Неколку пати го гледам трејлерот за Daredevil серијата што ќе излезе во април на Нетфликс, и некако се мислам да ги ставам парите на црвено. Имам некое чувство на кое сакам да му верувам, дека сепак нема да добие таков глуп третман како ликовите што ги извадија од филмовите. Дердевил е сосема друг случај тука, не е исцедок од познат сетинг, не е третокласен спореден лик и е доволно поткрепен со приказни од стриповите за да не би се ваделе шаблонски сценарија од група писатели што зеваат на маса. Со себе носи богат, етаблиран универзум и историја, доволно за овие тринаесет епизоди евентуално да направат да исчезне секоја поврзаност на Бен Афлек со ликот.
Колку и да ме презаситуваат овие стриповски адаптации, на Daredevil давам шанса. Чарли Кокс ми делува како фин избор, има и некои други интересни познати фаци околу него, а и продукцијата е во добри раце. Со самото тоа што серијата оди на сервис како Нетфликс и не брка рејтинзи, мислам дека нема да се коцкаат со квалитетот и дека ќе продадат повеќе од име и бренд. Освен тоа, судејќи по трејлерот, ликот добива малку помрачна адаптација и третман, каква досега немам видено од студиото на Марвел. И, тоа не мрачно како фотографијата на Gotham, туку мрачно како сериозна темница мрачно. Ако ова успеат вака да го изведат и да испадне добро, тогаш што ќе се случи кога ќе решат дека е време за Френк Кесл да влезе да клоцне врата и да почне да пука со шатган?
Daredevil е само мал дел од она што Марвел го планираат на Нетфликс. Најавени се Jessica Jones, Luke Cage и Iron Fist серии, кои потоа би се споиле во Defenders мини-серија. За другиве три, искрено не би можело да ми е помалку гајле, но еве, имам некаква верба и желба да видам асална Дердевил адаптација. Се надевам дека нема да треба да си го изедам постов во април.
No comments:
Post a Comment