Секогаш ми е тапа кога ќе ми заврши серија. Особено кога е некоја од најдобрите на денешницата. А, годинава привршува и Breaking Bad. Тоа се две феноменални серии, за кои се осеќаш привилегиран што имаш шанса да ги следиш додека се прикажуваат, епизода за епизода. На Spartacus возот се качив нешто покасно, кога почна втората сезона, после приквелот. Spartacus е од оној тип на серии кои или ќе те освојат комплетно, или ќе мрчиш колку биле претерани ефектите. Некоја средина баш и нема. Доколку ја прифатиш таква каква што е, веќе си се обезбедил со уште една омилена серија.
За третава сезона, можам да кажам дека беше одлична. Барем сега откако финалево ми ја заокружи како што треба. И покрај тоа што ја немаше арената како елемент кој ме привлече на почетокот, истераа добра сезона. На овој начин, Спартаковото востание, го немам видено. Spartacus отиде до таму до каде што историјата има запишано и поинаков крај не можеше да се очекува во никој случај. Но, иако сите го знаевме исходот, продуцентите успеале мајсторски да го изведат и да понудат уште еден спектакл. Заврши епски, баш како што почна. Можеби малку повеќе емотивно.
Лијам, иако не е Енди, комплетно ја превзема улогата на Спартакус. Уште на почетокот на третата сезона, веќе беше јасно дека неговата трансформација во лидерот на востанието е комплетна. Актерот со можеби најтешката задача од целата екипа, си ја одработи улогата професионално до крај. Тоа може да се препише и на прогресот на ликот и приказната, меѓутоа јас немам апсолутно никакви забелешки. Да, можеме да претпоставуваме до утре во што ќе се претвореше Спартакус на Енди, но за жал, тоа е тоа.
Морам да го поздравам и изборот на Цезар и Красус. Серијата секогаш успевала да понуди достоен антагонист (ако гледаме од аспект на робовите) и тука достигна нов максимум. Потпирајќи се на минимум исторски факти, нивната приказна беше беспрекорно добро вклопена, со некои сцени кои ќе ме прогонуваат уште долго. А, изборот на актерки никогаш не им бил промашен, така да тоа не ни има потреба да се коментира. Таа малата на Ганикус, нели?
Финалето понуди епска битка која остава без здив и трагична судбина за лидерите и добар дел од луѓето кои пробуваа да ги заштитат. Помалку на број, се бореа до крај, а продуцентите фино се погрижиле да ни објаснат зошто историјата ги памти овие неколку имиња и нивните дела. Веројатно најтажниот крај го имаше Ганикус. Еден од најбруталните гладијатори, за жал не дочека достојна и чесна смрт, да падне во битка. Спартакус барем успеа да извојува некаква победа, да види дел од оние кои најмногу му значеа, живи и здрави.
Ваква серија нема да видиме во брзо време. Штета за тие што ја отпишале како софткор порно со лоши визуелни ефекти, зошто не заслужува таков третман...
No comments:
Post a Comment