Locke & Key е една од оние ствари за кои со години викав "ќе дојде на ред". Знаеш, она кога упорно нешто поттиснуваш надолу на листата на приоритети? Епа, евентуално некогаш им доаѓа ред и на тие. Ако испадне добро, ти е криво зошто не си ги подредил малку поинаку. И порано. Locke & Key е еден таков наслов, кој некако скромно се истакнуваше пред мојот радар, од исто така скромна издавачка куќа, IDW. Многу малку нивни изданија ми се нашле во раце и претежно биле адаптации на други франшизи како Transformers или Star Trek. Имаат и Нинџа Желки. Добар дел од насловите им се такви адаптации, па затоа и не сум се потрудил нешто посебно да видам што е "оргиналното" што го нудат.
Locke & Key е од асортиманот со оргиналите. Почнува некаде во 2008 и е дело на синот на Стивен Кинг, Џо Хил, додека за цртежите е задолжен Габриел Родригез. До сега, излезени се неколку томови, кои со по шест броја се собрани и како графички новели. Последните неколку се нешто пократки, меѓутоа додека стигнам до нив имам уште многу за читање и препрочитување. Неделава ги пројдов првите два, Welcome to Lovecraft и Head Games. Ми ја отворија главата (евтина референца кон сегмент од приказната, не си интересен Бобо со овие веќе, аман)... Иако мислев да го оставам постот кога ќе завршам со тоа што го имам (осум вкупно), не издржав да не се испразнам на темава. Како не би го тупел со расфрлање со пофалби, еве ќе кажам дека многу, многу е добро.
Првиот том, Welcome to Lovecraft (нема ништо друго освен омажот со името, барем до сега), ја подесува приказната во чиј фокус е семејството Лок. Додека се наоѓаат на некаков одмор на некоја забаталена локација, на вратата затропуваат двајца прилично накурчени социопатски ликови кои го убиваат Рендел Лок, таткото. Останатиот дел од семејството, бега во друга вукојебина, во нивната семејна куќa во Лавкрафт, Масачусетс. Куќата, Keyhouse, е огромна готска палата, каде што трите деца и нивната мајка се обидуваат да се соочат со траумите од губитокот и да се прилагодат на нивниот нов живот. Меѓутоа, куќата воопшто не е обична, а прв тоа го открива најмалиот син, Боуд, на кој нели, никој не му ни верува дека се случува нешто натприродно. Куќата покрај семејни тајни, крие и демони кои што се последното нешто што недостасува на ова фино семејство и полека се расплетува причината поради која што е убиен Рендел.
Welcome to Lovecraft ја раскажува приказната полека. За мистериите на Keyhouse, за клучевите кои отвараат врати што водат кон други димензии, нивоа на постење, локации и еден клуч кој е особено важен, и потребен на антагонистите. На почетокот е малку конфузно што се случува, но до самиот крај се сите точки поврзани. Барем што се однесува на тој дел од приказната. Мистериите и тензијата се на ист начин третирани и во Head Games, каде што е јасно дека на Џо Хил хоророт и умешноста за шокирање не му се непозната територија. Воопшто нема никаков лимит. Родригез одлично се погрижил за некои слики да ти останат во глава и да те прогонуваат пред да заспиеш и додека чекаш петнаесет минути ред на каса во супермаркет.
Станав инстант фан на серијалов и едвај чекам да видам како продолжува приказната во Crown of Shadows. Идеите во Locke & Key се толку оргинални, што веќе се спремаат да бидат пренесени и на платно, зошто нели мора да се филмува сè! Имало некој неуспешен обид и за серија пред неколку години. Веројатно толку неуспешен што три години од пилотот никој не бил заинтересиран да се замара понатаму.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment