September 3, 2015

Првата сезона на Мr. Rоbоt

Каква година на спектакуларни изненадувања од американската телевизија. Прво Daredevil, па втората сезона на Halt and Catch Fire, и сега Mr. Robot. Ова е златното доба на телевизиски серии. Погледни само што има од последните неколку години, класици што поместија стандарди и обезбедија место во историјата, правејќи простор за уникатни експерименти и почва за гаење квалитет. А, ако почнеш да ја навикнуваш широката публика на тоа, шундот сам ќе се потисне. Веројатно. Со сезона од десет епизоди, креаторот Сем Есмаил покажа како се прави серииште, расфрлајќи се со одважни пораки, искривувања на правилата на форматот и ликови кои ти се блиски како да ги познаваш цел живот.


Mr. Robot смело зачекори по трнливи патеки со полн ранец иновативност, претендирајќи познати концепти да ги претвора во нешто големо. Можеби алузијата на Сем Есмаил да го "смени светот" не е повеќе од урлање во воздух, но користејќи медиум како телевизија каде што имаш толкава маса која те следи, веројатноста дека одредени идеи ќе ја погодат целта и не е толку мала. Без оглед на тоа дали ќе е случајно или не. Па, дури и ако примарниот мотив е комерцијален. Но, Есмаил ми делува како човек што точно знае што прави и зборува. Mr. Robot е преполн со детали на кои е им е внимателно пристапено, од "ситници" како софтверот што Елиот го користи, до сите оние испукани пушки на Чехов кои некогаш така суптилно успеал да ги протне. 

"Големото откровение" кое го чекавме и манипулираше со публиката уште од самиот старт, пристигна при крајот на сезоната. Никогаш не ми беше толку важно, зошто секогаш оној дисоцијативен дел од карактерот на Елиот ми беше позанимлив. Хаосот што го носеше во себе и работите што ги правеше чиј мотив не беше секогаш кристално јасен и понуден на тацна. Целата таа дисхармонија Реми Малек феноменално ја пренесе, доволно убедливо за да предизвика емоции што ретко може да ми се јават од нешто вакво. Дајте му некоја награда на дечкото, направете го славен, зошто заслужува со секој здив. Не дека такво официјално признание значи нешто, ама ако тоа му помогне дополнително да го експонира талентот, дајте му. 

Финалето даде претпоставка за тоа што би се случило доколку пукне меурот во кој живееме денес и дали воопшто може светот да функционира со таков наметнат условен комфорт. Самиот крај запрашува дали воопшто такви подвизи се вредни или само залудни, а верувам дека втората сезона ќе се занимава со одговарање баш на тие одговори. И, иако Mr. Robot не е прирачник за рушење на некаков систем,  доволно е да те замисли дали и колку е тоа возможно и лесно. Ако уште се двоумиш и се сомневаш во квалитетот на серијата, верувај ми овој пат. Вреди за секоја минута.

4 comments:

Андреј Спасовски said...

Halt and Catch Fire која партал серија!!!

Бојан Николов said...

Скроз!

Кантарот said...

Завршив со третата епизода. Од една страна приказната е интересна, глумата солидна, дијалогот и монолозите претенциозни но забавни. Од друга, премисата е премногу слична со Fight Club, па ако и 'големото изненадување' е во духот на Fight Club, ќе се изнервирам. Се надевам дека имаат смислено нешто пооригинално.

Бојан Николов said...

Гледај до крај и избегнувај спојлери. Феноменална е серијата! Четвртата епизода е пријатно изненадување. :)