December 24, 2014

MMLP2

Вонредно имам потреба да извлечам еден албум од фокусот на предрасудите. Не е од оваа година, од лани е. Дури годинава успеа да ми се пикне под кожа како еден од најдобрите албуми што сум ги чул во последно време. Веќе трета недела го слушам Еминем без престан, како да е 2000-та. А, не сум го ни слушал тогаш толку. Еминем е петнаесетина години во мејнстримот. Можеш да го утнеш само ако живееш во подрум. Дури и ако сакаш да оставиш впечаток дека не си излегол од твојата длабоко закопана под земја атомска хип-хоп скривница, не си утнал ништо. Низ годиниве сум го свртел Еминем повеќе пати, цела дискографија. Ќе чуеш сешто, не му е целиот материјал светиња, меѓутоа не е ни срање. Најголемиот проблем е што неговата Слим Шејди персона го покажува она "погрешното" за Еминем. Широката публика на која не и е битно што свири во позадина во моментот го прифаќа таков како кловн, па генералната слика за него се има оформено како таква. Сите тие реметења други познати личности, скандалозниот приватен живот, некако како тоа да е во центарот цело време.

"Now you shut up bitch, I am talking. Thought I was full of horseshit and now
you fucking worship the ground in which I am walking."

Кога малку ќе му ја пролисташ дискографијата, ќе ислушаш доволно, сликата комплетно се менува. Така што рап бандата што го има одамна отпишано и во моментов ме гледа накриво со пиштолите на појасот, нека заќути за момент. Пред да почнам да зборувам за последниот негов албум, The Marshall Mathers LP 2, би сакал да ги поздравам сите оние кои "не признаваат ништо освен првиот, пред да стане комерцијален". Луѓе, нема потреба да се срамиме. Може немам колку тебе ислушано подземен црнечки рап од артисти чие убиство не е решено до денес, меѓутоа имам доволно за да си земам право и да позборувам на темата.

Иако во една реченица може да се склопи грубо сликата за колку е Еминем неразбран и сликата за него е погрешна поради "заебантскиот" материјал, ќе се потрудам да објаснам зошто е албумот толку добар. А, дури и таму, во "Without Me", "Just Lose It", плеска опасно со скил, флоу и лирика. MMLP2 нуди посериозни теми. Не дека претходно немаше и такви што беа платинумски хитови, но овој пат е некако поразлично. Хуморот е и понатаму присутен, но некако е помрачно од било кога. Се осеќа таа премореност од индустријата, проблемите од хедонизмот кој доаѓа со славата и парите, возраста на самиот Еминем, искреноста како во "When I'm Gone". Слушаш човек полн со инспирација, свесен за нивото на кое се наоѓа како артист, за влијанието кое е. Без разлика дали е добро или лошо. Дури и самиот албум отвара со продолжение на "Stan", насловено како "Bad Guy", каде што братот на Стен доаѓа да се одмазди за сè она што следи како исход по настаните таму. Тоа е само една од многуте референци кон оргиналниот The Marshall Mathers LP, чиј следбеник воопшто не се обидува да биде тоа, колку и да изгледа како празна маркетиншка финта. 

Рецитирањето му е доведено до перфекција. Римите ги пука како црнечка банда што решети соперници со узи. "Rhyme or Reason", "Brainless" се простиот пример за тоа, меѓутоа кулминацијата е во "Rap God". "Rap God" беше и причината поради која го набавив албумот кога излезе, но за жал седеше така недопрен до скоро. "Rap God" му е печат на целото творештво, како со скилот кој го презентира (презентира раперски, сфаќаш?), така и со цврстиот текст каде што го вади Шејди од гаќи и им го плеска во чело на сите денешни рапери. Во еден момент плука по 6-7 зборови во секунда, во делче кое трае петнаесет секунди. Не дека е најбрзиот рапер на светот, има и побрзи, не е тоа поентата, туку бројот на различни начини на кои рецитира таму едно шест минути.

Има и поромантични теми каде "богот" покажува дека може да крвари од внатре. И, тоа не е само хитчето со Ријана, "The Monster", туку сериозно срцепарателните ствари како "Stronger Than I Was" или "Beautiful Pain", која е една меѓу најдобрите во неговата кариера.  Дури наоѓа и образ да ѝ прости на Деби во "Headlights". Со "Evil Twin" ги одделува Еминем и Слим Шејди, за кои храбро тврди дека се наоѓаат на топ 4 листата, веднаш под Биги и Тупак. За жал, издавачката куќа решила погрешно да го промовира албумот, па така што дел од сингловите со спотови се меѓу наслабите на целиот албум. Затоа ствари како "Legacy" ќе останат да бидат најдени од тие што се решени да побараат.

Штета е ако албумов остане неслушнат од посериозните почитувачи на музика. Не знам дали е повеќе штета што толку квалитетен музичар е толку вмешан во мејнстримот и со тоа е потценет од оние на кои во "поалтернативни" услови би им се допаднал. Да, Еминем е индустрија, но барем има талент со кој го заслужил тој статус. Во секој случај е класи, класи над сите (други) комерцијални црни, бели, шарени рапери што ги слуша другар ти заедно со остатокот од топ 20 листата на радио која не е повеќе од позадински шум.

2 comments:

MikBok117 said...

Ми го направи денот со постов! Слушам рок-метал но од кога случајно го слушнав лани албумов нема ден а да не пуштам барем 1 песна од Еминем. Браво за постов!!!

Бојан Николов said...

Хаха, фала! :))

Закон е албумот. Ја го чув еднаш два-пати кога излезе, ми остана само Rap God. Му се навратив сега кога излезе Guts Over Fear. Партали е, дефинитивно му е најбољи албум у кариера.