Showing posts with label Revolution. Show all posts
Showing posts with label Revolution. Show all posts

October 11, 2012

Три серии за 2012-2013 сезоната: Homeland, 666 Park Avenue и Revolution

Новата сезона на американски серии, 2012-2013, веќе е во тек неколку недели. Анимираните на МекФарлејн си се таман, само што некако се презаситив и веројатно ќе чекам да се соберат повеќе, за евентуалните досадни епизоди да дојдат измеѓу. Со иста финта ги гледам The Simpsons и South Park изминативе неколку години и таман си е. Тоа е, отидоа и овие во тој кош.

Мислам дека е доста и од The Office, а и од Modern Family. Првиве за чудо успеаа да извадат добра сезона без Мајкл Скот, ама промените кои се најавија за текновнава некако ми ја тргнаа серијата од фокус. Modern Family имаа просечна и уморна трета сезона, па четвртава може и да почека. Единствен ситком што продолжувам да го следам и едвај чекам да почне сезоната е Community. Знам дека нема да утнат.

Е, сега за посериозните, или како што ги викаат таму, драмите. Моментално следам три, од кои една сигурно ќе ја укинат пред да се откажам. Значи, да почнеме.


666 Park Avenue

Нова серија со Тери О'Квин во главна улога. Иако името повеќе прилега на некој скејт емо инди блек метал бенд од Флорида, серијата е џам! Неочекувано добра! Во кратки црти, Тери О'Квин рента лукзузни апармани во сомнителна зграда на богаташи. Исто така, им ги исполнува желбите во замена за нивната душа. И, не, не е глупаво колку што звучи. Дури има и некој Линч шмек. Ликовите се супер, дури и главната плавуша што упорно душка кај што не и е местото и веројатно ќе наебе. Тери О'Квин e перфектен антагонист. Ако некој не е убеден после последната сезона на Lost, еве прилика. Ќе се следи ова, и покрај тоа што насловот 666 во него е детски, наместо контраверзен како што веројатно синот тинејџер на главниот продуцент мислел дека ќе биде.

Homeland

Homeland е апсолутно најдобрата серија што оди моментално. Значи, моментално, а не на пауза како Breaking Bad. Во тоа ме убеди втората епизода од втората сезона. Веројатно ќе склопам некој пост со спојлери, а до тогаш планирам да убедувам луѓе да гледаат. Мислам, ако во втората епизода се случија ствари кои мислев дека ќе ги видам во некоја следна сезона, што друго да очекувам од серијава? Имаат инспирација, имаат добра екипа и одлична тема. Може кај сакаат да ја носат. Втората сезона е веќе подобра е првата и сигурен сум дека ќе станува уште понапнато.

Revolution

Веќе пишував за почетокот на Revolution. Сеуште е тапа, веќе четири епизоди, ама е лек за спиење. Ужасни ликови, катастрофална глума и најпредвидливите дијалози што сум ги видел во последно време. Речиси сè во серијата се коси со логика и нема апсолутно никаква смисла. Дури и почнаа да убиваат ликови кои беше логично да ги развиваат понатаму. Спомнав дека има флешбеци како во една друга серија на Абрамс? Ако не, еве. Има. И, тоа само за колку да пополнат дупки кои е невозможно да се решат во склоп на моменталниот концепт. Како што реков, Jericho цртан филм за деца. Ќе ја укинат пред да прекинам да гледам и искрено ќе ми биде криво. Онака, станува добра од што е лоша, и не сакам да заврши за три недели.

Отприлика тоа е тоа. Сигурно пропуштам некоја јака серија за која уште не сум слушнал, или почнала нова сезона и на уште нешто, а не сум приметил. Ќе се надополни листава во секој случај.

September 26, 2012

Лошите и не толку лошите страни на Revolution

Ќе потрошам уште еден муабет на серија што може да ја снема среде сезона, наместо да пишам за нешто сосема солидно како Suits. Се мислев дали воопшто вреди, ама сè што може да послужи како потсетник за тоа колку е Џ.Џ. Абрамс преценето копиле, ќе го опнам тука. 

Пред неколку месеци, објаснив што е Revolution и не би да се повторувам. И, пред да се предомислам за постов, ќе прејдам на впечатоците. Генерално е онака, не прави некоја разлика во неделниот распоред. Сепак, ќе се даде шанса и на третата епизода. Ако не пишам скоро како е, сигурно е дека ќе ја посочам како пример за лоша серија следниот пат кога ќе најават слична. Да не бидам ептен клошар, ќе почнам со не толку лошите моменти, кои одеа и до океј. Останатото е како упростена верзија на Jericho, нешто за најмладата публика, да оди во недела сабајле.

Сетингот е кул. Како што тогаш спомнав, потсеќа на Life After People. Ако ништо друго, интересно е да се види како би изгледале големите градови во САД по петнаесет години без струја. Има неколку ликови што се океј, како типот што работел во Гугл, негативецот и Гас од Breaking Bad. Отприлика тоа се сите ликови што се подносливи и ти е гајле што би се случило со нив. Приказната колку и да е полна со дупки, има мааал потенцијал да се развие во нешто подобро, само што се сомневам дека ќе биде нешто што досега не сме го виделе. Црни чадови и поларни мечки на тропски остров, пали само еднаш. Само еднаш.

Лоши страни има еден куп. Не толку како Terra Nova (ха, да не сум пишел немаше да ми текне!), ама доволно за следната епизода да е пресудна. Глупости од типот на стигнување пешки во Чикаго, онака чист, свеж и наспан, за пола ден од некое село во околина. И, уште во првото место да го најдеш човекот што го бараш, од прва? И, како тоа 15 години во иднина без електрична енергија сите се експерти за такво елегантно мечување? Еден куп вакви ствари што нема да ги спојлам сега, и еден куп клишеа. Дури и црнецот од Jericho си има соодветна варијанта тука.

Некако дејството се одвива бргу. За две епизоди се случија толку многу ствари, а сепак ништо битно. Тензија нула, турска серија е понапната од ова. Кога ги знаеш архетипите на ликовите, знаеш од кого што можеш да очекуваш. Единствената причина поради која ќе ја гледам и следната епизода е да видам како планираат да го развиваат ова. А, да. Има и флешбеци. Ја има и Џулиет.

May 14, 2012

Најава за серија: Revolution

Од почетокот на Lost, па до денес, нема сезона без обид за слична серија. Не сме поштедени ни оваа година, барем според трејлерот на Revolution. Овој пат, светот (мистериозно!) останува без електрична енергија, дури и возилата (мистериозно!) прекинуваат да функционираат. Луѓето се оставени без струја, како Ченто во зима, а приказната е сконцентрирана петнаесет години потоа. 
Светот изгледа како во Life After People, Влада не постои и дивеат банди со коњи и мечови. Гас од Breaking Bad е веројатно негативецот. Нормално, некој знае што се случило и веројатно тој некој поседува направа која дава доволно енергија за да запали компјутер. Некако можам да превидам голем дел од работите што ќе се случуваат.

Пред да кажам дека звучи интересно, ќе предупредам дека Џ.Џ. Абрамс е дел од ова, доколку сеуште некој го чита постов, а го изгасил трејлерот. Без оглед на тоа што Џон Фавро е режисер, претпоставувам само на пилотот, името на Џ.Џ. Абрамс е доволно за да се биде претпазлив со надежите околу серијата. Alcatraz му ја откажаа, а очигледно тој уште не се откажува. Колку серии ќе треба да му прекинат пред да сфати дека не е возможно да се повтори Lost? 

Друга работа. Дали дека пред некој ден изгледав, или ова стварно потсеќа на Jericho? Дали ќе трае повеќе од 10 епизоди или ќе ја скинат пред тоа? А, може ли Џ.Џ. Абрамс да спроведе маркетинг кампања во САД, наместо реклами среде прва епизода, да исклучат струја на кратко?