August 31, 2014

Кратко за првите шест броеви на Saga

Честа работа што ја слушав пред да почнам да читам, e дека доколку ти се свиѓа Star Wars, ќе ти се свиѓа и Saga. Можеби ти се свиѓаат и шајки во пенисот, меѓутоа тоа никако не мора да значи дека е слично со Star Wars. Океј, да речеме дека е, со Attack of the Clones, меѓутоа Saga, во ниту еден панел до сега, не ми даде причина за асоцијација со Star Wars. Да, се случува на фиктивни планети, е некаква вселенска бајка, постои некоја интергалактичка нетрпеливост, но не е ни приближно за споредување. 


Saga почнува прилично наивно и лабаво, да не речам шаблонски. Марко и Алана, се војници од двете завојувани страни, кои се заљубуваат, им се раѓа бебе и, нели, таа забранета љубов ги врти нивните луѓе против нив и се приморани да бегаат за да си ги спасат газовите. Она што понатаму го гради Брајан К. Воган околу оваа иницијално позната ситуација, е мајсторско кршење на сите познати правила, прописи и очекувања. Покрај тоа што главните ликови се интелигентно напишани и повеќеслојни од самиот почеток, Saga располага со најуникатните споредни ликови и негативци. Како концептуално, така и визуелно. Првите три броеви се сосема доволни за да се види целата таа креативност и имагинација истурени тука. Овации за Фиона Стејплс за живописното пренесување на хартија.

Големината и епштината на Saga доаѓа во моментите кога шаренилото и возбудливиот хумор ќе се преклопат со шок и мрак и работите ќе станат сериозни како нож во грб од близок. Тука веќе ти е јасно дека не е стрип за деца, и тоа не само поради изобилието од интерпланетарни дилдоа и оргии во некое крајно сомнително ќоше од галаксијата. Но, симпатичната нарација на ќерката на Марко и Алана, успева дури и тие моменти некако да ги исполира. Тој детал уствари ми е еден од омилените во Saga

Овие шест броеви за кои се обидувам да се воздржам од спојлери, имаат добиено и Хуго во 2013 за најдобра графичка приказна, што ете ако веќе бараме, секако е поиздржан маркетинг од споредбите со Star Wars, Lord of the Rings и Game of Thrones. Или не? Моментално стрипов ми е третиот што го следам од Image, заедно со Spawn и The Walking Dead. Од март 2012 до сега, излезени се 22 броеви, така што не е тешко да се стигне. Брзо се чита, забавно е, и е одличен материјал за мал одмор од суперхерои.

No comments: