевам дека тоа ќе биде последната адаптација на дело од Толкин. Иако MGM ги имаат правата на уште две други книги, нема потреба да се пренесува на платно секоја визија на Толкин. Или син му.
No comments:
Post a Comment