Showing posts with label The Hobbit. Show all posts
Showing posts with label The Hobbit. Show all posts

December 19, 2014

The Hobbit: The Battle of the Five Armies (2014)

Ете, некако Питер Џексон успеа да развлече мала детска книга и до трето продолжение. Секоја чест. Еј, секогаш можеше подолго. Никогаш не видовме како Билбо се врати дома, нели? Идеја што ќе остане нереализирана, а можеше комотно уште три саати The Return of the Hobbit, пополнети со возбудливи ликови и ситуации излезени при неговото утринско седнување во позлатениот нужник. Да заокружевме квадрилогија. 

The Battle of the Five Armies за среќа, трае некој пола саат помалку од An Unexpected Journey и The Desolation of Smaug. На тоа тегнење, минутажата е импресивна. За жал, тоа е една од малкуте импресивни работи за (се надевам) последното остварување на Толкиновиот опус. The Battle of the Five Armies продолжува онаму каде што запре претходниот. Почетокот е фин, возбудлив и убаво изрежиран, се става крајот на Смауг, и сè она што следи понатаму е гушење во нарацијата и обид да се рекреира епска битка како во Lord of the Rings. Нема никаква поента да потенцирам каде филмот се двои од изворниот материјал, зошто тогаш постов би звучел уште понегативно. А, не ми е тоа целта. Не овој пат.


The Battle of the Five Armies потфрла како засебен филм повеќе од пола од времетраењето. Недостасува авантурата што ја имаше во претходните два. Иако далеку од епската атмосфера на Lord of the Rings филмовите, помагаше на гледачот да се внесе подлабоко. Ова што е тука, финалето на приказната, делува премногу отцепено. Уште полошо е тоа што се приметува како се обидувале да ги покријат испуканите шавови. 

Самата битка на петте армии е хаотична, неивентивна и на моменти дури се прашуваш која е петтата армија. Дали можеби публиката која се бори да ги издржи сцените кои повеќе личат на трејлер за досадна стратегиска игра? Сети се на било која битка во Lord of the Rings. Го осеќаш воздухот, напнатоста, опасноста... Тука е некако бледо, исфорсирано, со ненамерно смешни моменти и задолжителната дооолга ферка меѓу некој од главните ликови и "главните" од непријателската страна. За да се пополни време, сериозно, не гледам друга причина, затекнати се Леголас и Еванџелин Лили, која никако не успеваше да умре. Толку многу џуџиња ги дадоа животите за тие 320 денари. Уште еден обид за драматична смрт немаше да повреди никого. Љубовната приказна која некако пробуваше да се протне, само придонесе за некохеретноста на филмот. Баш ќе беше фора Питер Џексон да си ја "земе" Тауриел (го гуглав имево) како што ја донесе. Од нигде. Од газот.

Види, филмот не е лош. Мислам, не така и толку лош. Вреди да се изгледа еднаш, особено со овој фрејмрејт и 3D. Првите неколку минути додека ти се навикне окото изгледа како Black Adder, ама после е океј. Барем додека не почнат да те бодат стварите кои некогаш биле сетови, а сега се CGI, зошто Питер Џексон сфатил дека така е поисплатливо. Мене најголемиот проблем со The Hobbit трилогијава ми е што не ми е доволно привлечна за да ја гледам повеќе од еднаш. Освен, можеби вториот, што некако се покажа како најсолиден.

January 11, 2014

The Hobbit: The Desolation of Smaug (2013)

Веројатно сум меѓу последните што го изгледаа The Desolation of Smaug. После недели одложување, дојде на ред за гледање и тоа во речиси празна кино сала по напорни неколку денови со голема можност за дремнување во истата. Неколку дена пред премиерата го изгледав An Unexpected Journey со надеж дека ќе ми го смени првиот впечаток. Не само што филмот е досаден како првото гледање, туку само ми го потврди сомнежот во следните две развлечени продолженија. The Desolation of Smaug е токму тоа, тегнење на една мала книга и пополнување минутажа со Леголас и приказни и ликови излезени директно од газот на Питер Џексон. 

Сепак, филмот некако функционира и како таков, или па моите мали очекувања овозможија да бидам изненаден. Иако отидов спремен со пижами и јорган во кино, не ни приметив кога летнаа тие два и кусур саати. Приказната е многу подинамична во однос на првиот дел и не делува како аркаден платформер. Некои сцени кои заслужуваа поопширен третман, за жал се скратени за сметка на измислена акција со измислени ликови, кога Билбо и Џуџињата бегаат по реката во буриња. Да не бидам безпотребно строг кон Таурел, мене ликот ми беше океј. Иако со Леголас беа неколку пати искористени како последниот спас за Џуџињата, нивното присуство некако ја расонуваше приказната. Еванџелин Лили на почетокот ми делуваше чудно во ваква улога, но набргу ја прифатив како дел од светот на Толкин, иако нејзиниот лик е дојден од друго место (види прв параграф).

The Desolation of Smaug си го оправдува насловот, не само со самиот Смауг туку и целата атмосфера е некако пуста и мрачна. Речиси и да нема никаков баланс, филмот цепа темно до самата кулминација под планината. Сцената со Смауг е една од најдобрите во целиот снимен опус на Толкин до сега. Излезе многу подобро од што замислував, дури и дизајнот и анимацијата на Смауг кој е уште еден лик чиј глас во филмот го позајмува Бендикт Камљњхсбеч (?). Клифхенгерот на крајот го најави епскиот почеток на третото продолжение кои ќе го видиме на крајот на оваа година. 

Немам никакви замерки за актерската екипа. Перфектен кастинг и тука, како и во Lord of the Rings. Реално, не ни имам некои страшни замерки, освен тоа дека сето ова ќе функционираше како само еден филм, или мини-серија каде што секое поглавје ќе можеше да си добие некаква фина адаптација. There And Back Again ќе ја опфати Битката на Петте Армии, која верувам дека Питер Џексон ќе се потруди да ја донесе на ниво на битките од LOTR трилогијата. И, искрено се надевам дека тоа ќе биде последната адаптација на дело од Толкин. Иако MGM ги имаат правата на уште две други книги, нема потреба да се пренесува на платно секоја визија на Толкин. Или син му.

August 11, 2013

Пет филмови до крајот на 2013

2013 беше година која ја обележеа суперхеројските блокбастери. Веќе престанав да ги бројам. Што воопшто не е лоша работа, со оглед на тоа дека во изминативе десет години добар дел од Холивуд држат лоши римејци и рибути. Златното доба на суперхеројските филмови е со години наназад присутно, а голем дел од насловите го потврдуваат тој факт. Годинава изгледав речиси сè што сакав, а тоа што не стигнав ќе биде наскоро изгледано. Кога ќе се појави добра снимка, нели. До крајот на 2013 чекам уште пет филмови што ми се во план за гледање. З

Riddick излегува на почетокот на септември. Продолжение на страшно потценетиот Pitch Black, кој инспирацијата ја црпи баш од таму. Различен од вториот дел, кој иако не е лош има многу маани во споредба со првиот. Ридик пак е запустен на некоја вукојебина од планета, каде што меѓу другото, се обидуваат да го убијат монструозни вонземјани. Формулата е позната, ама сум сигурен дека ќе успее по втор пат. Еден од ретките филмови каде што Вин Дизел е поднослив накај добар, со амбиент кој вришти СФ. Во новиов башка ќе ја има и Старбак. 



Gravity ме купи уште со тизерот. После излезе стандардниот трејлер и сега не можам да го дочекам октомври. И покрај тоа што филмот ќе биде 90 минути Џорџ Клуни и Сандра Булок како плутаат во скафандери над Земјата и муабетат, имам некое добро претчуство. Алфонсо Куарон е режисер и сценарист (заедно со брат му), и ако се потпреме на Children of Men, може да се очекува повеќе. Gravity треба да го извади добар дијалог, кој се надевам ќе биде присутен и ќе помогне да заборавам дека главниот женски лик е Сандра Булок. Сериозно, језива ми е Сандра Булок зошто сум убеден дека е уствари машко.

Machete Kills излегува некоја недела после Gravity. Мислам дека два пати годишно да штанцаат Machete филмови, ќе ги гледам. Не дека нема еден куп вакви излезени пред 30-40 години, ама ми се свиѓа како Родригез си игра со жанрот. Овој пат, ги прибрал Софија Вергара, Мел Гибсон и Чарли Шин, односно Карлос Естевез. Истурив кафе од смеење на introducing. Без оглед на хејтот што го добива филмот, Дени Трехо е уште шизик и му се можат вакви улоги. Подобри од сличните мали што ги имаше последениве дваесет години.

Thor: The Dark World во ноември. Претпоставувам дека ќе има премиера и тука во провалијава. Ако размислам, вторите делови на филмовиве на Марвел секогаш ми биле подобри. Истото го очекувам и од овој, а од трејлерот некако така и ми мириса. 

The Hobbit: The Desolation of Smaug ја затвора годината во декември. Колку и да кењав за првиот, знам дека прв ќе се нацртам во кино. Приказната прави значителен прогрес од она што веќе го видовме и дефинитивно е поинтересна. Се надевам дека фино ќе се надополни на првиот дел и ќе му фрли малку повеќе светлина. Како што кажав и за An Unexpected Journey, не е лесно да влечеш толку мала книга девет саати. Смауг е најинтересниот дел од приказната, па сакам да верувам дека филмот ќе успее убаво да го пренесе. 

Покрај овие пет, од есен доаѓаат и Ender's Game, Kick-Ass 2, The World's End и Anchorman 2, ама не знам нешто возбуден околу нив. Еј, да. И, Escape Plan со Сталоне и Шварценегер.

February 3, 2013

The Hobbit: An Unexpected Journey (2012)

Откако месец дена сочно ги пцуевме кината кај нас што не ни овозможија да го гледаме со останатиот нормален свет, ете го сега во двете од три (ако она во Рамстор уште може да се нарече кино, секако). Го гледав The Hobbit во Синеплекс, во сала која не беше којзнае колку поголема од онаа кај што го гледав Django Unchained пред две недели. Киното е супер, платното не изгледа како да јадел чичкото што ги пушта филмовите на него, седиштата се распоредени така што не може да ти сметаат големи глави пред тебе, а продаваат и начос со сомнително потекло. 

Излегов рамнодушен, за жал. Онака. Просечен филм што не ми направи разлика. А, кога ќе се земе во предвид дека и книгата е неколку класи под Lord of the Rings, не знам зошто воопшто очекував Питер Џексон дека ќе успее да ја повтори магијата. Како што вика Дамјан и нагласи да го цитирам, овој пат предизвикот беше една книга да ја развлечеш низ три филмови. Ќе се согласам и ќе додадам дека овој пат Питер Џексон развлекува книга која една иста формула ја користи многу, многу пати. Џуџињата и Билбо на секој чекор се соочуваат со некоја опасност (гоблини, орки, камени џинови, поларни мечки или службеници во банка кои те трујат за кредитот) која само што ќе ја пројдат, се вплеткуваат во нова. Добар дел од книгата е баш таков линеарен, па логично е и филмот да е таков.

Првите неколку минути се сериозно добри и ветувачки, додека Билбо не тргне на неговата, во случајов досадна акциона авантура. Во Lord of the Rings сите битки беа крајно импресивни, најмногу поради тоа што не беа толку чести како тука. Имаше време да се внесеш, да се соживееш со секој лик и да се грижиш за нив, иако веќе знаеш каков ќе биде исходот. Тука, со сите тие познати факти, не ти е баш многу гајле. Пак ќе кажам, динамиката на книгата е таква, но Питер Џексон не се потрудил многу да го ублажи тоа. Единствено место каде што текот на настаните зема здив е Riddles in the Dark, сцената во пештерата каде што Прстенот оди од Голум кај Билбо. На другиве им се допадна, а мене не ми беше ништо посебно.

Питер Џексон премногу се трудел филмот да го поврзе со претходните. Кадрите кои се речиси идентични со оние во Lord of the Rings го губат сјајот после првите единаесет такви. Знаеме Питер дека ти ги режираше и дека приказната се случува во истиот свет, меѓутоа беа крајно исфорсирани. А, бев среќен кога Гилермо Дел Торо се повлече. Едноставно нема простор за да се оддалечиш од споредбите. Она што беше стварно добро пренесено е хуморот. Книгата е подетска, полабава од LotR и добро е што Питер Џексон успеал јасно да го потенцира тоа.

Она што крајно ме разочара е тоа што воопшто немам желба да го гледам пак. Веројатно следниот пат ќе биде некое маратонско гледање на сите три. Има уште за раскажување од книгата, така што еве, ќе дадам шанса да ме запрепасти следниот дел. Да не се разбереме погрешно, The Hobbit е забавен филм и солидно остварување, меѓутоа му фали магија и шарм.

А, и да. Саундтрекот на Хауард Шор е одличен.

January 11, 2012

Мала дискусија за The Hobbit

Крајот на минатата година го донесе трејлерот на The Hobbit, адаптација на истоимената книга на Толкин. Лично, трејлерот успеа да ме убеди дека оваа година ќе видиме уште еден квалитетен филм, кој ќе остави значителна трага во историјата. Покрај сите проблеми со кои филмот се соочи во раната фаза на продукција, сепак на крај проектот доби зелено светло. Ако некој памти, The Hobbit (поделен на два дела, првиот се вика An Unexpected Journey), требаше да го режира Гилермо Дел Торо. Радоста беше преголема, особено за тогаш тазе фан на Дел Торо, како мене. Доколку некој се сомнева во режисерските способности на типот, слободно нека го погледне Pan's Labyrinth. Дел Торо има осет за жанрот, иако нема некое такво комплетно остварување.

Како што почетокот на продукцијата се одложуваше поради финанскиски проблеми, така трпението на Дел Торо го доведе до напуштање на проектот, по што луѓето со парите успеаа да го вратат Питер Џексон на веќе докажаната позиција. Со Питер Џексон како режисер, веќе не би требало да има сомневање во квалитетот на адаптацијата. Ќе видиме филмови кои соодветно би ја надополниле Lord of the Rings трилогијата, во истиот дух, и се надевам барем сличен начин на реализација и стил. Друга работа што ми се допаѓа е тоа што филмот има посериозен тон, ако судиме по трејлерот, нели. The Hobbit е многу подетски раскажана приказна од трилогијата, а трејлерот воопшто не изгледа како Хари Потер.

Кастингот е комплетно погоден. Мартин Фримен е можеби најдобриот избор за младиот Билбо и докажан актер. За Гандалф, треба да сме среќни што МекКелен уште е способен да снима. Искрено, друг актер неможам да замислам во таа улога. Нека си поживее човекот дур не го снимат и вториот дел. Иан Холм, Елајџа Вуд, Кристофер Ли (очигледно е бессмртен), Енди Серкис. Хуго Вивинг, Орландо Блум и уште некои што сигурно ги испуштив, се враќаат во старите улоги, а ја како фин додаток, тука е и Еванџелин Лили. Повеќето актери во улогите на Џуџињата не ги знам, но изгледаат одлично во костимите.

Значи, комплетно му верувам на Питер Џексон. Одлуката да се снимат два (долги) филмови е исто за поздрав, зошто очекувам подетален пристап и раскажување. Единствен проблем тука е тоа што треба да чекам една година за првиот дел, и уште една за вториот. Како и да е, промашување нема да има.

January 27, 2011

Kнига на месецот: Хобит (Џ.Р.Р. Toлкин)

Спакувана во преубавата корица нацртана од ТхеМичо, "Икона" ја издаде The Hobbit од Џ.Р.Р. Толкин на македонски јазик кон крајот на минатата година. Месецов ја добив за роденден и конечно ја завршив, после влечкање со англиската верзија и аудио книгата.

Хобит ја раскажува авантурата на младиот хобит Билбо Багинс и тринаесетте џуџиња предводени од Торин, кои тргнуваат по богатството чувано од змејот Шмауг (знам дека во оргиналот е Smaug, меѓутоа тука ќе зборам за македонското издание, па ќе го викам Шмауг). Приказната започнува во мирниот дом на Билбо, каде што волшебникот Гандалф доаѓа со групата џуџиња и мапа до богатството на Шмауг, со цел да го убеди хобитот да им се придружи , бидејќи им е потребен провалник каков што е тој. По непланираната забава во домот на Билбо, тие тргнуваат на незаборавен пат, проаѓајки низ Ривендел кај Елронд и Елфовите, па преку Мирквуд, соочувајќи се со најразлични опасности, тролови, џиновски пајаци, гоблини и што уште не. Токму на оваа авантура, Билбо го среќава Голум и Прстенот на Саурон доаѓа до него.

Хобит, како основата на она што е познато како Господарот на Прстените, вреди за секој напишан збор, комплетно успеа да си ја оправда репутацијата кај мене и со ноќи да ми го задржи вниманието. Иако, продолжението лично повеќе ми се допаѓа, книгава си ја заслужи високата оцена. Не ми е јасно како претходно не стигнав да ја прочитам како што треба, а некако успевав да се заштитам од спојлери. Зошто не сум баш многу запознаен со светот на Толкин (освен Господарот на Прстените), одредени настани и ликови ги знам површно, во Господарот на Прстените, најмногу се воодушевив на Битката на Петте Армии. Иако помалку впечатливо пресликана од сличните војни во LotR трилогијата, доволно е епска како кулминација на една ваква авантура. Едвај чекам да видам како ќе изгледа ова во филмот, претпоставувам во вториот дел (да, книгата ќе биде поделена на два дела, ова нема шанси да го собере во три саати), за кој ќе се почека уште некоја година. Ме занима дали ќе го има Беорн, типот што може да завземе форма на мечка. Битен и многу интересен лик, кој се надевам дека нема да го пропуштат како Том Бомбадил.

Колку и да избегнувам спореба, сепак ќе мора да спомнам дека Господарот на Прстените е Хобит на стероиди, што во никој случај не значи дека е помалку квалитетна. Разликата во години помеѓу овие две книги секако дека се забележува, и се гледа Толкин колку избегал со умот за време на војната.

За самото издание, можам да кажам дека е многу подобро од претходното, преводот е навистина океј, за разлика други македонски преводи кои во најмала рака се абоминални и се џабе потрошена хартија, без тронка лектура и смисла на преведеното. Не дека и ова е без грешки, книгата е преведувана од српски, приметив по тоа што има неколку пропуштени зборчиња кои се на српски. Во секој случај, се работи за солидно издание. Препорачувам.