Showing posts with label Tomb Raider. Show all posts
Showing posts with label Tomb Raider. Show all posts

August 25, 2021

Двата Tomb Raider со Анџелина Џоли

Многу одамна имав некоја аверзија кон Анџелина Џоли. Нит знам колку било основана, нит денес можам да ја посочам точната причина, а чим сега го немам истото мислење веројатно може да заклучиме дека биле некои тинејџерски фазони што очигледно ми се надраснати. Не знам ни колку точно тој сентимент имал влијание врз моето мислење за тие старите два Tomb Raider филмови, ама сигурен сум дека си го направил своето за јас со години да им се мочам во секоја прилика. Добро, за вториот е сè уште оправдано. Ќе стигнеме до таму.

Првиот филм Lara Croft: Tomb Raider летово наполни дваесет години, а го немав гледано сигурно повеќе од десет. Го гасев и кога ќе начекав на телевизија. Да не се решев да го прегледам оној предосадниот Tomb Raider од 2018 пак деновиве, може никогаш немаше да го пуштам. Lara Croft: Tomb Raider секако го имам гледано повеќе пати на времето, ама ништо не памтев освен неколку сцени за кои не бев сигурен дали се од овој или двојката. Последново гледање сега мислам дека не трепнав. Ме закова на почеток и не ме пушти. 

Дали филмов бил отсекогаш вака забавен или мене ми се погоди таков во моментот? Сериозно, дваесет години е стар, полн е со глупости секако и не се доживува себе нешто преозбилно, ама успеа да ми биде забавен без носталгија како фактор. Или па овој од 2018 е толку лош и ми ја искриви перспективата? Не знам, ама сигурен сум дека ќе го гледам Lara Croft: Tomb Raider пак набргу. Мора да се негува оваа новооткриена љубов кон филмов.

Lara Croft: Tomb Raider е сè што адаптација на Tomb Raider игра би требало да биде во 2001. Убави егзотични локации, загонетни гробници, древни преданија и се разбира силна независна мајкоебачка Лара Крофт која во рацете има два пиштоли со неограничена муниција. А, дваесет и кусур годишната Џоли е совршениот избор за ваквата ноншалантна самоуверена Лара. Не би можел да замислам друга актерка што толку добро би можела да ја долови улогата и така да го пренесе ликот од старите игри. Не ми текнува ни денес која би можела да е волку добра Лара Крофт. Да знаеше младиот Бобо дека ова некогаш ќе биде напишано на Crapwerk, ќе си го избришеше цел блог.

Филмот се држи добро и од визуелен аспект. Веројатно сите локации се сетови, има практични ефекти, па не изгледа толку вештачки, ниту пластично. Освен онаму каде што има малку CGI, остатокот е сосема солиден и за денешни стандарди. Сум видел поскапи нови филмови што изгледаат поевтино од Lara Croft: Tomb Raider. Секогаш кога Лара Крофт "археологува" на својствениот начин, изгледа уверливо и го доловува духот од игрите. Јасно е дека знаеле што точно прават, иако огромен процент за така добро да "лепи" е благодарение на Анџелина Џоли. Бриши блогот, Бојане.

Приказната е исто кул. Tomb Raider концептот е многу повеќе од женски Индијана Џонс, па веројатно може да си дозволи повеќе излети во фантастика и послободно да ја испушти логиката за момент. Повторно, ова не е филм што се труди да биде сериозен, туку точно знае до каде може да се спружи. Барем така сакам да верувам, можеби и не е намерно ваков каков што е. Сепак, стилски си оди во полза и некако магично ја има погодено формулата за лесна забава. Што повеќе може да бараш од Tomb Raider филм, жити се?

Од друга страна пак, вториот дел Lara Croft Tomb Raider: Cradle of Life (што е со долгово име, не знам) потфрла баш во моментите кои го прават првиот толку забавен. Разбирам дека имале само година-две за да скрпат продолжение, ама насоката во која оди филмот некако не ми се поклопува со тоа што сакам да го гледам во Tomb Raider филм. Почнува супер, не го ни памтев што точно беше претходно, ама е толку бучен што веќе пак го заборавив.

Повеќе од пола филм е позициониран во урбана средина, таму е голем дел од акцијата. Некој решил и самата акција да ја дуплира, па така што ова повеќе личи на генерички акционен блокбастер од пред дваесетина години отколку на Лара Крофт филм. Не знам чија била одлуката ја да извадиш Лара од "работно место", ама дефинитивно не функционира. На моменти се труди да наметне и посериозен тон и воопшто не му стои.

А, како можеш да настојуваш да си сериозен кога во првите седум минути од филмот Лара Крофт удира бокс на ајкула што под вода испушта крици како диво животно, па после ја јавнува да ја повози низ океанот? Апсурдно е. Јасно ми е зошто Lara Croft Tomb Raider: Cradle of Life му е последен филм на режисеров. На кој не би му било глупо од ова. Истиот режисер на Speed со Сандра Булок и Кијану Ривс е, патем.

Ако ја сметаме таа сцена за добра, што и навистина е, има и уште една каде што мали кинези гледаат синхронизиран Спонџбоб. Не станува подобро од тоа. Останатото е Анџелина Џоли и Жерард Батлер пукаат со ствари, пробуваат да глумат сексуална тензија и возат мотори низ Кина. Има и една сцена кога Лара Крофт вози малку со моторчето по Кинескиот ѕид што можеби и во 2003 изгледала исто вака лошо, не знам. Не се ни сеќавав на ова. Не се ни трудев да се сетам, чекав само да заврши филмот. Музиката е исто неподнослива и само дополнително ми ја пукна главата.

Како и да е, среќен сум што му дадов на првиот филм ваква свежа шанса. Ми го збогати и онака финиот дождлив ден. Вториот е веројатно на исто ниво со Tomb Raider од 2018, ако не и полош. Којзнае дали има иднина ваква филмска франшиза. Би сакал да се случи уште еден филм со Алисија Викандер пред неизбежниот рибут, ама ќе видиме. Ќе има и некое Tomb Raider аниме наскоро, наводно исто така базирано на новата трилогија игри. Баш ме интересира како би функционирала Лара Крофт во таков формат.

Види такоѓе:

August 23, 2021

Tomb Raider филмот од 2018

Седнав и го изгледав пак Tomb Raider филмот од 2018. Го гледав кога излезе во кино и комплетно ми беше заборавен. Памтам само дека излегов рамнодушен, иако не ни влегов со некои големи очекувања. Во најмала рака мислев дека ќе ја следи првата игра од нова трилогија, ама освен неколку точки, филмот произволно си истера некоја искасапена верзија на таа приказна. Неодамна се посомневав дека сум бил некако различно наштиман пред да влезам во кино, со тазе преиграна игра и свежи впечатоци, па можеби и очекувањата не ми биле толку мали. Морав да го гледам пак, сега малку порастеретен од прецизни сеќавања од играта.

Филмот е досаден. Како за нешто што треба да биде забавна возбудлива авантура, Tomb Raider почнува бавно, заморно, неинспиративно и така си го држи темпото до крај. Има некои повремени нагорни осцилации, ама се недоволно интезивни за да му дадат ветер во грб. Храбро е во случајов да земеш некој Indiana Jones филм како репер, ама би очекувал од ваков филм да ме ќари на самиот старт. Никогаш нема да ја заборавиш првата сцена во Raiders of the Lost Ark и колку внимателно те става под шеширот на Индијана Џонс, кој е, што работи и што можеш да очекуваш во следните два саати. 

Не знам како упорно не можат да сконтаат многу едноставен штос. Еден од ретките филмови што разбираат како треба да е структуирано нешто вакво е The Mummy со Брендан Фрејзер. Затоа и функционира толку добро. Тука почнуваме со Лара Крофт која нелогично се откажала од безобразно големото богатство на татко ѝ, па доставува пратки со точак и се трка по улици со точак за пари. Разбирам дека филмот настојува да воспостави некаква основа за да ја запознае публиката со млада и понеискусна Лара, ама го прави толку досадно што додека приказната заплови за Јаматаи веќе си задремал и едвај те интересира што се случува. 

Кога филм ќе успее да ме изгуби уште на почеток ненамерно почнувам да се фокусирам на неговите маани отколку што сум инвестиран во дејствието. Па, ќе приметиш и како сцени што не се случуваат во ист ден се снимени во ист ден без филмот да се потруди да ги направи за нијанса визуелно поразлични. Ниедна од локациите не е привлечна за гледање, сè е некако еднолично, обично и изгледа вештачки. Ќе видиш колку е досадна целата акција, колку е ниска цена на специјалните ефекти и најважното - колку тој што го пишувал сценариото ја нема играно играта туку веројатно се наслонил на тоа што внучето му го има раскажувано.

Не барам комплетно препишана игра на друг медиум, туку не ми е јасно како успеале толку многу да ја растворат приказната. Присутни се неколку визуелни и наративни елементи кои се отприлика исти како со играта и ги има и во трејлерот, меѓутоа останатото се воглавно трошки што се измачуваат да скрпат задоволителна целина. Недостасуваат ликови, саглам мотивиран негативец и куп други работи што оригиналната приказна ја прават толку богата и интересна. Нема некои значителни траги од култот на Вогел или Тринити организацијата која има голема улога во игрите. 

Само референци кон играта не се доволни да бидат столбот. Особено кога веќе си се дрзнал да адаптираш конкретна постоечка приказна. Ова е друг медиум и не можеш само да референцираш некои ствари и да очекуваш дека гејмерската публика ќе реагира толку позитивно на нив и ќе занемари како ти се распаѓа останатото. Филм е, сигурно ќе го гледаат и луѓе што никогаш не ги играле игрите и нема да им е интересно тоа што се случува. Сè што би можело да биде возбудливо и интригантно во филмов е сведено на неинвентивно презентирана генерика видена мал милион пати претходно.

Алисија Викандер е феноменална како новата Лара Крофт, онаа Лара Крофт чии спецификации беа ресетирани во 2013. Веројатно е единственото квалитетно во филмов. Изгледа како таа Лара, има капацитет за да го носи ликот и штета што филмот упорно работи контра и ја гуши во шумот. Тука нејзиниот лик е рамна линија и бледа сенка од она што играта одлично го гради и на крај е филмот нема некој значителен прогрес. Речиси е истата како и на почеток, без никаква придобивка од совладаните ризици и работите низ проаѓа на Јаматаи. Унаказен потенцијал на сосема солидна актерка која е исклучително прикладна за улогата. 

Не ни верувам веќе во "клетвата" на филмови кои адаптираат видео игри. Тоа што медиумите го нарекуваат "клетва" е само лоша опклада на луѓето што ги прават овие филмови и мислат дека гејмерската публика е сама по себе доволна за да им го врати финансискиот влог. Тоа што некогаш се убедени дека создаваат филм за широка маса и ќе успеат да ги пресретнат двете групи некаде на средина скоро секогаш им пропаѓа со аматерското пишување и унаказување на функционални концепти. Не можеш да се кладиш на препознатливост на брендот со вадење на ствари од газ. 

Можеби ќе има и продолжение филмов. Неизвесно е со пандемијава. Читав некаде дека Алисија Викандер е уште заинтересирана, па се надевам дека ќе се најде некој што ќе знае како соодветно да ја искористи во Tomb Raider филм. Имаш супер глумица, приказни од кои можеш да црпиш и црпиш, дури и комплетно да ги прекопираш. Да не збориме за колку неограничено звучат финансиските средства за прописно да изведеш нешто функционално. Толку ли е тешко, озбилно?

Види такоѓе:

August 27, 2016

Први впечатоци од Risе оf thе Tоmb Rаidеr

Ете. Ни Denuvo не траеше толку колку што очекував, па сега може да си потрошиш неколку саати од животот со пиратската верзија на Rise of the Tomb Raider. Побогат за 50 евра. Мислев дека ќе има некој човечки попуст на играта, но не. Затоа секогаш сум повеќе спремен да дадам 50 евра за десет игри на мали компании што никогаш нема да ги пуштам, отколку на Square Enix или Hello Games за онаа пропаст. Мислам, секоја чест Crystal Dynamics, ете изиграв неколку саати од тие десетина и сум највоодушевен на светот, но сепак. Јас сум дете растено на пиратерија и некои работи сакам да ги пробам пред да ги платам повеќе отколку што можеби вредат за цената. На крајот, никој нема да биде нешто многу осиромашен во нивната корпорација, нели? Баш ќе беше кул доколку, макар привремено, ја намалеа цената откако се проби Denuvo заштитата.


Океј, се оправда непотребно пред светот? Супер. Сега продолжи за играта. Rise of the Tomb Raider е продолжение на Tomb Raider римејкот од 2013. Во главно, Rise of the Tomb Raider е повеќе од истото што беше ставено на маса минатиот пат, барем така делува на почетокот, но некои ситни фини подобрувања ме спречуваат да искористам цели параграфи од еден стар пост за да докажам небитна поента. Мислев дека по крајот со двата пиштоли на Tomb Raider, Лара ќе биде порасната и созреана. Очекував побезмилосна Лара овојпат. Лара која нема да да се плаши од мечки, да се тресе од студ и да крвари. Но, тогаш се сетив дека овој серијал воопшто не се труди да се спои со моментот на првата средба со госпоѓица Крофт.


Во старите игри, Лара едвај имаше личност. Претежно беа само нијанси. Освен тоа што знаевме дека е силна независна жена со полигонски цицки, немаше проблем да биде несоодветно облечена за снежна бура и минус триесет. Поради таа слика, некогаш е чудно да ја прифатиш во новиов серијал каде што со бунда симнува гнезда на птици од гранка за да запали оган како не би премрзнала на студот во снег до колена. А, ми се свиѓа овој "почовечки" елемент кој што е тука присутен, многу ми се свиѓа, иако мислев дека во продолжението ќе бидам пречекан од "позаебана" Лара. Секако,  има прогрес, но не е факинг Бетмен и тоа е сосема во ред.


Што се однесува до гејмплејот, промените се минимални. Уште можеш да си ги подобруваш оружјата со собирање гранки и премети од претурање дрвени кутии, но овој пат е некако покорисно и функционално. Не се сеќавам дека во претходната игра требаше да собирам отровни печурки кои ќе ги искористам за стрелите за ефикасно да убијам разбеснета мечка. Дури има и скил за јазици што го развиваш по пат. Околината, освен тоа што е детално дизајнирана до перфекција, за жал е повторно лесна за навигација. Два пати ќе паднеш во вода, не зошто препреката е тешка, туку зошто пушиш цигара додека играш, и тоа е тоа.


Секако, за "класичното" Tomb Raider искуство ги има "гробниците", меѓутоа со самото тоа што се опционални, немаат некој значаен придонес кон приказната, па овојпат решив таа носталгија да ја задоволам откако ќе ја завршам главната мисија. Има и некои други опционални мисии, ама мојата Лара Крофт одлучи дека нема време да одговори на сите што ја молат за помош. А, приказната е кул. Раскажана и со флешбеци и синематици што се интересни за гледање и не те оттргнуваат од играњето. Без многу детали, вклучува наводно бессмртен христијански пророк во сибирски вукојебини и напуштени Советски бази и секта која дели сличен интерес со Лара, но со различни мотиви. Затоа и околината е претежно завеана во снег, барем онаму до кај што сум. Има мисија во Сирија на почетокот, единствено тоа беше малку поегзотично.


Задоволен сум со тоа каде се наоѓа серијалот моментално. Можеби комплексноста отсуствува, меѓутоа за сметка на тоа, игрите нудат врвна аркадна забава чиј амбиент е комплетно во духот на она што суштински претставува Tomb Raider. Следната игра веројатно ја носи Лара во Јужна Америка. Сакам да ги видам и тие локации, а доколку серијалот не сопре тука (што најверојатно нема), би сакал да видам и продолжение што ќе биде целосно сместено во Египет.

February 7, 2016

Епа, нема Rise of thе Тоmb Rаider...

Ништо од Rise of the Tomb Raider. Моменталната цена ми е некако превисока за десетина саати, мислам ќе отидам сам на вистинска арехолошка авантура за тие пари (добро, најверојатно нема), а кракната PC верзија тешко дека ќе се појави во брзо време благодарение на лешперската Denuvo заштита. Колку месеци пројдоа од Just Cause 3 и уште нема крак, три? Немам проблем со расфрлање пари за игри, ама некако полесно ќе го отворам новчаникот за 10 инди игри што никогаш нема да ги инсталирам каде што поголем дел од парите ќе одат кај колегите девелопери, отколку за извршните директори на Square Enix

Другата опција ми е да режам дискови за пиратскиот Xbox или во склоп на мојот балкански менталитет, да почекам попуст. А, зошто веројатно ни едното ни другото нема да се случи деновиве, посегнав по старите артефактски Tomb Raider игри што ми фаќаа прашина купени одамна. 


Tomb Raider Anniversary ја играм првпат. Океј, втор пат ако се важат неколку минути пред години. Не? Океј, значи првпат ја играм Anniversary и ме врати во едни поедноставни денови кога игрите беа покомплексни и предизвикувачки. Особено Tomb Raider. Кога наместо да брцаш во ѓубре за да си ја подобриш стрелата, треба триесет пати да ти капне солза од фрустрации кога Лара ќе тресне на земја од високо пред да го потегне јажето што ја отвара камената врата пред која си дремел со саати. Нема да убиеш четрсто парамилитарни бараби, ама ќе скокаш наназад од мечка што ќе те усмрти со два удари. Мечка, што поради заборавени багови некогаш и ќе се заглави во ѕид трчајќи. А, некогаш и Лара ќе се заглави во воздух. 

Anniversary има еден куп багови и гличови. Издавачот се потрудил да напише срцепарателно писмо до фановите како овој римејк на кецот ќе ти го стопи срцето и колку напорно работеле на играта и општо целиот серијал, но очигледно некој заборавил да ја игра пред да биде пуштена во продажба. Не дека пречи којзнае колку, но некогаш некој таков баг ќе ти го сјебе прогресот додека кажеш "quality assurance". 


Предизвиците се интересни, но ако го споредиш ова со тие што следуваа отпосле, прилично е лесно. Или од толку играње, некако интуитивно знам како би можел да ги решам енигматските древни технологии кои од некои сомнителни причини и племенски одлуки се наоѓаат во егозтични храмови и гробници. Но, сепак доволно се комплексни за да понудат многу повеќе од обично носталгично патување. Иако Anniversary е скоро десет години стара игра, изгледа достојно и денес. Да, се осеќаат години на енџинот што беше искористен за Legend, меѓутоа  нема полигони што отскокнуваат од местото во кое се замислени да припаѓаат. Нема триаголнести облини, ако ме разбираш што сакам да кажам. Освен тоа, играм ванила WoW, модернава графика ми е само бонус.

Додека падне цената на Rise of the Tomb Raider или најдам временска машина за да се вратам во 2009 за да купам празни дискови и уред што ќе ми ги изреже, ќе играм ова. Ја имам и Underworld така што нема да останам без Tomb Raider.

June 17, 2015

Најава за Rise of the Tomb Raider

Не сум археолог, ама сигурен сум дека ни Лара нема да може да најде вредност во оваа античка гробница за прашина и комарци што ми служи за играње игри последниве неколку години. Rise of the Tomb Raider е супер причина за да го одложам историскиот апгрејд од факс машина во нешто што поддржува DX11(или DX12!) за крај на летово. Така што нема Alien: Isolation и Arkham Knight за мене месецов. Ќе си купам нешто поубаво, покасно. Иако уште нема детали за хардверски побарувања, верувам дека дури и понова конфигурација од мојата ќе прдне и ќе умре ако пробаш да го пуштиш ова. Единствените се дека прво ќе излезе за Xbone, па после некој месец и за нашата раса. 


Гејмплеј видеото што излезе на овогодинешниот E3, покажува дека Rise of the Tomb Raider ќе биде повеќе од истото од минатиот пат. За кој пишував еднаш, па после пак? До толку беше добар римејкот на Tomb Raider, што ова е првпат да сум волку возбуден за наслов од серијалот од времето кога купував PotatoStation за ја да играм тројката. Лара е сега во малку посурова средина, ама барем делува поспремно. Ќе бидеме поштедени од сцени каде што се тресе и плаче накисната во пештера. Претходно немаше ни куршум испукано во нечие чело, а не па да поседува два пиштоли. А, кога сум веќе кај пукање, се надевам дека мааалку ќе намалат овој пат и дека акцентот ќе биде повеќе на предизвици од самата околина. Не дека беше лоша акцијата, одлична беше, само да се нагласат и другите елементи на гејмплејот. Еве, во видеото од Е3 нема пукање, а пак изгледа како најдобрата игра на светот.

Локацијата треба да е Сибир, ама како што гледам од трејлерот има и некое така потопло џунглесто место. Можеби тоа е првата мисија и чекорот пред да се санка и тепа со мечки на мразон? Кој знае. Rise of the Tomb Raider излегува на 10-ти ноември. До тогаш сум сигурен дека ќе се знаат сите детали. Хајпот може да почне, во секој случај.

April 29, 2015

Преглед на Tomb Raider

Еве, после неколку месеци откако почна да фаќа прашина во Steam библиотеката, ја завршив Tomb Raider. Се заиграв тогаш SW: TOR и остана така да дреме, на само неколку саати пред крај. Сега откако е готово со првата авантура на Лара, можам да потврдам дека ова е најдобриот Tomb Raider наслов заедно со тројката и Legend. Можеби е не е фер да ја споредувам со тие две, меѓутоа ми понуди исто такво незаборавно искуство. Приказната, локациите, ликовите... Почнав уште од самиот почеток да се приврзувам за ликовите. Претходните игри не нудеа баш таква можност, зошто нарацијата и фокусот беа на помрднување камења и тегнење јажиња со денови за да отвориш некоја врата. Со огромниот тип во метален оклоп при крај, на бродот, силно се зближивме откако едно дваесетина минути пробувавме да се убиеме. На него му успеваше повеќе пати. 

Почивај во мир голем човеку. Прости ми, исто така. 

Зошто претпоставувам дека сум последниот на светот што ја доиграл Tomb Raider, нема да се воздржувам од спојлери. На крајот, кога Лара зема уште еден пиштол за да го убие Матијас ме удри директно во љубовта кон серијалот. Пукав без врска неколку пати, додека скокав во фотељава. Кадарот додека гомнарот паѓа од карпата и Лара ги држи двата пиштоли во рака? Бесценет. Во тој момент ти е јасно дека веќе е таа Лара Крофт што си ја знаел претходно. Тотално заборавив дека ѝ ги играм почетоците и ова ми дојде како гром од ведро небо. Гром од ведро небо, ти текнуе? Дека Химико? Громови. Ах, нема везе. 

Сега кога играва ме навикна на ваков гејмплеј, не знам колку време ќе ми треба да реадаптирам на Anniversary и Underworld што ме чекаат купени уште зимоска. Впечатокот што ми го остави е толку силен што ќе ми фали овој Tomb Raider

Поздрав из Јаматаи

Следната година излегува продолжението на римејкот. Rise of the Tomb Raider. Кон крајот на оваа година ќе се појави за Xbone, па претпоставувам дека ние од господарската раса ќе ја добиеме некаде на почетокот на 2016. Приказната ќе се надоврзе на настаните што се случија тука. На Лара никој нема да ѝ верува дека некој се обидел да воскресне древно јапонско божество на островот, откако организацијата Trinity ќе се погрижи да ја сокрие секоја трага за такво нешто. Со намера да докаже дека не е нетокму, Лара тргнува да разоткрива митови низ светот. Во продолжението почнува од Сибир. 

Сега сум максимално изхајпан за Rise of the Tomb Raider. Дури и досадниот наслов ќе го простам. Гејмплејот во главно останува ист, со некои подобрувања во делот со преживување и прикрадување. Се надевам само дека нема многу да страда и делот кој го прави насловот есенцијален, ама како што гледам Crystal Dynamic се решени да го тераат патот што го поставија во римејкот.

January 20, 2015

Први впечатоци од Tomb Raider

Како и еден куп други игри што ги пропуштам поради World of Warcraft, така и Tomb Raider (рибутот од 2013), дури сега стигна на ред. Да не беше цената толку смешна на празничниот попуст на Steam минатиот месец, можеби и ќе ја прескокнев. Покрај тоа, бев некако загреан за Tomb Raider после Lara Croft and the Guardian of Light. Играта е комплетно различна од претходните. Оддалечена е од гејмплејот карактеристичен за серијалот, а нуди и свежа приказната за созревањето на Лара каква што ја знаеме сите. Физичките атрибути со кои го проби насловот се присутни и тука, ти манијаку еден, и покрај тоа што не е спретна со еден куп други ствари битни за преживување на некоја локација со древна историја, замки и мистерии. 

Tomb Raider ја раскажува трансформацијата на Лара Крофт од збунето исплашено девојче во воин каков што е познат, откако нејзиниот екипаж археолози ќе се слупа со брод на локација која треба да ја истражат. Поради спојлери, и поради тоа што сум уште до пола од играта, нема да навлегувам во детали по што точно тргаат, ама ќе пробам да доловам колку е мајсторски склопено, иако бев крајно скептичен кога почнав да играм. 


Уште на самиот почетокот, сфаќаш дека ќе играш различен Tomb Raider, и покрај тоа што играта ќе проба да те подлаже со лесна препрека која делува како да излегла од старите наслови. Она што следи понатаму е сосема различна игра која практично се игра самата. Повеќе се фокусира на преживување отколку на правење јамка од кабел од џојстик со која планираш да се обесиш зошто не можеш да најдеш начин како да се качиш на статуата кај што е рачката за вратата. Единствените предизвици каде што можеш да добиеш вистински Tomb Raider момент се таканаречените "гробници" (погоди зошто се таканаречените), за кои си известен ако има такво во близина. Таму има некоја загатка која бара малку повеќе од кликање и скокање за дојдеш до Х небитна награда. Вистинската награда е веројатно тоа што си добил класично Tomb Raider искуство, наспроти долги синематици каде што Лара плаче, ја боли стомакот, пали оган, плаче, убива елен за да јаде додека плаче, си ги чисти раните со вжештена стрела и слично.

За среќа, играта изгледа феноменално, дури и на мојава веќе застарена машина. Сценариото и приказната се одлично напишани, забавна е, гејмплејот е интересен, па така што можеш да ги игнорираш сите елементи позајмени од жанрови што не ти си баш занимливи. Левелирањето на вештини, оружја и слично и го мразиш додека не ти стане рутина. После тоа, копањето по кутии за поени за апгрејд ти станува нормално, исто како калта и крвта по лицето и телото на Лара. 


Оружјата се интересни, со оглед на тоа што лакот и стрелата на пример, покрај за забодување во главата на бројните непријатели, се користат и за проаѓање некои едноставни (и не толку едноставни) препреки. Ти треба мост? Испукај стрела со јаже од карши и ете ти. Патот ти е попречен од даски и бодликава жица? Нема проблем, тука е шатганот. Некое гнасно запотено копиле се обидува да те силува? Пукај му во глава.

Колку и пробував да мрчам за гејмплејот, успеав да се навлечам. Нема ете ништо тешко, достапна и за сите, веројатно е добар потег наменет за тие што сакале да играат Tomb Raider, a биле спречени од сопственото трпение и интелект. Играта те води за рака цело време, па дури и ако мислиш дека си заглавил, има нешто што се вика "survival instinct" кое ти ја анализира околината и ти ги бележи стварите кои дозволуваат интерaкција. Како "detective mode" во Arkham игрите.

Главната мисија не завршува и откако ќе стигнеш до крај. Играта има "fast travel", кој покрај тоа што ќе те натера да се фатиш збунет за глава, ти овозможува да се отидеш на некоја друга локација што веќе си ја посетил и да ја завршиш наоѓајќи ги сите предмети и артефакти. Нуди и мултиплеер кој верувам дека е смешен баш како што звучи, така што сега за сега планирам да го скокнам. Останатото е стварно добро, вреди за тие три евра колку што беше, па дури и за редовната цена. Веројатно треба да кажам "браво за играта" сега? Океј тогаш, браво за играта Crystal Dynamics. Ми го посравте и "модернизиравте" серијалот каков што го сакав, ама простено e. Браво.

December 28, 2014

Зделка на денот: Lara Croft and the Guardian of Light

Господарот Гејбен традиционално овозможи празнична распродажба на Steam. Секој ваков попуст завршувам со игри што никогаш нема да ги пуштам, игри што ќе ги играм неколку минути и некои што нема ни да приметам дека се дел од мојата скромна колекција. Една од тие можеше да биде Lara Croft and the Guardian of Light, меѓутоа оваа ја пазарев свесно, а не во транс од ниската цена. Значи, сакаш да играш Tomb Raider, ама си глуп и немаш трпение да се справиш со предизвиците? Си живеел во заблуда мислејќи дека играта е глупа зошто се разликува од сите останати наслови во серијалот? Имаш вишок 300 денари што сакаш ги инвестираш во саати дигитална забава? Колку далеку се слуша ехово-во?  


Кога излезе Lara Croft and the Guardian of Light, ја отпишав ради глупи причини, без да се потрудам да видам што точно е. Ми изгледаше како клон на нешто друго што го играв тогаш и дури сега ми го фати вниманието. Не е истиот жанр како останатите Tomb Raider наслови, меѓутоа атмосферата е задржана во целост. The Guardian of Light е изометрична акционa аркадна игра која го комбинира hack'n'slash жанрот со (многу) поблаги варијанти на механиките од "стандардниот" Tomb Raider. Лара ја трчаш низ древни храмови и гробници, скокаш и пукаш во бранови од непријатели, собираш артефакти и слични ситници,  со по некоја препрека по пат, некоја затворена врата која се отвара прилично лесно, верувам со цел за да се задржи темпото на играње. Гејмплејот е брз, но ништо не те спречува да разгледуваш околу и да се воодушевуваш на графичките детали што ги нуди оваа навидум мала игра. Нивоата изгледаат преубаво.

Има арсенал од оружја, од пиштолите до огнофрлач, ама моментално најзабавно ми е копјето што можеш да го закачиш на ѕид и да се качуваш по него. Добар дел од гејмплејот се базира баш на тоа, зошто некои препреки можеш да ги поминеш само со копје низ нив. Нешто како во вистинскиот живот. Приказната е тука присутна само колку да го оправда целиот овој покољ што го правиш со Лара, така што не е толку интересна за да навлегувам, а не е ни толку битна зошто поентата не е тоа овој пат. Заразна адреналинска забава е.

Има и co-op некаков, рецензиите што ги читав звучеа многу подобро кога се спомнуваше тоа. Она што е импресивно, е една од ретките игри на Steam чиј просек на рецензии од заедницата се води како overwhelmingly positive. 95% од 1014 играчи ја препорачуваат. Статистикава не ја вадам од газот. Дури има и продолжение кое излегло пред некој ден.

June 22, 2009

Легендата за Tomb Raider: Legend

Очигледно некои игри никогаш нема да ги завршам и Tomb Raider: Legend е една од тие. Скоро година откако ја почнав и веќе некое време сум на две мисии пред крај. Обично ваквите добри игри намерно ги играм споро, за уживањето да ми трае подолго, бидејќи ретко кои игри сум ги играл втор пат од почеток до крај.

По година дена бавно "уживање" во Tomb Raider: Legend, мислењето за играва ми остана исто. Ова е најдобрата игра за PlayStation 2 и најдобрата во Tomb Raider серијалот. Legend успева да ги достигне сите нивоа на совршенство кај една игра, од графика, до игривост и приказна. Лара Крофт трага по Екскалибур, низ осум долги мисии насекаде во светот, од древни храмови во Боливија, преку покривите во Токио и Хималајските снегови, па се до гробницата на Кралот Артур каде што сум јас моментално заглавен од декември минатата година (немав играно 6 месеци). Преубави предели, одлично изработени со куп препреки на кои заглавував со саати, за да отворам една мочана врата. Низ мисиите Лара е во постојан контакт со помошникот од Британија, проследено со културен број на сцени кои ја збогатуваат приказната и дозволуваат да земеш здив од постојаното трчање и скокање.

Лара никогаш не изгледала подобро, Karima Adebibe е дефинитивно најдобриот модел за ликот, не ми е јасно зошто мораа да ја сменат за новиве игри. Не дека нешто и фали на девојката од Tomb Raider: Underworld (последната игра од серијалот, излезе минатата година), но Карима одговараше совршено и не изгледаше како ефтина порно ѕвезда.

Летово не ми останува ништо друго, освен конечно да ја завршам Legend за да можам да ги играм последниве две Tomb Raider игри што излегоа за PS2. Не знам каква е верзијата за PC, не се сомневам во квалитетот, но Tomb Raider најмногу ми го прави ќеифот на PS2. А, имам спомнато дека причината поради која купив PS на времето беше Tomb Raider III?