Showing posts with label Black Mirror. Show all posts
Showing posts with label Black Mirror. Show all posts

January 6, 2018

Четвртата сезона на Blасk Мirrоr

Чарли Брукер ми го скрши срцето. Минатиот јануари Мофат и Гетис, сега Брукер. Во ред. За следната година и да не сум попаметен, веќе останав без двете британски серии што ќефски ми го трошеа времето последниве години. Четвртава сезона на Black Mirror ме оболести. Ќе дочекам ли напредна технологија што ќе може да ми ја здува од сеќавање? До кога сум осуден да живеам со мрзливите петпарачки концепти на Чарли Брукер со кои овој пат ми истроши шест саати?

Види, ниедна од претходните сезони не беше без гревови. Првата можеби го има најдоброто купче на епизоди, меѓутоа во остатокот од серијата наоѓав по една од три што ќе успееше да ме оптеретува и неколку денови со идеите. Другите варираа со квалитетот, ама пак се држеа во некоја задоволителна територија, па макар и само да го јаваа првиот бран на тогаш свежата Black Mirror. Дури и третата сезона, за која многумина беа загрижени поради промената на продукцијата, го задржа препознатливиот непријатен, често дистописки тон, каде што човечките маани доаѓаа во судир со мрачната страна на некаква софистицирана технологија.


Четвртата потфрла на сите страни со млитавите обиди да го емулира истото. Иновативноста е заменета со прегласно потенцираниот шокирачки фактор, уникатните идеи со евтини референци кон актуелната поп-култура  и тропи веќе видени на милион други места претходно. Застрашувачкиот момент на Black Mirror секогаш доаѓал од приземјени концепти, работи кои претежно гравитирале околу некоја поблиска иднина или па некоја друга крајност што неретко содржела некоја социјална критика.

Меѓутоа, кога ќе се обиде да ти фрли големо парче од друг научно-фантастичен универзум во твојата генерална насока, претпоставувајќи дека дели слична публика, изгледа крајно експлоатирачки. Едно е омаж, друго е кога користи такви препознатливи средства со намера да допре до тебе. "USS Calister" можеби и ќе беше забавна епизода доколку се потпреше сама на себе, наместо да се труди да те заведе преку познавањата за Star Trek. Во период кога Discovery и The Orville се толку актуелни, тешко ми е да поверувам дека потегот е случаен. Но, и доколку ја разголиш епизодата од шарените униформи, останува некоја разводенета приказна во која Чарли Брукер ги остварува неговите Wreck-It-Ralph фантазии.


"Arkangel" ми влеа малку доверба дека можеби сепак ќе гледам добра сезона после шашавиот Трекерски почеток, меѓутоа брзо потона во предвидливост и покрај тоа што има речиси класична Black Mirror атмосфера. Епизодата се занимава со родител кој презаштитнички е позициониран кон своето дете, чии постапки му ги следи преку имплант поврзан за таблет кој има и поставки за она што детето може или не може да го види. Но, исто како "USS Calister" страда и од благо среќен крај, нешто што никако не можам го пребродам кога гледам серија од ваков тип. Сакам да ми ја разгори паранојата, а не "добрите" да извојуваат победа. Штета немав таков имплант што ќе ми ги пикселизираше досадните работи што ги гледав во епизодава...

Или сето она што го видов во следната, "Crocodile". Разбирам дека е логично да се размрда серијата со свежина, макар било и исчекор во потензична трилерска територија, меѓутоа кога ќе се расфрлиш со невешти пресврти само за да понудиш шокантно финале, резултатот е смешен. Технологијата е некако насилно напикана во приказната и нејзиното место во универзумот во кој се случува делува многу неуверливо за да послужи како цврста основа. Освен тоа, имам чувство дека веќе видовме понапредна верзија од истото во "The Entire History of You". Толку ли беше од креативноста, Чарли Брукер?


"Metalhead" подобро да не ја спомнувам. 40 минутен црно-бел мокар испрдок каде што една жена се обидува да преживее во опустошена иднина додека ја брка куче-робот, очигледно испирирано од оние на Boston Dynamics. Можам да ја сконтам намерата на епизодата, ама реализацијата е комплетно незадоволителна. И, покрај тоа што е најкратката од сите сезонава, толку споро и досадно се тегне што бев приморан да премотам до предвидливиот крај.
 
Последната, "Black Museum" е збир на неколку кратки приказни, нешто како антологија во антологија, воглавно избилдана од идеи кои сигурен сум дека самиот Брукер ги отпишал како доволно глупави за да не бидат развиени во целосна самостојна епизода. Тажно е кога серија со ваква репутација пробува да ми продаде свесен холограм на електрична столица. Нема потреба да се оди во крајности само за да постигнат стварите за кои Брукер некако се убедил дека палеле кај публикта. А, и не е единствената епизода сезонава која очајно се натпреварува со потресните моменти кои ги содржеле епизодите пред неа.


Од шест епизоди само во четвртата, "Hang the DJ", најдов нешто занимливо. Повеќе е во духот на "San Junipero" од минатата сезона, каде што среќниот крај е адекватен и логичен, без да прави очајни напори да ти ги преврти цревата и емоциите. Вешто и убаво напишана епизода, единствената чиј крај не направи да се почувствувам измамено. Но, и покрај тоа, целокупниот впечаток од сезоната е разочарувачки. Повеќе наликува на серија која се гњави да биде Black Mirror. Иако форматот дозволува различни експериментирања, пак сметам дека серијата веќе има воспоставено правила кои ако бидуваат пречекорени, резултатот би ја промашил метата. 

Или едноставно, Чарли Брукер веќе нема трикови во торбата кои би можеле да се доближат до очекувањата кои ги создаде. Ретко која серија успева да остане доследна сама на себе после толку време, па можеби и не треба да ме чуди тоа што и Black Mirror ја доживеа оваа судбина. Мали модификации на начинот на раскажување и забиколувањето на експозицијата на идеите секако ќе беа во полза, но можеби едноставно сезоната овој пат беше наменета за публика која си ги сака стварите така малку посоџвакани. 

October 26, 2016

Кратко за третата сезона на Black Mirror

Чарли Брукер се врати со третата сезона на Black Mirror, раскомотувајќи си ја техно-паранојата во новиот Netflix дом. Шест нови епизоди во истиот антологиски формат како на Channel 4, благо американизирани со кастингот, но со истиот претпознатлив Black Mirror вајб како и претходните седум. Сите оние што беа засегнати од промената на продукцијата, сега може слободно да се успокојат. Не знам што се случи со британската Channel 4 и нивната гостопримливост, но додека серијата останува квалитетна, најмалку е битно чие лого ќе стои доле во ќошот.

Технологијата од можната блиска иднина е главната деструктивна сила во приказните што Чарли Брукер ги третира во Black Mirror. Штетните аспекти од интеракцијата помеѓу човекот и уредите наменети за да му го олеснат животот, ги носи во хипотетички екстреми и пумпа анкциозност што те прогонува долго откако ќе завршиш со епизодата. Некои судбини се едноставно полоши од било каква насилна смрт, а моралните сивила низ кои Брукер се движи создаваат кошмарна непријатност и тешко дека ќе ги извадиш брзо од систем. Оваа сезона ги донесе најтензичните епизоди до сега. 


Што ако светот функционира базиран на систем кој е еквивалент на вниманието што го добиваш од социјалните мрежи? До каде може да отиде имерзивниот гејминг? Колку може да биде корисно ако лепиш фластер на камерата од лаптопот? Дали би си ја дигитализирал свеста после смртта? Која е, и дали воопшто постои граница на модерното војување? Идеите можеби не се најсвежите на светот, но нивната реализација е толку феноменална што не можеш да останеш имун на нив. Можеби некогаш треба да ги повториш за да ја потенцираш нивната поента.

Дури прв пат имаше и нешто за кое многумина се сложуваат дека е среќен крај. Дискутабилно, но ете. Несвојствено е некако за Black Mirror епизода да ти предизвика пријатно чувство. Веројатно целиот амбиент на епизодата малку ја оттурна дистопијата од себе, па затоа. Уживав во сите епизоди, освен можеби последната. Ниту темата успеа да допре до мене, ниту времетраењето (пола саат повеќе од останатите) помогна околу тоа. Но, остатокот од сезоната, епизоди како "Shut up and dance", "Playtest" и "San Junipero" слободно може да се носат со моите омилени "The Entire History of You" и "Be Right Back" од претходните сезони.

Скептиците што мислеа дека серијата нема да биде иста на Netflix може да заќутат сега. Изгледа премногу се романтизираат старите сезони, без да се направи асален простор за новото. Паузата што Чарли Брукер ја направи од Black Mirror дефинитивно беше исплатлива. Мојата потреба за нов Black Mirror материјал е конечно задоволена. Четвртата сезона со нови шест епизоди пристигнува во 2017.

Види такоѓе: 

December 18, 2014

Постот за Black Mirror: White Christmas

Еве ми ја шансата конечно да промуабетам за Black Mirror тука. Повеќе пати ја спомнував во други постови, ја фалев како добра, некои епизоди ги гледав по неколку пати и никогаш не седнав да напишам. Специјалната божиќна епизода со наслов "White Christmas" е доволен повод сега. Black Mirror е британска серија на Чарли Брукер која се занимава со ...помрачното влијание на технологијата врз нашите животи. Приказните се базирани на хипотетички технолошки изуми кои во блиска или далечна иднина би ни го подобриле секојдневното функционирање. Меѓутоа, речиси секогаш завршуваат со ситуација во која истото тоа пука назад и го прави баш обратното. Исходот е многу полош од присилно подарен албум од ирски рок бенд за кој ти треба упатство или апликација да го тргнеш од твојот мобилен уред. 


Замисли си свет во кој можеш да снимаш сè што гледаш преку механички имплант и после да го пушташ како филм на телевизор. Свет во кој може да се рекреира карактерот на починатиот близок како софтвер и хардвер, врз база на неговата онлајн активности и социјални мрежи. Black Mirror, низ две сезони со по три епизоди, се занимава баш со последиците на овие ужасно глупаво објаснети примери. Секоја епизода е засебна и се случува во различен свет, меѓутоа тематика е таа. Форматот и амбиентот го споредуваат со The Twilight Zone, така што, ете. 

"White Christmas" е вонредната епизода што не ја очекував, но ми даде надеж дека можеби во блиска иднина ќе има и трета сезона. Расположен сум за нови епизоди, барем додека се прават вака внимателно. "White Christmas" е поеднакво генијална како и остатокот од Black Mirror. Не е стандардната "божиќна епизода" која ќе се обиде да те научи дека семејството е набитниот подарок, нема Џон Хем со Дедо Мраз капа. Единственото "божиќно" е само периодот во кој се одвива оваа тензична темна драма, раскажана низ три кратки ситуации.

Без спојлери, "White Christmas" е стандардна Black Mirror епизода. Ќе те остави потресен и збунет, благо издепримиран и ќе ти овозможи долги "замисли стварно вакa, еј?" муабети со луѓето околку тебе што ја гледале. Крајот и неколкуте неочекувани пресврти, испаднаа појезиви од некои епизоди што ги сметав за врвот на серијата. Криминал би било ако почнам да навлегувам во детали. Ама, ајде, замисли колку би било добро (или лошо, или лошо!) да можеш да блокираш некој во вистински живот како што можеш на интернет?

Патем, насловот на серијата доаѓа од она како изгледа изгасен екран на телевизор, монитор или смартфон. Ова, покрај тоа што е закон, закон детал, го пишувам тука колку да пополнам место зошто ништо не можам да кажам за серијата без спојлери. Сликата горе од Џон Хем некако е глупо позиционирана во однос на текстов, нема линкови и не ми се свиѓа вака без еден параграф плус. Постов ќе го завршам тука пред да почне да ме прогонува песната од крајот на епизодата и додека не сум заспал на тастатура.