June 9, 2015

Три научно-фантастични книги за летово

Од време на време, ќе се најде некој што ќе ме праша зошто скоро никогаш не пишувам за книги. Секогаш го давам истиот мрзлив одговор - не се осеќам доволно удобно. Знам дека ретко можам прописно да истретирам книга како што мислам дека заслужува, па затоа полиците тука на блогов се скромно пополнети со генеричка Warcraft и Star Wars литература. Сега ќе пробам да пренесам и препорачам нешто од полиците што се наоѓаат пред и позади мене, а не сум се осмелил до сега. Овие три подолу ги пројдов пролетва, па нека одат први, зошто ми се најсвежи. Извини за генеричкиот порталски наслов, ама еј, секогаш можеше да биде и "Три книги со кои ќе можеш да се преправаш дека читаш на плажа". Доаѓаат одмори, нели?
 


Баш додека го спремав текстов, филмската адаптација на The Martian од Ридли Скот се прошири низ секое интернет ќоше. Но, за филмот во некоја следна прилика. Оргинално објавена од самиот автор во 2011, чека три години за конечно да добие издавач што ќе го испечати ова мало ремек-дело на хартија. Приказната е прилично едноставна. Марк Вотни, астронаут на мисија на Марс, е оставен сам на пустата планета откако неговиот екипаж ќе замине назад кон Земјата, со заклучок дека е мртов по инцидент за време на песочна бура. Вотни, свесен дека никој не знае дека е жив, треба да преживее до пристигнувањето на следната мисија, со ресурси и храна кои практично нема шанси да му траат толку долго. Ниту пак има начин како да стапи во контакт со НАСА. 

Книгата е всушност неговиот дневник и начините кои ги користи да преживее, раскажани со фасцинантни научни детали и елегантен хумор (Вотни е мрчартор со кој би сакал да си заглавен во лифт со саати) од кои верувам дека повеќето би функционирале и во пракса. Таман кога ќе се навикнеш на нарацијата, Вир го менува фокусот и перспективата кон она што меѓувреме се случува на Земјата и другарите на Вотни кои патуваат натаму, па се враќа назад на правливиот амбиент на Марс кој упорно се обидува да му го згорчи престојот на единствениот посетител. Изненадување што трејелерот за филмот го расипува во првите неколку секунди, но и не гледам друг начин на кој би можело ова да се адаптира. The Martian е една од највозбудливите книги што сум ги прочитал во последниве години, така што Дамјан милион пати фала за препораката.


Освен Одисеите (Вселенската и Временската), немам читано нешто многу од Артур Кларк. Ни Rendezvous with Rama. Childhood's End ми е првото продирање во неговото рано творештво. Но, низ целата таа воземска инвазија за која зборува тука, во екот на црно-белите филмови со слична тематика, која тука е некако анти-Велсовска, можев да му ги приметам идеите за човештвото кое може да се препознаат во неговиот најпопуларен материјал. Тоа некако ми ја направи Childhood's End многу посимпатична и поблиска.

Сетингот делува познато. Вонземјани доаѓаат на Земјата, нивните бродови лебдат низ секој поголем град во светот, а посетителите комуницираат преку одбрани амбасадори. Но, нивните намери се поинакви. Практично, го доведуваат цело човештво во ред на претежно мирен начин. Ја обединуваат планетата, ги сопираат војните и сиромаштијата, усреќувајќи го поголемиот дел од популацијата. Цената, можеби ќе претпоставиш, дека се некакви зли задни намери, но не е баш така едноставно. Не се дојдени да ја цицаат животната енергија на луѓето. Childhood's End крие еден куп уникатни пресврти до самиот крај кои воопшто не мислев дека ќе ги сретнам. Лесна е, кратка е, така што грабни ја на време, за да се правиш фраер кога ќе излезе серијата кон крајот на годинава.


Првиот контакт со Нил Стивенсон ми беше Anathem. Ја читав неколку месеци, не само поради обемноста и комплексноста на материјалот, туку и дека книгата доаѓа со речник на зборови со кои Стивенсон лабаво се расфрла како да се природен дел од англискиот јазик. Дефинитивно една од книгите што ми оставиле најголем впечаток до сега. Snow Crash во мејнстримот добива многу поголемо внимание, па ми беше логичен чекор во истражувањето на овој генијален автор. Очекувањата беа големи, особено зошто Snow Crash ужива репутација на дело кое започнува нов сајбер-панк бран. 

Идејата е одлична. Виртуелна реалност, интересен концепт на невро-лингвистичко хакирање со сумерски корени и митологија... но, Snow Crash на моменти се дави во споро, непотребно темпо и нарација, аниме-акција и сегменти кои некако ми го одвлекуваа вниманието од она што Стивенсон се обидува да ми го протне. Значи, воопшто не е лошо, напротив, страшно забавна е за читање, меѓутоа има делови каде што буквално книгата ми паѓаше од раце. Следно од Стивенсон на листа ми е Cryptonomicon. Тоа делува како предизвик од нивото на Anathem.

2 comments:

Aleksandar Ruseski said...

Баш барав нешто ново. Дали ако ја читам книгата (The Martian) ќе си го заебам филмот или обратно?

Бојан Николов said...

Не, во никој случај не. :) Иако би ја препорачал книгата прво. Ама во главно, приказната е таа. Книгата повеќе навлегува во науката и перспективата е феноменална.